Промоцијата на романот за деца „Изброј ги ѕвездите“ на авторката Лоис Лаури се одржа неодамна, а станува збор за дело напишано според вистинска приказна во кое главниот протагонист е 10-годишната Анемари која се соочува со холокаустот во Данска. Книгата „Изброј ги ѕвездите“ е роман за хероизмот на една цела држава и нејзината нација која застанува во одбрана на своите сограѓани Евреи, ковајќи план да го прошверцува еврејското население од Данска преку море до Шведска.
„Изброј ги ѕвездите“ е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, во соработка со Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. Делото веќе е во продажба во сите книжарници „Литература.мк“, може да се купи онлајн преку интернет-страницата http://www.literatura.mk и воедно е достапна во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, секој работен ден, освен понеделник.
Во рамки на промоцијата на оваа книга, Жаклина Мучева, раководител на Секторот за истражување, документирање и архивирање во Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, сподели информации во поглед на помошта која македонските граѓани им ја дале на своите пријатели Евреи.
– Историјата и преживеаните зборуваат за ваквите спасители кои никогаш нема да бидат заборавени. „Праведници меѓу народите“ е термин што го користи државата Израел за да ги опише не-Евреите кои ги ризикувале своите животи за да спасат Евреи во холокаустот. Република Северна Македонија е една од земјите кои се запишани на списокот на праведници. Вкупно 10 имиња имаат свое место на Почесниот ѕид на праведниците во меморијалниот центар во Израел – Јад Вашем – вели Мучева.
Тие имиња се: Стојан-Богоја Силјановски кои ги спасиле: Адела Фараџи, Естреја Овадија, Роза Камхи, Жамила Колономос и Естреја Леви од Битола. Доктор Тодор и Пандора Хаџи-Митков и Трајко и Драгица Рибареви го спасиле семејството Франсис од Скопје. Доктор Смилјан Фрањо Чекада ги спасил Шаул Л. Гатењо, Алберто Мусафи и Ерика Вајнгрубер. Борис и Васка Алтипармакови ги спасија Соломон Садикарио – Мо и неговиот брат Самуел Садикарио, Алберт Русо и Алберт Касорла. Александар и Блага Тодорови ја спасија Бенвенита Бехар (Бети) Тити.
Со цел да повлече паралела помеѓу „Изброј ги ѕвездите“ каде главниот протагонист е 10-годишно девојче, Мучева истакна уште неколку приказни од земјава за деца кои биле згрижени од нееврејски семејства.
Бенвенита Бехар – Тити
Родена е во 1939 година, од родителите Арон и Ривка Бехар. Нивните соседи Александар и Блага Тодорови стапиле во брак во 1941 година и немале деца, така што малата Бенвенита често престојувала во нивниот домот. Таа преспала кај Тодорови кобната ноќ на 11 март, кога од куќите насилно ги ваделе и собирале скопските Евреи и ги одвеле во Монополот. Малата Тити била спасена и го преживеала трагичниот крај на своите родители. Блага им велела на љубопитните дека девојчето си го посвоиле бидејќи немале деца. По војната се родил синот на Блага и Цане, а Тити го засакала како да ѝ бил роден брат. Бенвенита за Тодорови секогаш велела родители-спасители.
Исак Адиџес
Роден е во 1937 година, во Скопје. Заедно со сите Евреи, тој и неговото семејство биле однесени во скопскиот Монопол, од каде биле ослободени бидејќи таткото на Исак имал шпански пасош. Успеале да пребегаат во Албанија каде ги криеле муслимани до крајот на војната.
Мати Гринберг
Роден е на 4 март, една недела пред кобниот мартовски ден кога Евреите во Македонија биле собирани во Монопол. Тој е единственото бебе што го преживеало холокаустот на Евреите во Скопје. Неговото семејство било спасено од христијанско семејство со кое татко му на Мати имал деловна соработка. Биле криени на таванот во една воденица во околината на Скопје.
Благоја Младеновски
Роден е во 1941 година. Се спасил од смртта, бидејќи заедно со неговата мајка, Нета Коен, биле сокриени во куќата на родителите на неговиот татко, кој бил православен Македонец, и со кој неговата мајка се венчала подоцна, во 1946 година. Оваа приказна многумина ја знаат од филмот „Трето полувреме“. Господинот Благоја живее во Скопје и е почитуван член на Еврејската заедница.