Извадок од книгата „Храбри наместо совршени“ од Решма Саџани

Korica

Слатки и мили

Шеснаесетгодишната Ерика е блескава ѕвезда. Ќерка на двајца еминентни професори, таа е потпретседателка во својот клас со беспрекорен просек на оцени. Нејзиното свидетелство е препла­вено со пофалби од наставничките за нејзината трудољубивост и за радоста што таа е дел од нивниот клас. Таа волонтира два­пати месечно во локалната болница. На крајот од втората годи­на, била прогласена за девојка со „најдобра насмевка“ од своите соученици и нејзините пријатели ќе ви кажат дека е најмилата личност што ја знаат.

Сепак, зад таа блескава насмевка, нештата не се баш сјајни. Ако го отворите дневникот на Ерика, ќе прочитате дека чувствува како нејзината работа со полно работно време е да биде соврше­на за да ги усреќи сите наоколу. Ќе научите дека работи до исто­штување секоја вечер и секој викенд за да ги има сите петки и да ги задоволи родителите и наставничките; да ги изневери е најло­шата работа што може да си ја замисли. Еднаш, поради случајна грешка во распоредот, морала да се повлече од дебатен натпревар на училиште бидејќи се поклопил со едно волонтерско патување на кое се обврзала да оди со црквата во која била член; била тол­ку хистерична бидејќи нејзината наставничка „ќе ја мрази“ што буквално си предизвикала болест.

Ерика ја презира волонтерската работа во болницата (да не почне да ви раскажува за менување на нокширите…) но ја прави зашто нејзиниот училиштен советник ù рекол дека тоа ќе ù послу­жи при аплицирање на факултет. Иако очајно сакала да се вклучи во тимот на мажоретки бидејќи ù се видело забавно, не го сторила тоа, зашто нејзините другарки ù рекле дека скоковите биле на­вистина тешки за да се научат и последното нешто што го сакала е да направи будала од себе. За волја на вистината, таа дури не ги ни сака повеќето од другарките, кои знаат да бидат подли и злоб­ни, но едноставно се согласува со она што тие ќе го кажат и ќе го направат бидејќи премногу е страшно да се замисли обратното.

Како и многу други девојки, Ерика е програмирана сите да ги задоволи, да игра на сигурно и да избегне какво било навесту­вање за неуспех, по секоја цена.

Ја знам приказнава, бидејќи денес Ерика има четириесет и две години и ми е добра пријателка. Сè уште е многу мила со блескава насмевка ‒ и сè уште заробеник на сопствениот перфекционизам. Успешна политичка консултантка која нема деца, повеќето ноќи работи по полноќ за да ги импресионира колегите и да достави и повеќе отколку што е потребно за клиентите. Секојпат кога ќе ја видам изгледа извонредно стокмена; таа е онаа другарка што секогаш ја кажува вистинската работа, секогаш го праќа вистин­скиот подарок или порака и никогаш не доцни. Но, исто како и нејзиното шеснаесетгодишно „јас“, таа само тајно ќе открие дека сè уште се чувствува растргнато од постојаната желба да ги за­доволи сите. Неодамна ја прашав што би направила доколку не би ù било гајле за туѓото мислење. Таа веднаш направи листа со цели и соништа што посакува да има храброст да ги следи, но не се осмелува, а тука припаѓаат, да му каже на својот најважен кли­ент дека не се согласува со неговите стратегии, потоа да се отсели од градот и да одгледува дете како самохрана мајка.

Нашата култура создаде генерации на совршени девојки како Ерика што стануваат жени кои се исплашени да ризикуваат. Ис­плашени да си ги кажат мислењата, да направат храбри избори, да си ги признаат и слават своите достигнувања и да го живеат животот што тие сакаат да го живеат, без постојано да бараат потврда од други. Со други зборови: страв им е да бидат храбри.

Од мали бебиња, до девојките секојдневно стигнуваат стотици микропораки што им велат дека треба да бидат добри, учтиви и елегантни. Заштитнички настроените родители полни си љубов ги облекуваат беспрекорно во комбинации со усогласени бои со соодветни панделки) и им кажуваат колку убаво изгледаат. Им упатуваат многу пофалби за тоа што се најдобри ученички и што им помагаат на другите, што се учтиви и попустливи, а ги крити­куваат (но со љубов) кога се несредени, самоуверени или гласни.

Добронамерните родители и наставници ги насочуваат девој­чињата кон активности и занимања во кои се добри за да можат да брилираат, а ги одвлекуваат од оние од кои би можеле да се исфрустрираат или, полошо, да доживеат неуспех. Тоа е разбир­ливо бидејќи ги сметаме девојчињата за чувствителни и нежни, па инстинктивно сакаме да ги заштитиме од повреда или осуда.

На момчињата пак, од друга страна, им се дава слобода да талкаат, истражуваат, да се извалкаат, да паднат и, да, да згре­шат ‒ сето ова со намера да научат „да бидат мажи“ што е мож­но порано. Дури и во денешно време, покрај целиот општествен прогрес, на луѓето им паѓа некако непријатно ако некое момче е многу колебливо, внимателно или, пак, чувствително ‒ да не збо­руваме ако заплаче. Ова го забележувам и ден-денес дури и кај мојот маж, поддржувач на феминизмот, кој редовно го задева син ми за да го „зајакне“ и ми кажува да го оставам да се исплаче кога вреска навечер. Еднаш го прашав дали истото би го правел ако Шаан беше девојче и тој веднаш ми одговори: „Секако дека не“.

Се разбира, овие уверувања не исчезнуваат едноставно затоа што сме пораснале. Може да се рече дека притисокот врз жените да бидат совршени се зголемува како што животот станува по­комплексен. Почнуваме со тоа што се трудиме да бидеме совр­шени студентки и ќерки до совршени професионалци, совршени девојки и совршени мајки, да ги погодиме нештата како што тре­ба, па се прашуваме зошто сме скршени, фрустрирани и несреќ­ни. Нешто едноставно недостига. Направивме сè како што треба, па што тргна наопаку?

Кога пишувате книга за жените и перфекционизмот, почнува­те да го забележувате насекаде. На аеродромите, во кафетериите, на конференциите, во козметичките салони… речиси секаде каде што одев, ќе почнев разговор на темата и жените речиси секогаш ќе воздивнеа или ќе превртеа со очите во знак на потврда, ќе ки­мнеа со главите или ќе се насмевнеа во знак на признание или, пак, ќе се натажеа додека ја споделуваа сопствената приказна. Ќе ми кажеа како со нивниот живот секојдневно владее немилосрд­ниот внатрешен порив сè да прават перфектно, од уредување на профилот на „Инстаграм“ до задоволување на нивниот партнер (или, пак, борбата да најдат „совршен“ партнер) потоа да ги из­раснат децата во супер-ѕвезди кои се исто така урамнотежени (и кои од период на доење веднаш преминуваат на јадење домашна, органска храна); од одржување во форма и изглед „добар за нив­ните години“ до непрестаен стремеж да бидат најдобри на работа, во друштвото или волонтерската група или заедница, на вежбите за возење статичен велосипед и кросфит, насекаде.

Толку многу жени од сите возрасти ми раскажаа отворено за неостварените животни соништа или амбиции кои ги негуваат длабоко во себе бидејќи се премногу исплашени да дејствуваат. Без разлика на националноста, професијата, економските услови или градот што го нарекуваат дом, бев погодена колку многу од нивните искуства личеа едни на други. За многу од нив ќе про­читате во оваа книга.

Но, прво, сакам да ви ги покажам сите начини на кои нагонот за совршенство се има вкоренето во нас. Она што следува во ова поглавје е увид во начинот на кој перфекционизмот се всадил во нас како девојчиња, како нè оформил како жени и како го обоил секој наш избор што сме го направиле попатно. Ова е почетни­от дел од патоказот за патот што нè води кон каење и на оној во кој во целост ја изразуваме нашата личност и она што најмногу сакаме да бидеме.

Извадок од книгата: „Храбри наместо совршени“ од Решма Саџани

Издавач: „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“

Книгата може да се најде во сите книжарници „Литература.мк“ или да се нарача онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк.

 

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.