Славој Жижек кој честопати го нарекуваат „најопасниот философ на Западот“ во своето ново дело со наслов „Пандемија“ обработува актуелна тема што во моментов „ја изместува Земјата од својата оска“ и воедно со своето уникатно гледиште ни го разоткрива нејзиното подлабоко значење. Книгата со поднаслов „Ковид – 19 го тресе светот“ веќе е преведена на македонски јазик во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Наскоро ќе се најде во сите книжарници „Литература.мк“ и ќе може да се купи онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.
Славој Жижек е современ словенечки професор, критичар, самодеклариран „комунист во смисла на квалификации“, „радикален левичар“ и „христијански материјалист“ кој со еднаква страст зборува и за Хегел и за Бетмен. И покрај тоа што има напишано многу книги, најпознат е по неговите јавни настапи и предавања, чијашто популарност го етаблира како еден од најпознатите мислители на денешнината. Вели дека сите ние сме толку длабоко вградени во капитализмот, што не можеме да му побегнеме дури ни на сон.
Како што пандемијата го обиколува светот, Жижек на изненадувачки јасен и лесно читлив начин ни го открива нејзиното подлабоко значење, притоа презентирајќи парадокси што воодушевуваат, а можните последици по светот се претставени толку јасно, што читателот ќе го облее пот. Живееме во време во кое врвен облик на внимание е физичката оддалеченост, а луѓето се зближуваат изолирани во своите домови. Владите кои до вчера систематски кратеа од фондовите за инфраструктура, здравство и образование – преку ноќ наоѓаат илјадници милијарди. Тоалетната хартија станува вредна и барана стока, а до вчера славните пејачи и глумци тонат во безначајност.
Кој е можниот излез? Дури и ако одговорот не ви се допадне – како што нè уверува Жижек – неговата нужност се наметнува. Ова е само генерална проба за огромните промени што следуваат.
Оваа извонредна мала книга гарантирано ќе ве направи многу поупатени во тековната криза и ќе ви овозможи да ја гледате надвор од површноста и лажливоста на секојдневната медиумска какофонија.