Владо Димовски: Во романот „Бричење петли“ се шегувам и со еден темен период како транзицијата

Транзиција е збор кој уште од деведесеттите години на минатиот век буди многу негативни асоцијации при секое споменување, но авторот Владо Димовски одлучи да си поигра и да се пошегува токму со овој термин. Неговиот роман „Бричење петли“ е во издание на „Арс либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и веќе може да се најде во сите книжари „Литература.мк“ или да се нарача онлајн на веб-страницата www.literatura.mk.

Владо Димовски е човек со огромен писателски багаж зад себе и во текот на професионалната кариера има креирано голем број радиодрами, ТВ-серии, романи, драмски текстови… Но, „Бричење петли“ е една поинаква приказна каде главниот лик е „изгубен“ во времето на транзицијата.

Brichenje

„Бричење петли“ е во издание на „Арс либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и веќе може да се најде во сите книжари „Литература.мк“ или да се нарача онлајн на веб-страницата www.literatura.mk.

* Романот има интересно име „Бричење петли“ кое во македонскиот јазик си има и своја соодветна употреба. Зошто се одлучивте токму за овој наслов и може ли да ни кажете нешто повеќе за самиот роман и за идејата зад него?

Со насловот на романот немав намера да бркам читатели. Да, звучи малку непристојно, но, верувам, дека одразува некои состојби од кои не можеме да се ослободиме. Нешто како вродено, нешто што генетски се етаблирало. Од секоја ситуација сакаме да се извадиме со репликата: ќе ми го бричиш петелот (сват, брат, зет, братучед). Значи, се држев до темата, која се разбира е мошне комплексна. Транзиција, повеќепартиски систем, почетни болести во создавањето држава. И наместо да се чудам што ме снашло, решив малку да се шегувам со сите феномени на транзицијата.

* Фокусот е на еден лик кој е „изгубен“ во времето на транзицијата. Може ли да ни кажете нешто повеќе за главниот протагонист во романот и дали сметате дека сите ние на некој начин сме изгубени во времето на транзицијата?

Некои транзицијата ги голтна, други ги исфрли на површина, трети сè уште не знаат што ги снашло. Во секој случај, за мојата генерација таа беше нешто како ураган. Внимавајте, со партиска книшка се одеше во војска, партијата ни кажуваше кои вредности да ги почитуваме, таа одредуваше кој во која клупа ќе седи. Во некоја смисла спокојно си го живеевме животот. Дури и во мојата професија, новинарската, си имаше правила кои одразуваа некаква нормалност. Барем се знаеше кој колку тежи, кој е кој. И наеднаш работата излезе од контрола. Тие што ги есапевме за важни станаа никој и ништо, анонимусите со вродена смисла за мајмунлаци станаа долари. Учителите станаа служители, а служителите професори. Некој викна: чаре?!… Змија или магаре?!… Што одбра мојот јунак? Не одбра ни змија, ни магаре, туку мачор.

* Како вие го минавте или го минувате периодот на транзицијата и дали главниот лик е делумно инспириран од ваши случки и настани?

Како ја поминав транзицијата?!… Турбулентно. Најизразен беше стравот. Се изгубија критериумите. За некакво елементарно почитување не стануваше збор. Ги тормозеа најдобрите. Открив дека одлично ми работи интуицијата, па така, со неа се надмудрував со транзицијата. Настаните од романот немаат никаква врска со мене, но имаат голема врска со моето родно село, моето Долно Дупени, мојата Преспа.

Vlado Dimovski

* Се повлекува паралела помеѓу главниот лик во романот и мачорот Силвестер од познатите „Луни Тјунис“ (Looney Tunes) цртани. Може ли поблиску да ни ја објасните нивната сличност?

Главниот лик и мачорот Силвестер од цртаните филмови?!… Не знам. Веројатно имаат сличен табиет, некои заеднички карактеристики. Но, не ми била идејата на главниот лик да му ставам печат или нешто слично. Едноставно одбрав да биде мачор, да мјаука, да брка мачки… и, да си замине во пензија како… мачор. На таквите транзицијата ништо не им може.

* Имате огромна заднина кога станува за радиодрамите за деца и за возрасни. Дали би сакале и овој роман еден ден да го адаптирате во оваа форма?

Може слободно да се каже дека радиодрамата ми беше главна преокупација додека работев во Македонското радио. Всушност, преку неа ме познаваат и кај нас и во светот, особено во поранешните југословенски простори. Сега сум далеку од тој жанр и не знам како би се снашол. Во секој случај романот плаче за една урнебесна радиодрама.

* Сте биле дел и од многу успешни ТВ-проекти како сериите за деца „Умни глави“ и „Јазична работилница“, сериите „Погрешно време“, „Цимери“ и „Сашко и Сашка“. Некои од нив деновиве се репризираат на МТВ, како гледате на нив од оваа временска дистанца?

Се потпишувам како сценарист на многу играни серии и на еден филм кој стигна на фестивал во Монтреал. Од оваа дистанца се чудам кога и како сум успеал толку многу епизоди да напишам. Просто неверојатно е да се издржат 120 епизоди од „Умни глави“, 40 епизоди од „Погрешно време“… Веројатно нешто ќе остане, нешто ќе се заборави. Што се вели, се случило и убаво е што останало.

* Вие сте човек кој постојано создава, дали имате веќе нов проект во подготовка и што може да очекуваме од вас во блиска иднина?

Верувам „Арс Ламина“ ќе посведочи и за мојот нов роман „Втората месечина“. Еден ептен љубовен роман. Со многу емоции, река солзи, пресврти… Две топли приказни кои ги допира езерото и како главен сведок… месечината. До читање!

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.