„Курвински хроники“ – роман-водич низ историјата и низ лавиринтите на духовната самотија на одметнатите

Осврт кон романот „Курвински хроники“ од Александар Русјаков

Авторка: Маријана Котевска-Георгиева, магистер по општа и компаративна книжевност, теоретичарка на книжевноста и на документарниот филм

Kurvinski hroniki

Верувам сите го знаете Александар Русјаков, за кој слободно можам да кажам дека е еден од најкомплексните и најпродуктивни македонски автори, кој во исто време и на исто зрело ниво ги владее и јазикот на поезијата, јазикот на прозата и јазикот на драмскиот текст. Неговиот книжевен јазик е секогаш различен, во зависност од поетската слика што ја обработува, во зависност од концентрацијата на емоција или од конкретниот книжевен фокус кој го има во дадениот момент. Речиси секогаш тој пишува по неколку книжевни дела во исто време, а е еден од ретките кој во секој момент има готови материјали, готови книги, спремни за издавање.

Бујноста на неговиот книжевен израз, како и хиперпродуктивноста на текстови веројатно се должи на повеќе искуства, меѓу кои: неговата интелектуална зрелост, љубовта кон книгата и исклучителното познавање на светската литература, љубовта кон филмот и познавањето на светската филмска историја, интересирањето и познавањето на светската и на нашата историја, познавањето на филозофските правци особено на христијанската филозофија, и сето тоа поддржано од неговиот капацитет за меморирање на фактите и нивно складирање во свеста од која извираат приказните.

По два негови издадени романи, една поетска збирка и една збирка раскази, секојдневните ангажмани околу филмски и телевизиски сценарија, еднонеделното објавување на колумна, како и фактот што уште неколку нови романи во моментов се на пат… пред нас го имаме неговиот последен роман во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, кој носи наслов Курвински хроники, воедно еден од неколкуте најдобри романи во трката за книжевната награда „Пегаз“.

Во овој мој осврт кон ова исклучително квалитетно книжевно дело, накратко ќе се задржам само на неколку поенти од книжевниот јазик на Русјаков кои овој роман го прават маестрален и се надевам дека со тоа ќе придонесам да ви ја разгорам љубопитноста и да посакате да го прочитате.

 Значенска полифоничност на терминот курва

 При првата средба со романот, уште кај првиот збор од насловот, во ушите, а уште повеќе во мислите ни одекнува зборот „курва“.

Овој збор може да го одврати и да му попречи на „културниот човек“, но во исто време може и да го натера да посегне по романот. Ниту зборот блудница ниту проститутка, ќе го имаа истиот ефект кој авторот сакал да го добие, како што го има зборот „курва“. Храбро и самоуверено тој си зема право да нè спои со она од кое ни е кажано дека треба да бегаме, а ние правдајќи ја етичноста пред себе и пред другите, го ѕиркаме од другата страна на оградата.

Семантичката полифоничност на зборот „курва“ е храбар експеримент на авторот кој сака да ја спои публиката со стварноста по најкраткиот пат, а не по споредни патишта.

Притоа, тој е толку самоуверен во својот збор, и затоа располага со потполна слобода да интервенира и да ја менува наследената и прифатена архетипска слика за курвата, каква што ние ја препознаваме.

Тој го одбира овој збор:

Прво – за да одекне со целата своја звучна раздразливост поткрепена со нашите претходно наталожени предрасуди.

Второ – да нè збуни пред себе, притоа терајќи нè да размислиме дали сакаме да се сретнеме со нешто за кое сме неподготвени.

И трето – да ни ги урива табуата за стереотипот на курвата, онаков каков што го претпоставуваме или историски ни е наметнат да го разбереме.

Во романот, тој сака курвата да ја поштеди и таа да не биде како и секогаш – стереотипизирана жртва на сопствениот идентитет.

Тука таа НЕ е изолирана од сопствените сентименталности. Напротив, таа располага со својата чувствителност и логичност, а постапката речиси секогаш ù е оправдана.

Пред да преминам на поетиката на Русјаков не можам, а накратко да не се задржам на секоја од шесте глави во овој роман, со што, кога ќе зборувам за јазикот и поетиката на авторот полесно ќе ме разберете.

Во романот се обработени шест завршени целини, кои една од друга се независни и може да стојат самостојно, а единствената линија која ги поврзува сите шест приказни е присуството на субјектот „курва“.

Во сите шест глави блудницата е друга и различна, некаде самопрогласена, некаде така наречена од еден човек, некаде стигматизирана и со прст покажана од општеството, некаде од страв и предрасуди залудно запалена на клада, некаде жена, некаде маж, некаде кукла…

Романот е водич низ историјата и низ лавиринтите на духовната самотија на одметнатите. Читателот шета од почетокот на новата ера, преку периодот на мрачниот среден век, до модерниот запад денес, па до светот на утописката иднина во која луѓето ќе бидат во соживот со вештачката интелигенција.

Првата глава која носи наслов „Камен“, обработува неколку библиски мотиви: каменувањето на блудницата, патот на голготата, предавството од страна на фарисеите, миењето на нозете со миро и коса.

Кога би сакала да го збијам објаснувањето на оваа потресна глава и богата со драмски дејства, тогаш мојот пресек би се задржал на неколку доминантни драмски линии – кои во исто време се и конкретни состојби на постоењето – лагата од која се раѓа трагедијата; срамот кој како релативна реалност постои и води кон спасението и гревот, кој е релативен во зависност од намерата и целта.

Во оваа глава, постапките на вистинската блудница се оправдани, а невините се обвинуваат за блуд и се водат кон губилиштето. Кога фарисејот посакуваната жена ќе ја нарече блудница поради невозвратената љубов, и ќе ја казни да го помине патот на голготата, додека толпата ја плука, а нејзе ја боли срамот, целта на голготата постои, а тоа е храмот. Во христијанската симболика храмот е небесен прототип кон кој се стремат сите кои земното ниво го оставаат зад себе.

Првичноста и константноста во постоењето на гревот и казната колку што имаат библиска и божествена толку имаат и земна егзистенцијална димензија. Во оваа глава, кога е нанесена неправдата, Бог не е инструментализиран ниту е ограничен на зборови и принципи. Тука има сојуз меѓу човекот и Бог, и иако нема да го видиме ни слушнеме сè до самиот крај на оваа глава, силно е божјото присуство кое особено го чувствуваме преку еден од споредните ликови, а тоа е блудницата. Тука не казнува Бог, туку оние кои казнуваат се луѓето. По патот до голготата не е носена вистинската блудница заради својот блуд, ниту фарисејот кој го прави најголемиот грев… Казната не го стигнува злосторникот, туку невиниот.

Фикцијата овде ја става историјата во своја функција, притоа во дејството неколку времиња течат паралелно и во исто време, без читателот да ја измеша хронологијата на случувањата.

Авторот, низ книгата често нè изложува на вакви јазични експерименти, а тоа зборува за една авторска сигурност и искуство поради кои тој си дозволува да маневрира и да експериментира со време, простор, притоа читателот да ужива, наместо да биде иритиран или збунет.

Втората глава носи наслов „Оган“, а се однесува на историскиот среден век кога во Европа стотици жени биле спалувани, затоа што биле сметани за вештерки. Оваа глава располага со историско-фантастични и епски карактеристики. Ова е апотеоза на херојот кој е еден, кој со години патува по светот и пркоси на неправдата, спасувајќи ги блудниците, односно жените од силата на огнот. Кладите се губилишта на духот, симболичен приказ за пеколот, а дел од праведните стигнуваат до своето спасение.

Во третата глава со наслов „Болест“, влегуваме во детективска приказна. Тука се сретнуваме со болест, која е воочена, дијагностицирана и во случајов ставена во функција на професијата. Аморалното однесување не е за осудување, затоа што целта е возвишена.

Во четвртата глава наречена „Тело“, младиот протагонист Константин за перверзијата вели дека е занает. Тука авторот длабоко навлегува во идентитетската патологија на курвите како социјален слој, опејувајќи ја нивната болка, но и нивното уживање, затоа што се тука како избраници за на другите да им го доближат задоволството.

Во петтата глава, која носи наслов „Семе“, авторот дава критика на човештвото и задира во болните точки на квази-напредната идеја за живеење која се базира на осамување, изолација, сепарирање на посебните.

Дејството се случува во Трансатлантида и во Неоскополис. Тука живеат нанородилки, педоклонови, андрогини и сеполови… светот е поделен на женска и машка свест, каде сексот е стара и дискриминирана навика која ретко се практикува меѓу световите… тука љубовта е грев, а оргијата секојдневна забава. Во оваа глава се насетува влијанието на маестралните руски современици, особено Виктор Пелевин, кој низ своите романи го пародизира трансхуманизмот како неизбежен футуристички егзистенцијален концепт, кој во исто време развива и синдроми на дехуманизација, отчовечување или отуѓување.

И во последната глава – „Душа“, се сретнуваме со научно-фантастична концептуализација на постоењето. Совршениот хуманоиден сајбер-секс робот е жена која се заљубува во себесоздателот, во свеста со која таа комуницира, во компјутерската програма што ја создала. Јазикот на апсурдот бара и ја наоѓа логиката и оправданоста на манифестацијата.

Меѓутоа, во оваа глава има една хуманистичка разрешница и заокружување на целината на романот, со тоа што кај куклата се раѓа потребата за мајчинство, а софтверот одбира да добие човечки изглед. Со тоа, циклусот раѓање-смрт-раѓање се потврдува како сеприсутен, вечен и неискоренлив и кругот останува вечен и затворен.

Во поетиката на Александар Русјаков, зборот има музејска вредност.

Иако станува збор за нова форма на роман, која теоријата на книжевноста би го ставила во граничен жанр или роман во зародиш, сепак, влијанијата главно се од постмодерната.

Овој роман е уникатен производ на авторската дораснатост и затоа тој може да си игра со формата како сака и да ги крши традиционалните книжевни правила колку сака.

Во неговата поетика се сретнуваат две во суштината контрадикторни, но меѓусебно неодвоиви егзистенции кои се однесуваат на идентитетот на авторот и на идентитетот на неговите протагонисти:

Првото е онтолошкото, метафизичкото ниво на кое се сретнуваат вечните прашања на големината на гревот наспрема големината на страдањето, прашањата за животот и смртта, љубовта, константноста на тагата…

Другото ниво е општественото, социјалното, профаното, практичното, материјалното егзистирање.

Овие два света практично ја водат својата битка низ страдањата на протагонистите, низ нивните желби, страсти и перверзни дејствувања, кои се дадени низ чист, директен експлицитен јазик кој ги дразни сите сензори на читателот. Тука единката се бори со системот, осамениот индивидуалец им пркоси на институциите, жртвата се дава за себе, но уште повеќе за другиот.

Сексуалноста тука има империјалистичка моќ која е секогаш оправдана. Таа се движи по испланирана траекторија – од исконска потреба, преку задача или работа, до перверзна игра или апсолутно уживање. Храброста на авторот за експлицитно користење на јазик кој обработува секс-сцени е лесно да се разбере и да се оправда, затоа што еротските и секс-сцените не стојат во романот како украс или за забава на неискусна публика, туку напротив, перверзијата е ставена во етички контекст. Всушност, етичноста е ултимативниот концептот поради кој присуството на дадени места на ваков јазик е сосема оправдано, зрело и прецизно дозирано.

Во новото и современо реконструирање на генеалогијата на моралот оваа книга е многу свежа. Тука архетипските модели, во случајот на блудниците, психијатрите, џелатите, полицајците… се демоделирани, реконструирани, а и тешко е да се види до каде постојат и каква улога играат утврдените правила на етиката. Историски долго толкуваната тема на „радикално зло“ е присутна и тука, речиси во сите глави од романот. И сè тргнува од незадоволството. Овде е свежа и живее одредницата на Ниче дека „човештвото повеќе сака да сака ништо, отколку ништо да не сака“, и го потврдува мотивот на вечното страдање по нешто, по многу, по друго, по различно, по туѓо, по недостижно, и најмногу по забранетото. Да се сака колку да се има и кога не треба и кога не смее.

Во оваа книга јасно го гледаме тој процеп во кој човекот ги крие страстите од себе и од светот, процеп во кој се живее толку скришно, а толку интензивно.

И токму за да се тргне превезот, за да се допре олеснувањето, авторот го одбира ЕРОТИЗМОТ како јазик преку кој врската автор-протагонисти-публика е остварен.

Во концепцијата на телото и телесното, тие некаде влегуваат, а некаде излегуваат од првобитните форми на човечката култура. Некаде разбирањето на телото и телесното е длабоко врзано со каноните на традицијата и религијата каде потиснувањето е универзално… а некаде низ пеењата, телото е оставено само, често водено од страстите… дури и ослободено од умот кој живее во него. Но, во романот воочив и нешто што јас го нареков телесна контемплација, бесконечност на телото и телесноста. И токму тука некаде, во бесконечната телесна провалија, љубовта вреска и се бори за живот.

Со ексцесно дејствување, допирање на кризата, стоење на прагот на недозволеното каде еротичноста и сексуалните сцени се експлицитно објаснети, се постигнува ефект на слика пред нашите очи, како и ефект на дразба на нашите сензори во кои либидото и рациото се држат за врат, плашејќи се еден на друг да му го отстапат местото, да не им попркосат на правилата, на етичноста и на утврдениот морал. Тоа е чувството кое се живее додека се чита ова дело. А поентата доаѓа подоцна, со завршувањето на секоја од главите и со затворањето на последната страница од романот.

Маријана

Маријана Котевска-Георгиева

 

 

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.