Минатата година реномираниот писател Александар Русјаков го пријави својот роман „Курвински хроники“ на конкурсот „Пегаз“ организиран од издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, и доби позитивни критики од жири-комисијата. Сега, ова дело го гледа и светлото на денот и на 2 јули (четврток) во 19 часот ќе има и онлајн промоција која ќе се одвива на платформата „Зум“ (Zoom), а ќе може да се проследи и на „Фејсбук“ преку профилот на „Литература.мк“. На онлајн настанот, покрај авторот Русјаков, ќе зборуваат уредничката на книгата Бисера Бендевска и промоторката Маријана Котевска.
По тој повод разговаравме со Александар за неговата инспирација, за светот полн со лажност и лицемерие, за искрените курви и за лажните луѓе.
* Самиот наслов на книгата „Курвински хроники“ е доволно провокативен. Како се роди ова дело и може ли да ни кажеш нешто повеќе околу севкупната порака и идеја зад овој роман?
– Следниот, веќе напишан роман, има уште попровокативен наслов, „Секс, дрога и Владимир Путин“. Но, никогаш не сум инсистирал дека насловот мора да е провокативен. Едноставно ме бива за наслови. „Егосурфер“ е насловот на необјавената збирка научнофантастични раскази; „Девојка со бележан делфин на душата“ е романескна бајка што моментално ја пишувам; „Ти си ми грев за овој ден“ е насловот на необјавената збирка нови песни. Патем, кај мене делата не се раѓаат. Живеат во мене и ме ’малтретираат‘. Морам да ги исфрлам. Така тие умираат во мене, ме оставаат на раат и почнуваат да живеат за публиката. На нивно место доаѓаат некои други мечти и фрустрации кои продолжуваат да ме ’малтретираат‘ за да бидат напишани.
„Курвински хроники“ ме ’малтретираше‘ неколку години, вовлекувајќи ми се меѓу свеста и совеста. Овие хроники се плод на долгогодишно истражување на женските колена и колкови среде модната писта на човечката гротеска исткаена од лажен морал и искрено лицемерство. А, пораки во интервјуа, не сакам да пренесувам. Тоа си е работа на читателот. Некои ќе извлечат порака, некои поука, а некои може да го извлечат и подебелиот крај.

Овие хроники се плод на долгогодишно истражување на женските колена и колкови
* Поднасловот на книгата е „Роман сошиен од шест парчиња време“. За каков временски мозаик и за кои парчиња време станува збор?
– „Курвински хроники“ е историско-реалистична научна фантастика, со многу еротика и малку порнографија. Барем јас сакам така да го ’читам‘ романот. Некој друг веројатно поинаку ќе го прочита. Започнува во времето кога на луѓето им беше посочено први да го фрлат каменот ако немаат никаков грев. Продолжува во едно време кога жените не се ’палеа‘ само со бакнеж и допир, туку и буквално, со огин. Тоа е минатото. А, сегашноста е поделена на два дела. Првиот е психотрилер за една болест која бара постојани оргазми среде хард-кор секс. Вториот дел се мемоари на една курва, машка курва. А, иднината е непредвидлива како што велат Сара и Џон Конор. Поради тоа, јас и иднината ја пресеков на две половини. Во првата половина градовите се поделени на машка и женска свест, а ги поврзуваат старите навики наречени секс и промискуитет. Во последниот дел сајбер-курвите имаат потреба од љубов. Додека крајот е почеток.
* Велиш оваа книга е за сите искрени курви среде овој лажен и лицемерен свет. Дали тоа е нишка која се провлекува низ целото дело и дали сметаш дека реалноста која ја живееме е преполна со лажни ликови и дволичност наспроти оние кои се понекогаш осудени од општеството, но се поискрени во животот?
– Луѓето денес најчесто живеат туѓи животи, не сопствените. Така им се гледа поинтересно и тоа ги полни со злорадост. Се мерат себеси преку другиот. Судат други, за да се доживеат како праведни. Затоа и озборуваат. Озборувањето е најстариот интернет. Интернетот ја отвори можноста секој да каже што има. Но, бидејќи најчесто немаат што да кажат, го пополнуваат тој вакуум со животот и приватноста на другите. Туѓото го етикетираат како погрешно и си даваат оправдување да мразат. Во меѓувреме, помеѓу две реклами и политички манипулации, им го испраа мозокот. Од душата сами се откажаа. Таа не носи пари. Затоа се продаваат себеси. Ама тоа е во ред, оти курви се оние што се промискуитетни или продаваат секс. Овие што се продаваат за кариера и моќ, не се курви, туку живеат во духот на времето. Но, времето поради ваквите тенденции изгуби дух, се обездуши. Сето ова го има во „Курвински хроники“ како и многу повеќе.
* Каде се гледаш себеси во овој свет исполнет со лажност и лицемерство?
– Се гледам меѓу редови и вон контекст. И не сакам нешто многу да се гледам себеси во однос на светот. Повеќе сакам да гледам во себеси и себе во однос на Бога. Светот е тука само за да имам јас што да пишувам.
* Учествуваше на конкурсот „Пегаз“ организиран од „Арс Ламина“ и Фондацијата „Славко Јаневски“, и доби позитивни оценки од комисијата. Зошто сметаше дека ова е вистинскиот чекор за тебе и колку си задоволен од соработката со „Арс Ламина“?
– Едноставно дознав за конкурсот, го имав „Курвински хроники“ речиси готов и конкурирав. Оценките ме изненадија пријатно, не очекував дека еден така контроверзен роман, на раб на порнографија дека ќе предизвика позитивни чувства кај жирито. По ова почна мојата комуникација со „Арс Ламина“. Имаат исклучителен професионален пристап. Размислуваат за светскиот пазар, тоа најмногу ме привлече. Задоволен сум. Сакам кога издавачот се грижи за сè, а јас за ништо.
* „Курвински хроники“ е твоето петто дело. Каков е твојот процес на креирање, дали зборовите едноставно излегуваат од тебе во еден бран или, пак, повеќе сакаш да бидеш бавен и да ги посетуваш одново и одново напишаните зборови?
– Пишувам помеѓу шест и осум часа дневно. И сабота, и недела, и празници. Одамна тоа ми стана работно време. Не пишувам ниту брзо, ниту бавно. Пишувам како што ми доаѓа. А, доаѓа, не запира. Тече како споулавено низ мене. И не едно, туку одеднаш по неколку света ми експлодираат во умот. Поради тоа и пишувам паралелно. Не се концентрирам на едно дело. Во мене живеат собрани дела. Стотици ликови. Дијалози, сцени и описи. „Не е лесно да се биде во твојот ум со толку многу паралелни светови, личности и конфликти“, така ми рече пријателка. Па јас и не живеам во својот ум. Воајерски го набљудувам тоа лудило и го запишувам.

„Курвински хроники“ е негово петто дело
* Досега имаш искуство во пишување збирки поезија, раскази и романи. Во која од овие форми најмногу уживаш?
– И филмски сценарија, кратки и долгометражни. Тука се и „Еднооки“ и колумните за „Нова Македонија“. Не правам разлика. Задоволството е идентично. Иако сè почна со поезија. Пред некое време, млад човек ме праша што е потребно за добра поезија. Му реков, малку талент и многу страдање. Јас страдав затоа што ниту ми беше интересно да се вклопам во светот, ниту ме возбудуваше тоа што светот инсистира да се вклопи во мене. Имав избор – да полудам или да го насочам сопственото лудило. Така протекоа зборовите и тие станаа уметност.
* Познат си како човек без влакна на јазикот и го кажуваш тоа што го мислиш. Колку тоа ти помогнало или одмогнало во работата?
– Константин, еден од ликовите во „Курвински хроники“, инаку машка курва што спие за пари со постари жени, би рекол: „Јас би сакал да имам влакна на јазикот, ама жените, скоро сите, сметаат дека е кул да се депилира меѓуножјето“. Немањето ’влакна на јазик‘ почна со моето вмешување во политика. Односно кога политиката насилно ми се вмеша во животот. Јас кога ќе се заинтересирам за нешто, силно и страсно се впуштам во таа приказна колку и да е проклето опасна по здравјето. Гадно ме заинтересира каков е тој ресурс наречен македонизам што толку му пречи на светот, па мора да се откажеме од него. Така, влегувајќи во тие фекални води открив, меѓу другото, дека „шупаците“ сакаат и македонскиот јазик да ми го ликвидираат. Тоа е исто како да им ги пресечат рацете. Па бидејќи ми се згади од изопачената моќ и нивните полтрони тука, решив јас да им го пресечам раатот и ми успеа. Ме мразат. Би сакале да ме нема. Јас сум им сведоштво за нивниот идиотизам. Како и на моќта и на домашните полтрони и на интелектуалната бижутерија прогресивни луѓенца. Патем, не им се плашам. Се плашам само од Бога и од себеси. Но, сето тоа не ми одмогнало. Иако гадно се трудат така да биде. Напротив, ми помогнало. Мојата војна со ’без влакна на јазикот‘ ми е доказ дека сум човечко суштество, а не безидентитетски створ на копче.
* По професија си филмски режисер. Дали некогаш си размислувал некое од твоите дела да ги ставиш на филмското платно, на пример „Курвински хроники“?
– Филмска режија запишав за да ја научам граматиката на филмот, затоа што се вљубив во филмската уметност. Во книжевните води веќе се чувствував сигурен. Но, потоа сфатив дека само во моја класа има барем двајца поквалитетни режисери. Пред сè мислам на Ѓорче Ставрески и Светозар Ристевски. Потоа дојде генерацијата на Вардан Тозија и Дарјан Пејовски. За на крај да ме маѓепсаат делата на супер младите режисерки: Дина Дума, Тамара Котевска и Лидија Мојсовска. Си реков, што се плеткаш кај што не ти е место, ти и онака најубаво се чувствуваш меѓу редови. Па се истопорив на бина на фестивалот „Манаки“ и соопштив дека јас и режијата си рековме „кат“ засекогаш. Ќе се држам до пишувањето. Прекрасно е чувството кога ќе увидиш дека за нешто не те бива, а си се лажел дека си добар. Кога ќе ја совладаш суетата и ќе ја убедиш да види дека има подобри од тебе. Тоа е така прекрасно олеснување.