Младата балерина Стефанија Гаштарска гостинка во „Астрорум“

Првата македонска балерина која стана дел од ансамблот на престижниот московски театар „Бољшој“, Стефанија Гаштарска, е гостинка во ова издание на „Астрорум“. Вработувањето во престижниот руски театар „Бољшој“ за осумнаесетгодишната Стефи, како што ја викаат блиските, значи остварување на детскиот сон, кој почнала да го сонува уште како мала, гледајќи ја својата мајка како настапува на сцената на Македонскиот балет, каде што и денес таа е професионална балерина.

Потоа, се запишува во основното балетско училиште во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ каде што веднаш почнува да бележи големи меѓународни успеси, освојувајќи награди на балетски натпревари. Но, клучен за понатамошниот пат кон врвното руско образование е натпреварот „Арабеска“, балетски натпревар со најголема традиција под заштита на УНЕСКО, кој се одржува во колепката на балетската уметност Перм во Русија. За овој важен натпревар, Стефанија се подготвувала со професорките Дафина Данилоска, но особено со признатата македонска професорката по руски балет Елисавета Кушовска, од чија класа излегоа многу врвни македонски балетски имиња. Така подготвена и убедена во своите намери за освојување на светот, Гаштарска ги поминува сите три круга од натпреварувањето и влегува во финалето, освојувајќи диплома и настап на финалниот концерт. Се разбира дека нејзиниот огромен потенцијал не останал незабележан од балетските скаути и така таа добива покана од Пермското државно училиште да го продолжи школувањето кај нив. Обезбедувањето на финансиите и за натпреварите и за школувањето биле посебен предизвик за нејзината мајка, па поради неможноста да ѝ ги купи сите потребни сценски костими, таа заедно со нејзиниот татко, дедото на Стефи, самите, без никакво кројачко искуство ги изработуваат костимите и до најситниот детаљ. И, како што ќе рече Марија во едно интервју, „ништо не било тешко зашто таа од самиот почеток верувала дека Стефанија има вонсериски квалитети, вродени танцувачки вештини, харизма, сценичност, многу е вредна, скромна и со голема цел пред себе. Стефи едноставно го заслужува светскиот успех“.

Со таа мисла, цврста волја и многу откажувања, таа ја испраќа малата балерина во интернатот во Перм со само 14 години, а Стефанија тоа го користи на најубав можен начин, се здобива со врвна техничка подготовка. По завршувањето на првата година во пермското училиште, преку „Раша стади“ („Rusia study“) добива стипендија од познатата „Бољшој академија“ во Москва и продолжува да сонува на големо. Три години беше дел од академијата „Бољшој“, во руско одделение и со највисоки оценки, а пред две години со само 16 години застана на штиците на престижниот театар во улогата на принцезата Аурора од балетот „Заспаната убавица“, како единствен студент меѓу професионалните балетски уметници на театарот. Овој месец ја доби најубавата вест дека доби решение за работа во ансамблот на, за многумина недостижниот „Бољшој“.

Веста за нејзиното вработување во рускиот театар ја соопштија од познатата компанијата „Гришко“, чиј бренд-амбасадор е токму Гаштарска. Инаку, изминатиов период, Стефанија Гаштарска е во својот дом во Скопје, поради глобалната ситуација со пандемијата, но времето го поминува работно, со секојдневни вежби за одржување на формата и во исчекување да му се приклучи на московскиот ансамбл. А, како што вели, сонувањето на сонот продолжува. Цврсто е решена да го постигне тоа за што целиот живот мечтае и напорно работи, да стане примабалерина на „Бољшој“.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.