Книгата за деца „Будимир и ретките животни“ од српскиот автор Зоран Пеневски, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“ беше промовирана вчеравечер (18 јуни), онлајн, преку платформата „Зум“ (Zoom). Пеневски, кој е уредник на изданијата за деца во етаблираната српска издавачка куќа „Лагуна“, напишал духовита приказна што нè потсетува на тоа дека нас, како луѓе, нè определува и нашиот однос кон животните.
Станува збор за интересна книга, наменета за сите љубопитни деца, кои сакаат да дознаат повеќе за ретките животни. Приказната се движи околу Будимир. Благодарение на нотесот на неговиот татко, Будимир собира шест ретки животни: Гватемалски лепенко, Манџурска мрчаторска глувтарка, Судански самојед, Украински талкач, Татарски ѓерѓ, Кралска кукувија… Навидум обични животни, а секое од нив е последниот примерок од својот вид. Но, како да се живее со една зајадлива птица и со другите палави суштества покрај секојдневните обврски? Авантурата почнува кога сите ќе тргнат во посета на Домот за стари лица…
На онлајн промоцијата Пеневски истакна:
‒ Секое од животните споменати во книгата е на границата на реалното, затоа што ако е последен примерок од ваков вид, не можете да тврдите дека е измислен, односно дека тој навистина не постои. Во исто време, секое е единствено, односно секој од нив, без оглед на фактот дека е индивидуа, е исто така цел вид. Сите тие се уникатни и неповторливи, како и секој од нас. Единственоста е смисла и декорацијата на животот. Овие примери се само најистакнатите по тоа што доблестите, како што се пожртвуваност и искреност, ги делиме со сите суштества на оваа планета… Пред да ја почнам книгата наидов на неколку споменици што луѓето им ги подигнале на жртвувани животни и тоа ми се допадна, но и ме потресе. Ми беше важно да покажам дека љубовта и почитта на луѓето кон животните постои низ целиот свет. Секоја приказна поврзана со спомениците на животни ни кажува дека животните имаат интелигенција и чувства. Тие кои имаат домашни миленици многу добро знаат дека животните имаат свои ритуали и знаат да прават и да почитуваат протоколи… Инаку, главниот лик – Будимир е замислен како несмасен, но добар млад човек. Всушност сите ликови, дури и животните во приказната, се дел од сите нас, вклучително и од мене. Книгата има неколку пораки, но можеби две се најважни: дека човештвото не може да покаже ароганција кон животните и дека созревањето значи учење да се грижите за другите – рече тој.
Зоран Пеневски (Панчево, 1967 г.) е писател, сценарист и преведувач. Автор е на романите Лектор (СКЦ Нови Сад, 2015), Траги од отсуство (Океан, 2008), Помалку важни злосторства (стипендија од фондот „Борислав Пекиќ“, Океан, 2005 година) и други. Има напишано сценарија за стрип-албумите „Корпоративен пандемониум“ (цртежи на А. Золотиќ, Бесна кобила, 2015; награда од ULUPUDS за стрип на годината), „Des Rivierès sur les Ponts“ (цртежи на Г. Јосиќ, Делкурт, 2004), „Филип и Олга ‒ книжари“ (цртежи на Д. Павлиќ; Систем стрипови, 2012). Со Ивица Стевановиќ е ко-автор на првиот српски графички роман Љубезни трупови (СКЦ Нови Сад, 2004; Комико, 2011) и на стрипот „L’Anatomie du Ciel“ (Les Humanoides Associès, 2006). Има објавувано приказни, текстови, прегледи, критики и есеи (за литература, стрипови, музика, илустрации и др.) во списанијата „Свеске“, „НИН“, „Време“, „Вечерње новости“, „Данас“, „Арт 032“, „Квадарт“, „Књижевна реч“, „Реч“, „Повеља“, „Детињство“, „Летопис Матице српске“, „Ритам“ и др. Има преведено повеќе од педесет книги (од англиски, германски и македонски јазик) и има уредено повеќе од сто изданија. Негови дела се преведени на англиски, француски, холандски и на македонски јазик. Меѓу другото, ги има уредувано книгите „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“ и „Девојче и мече“ (изданија на „Либи“, дел од „Арс Ламина- публикации“), кои на српски јазик ги објави „Лагуна“.
Книгата „Будимир и ретките животни“, чии илустрации ги има нацртано Душан Павлиќ, првично е објавена во 2013 година, на српски јазик во издание на „Креативни центар“.
Книгата е достапна во сите книжарници „Литература.мк“, а онлајн на следниот линк.