По долго и тешко боледување, денеска (19.06.2020) почина славниот шпански писател Карлос Руиз Зафон. Авторот на популарниот роман „Сенка на ветерот“, почина во својот дом во Лос Анџелес, на 55-годишна возраст, губејќи ја битката со ракот на дебелото црево. Автор е на бројни бестселри, меѓу кои се: „Играта на Ангелот“,„Затвореник на небото“, „Полноќна палата“, „Принцот на маглата“, „Септемвриските светла“, „Марина“ и други.
Светска слава стекна во 2001 година, по објавувањето на романот „Сенката на ветерот“ кој е продаден во повеќе од 15 милиони копии во светот и преведен е на повеќе од 40 јазици.
Зафон, кој е роден во Барселона, Шпанија на 25 септември 1964 година, од 1994 година живееше и работеше во Лос Анџелес, каде што имаше ангажмани како сценарист, но и пишуваше за шпанските дневни весници „Ел Паиз“ и „Вангардиа“.