Извадок од книгата „Хордубал“ од Карел Чапек (7 дел)

КНИГА ВТОРА

1

„Го убија Јурај Хордубал!“

Кметот Ѓерич набрзина си ја навира кошулата. „Брзо, бе дете, викни ги џандарите“, заповеда. „Нека одат кај Хордубаловци!“

Во дворот на Хордубаловци, Полана се снове и си ги крши прстите. „Господе мили“, реди, „ах, што ме снајде! Домаќинот ми го убија, газдата!“

Хафија стои во ќошот скукулена, соседите ѕиркаат од зад плотот, купче мажи се собрало пред порта. Кметот ѝ приоѓа директно на Полана и ја стегнува на рамото. „Смири се, домаќинке. Што му стана? Каде е ранет?“

Полана затреперува. „Не – не знам – не видов – не можев…“

Кметот внимателно се загледа во неа. Беше бледа и здрвена, со мака се движеше и редеше. „Кој го најде прв?“

Полана молчи; џандарите веќе дојдоа и на луѓето им ја затворија портата пред нос. Дошол стариот, дебел Гелнај, раскопчан и без пушка, и Вигл, млад џандар; грее од новотија и желба.

„Каде е“, прашува Гелнај со полуглас. Полана покажува кон одајата и липа.

Хордубал Американецот лежи на постелата како да спие. Гелнај го симнува шлемот од почит и си ја брише потта од челото. Ѓерич несигурно наѕира од вратата. Само Вигл му приоѓа на легнатиот и се наведнува над постелата. „Видете, на градиве“, вели, „има крв. Како да го проболе со нешто.“

„Домашна кавга“, мрмори кметот.

Гелнај полека се завртува. „Што рече, Ѓерич?“

Кметот само ја затресе главата. „Ништо.“ Сиромав Јурај, си мисли.

Гелнај се чеша под тилот. „Види, Карличку, скршен прозорец.“ А Карличек Вигл ја одлепува кошулата од градите на умрениот и се загледува под неа. „Чудно“, процедува низ заби. „Не е од нож. Малку крв истекла…“

„Прозорецов види го, Вигле“, повторува Гелнај. „Тој е најбитен.“

Вигл се свртува кон прозорецот. Затворен е, а стаклото на една од рамките е скршено. „Гледам“, вели дури расположено. „Значи, оттука – само, Гелнај, низ вакво дупче човек не може да се провне. Во срчите има и парчиња дијамант, ама нанадвор паднале! Да те видам сега!“

Ѓерич на прсти оди кај постелата. Ах, бре, сиромав Јуро, како ти стрчи носот! И очите си ги затворил, ко да спиеш…

Вигл внимателно го отвора прозорецот и се загледува надвор. „Знаев“, изјавува задоволно. „Гелнај, срчите се надвор.“

Гелнај зафучи. „Велиш, кмету“, рече значајно, „домашна кавга, нели? Каде е Штефан Манија, никаде го нема.“

„Дома е, во Рибари“, одговара кметот неволно.

Вигл го пика носот во секое ќоше. „Ништо не е растурено, ништо не е разбиено…“

„Не ме бендисува ова, Карличку“, вели Гелнај.

Вигл се озарува. „Просто ко грав, нели? Чекај, Гелнај, овде има уште работа. Си сакам јасни и гласни предмети.“

Гелнај се тркала надвор, дебел и достоинствен. „Дојдете малку, Хордубалова. Кој беше сношти дома?“

„Само јас – и Хафија, ќерка ми.“

„Каде спиевте?“

„На тремот, со Хафија.“

„Портата беше затворена, нели?“

„Затворена, да.“

„А утринава – затворена? Кој ја отвори?“

„Јас – на разденување.“

„Кој прв го најде умрениот?“

Штама. Полана ги стегна усните.

„Кај ви е измеќарот?“ прашува одеднаш Вигл.

„Дома, во Рибари.“

„Од каде знаеш?“

„Па – мислам, таму е…“

„Не прашувам што мислиш. Од кај знаеш дека е во Рибари?“

„…Не знам.“

„Кога беше овде последен пат?“

„Пред… десетина дена. Го отпуштивме…“

„Кога го виде последен пат?“

„Пред десет дена.“

„Лажеш“, викна Вигл без око да му трепне. „Вчера беше со него. Знаеме.“

„Не е вистина“, тешко издишува Полана.

„Признајте, Хордубалова“, додава Гелнај.

„Не – мислам. Вчера ме сретна…“

„Каде?“ нападна Вигл.

„Надвор.“

„Каде надвор.“

„В поле.“

„Што правевте таму? Што? Брзо, кажувај!“

Полана ни збор.

„Значи, сте се сретнале“, почнува одново Гелнај.

„Не. Бог ми е сведок! Случајно ме сретна – само ме праша кога може да дојде да си ги земе работите. Пљачките му останаа во коњушницата.“

„Аха, значи газдата го има набрзина избркано, нели? А зошто?“

„Се скараа.“

„А кога требаше да дојде по пљачките?“

„Денеска – утринава.“

„И дојде?“

„Не дојде.“

„Оти дојде уште ноќта“, нападна Вигл.

„Не, не беше овде! Дома беше!“

„Од каде знаеш?“

Полана си ги подгриза усните. „Не знам.“

„Дојди, Хордубалова“, ѝ викна остро Вигл. „Може над умрениот ќе ти се одврзе јазикот.“

Полана се занишува.

„Оставете ја“, фучи Васил Ѓерич од Василовци. „Бремена е.“

 

 

 

 

2

Гелнај седи во дворот и остава Вигл сам да го прочешла целиот двор. Мижурка, а очите му светкаат во исчекување. Ги претресе шталата и коњушницата, целиот двор, остана уште средината; од возбудата како да живна. Така си е, мене ми се доста Циганите, што ги бркам – нека се изградува и Карличек.

Од одајата излегува лекарот и оти кај пумпата да си ги измие рацете. Вигл веднаш му приоѓа и нетрпеливо прашува: „Што има?“

„Ќе видиме на аутопсијата“, вели лекарот. „Ми изгледа како некоја шајка. Две-три капки крв и толку – чудно.“

Полана му принесува крпа.

„Благодарам, домаќинке. Да не ви беше сопругот нешто болен?“

„Вчера лежеше, од грозница.“

„Аха. А вие ќе раѓате, нели?“

Полана се зарумени. „Напролет, ако даде Севишниот.“

„Не напролет, газдарице. По Нова година, нели?“

Вигл со радост гледа како заминува Полана. „Гелнај, еве ни мотив. Хордубал од Америка се врати во јули.“

Гелнај зафучи. „Хордубалица мисли дека е некој однадвор. Пред некоја недела маж ѝ се степал в меана, го намавал Феделеш Гејза. Главата му ја пукнал. Гејза е тепач. Може е одмазда. Ете ти, Карличку, убав мотив.“

По Полана сега се загледува и лекарот и зборува испрекинато: „Ќе ми ја затворите, а баш сакав јас да ја породам. Овде не можам до родилка да дојдам, жениве ко мачки раѓаат, сами – а оваа со тешко ќе раѓа.“

„Зошто?“

„Стара е и ослабена. Има четириесет, нели?“

„Нема“, вели Гелнај, „едвај триесет. А Хордубал бил болен? По што се познава болест кај умрен?“

„Лекарска тајна, Гелнај, ама ќе ти кажам. Под креветот имаше полн нокшир.“

„Не го ни забележав“, рече Вигл зависливо.

„Епа, со здравје, господа“, рече лекарот и се крена на нозе, „па јавете ми за аутопсијата, може?“

„Уште еднаш да ја прочешлам куќава“, мрмори Вигл, „па да одиме во Рибари.“

„Што бараш пак сега, Карличку? Уште некој мотив?“

„Докази“, рече Вигл суво. „И оружје.“

„Аха. Епа, со среќа.“

Гелнај се шета покрај оградата и разговара со сосетката; ја давеше дури не си го доби преку глава и по муцки. Кај шупата се скукалила потресена Хафија. Гелнај отпрвин ѝ прави гримаси и се смешка, дури страв ја фати Хафија, па се опушти. Кога излезе Вигл по некое време од плевната, ја виде Хафија седната кај Гелнај на колено и му зборува, дека ќе ѝ направат кафез за зајачиња.

„Ништо не најдов“, рече Вигл омразено. „Ништо не најдов“, рече Вигл омразено. „Ама, пак ќе се вратам. Колку за да – му рече на Ѓерич да ни приготви кола за Рибари?“

„Нè чека“, рече Гелнај и со тапкање по рамето ја пушти Хафија.

„Како ти се чини ова, Гелнај?“

„Слушај, Вигле“, вели Гелнај сериозно. „Ништо не ми се чини. Што не сум извидел за дваесет и пет години. Не ми изгледа случајов на арно.“

„Убиство е, како да изгледа“, мудро вели Вигл.

„Не, Карличку“, вели Гелнај и ја тресе главата. „Друго е убиство на село. Ти си градски човек, не се разбираш. Да беше ова убиство од користољубие и јас ќе душкав ко тебе, верувај. Ама семејно убиство – види, не ме ни чуди што го убија Хордубал.“

„Зошто?“

„…Па, таква му беше ѕвездата, несреќна. На чело му пишуваше, бе, човеку.“

Вигл се исклешти. „Ништо не му пишуваше на чело. Туку, измеќарот в постела му се имаше пикнато и толку. Гелнај, јасен си е случајов…“

„Кој семеен случај е јасен“, мрмори Гелнај. „Ќе видиш, Карличку. За пари се убива дури да трепнеш; ама, ако ја носиш мислата со недели и недели, дење-ноќе ако думаш – мириса на пекол, Вигле. Тебе ти е јасно сè, оти си нов; ама јас сите ги знам, Карличку, сите тројца – што ќе сведочат; тргај во Рибари.“

 

 

 

 

3

„Штефан дома е?“

„Не е, отиде в град.“

Вигл го истурка Михал Манија и влезе в куќи. Гелнај пак разврзал муабет со стариот Манија и со Михал, за времето, за зајаците и за браздата што им тече среде патот.

Вигл се враќа и по него Штефан, блед, бунтовен, со алиштата полни сено.

„Зошто ме излага дека не е дома?“ му се врекна Вигл на Михал.

„Утринава рече дека ќе оди в град“, промрмори Михал. „Не е мало дете да го вардам.“

„Го најдов во сеното. Од кого се криеше, кажувај!“

„Не се криев“, се мршти Штефан. „Од кого да се кријам? Спиев в сено.“

„А, сношти не се наспа?“

„Се наспав. Зошто да не се наспијам.“

„Тогаш, зошто спиеш сега?“

„Оти – немам што да работам овде. Дури слугував, имав работа.“

„Вчера работеше, луѓе, цел ден ја ораше нивата“, веднаш помага стариот Манија.

„Тебе ништо не те прашав“, викна Вигл. „Брзо да ве нема в одаја, и тебе и Михал.“

„Ех, сега“, се издиша Гелнај. „Што ќе речеш на ова, Штефане, што му се случи на Хордубал.“

„Јас не му сторив ништо“, викна Штефан.

„Значи, знаеш, дека го убија“, му се врекна победнички Вигл. „А, кој ти кажа?“

„…Никој. Ама, кога ќе види човек џандари – знае дека мора да биде нешто со Хордубал.“

„Зошто баш со Хордубал?“

„Оти – се скаравме.“ Штефан чкрта со забите и со вилиците. „Ме избрка, пес еден!“

Вигл е малку разочаран. „Значи, Манијо: признаваш, дека со лошо се разделивте со Хордубал.“

Штефан злобно се озарува. „Сите знаат.“

„И сакаше да му вратиш.“

Штефан зафучил. „Да ми излезеше на пат – не знам што ќе му направев.“

Вигл размислува: не се дава Штефан со лесно.

„Кај беше ноќеска?“ му се пушти.

„Дома бев, овде. Спиев.“

„Ќе видиме. Може некој да потврди?“

„Може. Михал – Дула – стариот – прашајте ги.“

„Не кажувај ми што да правам“, пресекува Вигл. „Вчера попладне те виделе со Хордубалица. Што зборевте?“

„Не зборував со неа“, изјави Штефан тврдо и концентрирано. „Ја немам видено.“

„Лажеш! Сама рече дека се сретнала со тебе – си ја прашувал кога да појдеш по пљачките…“

„Десет дена ја немам видено“, си стои Штефан на своето. „Од кога ме избркаа, во Крива се немам вратено, ниту газдарицата сум ја видел.“

Вигл врие. „Море, ќе те научам да пееш! Станувај, да ми покажеш кај спиеше.“

Штефан ги крева рамениците и го води Вигл внатре. Гелнај чука на прозорчето: „Стари, излегувај надвор!“

Стариот Манија ѕирка однатре и со недоверба подизлегува. „Што е пак сега, ви се молам?“

Гелнај одмавна со раката. „Ништо, Хордубал го убиле ноќеска, си добил брич на суво. Слушај, стари, да не е Штефан?“

Старецот врти со главата. „Како, ви се молам, не може да е Штефан. Дома беше, спиеше. Михал, дојди ваму! Кажи кај беше Штефан сношти?“

Михал размислува и полека зборува. „Каде да биде? Спиеше горе, со мене и со Дула.“

„Така, така“, кима Гелнај со главата, „истото и јас го мислев. Хордубал не го сакаат в село. Богат, повратник од Америка, а ни комшиите не ги почестил.“

Стариот Манија кренал раце. „Богат е, богат! на вратот носи ќесе полно пари…“

„Си го видел?“

„Како не сум го видел, овде дојде да ми ја купува сермијата и ми ги покажа парите. Над седумстотини долари имаше. И како да го сакаат селаните; имашливиот нема пријатели.“

Гелнај кима сериозно. „Од што ти е вака избодена вратава, Манијо?“

„Од иглата за кошници плетење. Цела година овде ни стои забодена.“

„Покажи ми ја“, се интересира Гелнај. „Не сум знаел дека кошници се плетат со игла.“

„Види, еве како се плетат вејките“, покажува Манија во воздух. „Вчера беше тука иглата“, се лути, „Михал, ја немаш видено?“

„Остави“, мрмори Гелнај рамнодушно. „Другпат ќе видам. Ама браздава, Манијо, не може да тече вака. Патов не е ваш.“

„Проштевај, само да стасаат нивите за ѓубрење, ќе го изнесеме гнојот…“

„Требало да си направите големо корито, бетонско. Малку ви се пари за сермијава?“

„Треба, треба“, се клешти старецот. „Треба и плевната да ја направиме. – Ама, Михал не го бива. За домаќинлак на Штефан повеќе му сече. Од Штефан ќе биде газда и пол!“

Од нива се враќа Дула, на колата товарил стог сено, а брза ко да го гони некој.

„Дојди, машко“, го вика Гелнај татковски. „Таков е редот. Кај беше сношти Штефан?“

Дула ја подотвори устата и прашално ги погледна Михал и стариот; никој ни трепна ни зина. „Овде“, мрмори Дула. „Спиеше со мене и со Михал.“

„Арно, арно“, го пофали Гелнај. „Што, да не одиш во коњица?“

Копилот се озари. „Секако дека ќе одам.“

Однатре излегува Вигл и тивко се загледува. „Дојди, Гелнај. Штефан си доби преку муцка. Го заклучив в одаја.“

„Не смееш“, вели Гелнај. „Му ја ограничуваш личната слобода и такви работи.“

Вигл се клешти неучтиво. „Ме заболе за тие работи. Туку, ништо не му најдов. А ти?“

„Алибито им е коска, Карличку. Цела ноќ спиел како заклан.“

„Лажат“, викна остро Вигл.

„Уште не ги знаеш па ти. Или ќе одбијат да сведочат или ќе лажат на заклетва без око да им трепне. Карличку, на село ова им е обичај.“

„И што да правам сега?“ се мршти Вигл. „Што велиш, Гелнај, да го затвориме Штефан? Рака в оган ставам дека тој го уби.“

Гелнај кимна. „Знам. Само, полека Вигл, полека“, почна и не заврши; на часот нешто тивко крцна и Вигл викна: „Стој!“ И се стрча зад куќата. Гелнај полека тргна по него. Наземи легнале двајца мажи, а Вигл на нив. „Јас ќе го држам, Карличку“, се понуди Гелнај.

Вигл станува и го крева Штефан со насилно превиткана рака. „Станувај и тргај“, с’снува задишано. „Ќе ти дадам бегање!“

Штефан пцуе низ заби, вилицата му чкрта од болка. „Пушти ме“, саска. „Само – во Крива одев – по пљачките…“

Дула се турка во џандарите. „Пуштете го“, вреска, „пуштете го или…“

Гелнај го зема за рамо. „Полека, бе, дете. А ти, Михале, не мешај се. Штефан Манија, ве апсам во името на законот. А, сега, тргај пред мене, стоко!“

Штефан Манија го водат во градот; не јава на ждребец со главата крената нагоре и пак му застануваат луѓето и го загледуваат. Штефан оди на средина, а по страните џандар до џандар со пушка в раце; ниту ја накривил капата, ниту, пак, ја гледа рамницата од високо. Таму е реката, а овде пасат коњите, од шамакот ѕирка мочуриштето; Штефан само зјапа во црвениот коњ од колата, што го носи…

Гелнај си ја раскопчува шинелата и почнува да зборува; на Штефан му се обраќа со ти, а за Хордубал ни збор; само го прашува за газдување, за сермијата во Рибари, за коњите – отпрвин Штефан цеди со половина уста, па се разговорува. А, ждребецон; евтино го продал газдата, којзнае кому и за колку; осум илјади ќе му земев, ќе го продадев на хиподром, ама прво ќе ѝ го загнев на црнана кобила – камо да ми го оставеше! На Манија му светат очите. Каков коњ си продаде газдата! Грев е – требаше да го продаде вранецот или кобилата со ждребето, а не ждребецот – Штефан збеснува, дури пена фрла од уста; а Вигл си мисли дека со уапсениот не треба да се зборува слободно, само службено.

„Ех, господине“, вели Штефан како за себе, „да нè влечеше ждребецот – сам ќе го фатев за узди – да видиш како ќе дојдевме!“

 

 

 

 

4

„Види, Гелнај“, објаснува вечерта Вигл, „некој од домашните е; прозорецот го обил однатре, за да изгледа како да влегол некој. Низ врата не можел да влезе, оти била заклучена на резе. Значи или бил внатре уште од вечерта…“

„Не бил“, рече Гелнај. „Хафија ми рече дека стрико Штефан не бил кај нив вечерта.“

„Добро. Може ноќта му отворил некој од домашните; како и да е, не е туѓ човек. Штефан пет години им бил измеќар. Цело село знае дека пет години се ставале со Хордубалица…“

„Чекај, само четири години. Првиот пат ја кутнал во сламата. После газдарицата му одела секоја ноќ в коњушница. Хафија ми кажа, Карличку.“

„Хафија некако многу знае“, се клешти Вигл.

„Знае“, рече Гелнај, „селско дете е…“

„После: Хордубалица е бремена – секако, од Штефан, оти Хордубал се вратил дури во јули. Хордубалица знае оти ќе пукне срам. Хордубал сакал да си ја поврати…“

Гелнај ја затресе главата. „Чекај, Вигле, не брзај. Хордубал спиел во шталата, а Полана на тремот или в одаја. Ова ми го кажа комшивката.“

„…ама уште си одела кај измеќарот.“

„За ова не знам“, рече замислено Гелнај. „Хафија вели дека не одела. Само, последниве денови Полана одела некаде, в поле. Комшивката ја видела како трча.“

„Човече“, се зачудил Вигл, „нема што не знаеш, како стара баба си. Јас гледам да направам логичка слика.“

„Аха. Епа, Карличку, логичка слика за себе да си правиш.“

„Не сакам гласно да се преслушам. Будалава Хордубал ептен му верувал на Штефан, дури му ја свршил малата Хафија. Како во среден век – дете да свршуваш!“

Гелнај крева раменици.

„Па, видел дека газдарицата се лути и го избркал Штефан од дома.“

Гелнај зафучил од неверување. „Не ми продавај приказни за мали деца, Вигле. Прво Штефан си заминал од Хордубаловци, а после газдата го свршил за Хафија. Прашај ги женине в село.“

„Нешто не ми штима“, се збунил Вигл. „Што има врска едно со друго?“

„Не знам, Карличку, никако не ми доаѓа – како го нарече – логичка слика. Семејна афера е, тука нема ништо јасно. Па, и не може да биде јасно. Тоа е, Вигле, немаш фамилија.“

„Море, јасно е ко ден, Гелнај; Полана сака да се куртули од газдата; Штефан – колку сакаш дај му имот, малку му е. Се договориле и готова работа. Вчера Полана отишла по Штефан…“

Гелнај одмавна со главата. „Грешка си. Хафија ми рече дека вчера газдата сам ја испратил, да го викне Штефан, да се врати. А, што има па тоа врска! Вигле, немаше умрениот ќесе пари обесено на врат?“

Вигл се штрекна. „Какво ќесе? Ништо немаше.“

„Гледаш“, рече Гелнај. „Имал таму седумстотини долари подврзани. Нив треба да ги најдеме, Карличку.“

„Значи – убиство од користољубивост?“

„Не знам, ама парите ги нема. Стариот Манија ги видел кај Хордубал. Манијовци сакаат да прават нова плевна…“

Вигл тивко свирна. „Така?! Значи, парите се мотивот!“

„Може се“, кима Гелнај. „Обично така е. Или одмазда, Вигле – ете ти уште еден здрав мотив. Хордубал го исфрлил Штефан преку плот право в коприви. Од вакво нешто на село се крева големата, Карличку. Па, ти избирај си мотив, кој ти е по ќеф.“

„Зошто ми го кажа ова сега?“ се буни Вигл.

„За да си направиш логичка слика“, вели Гелнај невино. „А, може Манија го утепал баш заради ждребецот.“

„Глупости!“

„Прав си, бре, Вигле. Во фамилија се убива за глупости.“

Вигл налутено молчи.

„Не лути се, Карличку“, промрмори Гелнај. „Ама знам и со што е убиен Хордубал. Со игла за кошници.“

„Од кај знаеш?“

„На Манијовци вчера им се загубила. И неа барај ја, Вигле.“

„Како изгледа?“

„Немам врска. Како некое шило. Толку знам“, заврши Гелнај и зеде внимателно да си го чисти лулето. „А, и Манијовци ќе го изнесуваат гнојот.“

 

 

 

 

5

Гелнај и Вигл седнале на вино и чекаат да се врати лекарот од аутопсија.

„А стакларскиот дијамант, кај го најде?“

„Кај Хордубаловци в одаја. Зошто?“

„Селанец си е селанец“, вели Гелнај со цукање. „Ништо не фрлаат ни кога е корпус деликти. Сè си мислат, ќе им се најде некогаш…“ Гелнај мајсторски плукнува. „Голтари едни!“

„Хордубалица ми тврдеше дека дијамантов бил таму отсекогаш, уште пред да замине газдата за Америка. ама Фаркаш стакларот кажа дека Штефан од него пред еден месец купил стакларски дијамант.“

Гелнај свирнал. „Пред еден месец? Гледаш, Вигле, чудно е: уште пред еден месец планирале. Набрзина може секој да утепа; ама на долги патеки… А доларите не ги најде?“

„Не. Во одајата ископав и една батериска ламба. Сега барам, каде и кога ја купил Штефан. И таа е доказ, нели? Ова е доста за да ги пикнат в затвор и него и госпоѓата. Ама, ни требале поцврсти докази…“

Гелнај се сврте на столот. „Карличку, не брзај – види што открив. Зетот за сестра на Штефан, Јануш, рече дека пред една недела на нива му дошол Штефан и му рекол, Јануш, ако сакаш пари за волови, ќе ти дадам, само ми треба услуга: да му го тргнеме на Јурај Хордубал.“

„Добро“, викнал Вигл потврдно. „А Јануш што рекол?“

„Прави што сакаш, му рекол, а од кај ти се парите, Штефане? – Уште ги немам, рекол Штефан, ама газдарицата има; си ветивме да се земеме, кога ќе го тргнеме Хордубал.“

„Живи ги фативме“, оддиша Штефан длабоко. „Двајцата се криви.“

Гелнај кимнува. Тогаш доаѓа лекарот од аутопсија, како на јајца чекори и се загледува кратковидо.

„Докторе“, викнува Гелнај, „дојдете на минутка.“

„А“, викнува лекарот отсечно. „Ајде. Дајте сливовица. Уште како пред очи да го гледам. Да ти се плукнам во работата. Ах“, се издишува и ја остава празната чашка на масата. „Знаете дека мртов го убиле?“

Вигл ги ококори очите. „Како мртов?“

„Скоро мртов бил. Последното си го оддишувал, коматозна состојба. Воспаление на белите дробови, највисок степен, десниот дроб гнил, пожолтен ко џигер – до утрината немало да преживее.“

„Значи, за џабе го утепале“, рече полека Гелнај.

„Така е. А на аортата проширување – колку тупаницава. И да немал воспаление, доста било малку да се возбуди – и толку. Сиромав.“

Џандарите кисело се погледнаа и молкнаа. Конечно, Вигл се накашлува и прашува: „А, докторе, која е причината за смртта?“

„Убиство, секако. Прободена е левата срцева комора. Само, веќе бил во агонија, па малку искрвавил.“

„А, со што…“

„Не знам. Со шајка, со шило, со игла за плетење вреќи – или со други зборови: тенок, остар, железен предмет, долг десетина центиметри, со криво сечило – доволно е ова?“

Гелнај незгодно ја врти чашката во дебелите прсти. „А докторе – не можеме да речеме дека – умрел од воспаление на дробовите? Оти, кога веќе бил пред умирање – зошто да си отвораме олку работа…“

„Не може, Гелнај“, викнал Вигл. „Убиство си е убиство!“

Лекарот светнал од зад очилата. „Штета би било, господине. Интересен случај. Ретко се наоѓа убиство со игла. Ќе го ставам срцето во шпирт и ќе му го пратам“, се клешти лекарот, „на еден учен доктор. За да бидете начисто. Инаку, ова си е убиство по сите правила и прописи. Само, излишно!“

„Тоа е“, промрмори Гелнај. „На ти сега јасен случај, будала еден!“

 

 

 

 

6

Арно, ама теглата со срцето Хордубалово по пат се скршила и шпиртот истекол; и срцето на Јурај Хордубал стигнало кај учениот господин во многу лоша состојба.

„Што ми го праќале вакво“, се налутил учениот, белокос господин. „Што напишале? Дека умрел од убодна рана? Селски лекари, оддалеку се гледа“, воздивнал стручниот авторитет и оддалеку се загледал во срцето на Јурај Хордубал. „Напишете: исклучена е можноста за убодна рана – отворот е премал – се работи за прострел на срцевиот мускул со огнено оружје – од мал калибар – веројатно со флоберт[1]. Вратете им го!“

„Стигнаа резултатите од Прага“, Гелнај го поздравил Вигл на враќање од Рибари. „И да знаеш, Карличку, Хордубал не бил прободен, туку застрелан од флоберт. Гледаш?“

На Вигл му паднаа рацете. „Што вели нашиов доктор?“

„Што да вели, врие. Ко да не го знаеш. Си стои на своето. Добро, нека биде флоберт. Куршум не најдовме, ама што ќе правиш. Оди барај кој има флоберт.“

Вигл удри со шлемот по пармакот. „Не бидува вака, Гелнај“, се побуни, „нека не ми тресат глупости! Што убаво си ја наредивме, уште да ја завршиме работата, а сега види! Како ќе излеземе на суд – со ова? Флобертите не растат на нива!“

Гелнај крева раменици. „Ова ти е оти не го остави Хордубал да си умре од воспаление на дробовите, ко господин. И тебе и на докторот.“

Вигл гневно седна на столот. „Ова, Гелнај, сè ми расипа. Ми го наруши ритамот и тоа баш сега.“

„Зошто баш сега?“

„Ги најдов доларите. Нешто над седум стотки, со сè ќесе. Закопани под тремот во Рибари.“

Гелнај изненаден го извади лулето од уста. „Е, ова е, Карличку, доказ“, рече потврдно.

„Умрев од барање“, оддиша Вигл. „Пресметав: знаеш колку време претресував во Рибари? Четириесет и шест часови нето. Грутка земја не оставив непроверена. Сега Штефан може алибито в газ да си го пикне. Што велиш, Гелнај, ќе биде ова доста за поротата? Парите ги најдовме и дијамантот што го купил Штефан не е за фрлање, па имате лажни изјави и мотив: нова порта за плевната.“

„Море, четири мотиви имаме“, додава Гелнај.

Вигл одмавна со раката. „Нема шанси! Убиството си е обично, простачко, секојдневно, за пари. Ќе ти кажам сè како било. Хордубал знаел дека Манија се плетка со жена му и му се плашел. Затоа и си ги носел парите на врат, затоа Манија го посврши со Хафија, затоа и го избркал на крајот, затоа се затворал во плевната – просто е ко грав, Гелнај.“

Гелнај замислено се загледал. „Јас пак не можам коњите да ги извадам од памет. Штефан живее за коњите. Цело време велел само рамница да прикупи и коњи да одгледува. Токму сега зад ливадите на Хордубаловци се продава една ледина. Може Манија сакал Хордубал да ја купи, а овој не, ги чувал парите на врат обесени – Карличку, не ме чуди и ова да е целата работа.“

„Тука лежи зајакот: во парите. Сигурно не од љубов кон Полана.“

„Којзнае.“

„Не. Стар џандар си, Гелнај, се разбираш во селото. А јас сум помлад, па се разбирам во женски повеќе од тебе. Ја гледам Полана: грда тетка, сета кожа и коска – и стара е, бе, Гелнај; па и да си раздавале со измеќаров – гарант еден куп пари фрлила по него. За неа, Гелнај, Хордубал не би загинал, за неа ни Штефан не би утепал никого. Ама за парите – зошто да не. Хордубал си беше селски скржавец, Полана за да си го задржи љубовникот, морала да наследи, а Штефан пак алчен за пари – и ете ти беља. Гелнај, во ова немаш љубов ни олку.“ Вигл плусна со прстот. „Гаден случај, ама јасен ко ден.“

„Алал да ти е, Вигле, како го наштима“, го пофали стариот Гелнај. „Ко адвокат. Сè си држи вода…“

Вигл се озарил поласкан.

„…ама, пак ќе речам, Карличку, ќе беше уште поедноставно да си го земеше Јурај Хордубал Господ Бог. Воспаление на дробовите и амин. По некое време вдовицата ќе си го земеше измеќарот – ќе им се родеше детенце – ама, Вигле, тебе вакви прикаски не ти се по ќеф.“

„Не. Сакам само да ја најдам вистината. Да издржам докрај, машки.“

Гелнај задлабочено се загледува. „А мислиш, Карличку, дека ја најде? Вистинската вистина?“

„…Уште да ја најдам иглата.“

Извадок од книгата „Хордубал“ од Карел Чапек (7 дел)
Едиција: Класици
Издавач: „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Прочитајте го првиот дел  (1,2,3.) од „Хордубал“
Прочитајте го вториот дел  (4,5,6) од „Хордубал“
Прочитајте го третиот дел (7,8,9).
Прочитајте го 4 дел (10, 11, 12, 13)
Прочитајте го 5 дел (14,15,16,17,18,19)
Прочитајте го 6 дел (20, 21, 22, 23, 24)

Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“, а може да се нарача и онлајн на следниот линк.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.