Поетската награда „Книжевен жезол“ за Михаил Ренџов и Мирослав Биелик


Реномираната поетска награда „Книжевен жезол“, што ја доделува Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) на еден домашен и на еден странски автор, годинава им се доделува на македонскиот поет Михаил Ренџов и на Мирослав Биелик од Република Словачка.
Чествувањето на поетското творештво на овие писатели ќе се изрази преку објавување заедничка збирка поезија во рамки на традиционалната едиција на добитници на оваа награда. Со оглед на ситуацијата со пандемијата на вирусот корона, врачувањето на статуетките на вообичаен свечен собир во просториите на ДПМ се одлага за втората половина на годинава.
Михаил Ренџов (1936 година) е современ македонски писател кој се има пројавено во различни книжевни жанрови: разновидни поетски форми, проза, есеистика и книжевен превод. Сепак, за поезијата може да се каже дека има централно место во неговиот опус и дека токму специфичниот поетски нерв е она што го чини уникатен неговиот авторски профил, се вели во соопштението. Завршил гимназија во Штип, а Правен факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работел во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје како советник по библиотекарство и во одреден период бил директор на оваа институција. Член е на Македонскиот ПЕН-центар. Член е на ДПМ од 1965 година. Автор е на дваесетина поетски книги: Иселеник на огнот (1965), Ноќно растење на зборот (1967), Каде од оваа страна (1968), На работ од сонот (1972), Страв (1976), Полноќ (1979), „Нерези“ (1982) (награда „Браќа Миладиновци“), „Аутодафе“ (1985), „Феникс“ ( сонети, 1987), Земја. Потоп (1991), Шпил (1994), Вечната бесконечната (1996), Јас оксиморон (1998) (награда „Ацо Шопов“), Псалми (2000), Галичица (2007), Окарина, Јас. Елегии (награда „Браќа Миладиновци“); на поемите „Тој“ (1993) и „Предвесница“ (2009) (и двете овенчани со наградата „Григор Прличев“), драмската поема „Апокалипса“ (2002); прозната книга Захариј и други раскази (2004) („Рациново признание“); на книгите за деца Сонување патување (1991) и Ангела сонува (1998). Од неговата преведувачка дејност посебно внимание заслужува препевот на асиро-вавилонскиот еп „Гилгамеш“ објавен во три изданија.
Мирослав Биелик (1949 г.) е современ писател од Република Словачка, познат во својата средина по дела од различни книжевни и книжевно-научни жанрови. Објавил повеќе од сто стручни студии од областа на книжевноста и културата. Работел во „Матица Словачка“ како библиограф, бил долгогодишен директор на Словачката народна библиотека и на „Матица Словачка“. Денес е претседател на Друштвото на писателите на Словачка.
Негови позначајни прозни дела се: двотомниот роман Венециски Диптих (Benátsky diptych) – Реалност (Skutočnosť, 2007) и Нереалност (Neskutočnosti, 2010), и романот Калеидоскоп (Kaleidoskopis, 2013). Автор е на следниве збирки поезија: Времето е тивок гласник на мислата (Čas je tichý posol mysle, 2003), Незначајно движење на стрмната рамнина (Nepatrný pohyb po naklonenej rovine, 2005), На крајот на еден х-век (Ku koncu jedného x-ročia, 2009) и Меланхолија (Melanchólia, 2018).

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.