20
Полана се затворила в одаја, во гробна тишина, небаре е умрена.
Хордубал уште на разденување ги впрегнува тригодишникот и тешкиот вранец на колата, а не ги бива: вранецот кима со главата, ждребецот ја кренал главата нагоре – чуден пар.
„Кажи ѝ на мајка ти, Хафије, одам в град; ако даде Господ, до вечер ќе се вратам.“
Нека мукаат кравите од глад, нека тропаат со копитата коњите, нека гровтаат свињите и нека квичат прасињата: белки ќе ја натераат Полана да излезе, селанка е; ќе отиде да ги нарани животинките, зар е можно и нив да им се лути, кога се божји чеда?
Вранецот кима со главата, а ждребецот ја кренал главата нагоре. И Штефан така ја носи главата – тригодишников само со кобилата го впрегнуваше, заедно си одговарале. Цук, цук, не го гризи вранецот, ’рзак еден! Ќе излезе Полана, кога не сум дома јас, ќе ја нарани стоката и ќе се развесели. Гледаш, уште малку и в град сме.
Прво на адвокат, честит господине, да направам една оставина; со смртта нема играчка. Значи, оставина: имам жена, се вика Полана; редот е сопругата да наследи по мажот.
А што ѝ оставате, господине Хордубал: имот, пари, акции…
Хордубал го гледа со недоверба: што ти е пак тебе гајле? Напиши само: сè што имам.
„Добро, ќе пишеме: целиот имот, движен и недвижен…“
Хордубал кима со главата: така честити суде, убаво ја нареди, имот движен и недвижен, за нејзината верност и сопружничка љубов.
И ќе се потпишам, во името на Отецот, Синот и Светиот Дух. Хордубал се стеснува. „А, честити суде, може ли пак да се оди во Америка?“
Не може, господине Хордубал, во Америка имаат многу работници, нови не примаат…
Аха. А овде, во градов, нема некоја фектори?
А, фабрика. Има фабрики, ама не работат. Лошо време дојде, господине Хордубал, се издишува адвокатот, небаре на плеќи го носи товарот на лошите времиња.
Хордубал кима со главата. Што ќе правиш, не им требаат луѓе. Еден ваков Хордубал, никому не му треба; така ќе изгнијат вештите раце. Ама може им требаат коњи, што одат со главите кренати нагоре.
Јурај Хордубал го бара командирот на војниците. В касарна бил. Што е, чичко, синот да не си го барате? Не, не, туку да ви го продадам тригодишников, господине командир. Коњи не купуваме, вели војникот, а рацете му играат по гривата од коњчето, му ги пофаќа нозете и шијата… другар, коњов ти е како пушка.
Приоѓа и некој офицер и цука со главата. Коњ да купиме? Тешко, пријателе, немаме коњушница. Коњчево, велите, пролетно е? Убаво е, се оседлува? Не, досега не е оседлано, велиш, само измеќарот го јавал на голо. Се собрале петмина офицери и го прашуваат, чиче, може да го пробаме коњчево? Пробајте, вели Хордубал, ама дивтар е. Абе, каков дивтар; момци, ставете му узда и черга, да видиме дали ќе го јавне Тоник.
Ни пет ни шест, офицерот му се качува на ждребецот. Овој отскокнува, се отима, а офицеров паѓа наземи. И да ме фрли знае, се смее, на грб да паднам, ајде момци, фатете го, да не ни копа по касарнава. Дебелиот офицер се смее, дури мевот му се тресе. „Добро е, чиче, едар коњ имаш; нека ти поседи уште некое време дома, дури да напишеме барање, да ни одобрат да го купиме…“
Хордубал се мршти и го впрегнува коњот на колата. „Ништо тогаш. Ќе им го дадам на Циганите – или на касапот.“
Командирот ја чешка главата. „Немој, гревота е за ваков ждребец. Сакаш да го дадеш за што-годе?“
„Сакам“, мрмори Хордубал. „Не ми е по мерак.“
„Па, остави ни го овде“, пресекува командирот, „а ние ќе ти дадеме… еден пусул, дека си го оставил коњот кај нас. А после ќе ти пратиме пари колку ќе чини. Бидува?“
„Бидува, како не бидувало“, вели Јурај. „Убав коњ е, главата сè исправена ја носи. Велат, осум илјади…“
„Тогаш, земи си го дома“, веднаш реагира командирот.
„Добро, тогаш за пет“, се колеба Хордубал. До командирот стои уште еден полничок офицер, кимнува со главата. „Може“, вели командирот. „Ќе ти пишеме. Ако не ти чини – можеш и сега да си го земеш коњот. Договорено? Чекај, пусулот да ти го дадеме.“
Хордубал си оди дома, а на гради си го пофаќа пусулот и ќесето со доларите. Вранецот поткуцнува и кима со главата – го нема ждребецот. Кога го продаде ждребецот, како Штефан вторпат да си замина. Море, и кобилата ќе ја продадам и стелната со ждребето – само тебе ќе те оставам, вранецу, само да замавнам со камшикот и тргнуваш. А зошто да не си зборувам со коњите. А му кажеш нешто, ја врти главата и мавнува со опашката; се гледа дека разбира. А со главата кима, оти размислува. Долг пат е пред нас, другар, ама нагоре добро се оди. Цук-цук, не плаши се, патов само еден јаз го пресекол. Нека си тече, ќе го пребродиме. Ииии! Јурај почнува тивко да пее, да тегне.
Вранецот со големото око го загледува газдата: што си се размрморил? Хордубал кима со главата и пее:
„Полано, Полано,
каракамен Полано,
Бог да ми те ќердоса,
ех, Полано, Полано…“
21
Хордубал место не го држи: уште не изгреало сонцето, а тој го фатил патот, којзнае кај го натерал ѓаволот, а имањето и стоката Господ Бог нека му ги гледа. Овој пат – дури во Тибава отишол, Гелетеје, не ти треба измеќар за кравите или за полето? Што ќе ми е измеќар, Хордубале, два сина имам; за кого бараш место? А, во земскана дубрава, кај шумарот Стој, да не им треба некој за дрва сечење. Какви дрва, пријателе, цели кубици така гнијат во шумана. Прав си, прав. А, не градат негде пруга или нов пат, не пробиваат некаде тунел? Абе, чиче, нас Господ нè заборавил – за кого да градат?
Што ќе правиш, ќе си седнеш негде и ќе го чекаш самракот. Оддалеку се слушаат ѕвонците на некое стадо, овчарот удира со ластегарката, небаре стрела, од некаде лае овчарското куче. Во полето – некој пее. Што ќе правиш, ќе си седиш и ќе си слушаш, како зузукаат мувите; ќе замижеш и со часови ќе слушаш, оти никогаш нема тишина, нема крај животот; ту ќе збрмчи некое бубаче, ту ќе претрча вервериче и од секаде кон небесата се крева кроткото ѕвонење на благословениот добиток.
На квечерина тргнуваш полека дома. Хафија ти носи јадење – ни пес не го јаде; битно не остануваш гладен. Вистина, не може Полана секој ден да спрема вечера. Ноќ е, селото си легнало, а Хордубал се снове со свеќата и сработува, што може: шталата да се зачисти, гнојот да се исфрли, вода да се тури. – Тивко, никој да не се разбуди, си шепоти Јурај и си бара машка работа. Чукнува единаесет, фала му на Господа, а Јурај тихум си влегува во шталата. Ете, крави, ѝ одмалив од работата на Полана.
А утредента дури до Волово Полје по работа. Харчаре, не ви треба работник? Што ти е бе тебе, ко од затвор да си избегал. После жетва бараш работа? – Не ми се прави многу паметен, си мисли Хордубал, со париве што ми се во ќесево можам половина сермија да ти ја купам; што си се кренал на големо. Лека-полека Хордубал си тргнува за дома, а што пак дома? Онака, колку да ги префрлам ридиштава, а што пак во туѓина?
Јурај седи на работ од шумата над нивите Варваринови. И таму се слушаат стада, може од лехотскиот синор. Што прави Миша горе, на пасиште? Долу еден поток, а до потокот – стои една женичка. Јурај подзамижува, за да види подобро. Не изгледа како Полана? Не, не, од каде тука Полана. А и на ваква далечина – секоја жена изгледа како Полана. Од шумата излегува некое црно машко. – Манија не е, оценува Јурај, како може Штефан да дојде од таа страна? Црниот застанува кај женичката, стои и зборува. – Што имаат толку за зборување, се чуди Хордубал. Може се љубовници – падарчето од Лехота или од Волово Полје; потајум се гледаат, да не им набијат рогови на домашните. А овие застанале долу и муабетат ли муабетат; е муабетете си, не гледам накај вас. Сонцето ја допира Менчула, кај и да е ќе се смрачи. А двајцава си стојат и си муабетат. А, да пробам – може во солните рудници бараат мајнери. Вистина, далеку се рудниците; ама кој го заболе што се далеку? А двајцава си стојат и си муабетат. Џабе ќе одам дури во рудниците…
Не муабетат. Ене, стои само еден и се занишува. Не, двајца стојат и се нишаат, небаре се допираат. Се припиле еден до друг, небаре еден човек се. На Хордубал му застана срцето. Ќе им отидам долу. Не, ќе поитам дома, да видам дали е таму Полана. Мора да е дома, каде на друго место? А нозеве, Господе – тешки како олово. Хордубал станува и трча низ шумата, по полската патека, ита кон селото. Ах-их, го жегнува нешто во слабините, небаре некој со игла го боде – со игла за кошници. Хордубал не му се дава на дишењето и трча со сите сили. Фала богу, еве го и селото; Јурај оди со остар чекор (што ме боде олку, Господе, дај ми само дома да стигнам!), уште малку, еве ја и портата; со сета сила ги стегнува слабините со рацете, да не го боли, дури да влезе низ портата…
Хордубал задишан се потпира на гредата од портата, му се врти во главата, оддишува, небаре липа. Дворот – празен; Полана ќе да е в одаја – наеднаш на Јурај му е сеедно дали ќе умре или ќе живее и онака нема сила да влезе в одаја, ниту, пак, глас да пушти; само испрекинато издишува и се држи, колку да не падне наземи.
Портето се подотвора и во дворот се прикрадува Полана, задишана и заруменета; се здрви штом го виде Јурај, застанува и му вели како виновна: „Кај соседине бев, Јураје, кај – Херпаковци – да им го видам детето…“
Јурај се исправа колку што е висок и ги крева веѓите: „Ништо не те прашав, Полано“.
22
Сака да оди зад плевната, како обично, ама не може, го стега срцето. Се преправа, како овде да му е најубаво, на гредата од портата, само тука да си стои и да си го гледа дворот. Полана – наеднаш има полни раце работа: ги рани кокошките, го мете дворот и други работи. – „На Херпаковци им се роди девојче“, му соопштува речито – ех, Полано, што се пушти одеднаш во зборот?
„Аха“, мрмори испрекинато Јурај.
Паѓа самракот, Полана ја отвора портата, уште малце ќе се вратат кравите од пасиште. „Јураје“, почнува колебливо, „рече, сакаш крави да прикупиме…“
„Не мора“, мрмори Хордубал.
Си одат кравите в штала и си кимаат со главите, бам-бум, бам-бум. Јурај станува, фала Богу, ме држат нозете. „Лека ноќ, Полано“, вели.
„А, не вечераш?“
„Не.“
Полана му го пресекува патот. „Јураје, дојди да ти постелам в одаја. Што ќе речат луѓето, газда си, а спиеш кај кравите!“
„Остави ги“, вели Јурај несигурно. „Нека си зборуваат.“
Полана намуртена го гледа, како си влегува во шталата. Одзади е Јурај како стогодишен старец!
Хордубал си ја мести сламата. Слабините не го бодат, ама срцето му е тешко, го притиска. Дворот полека се стишува, уште Хафија си зборува нешто со полуглас, како некој да ја искарал, тивко, не зборувај гласно! Како некој да паднал тешко болен.
Тишина, дворот спие, спие и селото. Хордубал со стенкање ја пофаќа сламата, ја запалува свеќата и оди да види, да не има уште некоја работа. Пак ме боде, да му се плукнам. Коњушницата да се исчисти, свеж постел да им се приготви на коњите, а Јурај дума и мисли, да одам, а што ако баш денеска не ми се оди? Го поминува кокошарникот, кочината, плевната, се качува на скалата по сено, да се загрее; и пак го боде во слабините. Го минува дворот и оди кај овоштарникот. И што таму? Да видам, да не има некој. Кој? Никој, ама што знаеш. А тремот? Полана не спие на тремот, таму е наредена пченката; Полана се премести во одајата. Хордубал го прикрива здивот, да не застенка, и оди кај тремот; сака да ја отвори вратата, ама не може, а го тргне резето, се слуша испрекинат шум. Аха, пченката се навалила и ја затрупала вратата. И таму никој нема. А кого да има? Глупости!
Хордубал стои во дворот како некој црн кол и се чешка под тилот. Што правам, се чуди, што сум се растрчал по дворов? Манија толку години седеше овде, па не вардев, не трчав со свеќа низ дворот; зошто пак сега? – На Хордубал сè му е некако тапо и сеедно. Сега да лежеше во шталата и да слушнеше чекори – ќе станеше? Немаше да стане. Ќе викнеше, кој е? Немаше ни да викне, само здивот ќе го скриеше. Возрасни ли ќе вардам? Богами, и вардев и цела ноќ работев денска работа. Зарем можеш некому срцето да му го довардиш? Глуп еден!
Па, и да се врати Манија – што? И онака сè ми е сеедно, ништо веќе не е битно. И болката престана. И куќата изгоре, нема веќе дрвен покрив.
Кај Херпаковци бепчето плаче. Гледаш, може навистина Полана отишла в комшии, да им го види детето. Сега Херпаковица му дава да цица – паметиш, Полано, кога ја доеше Хафија? Само ќе ја отпетлаше кошулата и цицката сама излегуваше – единаесет години поминаа. А јас – во Америка. – Глуп еден, глуп…
Хордубал си ги гледа ѕвездите, Боже, колку ги има – колку се намножиле годиниве! Порано немаше толку, дури страв да те фати. Ништо не е важно. Како сè од снагата да ти се вади од ментеш, дел по дел. Беше Америка, помина, беше враќањето, помина. Беа и Ѓерич, Феделеш, Манија – и тие поминаа; и ништо не остана. Ништо не е важно. Фала богу, ти олесни.
Ту-ту-ту, труби полноќниот падар; а толку ѕвезди, дури да заслепи човек.
Лека ноќ, лека ноќ, Полано, лека ти ноќ!
23
Рано изутрина, пред да се разбудат другите, Јурај го остава селото зад грб и ита в планина. Кај Миша. Што бара таму? Ех, што бара, да скрши два збора со некого. Уште лежи маглината, ги крие планините. На Јурај му е ладно, ама веќе не го боде во слабините; само тешко дише, од маглата. Се качува, до кај што беа нивите Хордубалови и подзастанува да земе здив; Пјоса веќе изорал – многу камен имала, велат, а еве Пјоса има сметка да ја работи. Хордубал дише со тешкотии и ита ко врвовите. Маглината се крена и префрли отаде шумата; уште малку и ќе фати есен. Хордубал накачува и со раката ја стега слабината; боде, ама не е важно, одиме нагоре. А маглата не беше магла, туку облаци, по мирисот се познава, полни се со вода. Варди ја главата, да не влезеш во нив со неа. Го префрли ридот и се најде среде облак; три чекори пред себе не гледаш, а само шлапаш, се пробиваш по густата магла, не знаеш каде си. Хордубал дише испрекинато и тешко, полека се качува на небото.
Почнува ладен дожд. Горе на пасиштето, Миша си го префрлил гунчето преку глава и со ластегарката врс, ги тера воловите в бачило. Не се познава ни што е, животинка, грмушка или скала; паметен пес е Чувај, само го собира стадото и ги тера воловите, во маглата само ѕвонењето се слуша.
Миша седи на прагот од колибата и зјапа во маглата; густината се изретчува и за миг се гледа, како се припиваат еден до друг воловите; и пак сè се скрива во магла и само дождот шушти. Колку може да биде часот? Сигурно врви пладне. Тогаш скокнува Чувај, ја насетува маглата и загрчува.
Од маглата се појавува човечка сенка. „Тука си, Мишо?“ викнува зарипнат глас.
„Тука сум.“
„Фала му на Бога!“
Хордубал е, изводенет до коска, дури забите му се тресат; од капата му тече вода како од олук.
„Кај си тргнал по дождов?“ се лути Миша.
„Утринава… не врнеше…“, трепери Јурај. „Јасна си беше ноќта… Нека врне, и влага ни треба.“
Миша замислено шмрка. „Чекај да го наложам огнот.“
Хордубал седи во сеното и го гледа оганчето; дрвцата потпукнуваат и чадат, Јурај го облева топлина, Миша му даде и едно гунче за на плеќи; уф, дури жешко фаќа, жешко како во мајнот. На Јурај му се тресат забите, го гали влажниот Чувај, а овој го душка по слабината; што е, и јас мирисам ко наврнат пес. „Мишо“, се втресува Јурај, „што е колипкана в шума?“
Миша во едно котле вари вода и фрла во него билки. „Знам, лошо ти е“, мрмори. „Што си тргнал по дождов, будала еден?“
„Имаше една капавица во мајнот“, раскажува запалено Јурај, „цело време беше полна со вода; так-так-так, точна како некој часовник. А, знаеш што, на Херпаковци им се роди дете, Полана отиде да го види. – Нигде нема работа, Мишо, не им требале луѓе.“
„Па, зошто раѓаат нови“, мрмори Миша.
„Мораат да раѓаат!“ мудрува Јурај. „Оти се женски. Ти не си женет, ништо не знаеш, ништо. – Што зборуваш, кога немаш жена? На сè треба да се мисли, другар. И да се напише – за верноста и за брачната љубов. Инаку, којзнае што ќе измислат луѓено. Малер, три илјади долари ми украдоа; инаку ќе живееше ко кралица, нели? Така ли е, Мишо?“
„Така си е“, мрмори Миша и дува во огнот.
„Гледаш; и пак нека ми велат будала. Ми завидуваат на жената, оти со главата исправена оди, како кобила на кочија. Такви се луѓето: сè гледаат да ти наштетат. А в комшии беше, да го види бепчето. Не чини работава, Мишо. Речи им, дека сам ја видов, кога излегуваше од комшиите.“
Миша кима сериозно со главата. „Ќе им речам, сè ќе кажам.“
Јурај оддиша. „Затоа и дојдов, сфаќаш? Ти си без жена, нема за што да ми враќаш. Другине – мене не ми веруваат; ама ти ќе ги убедиш, Мишо. Зошто да не земе измеќар, кога газдата не ѝ е дома; се заклучуваше со олкав клуч во тремот, со свои очи ја видов. А Ѓерич нека не тресе зелени! Осум години, вели. Кажи кој ја знае поарно – Ѓерич или јас? Само си ја отпетла кошулата и цицката сама си излезе. А оној кај потокон беше падарчето од Лехота, сам го видов кога дојде. А луѓево – не чекаат двапати да им речеш.“
Миша ја тресе главата. „Напиј се, за здравје.“
Јурај срка од жешкиот подварок и зјапа во огнот. „Мишо, овде добро си ја наредил. Сам ти речи им, тебе ти веруваат, знаат дека знаеш. Дека беше домаќинка жена и верна…“ Чадот штипе на очи, на Јурај му потекуваат солзи; му капат од носот. „Само јас знам каква е, никој друг! Ех, Мишо, да можам, на часот тргам назад за Америка, пари да ѝ…“
„Цело испиј го“, го тера Миша, „ќе те загрее!“
На Хордубал челото му пливнало во пот, папсан е, а убаво му е. „Колку имам да раскажувам за Америка, Мишо“, вели. „Многу имам заборавено, ама многу и паметам, чекај…“
Миша тивко става дрва на огнот; Хордубал брзо се задишува и блада во сонот. Надвор дождот тивнува, само од смреките зад колибата паѓаат тешки капки; а маглата уште се тркала. Напати ќе замука некој вол, а Чувај станува и оди кај стадото, да го провери.
Миша нешто го боде во грбот, очите Хордубалови; Јурај не спие и гледа со папсаните очи.
„Мишо“, грчи, „смее ли човек сам да си го земе животот?“
„Како?“
„Смее ли човек сам да си го земе животот?“
„Зошто?“
„За да им избегаш на мислите. Има мисли, Мишо, што – не се твои. Ти се чини…, те лаже, не била в комшии…“ На Јурај како да му се закриви устата. „Мишо“, грчи, „како да избегам од ова?“
Миша го загледува задлабочено. „Тешко, тешко. Мислите остануваат докрај.“
„А, што ако на крајот… има само крај? Може човек сам да си го нареди крајот?“
„Не мора“, вели Миша пополека. „Зошто? И онака ќе умреш.“
„За брзо?“
„Кога си запнал да ти кажам – за брзо.“
Миша станува и излегува од колибата. „Спиј“, се повраќа кај вратата и го снемува – во облаците.
Хордубал пробува да стане. Фала богу, подобро е, само во главата ко да ми се врти и снагава, како на колец да ми стојат парталиве.
Јурај се шантра во маглата; прст пред око не се гледа, само ѕвонењето на стадото се слуша, илјада волови ко да пасат во облаците и да свират на ѕвонците. Јурај оди, оди, а не знае каде; нели дома ќе се враќав, си мисли, таму одам. Само не знае, дали оди нагоре или надолу; може надолу, оти – како да паѓа; а цело време како нагоре да оди, уморен е и тешко му е дишењето. Не е важно, дома си одам. И Јурај Хордубал се нурнува во облаците.
24
Го најде Хафија во шталата. Кравите тропале, па Полана ја пратила да види што е. Лежел на сламата и грчел.
И не се бранеше, кога го носеше Полана в одаја, само пробуваше да ги крене веѓите. Го слече и го намести на кревет.
„Сакаш нешто?“
„Не“, зајачи и пак задрема; нешто му се сони и го прекинаа – што беше? Ѓерич не беше во Америка, мора да се почне од почеток, да се расплетка заврзламава. Само да не ме стега толку на гради кучево Чувај, ми легнало баш на гради и ми спие. Јурај со немирната рака си ги гали обраснатите гради: спиј си, космат еден, срцето нека ти чука со моево! Тежок си, бре ѓубре!
Поспа и кога ги отвори очите ја виде Полана застаната на врата и љубопитно загледана во него. „Како ти е?“
„Поарно, душо.“ Се плаши да прозбори, да не му се раскрши сонот и да не се најде пак во некое сопче во Џонстаун. А овде, како дома да е – шарен орман, дабова маса, дабови столови – на Хордубал срцето му затрепери: конечно се вратив дома! Предолг беше патот, Господе, две недели на лоуердекот и во возот – да премали човек. Не смеам ни да се помрднам, да не ми избега сликава; поарно да замижам и да си замислувам, дека сум дома…
И пак сè се измеша: мајнерите во Џонстаун – Харчар – Хордубал го тепаат; Јурај бега од капавицата, се препнува, се фаќа за скалата од шахтата и се качува нагоре; горе лежи еден кафез, ќе му ја скрши главата, друго нема, и Хордубал се разбудува од сопствениот липот. Поарно да не спијам, овде ми е подобро; со премалените очи Јурај го регистрира одајчето. Овде ми е подобро. Хордубал црта нешто со прстот во воздухот и му раскажува на Миша за Америка. На најтешките работи, другар, само хелоу Хордубал, и ме праќаа. Еднаш се затрупа браздата, ни клесарите не сакаа да отидат. Тогаш ми дадоа дваесет долари премија, инженерот лично ме пофали, Мишо, вака ми ја подаде раката. А сега Хордубал слегува во кафезот надолу и само надолу; тука седи една дебела Еврејка и некој старец и строго го гледаат Хордубал. Сто осумдесет и еден, сто осумдесет и два, сто осумдесет и три, брои Јурај и вреска: готово, толку е, подолу не може, овде завршува шахтата! А кафезот уште се спушта, жештината се зголемува, не се дише, в пекол слегуваме. На Јурај му се чини дека ќе се задуши и ги отвора очите.
Свети, а на врата стои Полана и напнато гледа.
„Добро е“, мрмори Хордубал, а очите му горат. „Проштевај, Полано, еве станувам.“
„Лежи“, вели Полана и му се приближува. „Те боли нешто?“
„Не ме боли. И во Америка истово ме снајде. Флу, рече докторот. Флу. И за два дена – здрав ко дрен. Утре ќе станам, душо. Да не ти растурам многу?“
„Да не сакаш нешто?“
Хордубал одмавнува со главата. „Ништо не ми треба. Само – малку вода од бунарот; сам ќе си…“
„Сега ќе ти донесам.“ И заминува.
Хордубал си го преправа перничето и си ја средува кошулата на гради. Да не ме види Полана разголен, си мисли. А, да се замијам и да се избричам! Ќе дојде Полана, еве ја кај иде. Ќе си седне на работ од креветот, а јас ќе си пијам. Јурај ѝ прави место, за да седне и чека. Може заборавила, си мисли; полни раце работа има – барем Штефан да беше тука! Речи ѝ, нека го викне, да се врати: што велиш, Полано, да се врати Манија?
Низ вратата влегува Хафија и носи чаша вода, од внимателност јазичето го плази.
„Добра си, Хафије“, оддишува Хордубал. „А чичко Штефан, не е тука?“
„Не е.“
„Што прави мама?“
„Стои во двор.“
Хордубал не знае што да рече и да се напие заборави. „Добро, оди“, промрморува, а Хафија скокум излегува низ врата.
Јурај тивко лежи и наслушува. Коњите во коњушницата копаат со копитата – ќе им даде ли Полана вода? Не, на свињите им дава, се слуша задоволно гровтање. Ова не е работа за жена, си мисли Хордубал. Треба да се врати Штефан; ќе отидам во Рибари и ќе му викнам, што е бре, легач, бргу оди кај коњине, не може Полана сè сама. Попладне ќе го фатам патот, си мисли Јурај, а пред очи му се појавува некоја ткаенина и сè му се губи.
Од вратата наѕира Хафија, подвлегува и за миг излегува. „Спие“, ѝ шепоти на мајка си во дворот. Полана ни збор, задумана нешто размислува.
Кон пладне Хафија пак на прсти влегува в одаја. Хордубал лежи, рацете зад глава и гледа во таванот.
„Мама ме прати да те прашам да не ти треба нешто?“ вели ко од пушка Хафија.
„Полано“, вели Јурај, „нека се врати Штефан.“
Девојчето збунето ги отворило устињата. „И како ти е?“ издишува.
„Добро е, фала ти.“
Хафија истрчува надвор. „Вели, добро му е“, ѝ соопштува на Полана.
„Многу му е добро?“
„Да“, вели девојчето.
Па, надојде пладневната тишина. Хафија не знае што да прави. Дома ќе седиш, ако му притреба нешто на газдата. – Хафија си игра на прагот со куклата што ѝ ја направи Штефан. Не можеш надвор, ѝ вели на куклата, домаќинот лежи, мораме да го вардиме дворот. И не плачи, оти ќе си го добиеш.
Хафија оди на прсти во одајата. Домаќинот седи на кревет и кима со главата.
„Што прави мајка ти, Хафије?“
„Отиде некаде.“
Хордубал кима со главата. „Речи ѝ, нека се врати Штефан. И нека си го побара ждребецот назад. Сакаш зајачиња?“
„Сакам.“
„Ќе ти направам кафез за зајачиња, ист ко од мајнерот Џенсен. Ех, Полано, што сè нема во Америка – сè ќе ти направам.“ Хордубал кима со главата. „Чекај, ќе те земам горе, на пасиште, таму има една урнатина – ни Миша не знае од што е. Оди и речи ѝ на мајка ти да се врати Штефан.“
Хордубал задоволно си легнува и замижува. Темница како во рудникот. Бух, бух, со токмакот по карпата. И Штефан се клешти, демек камен на камен нивата. Е, затоа не знаеш, машко, што е работа. По работата мажот се познава. Какво дрво имаш во дворов, душо? Само трупци. А јас – деланки ги направив. Ете ти машка работа, дрва цепење. Или камен вадење од земи. Хордубал е задоволен. Се изнаработев, Полано, се преработив, Боже. Така и треба. И Јурај спокојно заспива со скрстени раце.
Се буди во самракот, го притиска темнината. „Хафије“, викнува, „Хафије, каде е Полана?“ Тишина, само ѕвонење од далечината; стадата се враќаат од пасиште. Му се врти во главата, од лежењето е. Јурај се молкне надвор, во дворот и ширум ги отвора портите; тешко му е, ама фала богу, надвор е. Ѕвонењето се ближи, се тркала како река: небаре сè ѕуни во кравјите и телешките ѕвона. Јурај ко да сака да клекне, повелики и поторжествени ѕвона во животот нема чуено. Две крави со полни и топли вимиња влегуваат во дворот и кимаат со јадрите глави. Јурај смерно се потпира на вратата и толку му е добро, толку свечено, ко да се моли.
До портата притрча Полана, забрзана и задишана. „Стана?“ викнува. „Каде е Хафија?“
„Станав, де“, мрмори Јурај со извинување. „Добро ми е.“
„Оди, легни си“, заповеда Полана. „До утре – ќе бидеш здрав ко фиданка.“
„Како ќе речеш, душо, така“, вели Јурај послушно и благоречиво. „Само ти попречив.“ Ги затвори портите, ги заклучи и полека си влезе в одаја.
Кога му носеа вечера, спиеше.
Извадок од книгата „Хордубал“ од Карел Чапек (6 дел)
Едиција: Класици
Издавач: „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Прочитајте го првиот дел (1,2,3.) од „Хордубал“
Прочитајте го вториот дел (4,5,6) од „Хордубал“
Прочитајте го третиот дел (7,8,9).
Прочитајте го 4 дел (10, 11, 12, 13)
Прочитајте го 5 дел (14,15,16,17,18,19)
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“, а може да се нарача и онлајн на следниот линк.
Пингување: Извадок од книгата „Хордубал“ од Карел Чапек (7 дел) | Literatura.mk