Зоран Пеневски: Моите дела се за љубопитните луѓе, кои знаат да се соживеат со приказните

Будимир благодарение на нотесот на неговиот татко, собира шест ретки животни, а секое од нив е последниот примерок од својот вид. Но, како да се живее со една зајадлива птица и со другите палави суштества покрај секојдневните обврски? Авантурата почнува кога сите ќе тргнат во посета на Домот за стари лица…
Сите љубопитни деца, но и возрасни, кои сакаат да дознаат повеќе за ретките животни, може да заминат во интересна книжевна авантура со книгата за деца „Будимир и ретките животни“ од српскиот автор Зоран Пеневски. Станува збор за духовита приказна што нè потсетува на тоа дека нас, како луѓе, нè определува и нашиот однос кон животните. Книгата неодамна излезе од печат на македонски јазик, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Зоран Пеневски (Панчево, 1967 г.) е писател, сценарист и преведувач. Автор е на романите „Лектор“ (СКЦ Нови Сад, 2015), „Траги од отсуство“ (Океан, 2008), „Помалку важни злосторства“ (стипендија од фондот „Борислав Пекиќ“, Океан, 2005 година) и други. Има напишано сценарија за стрип-албумите „Корпоративен пандемониум“ (цртежи на А. Золотиќ, Бесна кобила, 2015; награда од ULUPUDS за стрип на годината), „Des Rivierès sur les Ponts“ (цртежи на Г. Јосиќ, Делкурт, 2004), „Филип и Олга ‒ книжари“ (цртежи на Д. Павлиќ; Систем стрипови, 2012). Со Ивица Стевановиќ е ко-автор на првиот српски графички роман „Љубезни трупови“ (СКЦ Нови Сад, 2004; Комико, 2011) и на стрипот „L’Anatomie du Ciel“ (Les Humanoides Associès, 2006). Има објавувано приказни, текстови, прегледи, критики и есеи (за литература, стрипови, музика, илустрации и др.) во списанијата „Свеске“, „НИН“, „Време“, „Вечерње новости“, „Данас“, „Арт 032“, „Квадарт“, „Књижевна реч“, „Реч“, „Повеља“, „Детињство“, „Летопис Матице српске“, „Ритам“ и др. Има преведено повеќе од педесет книги (од англиски, германски и македонски јазик) и има уредено повеќе од сто изданија. Негови дела се преведени на англиски, француски, холандски и на македонски јазик.

„Будимир и ретките животни“ ќе биде официјално промовирана онлајн, на 18 јуни (четврток), во 19 часот преку платформата „Зум“ (Zoom), а ќе може да се проследи на фејсбук-профилот на „Литература.мк“. По тој повод, пред промоцијата го контактиравме авторот Пеневски, кој е уредник на изданијата за деца во етаблираната српска издавачка куќа „Лагуна“ во Белград.

*Како и кога настана идејата за „Будимир и ретките животни“? Што Ве инспирираше да ја напишете книгата?
‒ Најпрвин наидов на неколку споменици што луѓето ги подигнале на жртвувани животни и тоа ми се допадна, но и ме потресе. Од друга страна сакам ’бестијарии‘, па така ги споив тие две забавни приказни.

*Кој е Будимир – главниот лик во оваа приказна? Како би го опишале и дали е инспириран од вистинска личност?
‒ Главниот лик е замислен како несмасен, но добар млад човек. Кога го замислив, самото име ми се појави од лик од филмот „Љубовниот живот на Будимир Трајковиќ“. Но, сите ликови, дури и животните во приказната, се дел од сите нас, вклучително и од мене.

*Следејќи го нотесот на својот татко, тој собира шест ретки животни: Гватемалски лепенко, Манџурска мрчаторска глувтарка, Судански самојед, Украински талкач, Татарски ѓерѓ, Кралска кукувија… Навидум обични животни, но секое е последниот примерок од својот вид. Што ги прави необични/ретки овие животни? Дали и каде може да се сретнат овие видови? Што симболизира секое од овие животни?
‒ Секое од овие животни е на границата на реалното, затоа што ако е последен примерок од ваков вид, не можете да тврдите дека е измислен, односно дека тој навистина не постои. Во исто време, секое е единствено, односно секој од нив, без оглед на фактот дека е индивидуа, е исто така цел вид. Сите тие се уникатни и неповторливи, како и секој од нас.

*Како во извадок од рубриката „Верувале или не“ или можеби статија во „Политикин забавник“, во книгата одвојувате простор и за неколку вистински животни кои биле посебни: Шимпанзото Сами, кучињата од Краснодар, мачорот Трим од Сиднеј, коњот Блеки, хаската Балто, гулаби-писмоносци и пингвинот Нилс Олаф. Околу нив не само што има интересна приказна, туку во нивна чест има споменици во светот. Како ја направивте селекцијата – кои од овие приказни ќе се најдат во вашиот роман?
‒ Ми беше важно да покажам дека љубовта и почитта на луѓето кон животните постои низ целиот свет. Покрај тоа, не беше тешко да се пронајдат споменици на животни. И секоја приказна за нив ни кажува дека животните имаат интелигенција и чувства, а оние кои имаат домашни миленици многу добро знаат дека животните имаат свои ритуали и знаат да прават и да почитуваат протоколи.

*Колку Вам ве интересираат ретките животни и дали под ретки подразбирате изумрен вид или животни со посебно значење?
‒ Единственоста е смисла и декорацијата на животот. Овие примери се само најистакнатите по тоа што доблестите, како што се пожртвуваност и искреност, ги делиме со сите суштества на оваа планета.

*Која е пораката на книгата?
‒ Има неколку, но можеби две се најважни: дека човештвото не може да покаже ароганција кон животните и дека созревањето значи учење да се грижите за другите.

*Книгата оригинално беше објавена во 2013 година, на српски јазик во издание на „Креативни центар“. Каков беше приемот во Србија на книгата и какви ви се очекувањата од објавата на македонскиот пазар? За која целна група е наменета книгата?
Беше убаво прифатена, а средбите со децата покажаа дека ги разбираат дури и најмалите детали и нијанси во приказната. Пишувам за да ги охрабрам читателите да размислуваат, со по некоја насмевка и по неколку солзи. Мојата целна група се секогаш љубопитните луѓе кои знаат да се соживуваат.

*Вашите книги се објавени на повеќе јазици, но и самиот преведувате изданија од повеќе јазици, меѓу кои и македонски. Дел од книгите се и Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња и Девојче и мече (изданија на „Либи, дел од „Арс Ламина- публикации“, кои на српски јазик ги објави „Лагуна“. Колку и дали ја следите македонската книжевна продукција и дали меѓу современите изданија има книги кои се интересни за српскиот пазар, но и за пошироко?
‒ За жал, не ја следам македонската сцена толку колку што би сакал, затоа што сум премногу зафатен со работните обврски во Србија. Но, повремено имам контакт со книгоиздаваштвото од Македонија. Секако, има одлични дела, на пример, неодамна работев на српското издание на Девојче и мече на Ване Костуранов, кое го објави „Лагуна“.

*Покрај книги за деца, автор сте и на приказни, текстови, прегледи, критики, есеи, романи за возрасни, стрипови, а и ко-автор сте на првиот српски графички роман „Љубезни трупови“. Кој формат најмногу лично ви лежи, кој ви е предизвик, а кон кој секогаш се навраќате со посебна возбуда… Дали приказната го диктира и форматот или обратно?
‒ Нема правила, затоа што на секој му пристапувам како на посебен, единствен проект. Го гледам како целина и од тоа скоро истовремено се појавуваат форма и содржина. Најважна е страста кон создавањето.

Книгата е достапна во сите книжарници „Литература.мк“, а онлајн може да се нарача на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14127

 

Разговараше: Ана Несторовска – Саздовска

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.