Џез-музичарот Васил Хаџиманов гостин во „Астрорум“

Во ова издание на емисијата ќе можете да уживате во разговорот со познатиот џез-пијанист и композитор, Васил Хаџиманов. Васил Хаџиманов (1973) е белградски џез-пијанист, клавијатурист, композитор, аранжер и продуцент. Тој е основач и член на „Васил Хаџиманов бенд“ и „Васил Хаџиманов трио“, но настапува и снима и со многу други џез-формации.
Роден е во Белград, во семејството на Зафир Хаџиманов и Сенка Велетанлиќ, а е внук на еден од првите македонски етномузиколози Васил Хаџиманов. Започнува да ја изучува класичната музика во основното и средното музичко училиште „Стеван Мокрањац“ во Белград, а своето џез-образование го оформува како стипендист на престижниот колеџ за музика „Беркли“ во Бостон, САД. Таму дипломира во 1995 година на клавирскиот оддел и останува на американскиот континент уште една година. Пoтоа, се враќа во родната Србија и во 1996 година го основа својот „Васил Хаџиманов бенд“.


За време на студиите на Беркли и за време на престојот во Њујорк соработувал со бројни музичари, меѓу кои и со афропоп-групата на Паскал Бокар, со Дејвид Гилмор, Крис Кик и други. Во исто време, работел во студиото „Томанданди“ како музички програмер. По враќањето во Србија во 1997 година, го основа својот „Васил Хаџиманов бенд“ и тој е пунктот каде што започнува синергијата на балканскиот етно звук и џезот. Во 2001 година го издаваат својот прв албум „11 причини за…“, кој беше распродаден за три месеци и кој ја освои наградата за „Најдобар албум на годината“ во Србија. Потоа се нижеа „Кафанки“, „Сега му е мајката“, „Живота ми“, „Can you dig it?“, проследени со бројни концертни и медиумски промоции, дома и надвор.


Во 2016 година, бендот прави уште еден голем чекор напред, објавувајќи го шестиот албум „Алајв“ („Alive“), под етикетата на престижната американска издавачка куќа „Мунџун рекордс“ („MoonJune Records“) од Њујорк, за која, на почетокот на минатата година, го издадоа и седмиот албум „Лајнс ин сендс“ („Lines in sand“).
Васил Хаџиманов редовно соработува и со други бендови, како „Дарквудс даб“ („Darkwood Dub“), „Бејс квартет“ („Bace Quartet“), „Трио Свети“, како и со многу македонски музичари во различни формации, меѓу кои со Тони Китановски, Александар Петров, Оливер Јосифовски, Алек Секуловски и Мартин Ѓаконовски, Виктор Филиповски, Кирил Кузманов, Кирил Туфекчиевски, Иван Иванов и други. Неговото „Васил Хаџиманов трио“ со Мартин Ѓаконовски и Алек Секуловски, минатата година го сними и својот втор албум, 10 години по дебитантскиот „Ел Равал“. Неговата промоција беше планирана за оваа година во Македонската филхармонија, каде што е направена и снимката со снимателот и музички продуцент Ален Хаџи-Стефанов. Васил Хаџиманов, покрај авторската музика, компонира и музика за филмови и ТВ-серии.


Во текот на својата кариера, Хаџиманов е добитник на повеќе награди и признанија, а во февруари оваа година, ја освои наградата и за најдобар џез-клавијатурист на 41. издание на „Ануал џез стејшн авардс“ („Annual Jazz Station Awards“). Исто така беше носител и на втората награда и во категоријата за најдобрата џез-група, заедно со неговиот „Васил Хаџиманов бенд“. На листата на победниците во другите категории беа имињата на врвни џез-уметници, како Рон Картер, Марк Копланд, Чик Кореа, Ренди Брекер, Дејв Либман и други. Основач на оваа награда е џез-новинарот и продуцент Арналдо Десутеиро, чиј продуцентски потпис стои зад повеќе од 800 џез-композиции.
Освен со изведуваштво и компонирање, Васил Хаџиманов се занимава и со едукација. Тој, веќе неколку години е гостин-професор на џез-одделот на Факултетот за музичка уметност во Штип, а минатата година, на иницијатива на истиот, беше промовиран и во почесен доктор на науки на Универзитетот „Гоце Делчев“.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.