До 15 јуни ќе трае вториот конкурс за книжевната награда „ПЕГАЗ“ за најдобар необјавен роман за 2020 година, кој го распишаа издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. За наградата можат да конкурираат сите необјавени романи (ракописи) наменети за возрасни или за деца. Романите треба да бидат предложени од самите автори-кандидати за наградата, кои треба да ги достават своите ракописи во електронска форма (во ворд или во пдф-формат), на следната е-адреса: pegaz@arslamina.com. Конкурсот ќе биде отворен до понеделник (15 јуни 2020).
Ракописите ќе ги оценува тричлена стручна жири-комисија, составена од реномирани книжевни дејци и еден претставник на издавачот;
Наградата „ПЕГАЗ“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Добитникот на наградата ќе биде соопштен најдоцна до 30 септември 2020 година.
Доколку и некој друг од ракописите биде оценет позитивно, издавачот „Арс Ламина“ може да понуди објавување и на второ и треторангираните романи.
На минатогодишното, прво издание на „ПЕГАЗ“ пристигнаа 77 ракописи. За победник беше избран романот „Насон прочитана книга“ од авторката Соња Манџук, кој беше објавен и промовиран на посебна свеченост. Ракописите што беа позитивно оценети, исто така добија можност од „Арс Ламина“ да бидат објавени, па така, неодамна од печат излезе и романот „Курвински хроники“ од Александар Русјаков.
Наградата „ПЕГАЗ“ за најдобар необјавен роман е своевидно продолжение на веќе етаблираната награда „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“. Имајќи го предвид влијанието што оваа награда го изврши врз квалитативниот скок на македонската романсиерскa продукција, фондацијата „Славко Јаневски“ и „Арс Ламина“, по вторпат го организираат изборот за необјавен роман за деца или возрасни, сметајќи дека на тој начин ќе се овозможи уште поголем квалитет на овој специфичен литературен жанр.