Познатиот балетан и кореограф Игор Киров гостин во „Астрорум“

Во ова издание на емисијата гостува нашиот популарен балетан и кореограф со меѓународна репутација, Игор Киров. Во моментов тој е во Сплит, Хрватска, каде што ја заокружува последната, четврта година од својот директорски мандат во Балетот на ХНК и каде ќе биде запаметен по издигнувањето на овој ансамбл за неколку скалила.

Инаку, Игор Киров е еден од најистакнатите македонски балетски уметници и кореографи во доменот на модерниот танц. Танцува од дете во балетската секција на Пионерскиот дом во Штип. Пошироката јавност го забележа неговиот голем талент на фестивалот „Макфест“ во 1990 година, потоа тој се појави на „Мак Денс“, па стана дел од популарниот „Ребис“. Почнал формално да се школува дури во средното балетско училиште во Скопје, МБУЦ „Илија Николовски – Луј“, а клучна улога во неговиот професионален развој имала професорката Гордана Деан – Попхристова, основачка на првото балетско студио за модерен танц во Македонија, „Ребис“, и балетски педагог во споменатото средно балетско училиште. Токму таа го насочила и охрабрила да го продолжи своето образование на една од најпрестижните балетски академии во Европа и светот, Холандската академија за танц во Ротердам.

По дипломирањето, Игор Киров танцува во десетина европски врвни балетски компании и соработува со голем број истакнати кореографи како што се: Изик Галили, Тон Симонс, Бил Т. Џонс, Стивен Петронио, Џакопо Годани, Ед Вубе, Карлос Матос и други. Со кореографирање почнува да се занимава уште за време на активната танчарска кариера, создавајќи помали форми, како дуети и триа, за балетските компании во кои што настапува, а во 2006 година доаѓа и првото признание кога ја добива првата награда за најталентиран млад кореограф на Меѓународниот балетски натпревар во Нагоја (Јапонија). Оттогаш, името на Игор Киров во континуитет се појавува во потписот на бројни кореографии за многу балетски куќи и компании ширум светот: Македонскиот национален балет, државните театри на Олденбург, Дармштад, Брауншваиг, Хановер, Штутгарт и Дрезден во Германија, потоа Операта во Грац и Државниот театар Клагенфурт во Австрија, Државниот театар во Сент Гален во Швајцарија; Националната опера во Бордо ‒ Франција, балетот на „Орландо“ во САД, „Масданца“ фестивалот во Шпанија, во „Екуилибро динамико“ во Италија, за фестивалот „Сиденс“ во Јужна Кореја и многу други. Паралелно со работењето за други театри, Киров во 2007 година основаше и своја танчарска група „Киров денс компани“ (The Kirov Dance Company), со која освои бројни награди и признанија, како што е наградата на публиката за најдобра кореографија на 14. Меѓународен фестивал за современ танц „Масданца“ на Канарските острови (TEM….N), потоа специјална награда на Првиот меѓународен кореографски и балетски во Националниот центар за изведувачки уметности во Пекинг (за неговата кореографија на „На работ“ (On the Edge)), втора награда на 16. Меѓународен фестивал на кореографски минијатури во Белград (за „Допир“ (Touch)), и беше финалист на 26. Кореографски натпревар во Хановер.

Најновите кореографски достигнувања на Игор Киров сѐ повеќе ги надминуваат меѓуконтиненталните граници, така што неговите претстави се еднакво добредојдени од Македонија во Кореја, од Италија и Германија до Куба. Станува збор за балети како: „Хе хе хелиум“ (He He Helium), „Коцка“ (Cube), „14 часа“ (14 Hours),„Пред да те пуштам“ (Before I Let You Go), „Од оној ден“ (From That Day On), „Дневникот на Нижински“ (The Diary of Nijinsky), „Приказни“ (Stories), „Црвената соба“ (The Red Room)

Но, се чини дека една од клучните претстави е „Пет до дванаесет (5 до 12)“ со која Киров првпат коерографираше за хрватски театар, а која беше изведена на 61. Сплитско лето. По неа, тој го создаде балетот „Од страна на страна“ (From Side to Side) за Хрватскиот народен театар во Сплит, а истиот театар, на 62. Сплитско лето, премиерно ја изведе и неговата претстава „На пат“ (Na putu), создадена врз Голдберг варијациите на Јохан Себастијан Бах. Во 2016 година, Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) му ја додели наградата Виртуози, признание за највисоките уметнички достигнувања во категоријата Меѓународна афирмација.

Исто така, Игор Киров, заедно со неговата соработничка Мојца Мајцен, е основач на успешниот „Балкан денс проџект„ (Balkan Dance Project), кој ги поврзува младите талентирани танчери и кореографи кои заедно работат и создаваат претстави. Како визитинг-професор, Киров остварува и педагошка дејност на балетските академии во Минхен, Скопје, Белград и Токио. Од октомври 2016 година до денес, Киров е уметнички директор на балетот на Хрватскиот народен театар во Сплит.

Една од најпознатите претстави поставени на нашата сцена е балетска претстава „14 часа“, чија популарност не стивнува ниту денес по премиерата во 2013 година. Во режија на Наташа Поплавска, на музиката на Кирил Џајковски, оваа претстава на балетот на НОБ во која играат првенците Александра Мијалкова и Василиј Чичијашвили, стана миленичка на бројниот балетски аудиториум.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.