Владо Димовски: Книги создадени со многу љубов, кои ќе им помогнат на децата со тешкотии во говорот

Дваесет и пет години по објавувањето на книгата „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“ од авторите Владо Димовски и Јордан Јорданоски, деновиве излезе од печат во ново, освежено издание, под импринтот „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Подновениот прирачник, кој е со цел да им помогне на децата во надминување на проблемите со говорот, ќе биде промовиран онлајн, на 11 јуни (четврток), во 19 часот. На промоцијата, која ќе се одвива на платформата „Зум“ (Zoom), а ќе може да се проследи на профилот на „Фејсбук“ на „Литература.мк“, ќе биде претставена и новата книга на Владо Димовски, „За секоја буква приказна“.
Првото издание на „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“, на кој Димовски е ко-автор со сега починатиот Јордан Јорданоски, е објавено во 1995 година. Книгата и денес претставува еден од најупотребуваните практични прирачници во областа на артикулативно-говорна и јазична проблематика. По цели 25 години прирачникот излегува повторно од печат, преуреден и осовременет со нови илустрации, што одговараат за дадената (лексичка) положба на секоја од обработените фонеми.
Во „За секоја буква приказна“ приказнарот напишал 31 приказна – за секоја буква од македонската азбука по една. Во секоја приказна има многу зборови што почнуваат на буквата за која ни раскажува приказнарот. Читајќи за авантурите на едно чудо необични јунаци, ние всушност учиме да ги препознаваме буквите и да ги изговараме правилно. Оваа сликовница може да се користи како дополнување (еден вид вежбанка) на книгата „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“, но и независно во фазата на описменување на децата.
По повод двете промоции разговаравме со Владо Димовски.

 
*Деновиве излезе новото реиздание на книгата „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“, каде што се јавувате како ко-автор, со сега покојниот Јордан Јорданоски. Зошто се одлучивте да го реобјавите ова дело, чиј прв тираж одамна е потрошен?
‒ Оваа книга е една голема љубов, без некакви специјални претензии. И затоа е успешна. Подоцна беше промовирана во магистерска работа на Ј. Јорданоски. Веднаш ја прифатија воспитувачите во градинките и наставничките во нижите одделенија во основните училишта. Всушност, открија дека со книгата можат сами да ги водат и да ги осмислуваат вежбите со децата кои имаат проблеми со изговорот на некој глас. Нормално книгата ја прифатија и логопедите, но и родителите, бабите и дедовците на деца со проблеми при изговорот на некои гласови. Колку што се сеќавам во книгата инвестираа и родители кои ги носеа своите деца кај Јорданоски. Да се вратам на првата реченица: книгата е една голема љубов. Еден долготраен процес, прецизно планиран, со соодветни вежби, но и со песнички и приказни кои лесно се паметат. Сериозна, но и шарена книга, со многу илустрации, со една единствена цел, да им се допаднеме на децата, да споделиме љубов.

*Дали книгата претрпе некои измени во форматот и содржината од оригиналот од 1995 година? Какви новини воведовте со „Арс Ламина“?
‒ Ако нешто ме радува, тогаш тоа е убаво пенкало, нотес и, пред сѐ, убаво скоцкана книга. Се разбира, книгата што ја издаде „Арс Ламина“ е многу поразлична од првото издание. Содржински ништо не менувавме, но илустрациите, насловната страница, квалитетната хартија, верувам, ќе израдува многумина, најмногу децата. Еве, изразувам голема благодарност до тимот на „Арс Ламина“, кој се потруди оваа книга да изгледа прекрасно.

*Може ли да се навратиме повеќе од 25 години наназад. Како настана идејата за оваа книга? Имате изјавено дека сѐ започнало со радиоемисијата „Јазична работилница“, која ја подготвувавте со Јордан Јорданоски…
‒ Убавите работи долго се паметат. Во тоа време, јас и Јордан ја подготвувавме утринската емисија „Јазична работилница“ на Македонското радио. И по содржина и по форма емисијата беше пред времето. Снимивме најавна шпица со пеење, играна структура, џинглови… Добивавме многу писма од слушатели, а во работилницата ги поправавме грешките кои ги правиме во секојдневната комуникација. Еден ден Јордан ме запозна со идејата за книга од областа што ја покриваше. „А, зошто сум ти јас?“ ‒ го прашав. Сакаше идејата да ја заокружи со авторски песнички и приказни во кои ќе доминира буквата што ја вежба детето. И така почна да се тркала идејата сѐ до моментот кога ја ставивме последната точка.

*Какви професионални ангажмани и лични сеќавања Ве врзуваат за Јордан Јорданоски, кој почина во 2017 година?
‒ Многу сеќавања, многу ангажмани. Пред сѐ бевме пријатели. Почнавме многу проекти. Некои ги реализиравме, некои, за жал, не. Преку радиодифузија реализиравме ТВ-серија за изучување на македонскиот јазик, но, да речеме, не ја снимивме серијата работена по магистерската работа на Јордан и сл. Верувам дека можевме да реализираме уште многу проекти, но… Ме радува што со оваа книга повторно ќе се потсетиме на овој убав човек, на Јордан Јорданоски.

*За кого е наменета книгата „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“, и како таа може да помогне во изградување на говорот? Што содржи истата?
‒ Ова прашање е стручно, но работејќи на книгата и јас нешто научив. Книгата е наменета за деца од предучилишна и раноучилишна возраст. Јас би рекол за сите деца, но специјално за оние кои имаат тешкотии со изговорот на некои гласови. Вежбите во книгата почнуваат со слоговни вежби, а завршуваат со приказна. Доколку сте упорни, и истрајни и доколку навистина сакате да решите некој проблем, тогаш книгата во вашите раце има смисла. Во соработка со логопед оваа книга можат да ја користат родители, дедовци, баби, воспитувачки и учителки со деца кои имаат проблеми со изговорот.

*Каде и како беше применета изминативе дваесетина години и каде ја гледате употребата на ова дело во иднина? Дали би можела да се вклучи во формалното образование и колку таа може да биде корисна и за родителите чии деца се соочуваат со тешкотии во говорот?
‒ И пред дваесетина години и сега, книгата има иста примена. Таа е наменета за деца кои не можат да изговорат некои гласови, најчесто: С,Ш,Ч,Р… Дали би можела да се вклучи во формалното образование, не би знаел да кажам, но сигурен сум дека книгата треба да ја има во градинките. Да не звучам претенциозно, книгата треба да ја имаат сите воспитувачи, но и сите родители кои имаат деца од предучилишна возраст.

*Во пакет со „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“ доаѓа и Вашата нова книга: „За секоја буква приказна“, како подарок за успешно надминатиот проблем со изговорот на гласовите. Кога и како се разви идејата да ја напишете оваа книга?
‒ Мојата авторска книга „За секоја буква приказна“ е вистински подарок за оние деца кои го надминале проблемот со изговор на некој глас. Ако некое детенце проблемот со изговор на буквата З, тогаш му ја подарувам приказната за зелениот зајак од село Зелениково и уште 30 други приказни. Инаку идејата за оваа книга се роди пред многу години, но „Арс Ламина“ ја стокми така како што сум посакувал.

*Станува збор за книга со 31 приказна, колку што има букви во нашата азбука. Каков е концептот на изданието? Дали приказните се поврзани една со друга?
‒ Концепцијата е едноставна. Всушност, треба да преовладуваат зборови на буквата за која е стокмена приказната. Вака кажано асоцира на нешто неповрзано, нешто што треба да задоволи некаков услов. Но, не е така. Секоја приказна си е целина за себе. Секоја приказна си има своја приказна. Местата каде што се случуваат нештата се тукашни, наши, препознатливи.

*Од што црпевте инспирација за приказните и колку време ги пишувавте?
‒ Обично целата слика на книгата ја создавам подолго време. Самото пишување трае кратко време. Едноставно се истурам, се празнам. Тоа е бунило од кое сакам побрзо да излезам. Најчесто првата верзија на моите книги е и последна.

*Која е главната цел на оваа книга и на која публика се обраќате? Дали е поврзана со одредена возраст/одделение од образовниот процес на децата?
‒ Целта е заокружување на проектот што го работевме со Ј. Јорданоски, но и потврда на мојата дарба за раскажување приказни. За која возраст е книгата? Не верувам дека некој не сака приказни. Приказните се за сите возрасти. Но, оваа книга си има целна група. Моја публика треба да бидат децата од предучилишна и раноучилишна возраст. Книгата е награда за оние кои победуваат. За оние кои успешно ќе се ослободат од маката што си ја имаат ‒ неправилен изговор на некој глас.

* Дали приказните им ги читате на своите внуки и какви се нивните реакции?
‒ Се разбира дека им ги читам. Но, сакам, потоа и да ми ги раскажуваат. Уживам и да ги слушам како ги читаат. Многу ми е важно правилно и доживеано да ги читаат. Од нивните реакции заклучувам дали сум ја погодил работата.

Со децата-актери од серијата „Умни глави“.

*Зад себе имате богата биографија во создавање едукативни содржини на деца: книги, радио и ТВ-емисии, серии („Умни глави“)… Гледано наназад, со кои проекти најмногу се гордеете?
‒ Цел работен век сум го поминал со деца. Во многу својства. Но, најмногу и најпродуктивно како автор на детски емисии, радиоигри, радиодрами за деца. Многу мои емисии биле на најпрестижните светски радиофестивали од „При Италија“ до „Абу Пракса“ во Индија. За мене може слободно да кажете дека сум радио-човек со излети и во телевизијата како сценарист на многу играни серии: „Умни глави“, „Сашко и Сашка“, „Погрешно време“, „Цимери“, „Зборуваме македонски“… Тука ќе ги спомнам над десет книги за деца и романот за возрасни „И чоек и пес“ преведен на бугарски и украински јазик.

аскоро, исто така во издание на „Арс Ламина“, од печат треба да излезе и Вашиот роман за возрасни „Бричење петли“? За што раскажувате во романот?
‒ „Арс Ламина“ ќе ме удостои и со издавање на романот „Бричење петли“. Се потсмевам со транзицијата, со нашата навика дека никој ништо не ни може бидејќи сите си имаме по некој важен вујче. Многу е важно што овој роман излезе токму сега. Има нешто што е константа и што е присутно во животот што сега го туркаме. Без претензии дека ја открив формулата, романот се чита во еден здив, преовладува еден специфичен хумор… држи вода.

*Прилично сте активен на социјалните мрежи, а за некои од Вашите изданија има група/профил на „Фејсбук“. Колку ова се покажа како успешен чекор во воспоставување на непосредна комуникација со новата, млада публика, и каква е нивната реакција? Како дополнување на ова е промоцијата на „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“ и „За секоја буква приказна“ која ќе биде онлајн, преку платформата „Зум“, а ќе биде пренесувана на фејсбук-страницата на „Литература.мк“? Дали ви е тешко да се прилагодите на новите начини на комуникација со читателите?
‒ Да, активен сум. Повеќе како забава и тренинг. Пишувањето си бара континуитет. Си имам и читателска публика која ме следи и која ми е наклонета. Најчесто знам каде сум, го чувствувам присуството на моите пријатели како голема инспирација. Што се однесува до новите начини на комуникација, искрено не ми прават ќеиф, но подготвен сум пристојно да им се претставам на читателите.

*Неуморно, постојано творите. На што сте посветени овој период?
‒ Во последно време ме мачи една приказна од мојата младост. Умот ми го мати една месечина која ја доживеав при едно ноќно капење како втора… месечина. Долу, во Преспа, јас и мојата втора месечина. Верувам дека ќе истерам до крај еден ептен љубовен роман.

Разговараше: Ана Несторовска-Саздовска

Книгите се достапни во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку http://www.literatura.mk.
„Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“ на следниот линк. 
„За секоја буква приказна“ e достапна на следниот линк.

 

 

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.