Во ова издание на емисијата „Астрорум“ ќе можете да уживате во разговорот со прекрасната урбана хероина Љуљета Адеми. Досега во емисијата гостувале уметници од сите области на уметноста, но првпат имаме гостинка од доменот на уметноста на живеењето.
Таа е личност за која не постои предизвик во животот на кој не му приоѓа со ведрина, која различностите ги обединува во заедничка убавина, а недостатоците ги воздигнува до доблести. Иако спаѓа во категоријата на лица со попреченост, таа не само што ја премостува секоја пречка, туку и ни покажува дека за да се чекори гордо кон врвовите, и во буквална и во преносна смисла, не се потребни две совршени нозе, туку искрена желба, решителен ум и незапирлив дух.
По професија е врвна преведувачка/толкувачка од албански на македонски јазик и обратно, професорка, мајка и актуелна советничка за прашањата за лицата со попреченост во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски. Во овој разговор во „Астрорум“ нѐ увери дека е и одличен мотивациски говорник, кој инспирира со секоја изговорена реченица. Во тоа можете да се уверите и самите.