Кои се ексклузивните изданија од Петре М. Андреевски, илустрирани од неговата внука Воскресија Андреевска


Романот „Тунел“, збирката раскази „Боемите“ и стихозбирката „Пофалби и поплаки“ (во една книга), „Бежанци“ и збирките песни „Јазли“ (во едно издание), „Лакримариј“, „Последните селани“, „Скакулци“ и „Дални наковални“ се дел од новата ексклузивна едиција со дела од Петре М. Андреевски, кои излегоа од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина –публикации“. Наскоро се очекува и објавувањето на „И на небо и на земја“ , како и книгата за деца „Шарам барам“, која ќе излезе во посебна едиција.

Книгите, кои се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, се илустрирани од неговата внука Воскресија Андреевска. Првите четири книги веќе се достапни во сите продажни места на „Слободен печат“, а може да се набават и во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk.

Петре М. Андреевски (25.06.1934, с. Слоештица – 25.09.2006, Скопје) е поет, прозаист, драмски автор, литературен критичар и преведувач, кој со својот многудецениски опус афирмира творештво што го вбројува во најзначајните и најистакнати современи македонски писатели, чии дела – а особено стихозбирката „Дениција“ и романот „Пиреј“ – стануваат општопризнаени дострели на македонската современа книжевност и неодминливо четиво на генерации љубители на литературата.

Ова се осумте книги што досега излегоа во рамки на оваа едиција:

„Тунел“

„Тунел“ е роман за љубовта и за жената – за љубовта на една жена. Роман што се обидува да одговори на прашањата: како да се љуби и кого да се љуби? Но, исто така, „Тунел“ е и исповед и повест за животот и за смртта. Зошто токму јас и зошто токму сега? Во своето последно завршено дело, Петре М. Андреевски ни раскажува приказна за човекот со сите негови лица: животот, смртта, а особено за љубовта, таа е утеха не само на просечните, туку на сите, без исклучок.

Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14349

 

„Боемите; Пофалби и поплаки“

На постхумно објавената и недовршена збирка раскази – „Боемите“ – книжевните критичари ѝ предвидуваа уште поголема слава од доживеаната кај почитувачите на Петревото дело, доколку тој успееше да ја доврши. Тоа се кратки прозни скици, со сите потребни предуслови за допадливост: колоквијален, боемски јазик, здрав хумор, многу досетки, па дури и синестетичност што некому ќе му врати спомени, а некому – ќе му ги создаде. Затоа што, боемлукот е составен дел од неформалното образование.

За стихозбирката „Пофалби и поплаки“, пак, како што стои во еден критички осврт, „светот во неговата дуалност непосредно се артикулира себеси низ јасниот и убедлив говор што му го зајмува лирскиот субјект; па така, колку и да звучи необично, низ песните говорат јагленари, грнчари, ѕидари, немажени моми и ѕвонари“… Како и целокупното поетско творештво на Петре М. Андреевски така и оваа книшка, пред сите книжевни доблести што ги поседува – првенствено има многу душа.

Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14350

 

„Јазли; Бежанци“

Иницијацијата во македонската книжевност, Петре М. Андреевски ја остварува преку дебитантското дело „Јазли“, со што се закотвува во т.н. трета генерација македонски писатели. Уште во првенчето се препознава неговата творечка постапка што претставува differentia specifica за поетиката на Петре, а тоа е универзализацијата на локалното, нешто што му обезбедува постојана актуелност кај читачите и критичарите.

Последниот, пак, негов незавршен прозен обид – делото „Бежанци“ – преку тегобен натуралистички стил ја обработува темата на егзилот на Егејците за време на Граѓанската војна во Грција, критички осврнувајќи се кон бегството како единствено решение на бегалците-бежанци. За тоа, тој ќе напише: „А какво е нашето задоволство? Да избегаме некаде како глувци. Да се скриеме во некоја темна дупка. А кој знае за поголем срам од овој. Најголема доблест да ти биде да му избегаш некому“.

Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14352

 

„Лакримариј“

Лакримариј е шише во кое европските дворјанки собирале детски солзи за разубавување на лицето. Нашите мајки, пак, ги собирале своите солзи за да имаат што да однесат на гробишта. Поделена на три циклуси песни (Лицето на зборовите, Посвети и Колку сме блиску, а далеку), стихозбирката Лакримариј ја обгрнува тагата како естетско доживување на измамничкиот свет. Протегнати од родокрајот до Далечниот Исток, секоја од песните содржани во оваа збирка може да го носи квалификативот „антологиска“, затоа што зборува со универзален јазик преку кој резигнацијата како очекуван епилог симболично се прочистува таму некаде, на врвот на Фуџи…

Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14351

 

„Последните селани“

 

Селото во кое живеат последните селани се чини како некое митско место, каде што времето тече циклично, а животот на неколкутемина жители има повторлива, тукуречи ритуална динамика. Заборавени од светот и од потомците, тие веќе не чекаат ништо и никого, освен сопствената смрт. Единствениот настан што ќе изврши упад во тоа колективно чекање е потерата по Алексо Жешков, помладиот син на Варвара и Теофил Жешкови, обвинет за двојно убиство. Романот „Последните селани“ во 1998 година беше номиниран за престижната книжевна награда „Балканика“.

Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14365

 

„Скакулци“

Сместено во препознатливиот рурален пејзаж, дејството во романот „Скакулци“ се случува во еден транзициски период, кога е во тек своевидна „космизација“ на дотогаш варварскиот, тукуречи магиски свет во кој живееја ликовите на Петре М. Андреевски. Романот почнува со поглавјето насловено „Косидба. Време на големи промени“, навестувајќи го доаѓањето на новиот поредок, во кој „господ почнува да шета по земја“ отелотворен во претседателот на т.н. СеРеЗе и сите го ословуваат со „другар“. Покрај писателското мајсторство, во „Скакулци“ најчитлива е сатирата како постапка по која авторот посегнува за да ја исмее новата власт, притоа исмевајќи ги оние кои ја легитимираат, дури и кога нејзиното постоење е гротескно. Скакулците, како и пирејот, се симбол што посочува на „синдромот на изгубениот и неосознаениот идентитет“.

Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14364

 

„Дални наковални“

Може да се каже дека со стихозбирката „Дални наковални“, првпат објавена во 1971 година, Петре М. Андреевски воведува нова интонација во опејувањето на смртта. Притоа тoj употребува нови жанрови во оваа етапа од своето творештво (како што се тажаленките и редаленките), што ги зајмува од народното творештво и од фолклорот. Споменатата промена во поетскиот израз на Петре М. Андреевски се забележува во тажачките песни, во воведувањето на дијалогот како драмска форма, обраќањето кон мртвиот, лелеците и оплакувањето, опевањето итн. Во оваа збирка е сместена и поемата „Смртта на бабарот“ што се смета за едно од најоригиналните дела во македонската поезија, во чиешто толкување се впуштиле многумина теоретичари на книжевноста.

Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14363

„Вечна куќа : тажаленки“

Поаѓајќи од насловот на оваа стихозбирка, може да се насети кој и што домува во Вечна куќа – оној и она што ги зграбила смртта во вечноста. Главната тема е физичкото напуштање на светот, но асоцијацијата на тоа заминување е неповратноста, конечноста. Циклусите песни (Тоа таму, Секое нешто, Никој ништо…), што ја сочинуваат оваа стихозбирка, се чини како да сакаат да ја одземат силата на смртта неизговарајќи го нејзиното име. Низ наративни, а лирични слики, песните во Вечна куќа зборуваат за разделбата со покојниот, за верувањето дека може да се случи враќање од невратот, ако лелекот и оплакувањето се доволно истрајни до претерување. За осаменоста на оние што остануваат и за вечните прашања: кога и каде ќе се сретнат животот и смртта и дали ќе го сакавме животот, да не беше смртта?

Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14362

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.