14
Утредента Штефан ги впрегна коњите и замина долу в рамница. Од шталата излегува Хордубал, отечен и со крвави очи. „Чекај ме, Штефане“, вели кратко.
Цк-цк, крцка колата по селото, а Јурај не се загледува ни во луѓето ни во коњите. Штом излегоа од село, „Застани“, му заповедува, „слези од кола, сакам нешто да ти кажам.“
Штефан дрско, безобразно се загледува во подуеното лице на газдата. Што е, пак, сега?
„Слушај, Манија“, почнува Хордубал несигурно, „се слуша лош збор за Полана – и за тебе. Знам, луѓе се, зборуваат – ама мора да им се затнат муцките. Сфаќаш?“
Штефан крева раменици. „Не.“
„Оди си дома, Штефане. Заради – Полана. Да не зборуваат луѓено. Мора така, сфаќаш?“
Штефан дрско гледа во плашливите очи на газдата. „Сфаќам.“
Јурај одмавнува со раката. „Така, а сега оди.“
Манија стои со скрстени раце, изгледа спремен за тепање.
„Работата не чека, Штефане“, промрморува Хордубал.
„Како ќе речеш, така“, с’снува Штефан, се качува на колата, замавнува со камшикот и оп! ги спотнува коњите.
Коњите заринѕуваат, рипнуваат и тргнуваат со потплашен тропот; а колата лета и крцка, небаре ќе се раскости на илјада парчиња.
Хордубал стои на патот и ја голта прашината; па полека се свртува накај селото и со наведната глава си тргнува за дома. Ех, Јураје, вака одат само старите.
15
За една недела Хордубал стана кожа и коски. Како да не стане: не е мала работа, наутро да зачистиш, прасињата да ги нараниш, коњите да ги исчешлаш, кравите да ги испратиш на пасиште, детето на училиште; па со коњите долу во рамницата, на пченка берење; кон пладне се враќаш дома, да зготвиш ручек за детето, коњите да ги напоиш, на кокошките храна да им фрлиш; и пак назад во рамницата, да збркаш уште некоја работа, а предвечер брзо дома, да спремиш вечера, да ја прибереш стоката, па и фустанчето на Хафија да ѝ го закрпиш со грубите прсти; дете е, кога си игра и алиштата ќе ги искине. А не можеш да бидеш на десет места во исто време, не можеш сè сам да паметиш; како вреќа компири паѓаш секоја вечер на слама и сон не те фаќа од јанѕа, да не си заборавил нешто. Ах, заборави да го полееш мускатот на прозорецот со вода; со офкање Јурај станува да го полее.
А Полана – како нетука; се заклучила в одаја и тера инает. Што ќе правиш, размислува засрамен Хордубал; се лути домаќинката, дека не ја прашав, што велиш, Полано, да го избркаме измеќарот. Ех, женска глава, не сака да чуе: а ако ти кажам, Полано, што се зборува за вас во селово? А што има да ти кажувам; го избркав измеќарот, па лути се колку сакаш; со стап да работиш не те терам. Ех, ама друго се рацете Поланини; за една недела – куќава е готова да киниса; кога ќе видиш, колку работа останува на една жена – мажот ни половина не стигнува да сработи. Сама ќе види, ќе ѝ помине лутината и ќе се насмее: Јурај е како алипен во рацете, не знае ни да зачисти, ни да зготви – па не е тоа машка работа!
Еднаш – ја загледа; се врати по нешто, а таа застанала на врата. Ко сенка. Црни кругови околу очите, од челото ѝ грга пот. Хордубал се извинува, не, душо, исто ко да не сум те видел. Ја снема – пак како сенка. Во ноќта, кога Хордубал легнува на слама, слуша, тивко се подотвора вратата. Полана. Излегува во дворот и стои ли стои… А Јурај со рацете под глава, зјапа во темницата и се тресе.
Кравите, коњите, Хафија, кокошките, прасињата, нивите, цвеќињата – работа колку сакаш; ама најтешко е да си го зачуваш образот. Да не зборуваат луѓето дека кај Хордубаловци било вака или онака. Хордубал има и сестра, мажена, може и да му помогне, да му зготви, ама не фала, не треба. Комшивката му викнува преку плот – пушти ми ја, Хордубале, Хафија, ќе ја гледам преку ден. Фала ти, комшивко, многу ти фала, ама не треба; Полана се подразболи, легна да одмори, јас ќе ја одменам. И немој да си зборувала нешто друго на светот! Го среќавам Ѓерич, го загледувам, на устата поздрав ми спрема. Мавни се, не те познавам. А Хафија се плаши; ме гледа и не се помрднува – знам, ѝ недостига Штефан. Вистина, дете е, ама лошо збореа за нас луѓето, до нив е.
Кравите, коњите, пченката, прасињата – и кочината стигна за чистење и свињите за поење. Треба и олукот да им го исчистам, да им протекува изметот удолу. Хордубал се фаќа за работа, врие од жештина, ко само кочината да е на светов; чекај, Полано, ќе видиш, само да дочистам – кочина ко палата. Уште свежа вода – Хордубал тргнува на бунар со ведрото в раце.
Во дворот, на работ од колата седи Манија, ја нишка Хафија на колено и нешто ѝ раскажува. Јурај го остава ведрото наземи и со рацете в џеб оди право кај Штефан.
Манија со едната рака ја тргнува Хафија настрана, а со другата посега в џеб; седи, очите му се истанчени колку трепките, а од тупаницата нешто му светка накај стомакот на Јурај.
Хордубал се клешти – во Америка сум бил, машко, знам како се пука со револвер. Еве ти, го вади затворениот анџар од џеб и го фрла наземи. Манија ја пика раката в џеб и не го испушта газдата од пред очи.
Хордубал се потпира со раката на една скала и одозгора го гледа Манија. Што да му правам Господе, размислува, како да го набркам?
Хафија не сфаќа, што се случува, исплашено зјапа ту во Штефан ту во својот татко.
„Хафије“, промрморува Хордубал, „се радуваш што се врати Штефан?“
Девојчето ни збор, само гледа во Манија.
Хордубал несигурно се чешка по тилот. „Што си седнал“, почнува полека. „Оди да ги напоиш коњите.“
16
Оди право кај одајата и чука на врата: „Отвори, Полано!“
Вратата се отвора, зад неа стои Полана – како сенка.
Хордубал седи на ковчегот, рацете му се потпрени на колена и гледа вземи. „Манија се врати“, вели.
Полана ни збор, само се задишува.
„Зборуваат луѓево“, мрмори Јурај. „За тебе… и за измеќарот. Затоа го избркав.“ Хордубал злобно издишува. „И пак се врати, мајмун еден. Ова вака не оди, Полано.“
„Зошто?“ грубо викнува Полана. „Оти зборуваат?“
Хордубал сериозно кимнува. „Дека зборуваат, Полано. Не сме само ние во селово. Штефан – машко е, сам нека се брани; ама ти – маж сум ти, Полано – барем пред луѓено. Така одат тие работи.“
Полана се потпира на крилото од вратата, нозете ѝ се тресат, а молчи.
„Се гледа“, мрмори Хордубал, „се гледа, Хафија свикнала на Штефан – знае како со неа. Па, и коњите – си го сакаат Манија. Строг е со нив, ама и таков го засакаа.“ Јурај ги крева очите. „Што велиш, Полано – да го свршиме Штефан со Хафија?“
На Полана како грутка да ѝ застана. „Каде се видело – да ги свршиме?“ издишува преплашена.
„Вистина, Хафија е уште мала“, мудрува Хордубал. „Ама ако ја свршиме – не сме ја омажиле. На времето, Полано, децата уште во колепка ги свршувале.“
„Ама Штефан – Хафија петнаесет години е помала.“
Јурај кима со главата. „Исто како ти и јас, душо. Зошто да не. Не бива Манија уште да ни седи како туѓинец. Како свршеник на Хафија – друго е: во родот ни влегол, за жената мора и да одработи…“
На Полана полека ѝ олеснува. „Значи, ќе остане овде“, вели, напната како лак.
„Ќе остане. Зошто да не остане? Како кај свои ќе биде. Не е туѓинец. Зет ни е. А на луѓено, ќе им се затнат муцките. Ќе видат… дека неправо зборувале. За тебе ми е, Полано. Инаку – умее со Хафија – и во коњи се разбира. Вистина, не го бива за работа. – Ама кој вреден се збогатил?“
Полана брзо размислува, го брчка челото. „А мислиш, ќе сака Штефан?“
„Ќе сака, душо. Пари имам – еден ден ќе ги има тој. Што ќе ми се мене пари? На Штефан – сè му треба; ливади, коњи, рамница, до кај што ти гледаат очите – да видиш како ќе му светнат очите. Се бегало од топло на студено?“
Лицето на Полана е неодгатливо. „Како мислиш, Јураје, така. Ама, ти да му речеш.“
Јурај станува. „Ќе му речам. Не бери гајле и на адвокат ќе прашам, што и како. Без црно на бело, не може. Ќе средам сè…“
Хордубал се вртка, чека уште нешто да рече Полана. А Полана наеднаш се брза: „Да одам да спремам за вечера“.
Јурај се снове зад плевната, како и другпат.
17
Манија го носи газдата во Рибари, да се запознаат сватовите. Цк-цк. А коњите, ги кренале главите, милина да ги гледаш.
„Значи, Штефане“, Хордубал вели замислено, „имаш еден постар брат, еден помлад и сестра мажена. Мнозина сте. И кај вас е рамница?“
„Рамница е“, одговара со сласт Штефан, а забите му блескаат. „Кај нас се пасат најмногу биволи – и коњи. Биволите сакаат блато, газда.“
„Блато“, размислува Јурај. „А, зошто не го исушите? Сум видел во Америка, таму ги сушат.“
„Зошто да го сушиме?“ се смее Штефан. „Земја, газда, има колку ни душа сака. А во блатото и вејки растат; во зима од нив кошници плетеме. Од вејките и плот се прави. Колата – од кошетина; оградата, кокошарникот – од кошетина. Видете го плотон, сиот е од вејки.“
На Јурај не му се допаѓа рамницата, крајот не ѝ се гледа, ама што да прави. „А татко ти жив е, велиш.“
„Жив. Ќе се чуди, кога ќе види, со кого идам“, зборува Манија со момчешка гордост. „Еве ги Рибари.“ Капата настрана, врснува со камшикот и Јурај влегува во селото и во дворот на Манијовци како некој големец.
Од куќата излегува едно кусо, а набиено момче. „Еј, Дула“, викнува Штефан, „врзи ги коњиве под сенка и дај им да јадат и да пијат. Ваму, газда.“ Хордубал со едното око го разгледува дворот: плевната растурена, по дворот се шетаат свињи, овде-онде се топорат мисирки; на вратата заковале едно шило…
„Игла е, газда, за кошници плетење“, објаснува Штефан. „А плевната ќе ја правиме напролет.“
На прагот стои стариот Манија со долги мустачиња под носот.
„Ти го носам, татко, газдата од Крива“, изјавува Штефан и ко да се подува. „Сака да зборне со тебе.“
Стариот Манија влегува со гостинот в одаја и со недоверба чека што ќе биде. Хордубал седнува господски, на половина газ, да не се предаде уште од почеток, и заповеда: „Ајде, Штефане, зборувај.“
Штефан се озарува и кажува сè во два збора: дека газдава сака да му ја даде ќерка си Хафија кога ќе порасне, ама прво сака да прозбори со свекорот, да се договорат…
Хордубал кима со главата: така е.
Стариот Манија живнува. „Дула, донеси ракија! Добре ни дојде, Хордубале, како по пат?“
„Арно, арно.“
„Сполај богу. Како бербата?“
„Не е лоша.“
„Како сте дома, здрави, живи?“
„Здрави, живи, сполај ти.“
Се кажа сè, како што е ред, па стариот Манија продолжува: „Значи, имаш само една ќерка, Хордубале?“
„Толку, една ми се роди.“
Стариот се смешка, а очите му играат лево-десно. „Зошто така, Хордубале, може и син ќе си дочекаш. Нивата кога ќе се разора…“
Јурај само одмавна со раката, небаре се согласува.
„Може ќе ти се роди синче, наследник“, се клешти старецот, а со очите испитува. „А и ти не си за фрлање, Хордубале; има уште педесет години да газдуваш.“
Хордубал се чешка по тилот… „Колку дал Господ, толку. А Хафија не мора да чека за да наследи. Колку за мираз, фала богу, имам.“
На стариот Манија му светнуваат очите. „Како не, сум чул. Во Америка парите на улица лежат, нели?“
„Не е баш така“, одговара Хордубал сериозно. „Речи како сакаш, Манијо, ама сува пара е. Дома да ги чуваш – ќе ти ги украдат; в банка да ги пикнеш – пак ќе ти ги украдат. Подобро од земја – здравје.“
„Така си е“, се согласува стариот Манија.
„Гледам, овде“, Хордубал продолжува осилен. „Земјава мнозина не наранува. Само блато и пасишта. Еден газда мора хектари и хектари да работи, за да се прерани.“
„Вистина“, промрморува внимателно старецот. „Тешко е овде со земја и со делба. Најстариов, Михал, ќе ја преземе сермијата, а другиве двајца – што ќе остане.“
„Колку?“ викнува Јурај како од пушка.
Стариот Манија се загледува со изненадување. Што е, дојде раатот да ми го кршиш. „Три илјади“, промрморува и со омраза се загледува во Штефан…
Хордубал набрзина пресметува. „Трипати по три – значи сермијава ваша вреди девет, десет илјади?“
„Како, три по три?“ се лути стариот. „И на ќерка ми ѝ следува дел.“
„Добро“, признава Хордубал. „Тогаш, да речеме – тринаесет.“
„Не, не“, врти со главата стариот. „Хордубале, не си играј.“
„Не си играм“, си стои на своето Хордубал. „Манијо, кажи ми, колку може да вреди една ваква сермија во рамницата?“
Стариот Манија е збунет, Штефан превртува очи: да не сака богаташов Хордубал да ја купи целата сермија на Манијовци?
„Ваков имот не наоѓате за под дваесет илјади“, вели стариот несигурно.
„Со сè во него?“
Старецот се клешти. „Чешит човек си, Хордубале. Во дворов четири-пет коњи имаме.“
„А, без коњи?“
Стариот Манија е сериозен. „Што е, Хордубале – си дошол ќерка да мажиш или сермија да купуваш?“
Хордубал се вцрвенува. „Јас, сермија да купувам – што сермија ќе купам в рамница? Блато да купувам? Или трски за шупелки? Многу ти фала, Манијо, ама не. Ако бидува да се договориме, Штефан да го свршиме за Хафија, а вие сермијата да му ја препишете на Штефан. По свадбата – на Михал ќе му го исплатам делот, што му следува. И на Дула.“
„И на Марија?“ издишува Штефан.
„И на Марија – толку ви се деца? Штефан нека си газдува овде, во Рибари.“
„А Михал?“ стариот прашува збунето.
„Ќе си го добие делот и со Господ напред. Млад е – поарно пари да земе одошто земја.“
Стариот Манија цука со главата. „Не, не“, се мршти, „не бидува така.“
„Зошто да не бидува?“ викнува огорчено Штефан.
„Ај, тргни ми се од пред очи!“ му се врекнува старецот. „Не е ова твоја работа.“
Штефан го мери дворот и навредено си мрмори. Дула – се разбира – стои кај коњите.
„Што е, Дула?“ Штефан го тапка по рамото.
„Убаво коњче“, проценува момчето. „Може да го појавам?“
„Не си му дораснат“, процедува Штефан и со главата покажува накај одајата. „Стариов…“
„Што?“
„Ништо. Гледа само да ми ја расипе работата.“
„Каква работа?“
„Никаква. Што знаеш пак ти?!“
Тивко е во дворчето, само свињата си гровта сама за себе; од мочуриштето се слушаат прдавци и жабите се јавуваат…
„Ќе останеш во Крива, Штефан?“
„Не знам – уште не сум одлучил“, се подува Штефан.
„А, газдарицата?“
„Што ти е гајле за неа?“ се брани Штефан. Комарците и селските ластовици како целото село да го покриле. Штефан се проѕева, дури вилицата ќе му испадне. Што прават стариве уште – море, очи нека си извадат!
Од пакост и од немајкаде Штефан ја вади иглата за кошници од рамката на вратата и со сета сила пак ја забодува. „Извади ја, да те видам“, му вели на Дула.
Дула ја вади. „Да видиме, кој подлабоко.“ Ја забодуваат иглата сè подлабоко и подлабоко, дури деланки летаат од вратата.
„Ајде“, вели Дула, „отидов по женски. Со тебе ништо.“
Полека се замрачува, небото над рамницата се вцрвува од румената магла. Да им влезам?, помислува Штефан. Не им влегувам. – Треби се, ќе ми рече старион, не е твоја работа. Како нему да му ја нуди ќерката Хордубал, не мене. Олкав маж сум пораснал и уште – треби се! Што има ти да ми заповедаш, се лути Штефан, не сум ти веќе во фамилија!
Хордубал конечно излегува од одајата, подмачкан со ракија, значи се договориле стариве; стариот Манија го испраќа и го тапка по грбот. Штефан – стои кај коњите и ги држи за узди, како некој коњушар; ова не му избега ни на Хордубал, па пофално му кимна на Штефан.
„Значи, в недела на варош“, вели стариот Манија и цк-цк, колата тргнува. „Со среќа по патот!“
Штефан со очи го прашува газдата, не сака да изусти прв; може сам ќе почне…
„Онаму – ни е реката“, покажува со камшикот.
„А-ха.“
„А онаму, кај колана од вејки, оној што стои, Михал е. Кај нас место сено постиламе трски.“
„Арно, арно.“
И толку. Штефан ги води коњите колку што може помирно, а газдава – само ја ниша главата. На крајот, Штефан не издржува. „Колку, газда, колку му даде?“
Хордубал ги крена веѓите. „Што колку?“
„Колку му плати, газда?“
Хордубал ни збор. По некое време: „За секого по пет илјади“.
Штефан се совладува, па процедува низ заби. „Многу си дал, газда. По три илјади – доста им се.“
„Ех“, мрмори Хордубал. „Старион твој потврд е од дабова пењушка.“
Не ми го кажувај, си мисли Штефан; на други им дава, а мене – уште да ми надземе.
„И за тебе – пет илјади“, завршува Хордубал. „Да ти се најдат за сермијата.“
Добро е, си мисли Штефан. Само, сега тукуречи ме посини – што ќе правиме со платата? Не може уште да ме плаќа како измеќар. Може ждребецот ќе ми го даде? Продај си го, Штефане, нели зет си во нашава куќа.
„Убаво вози“, заповеда Хордубал.
„Како не, газда.“
18
Се враќаат од варош, бидна работата. Договорот го заверија на адвокат, кај Евреинот, двесте круни им зеде; и ова, честит адвокате, уште ова напишете го: – Вистина, селанецот не можеш со лесно да го прелажеш за имот; и уште да не заборавиме, на Хафија ќе ѝ се препише половина од сермијата во Рибари – добро, вели правникот, ќе ставиме уште една клау-зу-ла. Ете, сè си е црно на бело. Се потпишаа: Јурај Хордубал – три крста, во името на Отецот, Синот и Светиот Дух. Стариот Манија – три крста. А Михал Манија си ја настранува капата, ги подува важен образите и се потпишува со цело име. Марија, мажена Јануш, со свилена шамија на глава, и Штефан, облечен во празнично руво. – Уште некој за потпис? Не, Дула ги варди коњите, а и онака е малолетен. Значи, бидна работата, господа, нека ви е со среќа. Двесте круни; алал да му е за работата, и клау-зу-ла ни стави.
Ајде сите в меана, да наздравиме. Сакал-нејќел, Јурај се посвати со стариот Манија, па и се спречкаа, како прва рода. „Ајде, Штефане!“ Штефан сака со Хордубал ко со татко да проговори, ама бидува со него таков збор? Само седи на кола, со две раце се држи, ги намуртил веѓите и ништо не одговара. Да ти се плукнам во свршувачката, си мисли Штефан, со дедо ми кога не можам да прозборам. Цк-цк.
Тргнаа за Крива со тивок тропот, само потковиците се слушаат. Јурај Хордубал го позагледува од под веѓи, па си ги скрстува рацете зад глава, си ги крцнува прстите и си запејува, си скока и си свирка ко на панаѓур. Пијан е, се загледуваат во него луѓето, што се развеселил толку Хордубал Американецот? На сретсело врие момци и девојки и сите се тргаат настрана; Јурај се исправа, го прегрнува Штефан преку рамо и им вреска на луѓето удолу: „Зет си носам дома, луѓе! Ехеее!“
Штефан гледа да му се откине и с’снува: „Добро, газда!“
Хордубал му го приклештил рамото, чудно како Манија не се прекрши од болка.
„Почујте, луѓеее“, се провикнува Јурај, „зет си зедов за Хафија, годеж славиме…“
Трас на коњот! Штефан се мршти и си ги поткасува муцките до крв пуштање. „Потивко, газда, многу испивте!“
„Збодни ги коњите“, му заповеда суво. „Цело село да го свртиме.“
19
А Полана не знае, што да мисли за Јурај. Запнал Штефан да го однесе в меана, па не е веќе измеќар, нели рода сме. И место да се снове зад плевната, се шета по целото село, подзастанува и си муабети со жените: ја свршивме Хафија, вистина, уште е дете, ама многу си се приврза за Штефан, дури не беше дома татко ѝ; а Штефан, комшивке, Хафија како икона си ја гледа – ех, младост-лудост, милина да ги гледаш. И Штефан го фали до небесата, колку бил вреден и паметен, од него ќе бил газда и пол, дури сермијата во Рибари ќе ја наследел од татко му. В село уста не може да затвори, ама дома е друга приказна – како заклан вели отсечно, Штефане, ова треба, она и толку.
Јурај се шета по селото и бара уште кого не го застанал; и на Феделеш Гејза му мавна со раката, ама на Ѓерич му избега. Ѓерич тамам го засучи ракавот да се поздрави, Јурај му замина. Дури сум жив, не те познавам: со тебе немам муабет, гајле ми е што мислиш.
Жениве се смеат: чудна свршувачка. Свршеникот скиселен, зборот со ченгел да му го вадиш, жив ќе се изеде од јад. А свршеницата – си игра со децата крај поток, фустанчето го засукала над појас, уште да се срами не се научила. А Хордубал мавта со рацете низ село и си го фали идниот зет. Полана – чудна жена е, се мршти, оти гледа дека светот ѝ се смее и од дома не излегува. Речете што сакате, луѓе, ама олку арно не е на арно.
Хордубал не гледа дека Штефан се мршти? Може гледа, ама се прави дека не гледа. Само од зад грб ќе му заповеда што да работи и фаќа магла. А Штефан го гледа, како да сака главата да му ја одгризе.
Ама уште не се дава Манија, го чека газдата и стега заби, дури мевцето на образите си го поткасува. Еве го газдата во двор. „Штефане, оди долу.“ И тамам тргнува, Манија му застанува на пат. „Газда, имам муабет.“
„Што е сега?“ се брани Хордубал. „Бркај работа!“
Штефан е пеплосан од бес – види, а порано беше жолт. „Што зборуваш за мене и за Хафија?“
Хордубал ги крева веѓите. „Што да зборувам? Ќерката си ја свршив за измеќарот.“
Манија кипе од лутина. „А зошто – зошто. – Кај да појдам, ми се смеат. Кога крштавка, Штефане, ми велат, брзо, Штефане, гусак ти ја брка невестата…“
Хордубал се зачешува на тилот. „Остави ги, нека се смеат. Ќе им здодее.“
„Мене ми здодеа“, поцедува низ заби Манија. „Не сакам – со мене да си бијат шега.“
Хордубал тешко издишува. „И со мене не сакам да си бијат шега луѓето. Затоа и те свршив. Што е сега?“
„Не сакам“, чкрта Манија со забите. „Ми се смеат, невестата, велат, уште мрсулите не знае да си ги избрише!“
Хордубал уште ја држи раката зад тилот и го мерка од глава до петици. „Чекај, што рече? Не сакаш?“
Манија е бесен до расплакување. „Не сакам! Не се женам! Делете си што сакате, јас…“
„Не се жениш?“
„Не!“
Хордубал зафучува со носот. „Почекај овде!“
Манија се занишува, срам му е од селото; поарно да фати магла, пред…
Хордубал излегува од кочината и со сета сила раскинува некој документ; парче по парче го кине, му приоѓа на Манија и му ги фрла ливчињата в лице. „Готово, не си ми зет. Кажи му на стариот твој дека го искинав договорот.“ Пазувите во белата кошула летнуваат нагоре и покажуваат: „Ја гледаш вратана, треби се!“
Манија брзо оддишува, очите му се стеснуваат како ким. „Не си одам одовде, газда!“
„Ќе си одиш. И само гледај врати се – ене ми ја пушката!“
Штефан се заруменува. „И што ако не заминам?“
Хордубал му се топори, Манија отскокнува. „Пази!“ с’снува.
„Не си одиш?“
„Дури не рече газдарицата – не мрдам!“
Хордубал како да ѕвекнува со нешто и на часот – со колено го удира Манија во мевот, Манија се витка од болка, една шепа го фаќа за јаката, друга за панталоните, го креваат и го фрлаат преку плотот право во копривите.
„На ти“, оддишува Хордубал. „Кога нејќеш низ врата, преку плот.“ И со нишање се враќа дома, си го чешка тилот; некако жешко му е под тил…
Некаде од зад плотот на соседот се слуша клештење.
Извадок од книгата „Хордубал“ од Карел Чапек (5 дел)
Едиција: Класици
Издавач: „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Прочитајте го првиот дел (1,2,3.) од „Хордубал“
Прочитајте го вториот дел (4,5,6) од „Хордубал“
Прочитајте го третиот дел (7,8,9).
Прочитајте го 4 дел (10, 11, 12, 13)
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“, а може да се нарача и онлајн на следниот линк.
Пингување: Извадок од книгата „Хордубал“ од Карел Чапек (6 дел) | Literatura.mk
Пингување: Извадок од книгата „Хордубал“ од Карел Чапек (7 дел) | Literatura.mk