Томислав Османли: Книгата „Нajстари приказни“ на најмладите им раскажува митови од мугрите на западната цивилизација

 

Почнувајќи со падот на древниот континент Атлантида и војната помеѓу титаните и боговите, приказната за Прометеј, отворањето на Пандорината кутија, авантурите на силниот Херкул, Тројанската војна, враќањето на Одисеј и подвизите на Персеј, се дел од избраните повести што се содржат во новата книга „Нajстари приказни: Митови од мугрите на западната цивилизација “ од Томислав Османли. Книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“, содржи митови од архајскиот период на медитеранските култури, наративи дојдени до нас преку грчката култура и писменост или создадени во неа. Книгата ќе биде промовирана на 02 јуни (вторник), со почеток во 19 часот, онлајн, преку платформата „Зум“ (Zoom), а ќе може да се проследи на профилот на „Фејсбук“ на „Литература.мк“.

По тој повод разговаравме со раскажувачот Томислав Османли (1956), кој воедно е автор на 26 книги романи, раскази, теорија, есеи, драмски текстови и сценарија. Дипломирал право, а целиот живот се занимавал со уметничко творештво и со новинарство во културата. И денес смета дека културата и уметноста се највисоката реализација на идеалите на правото и на етиката. Античките митовите ги слушал како дете, им ги раскажувал на своите деца и сега ги прераскажува за следната генерација млади читатели. Ова е негова втора книга за деца, по „Новиот цар“, објавена во 2017 година, исто така во издание на „Арс Ламина“.

* Во својата нова книга раскажувате неколку од „најстарите приказни“ што оставиле и што сè уште оставаат печат врз нашата култура и историја. Кога и како се роди идејата да ја напишете книгата „Најстарите приказни“?

– Идејата да напишам книга со прераскажани митови е стара неколку години. Сакав да создадам еден вид потсетник за сложените текови на митолошките приказни наменети за моите внуци, на којшто и јас самиот, евентуално и нивните родители би се потпирале при раскажувањето на тој вид сказни. За мене беше битно во нивното базично образование, покрај другите приказни, видно место да заземат овие наративи, зашто се културни темелници не само на западниот туку и цивилизациски духовни споменици на сиот свет. На почетокот тоа беше само еден ракопис со сложените перипетии на митските личности и херои. Врз тие основи тој потсетник од наративна скица прерасна во синопсис, а тој, пак, со постојани уточнувања, прецизирања, накусо со разновидни фактографски збогатувања и секако со веќе созреаната одлука да биде обликуван во книга за млади – доби форма на авторски прераскажани приказни од древни времиња. Притоа, треба да споменам дека одамна имав забележано оти многубројни комерцијализирани варијанти се шират низ масовните медиуми и колку изменети и драстично изневерувани наративи, жанровски хибриди, се вртат по медиумите и притоа се именуваат со имињата на определени митолошки приказни. Едноставно, децата и младите луѓе непрекинато добиваат искривени приказни што едвај и да имаат врска со нивните митолошки поводи на кои се повикуваат. Тогаш си помислив дека е добро да направам книга во која ќе се обидам, колку што е можно поавтентично, да ги претставам автентичните наративи, точно да ги предочам нивните протагонисти и ликови, да ги споменам нивните автентични именувања, да ги дадам мотивските врски помеѓу настаните и точно да ги предочам перипетиите, а притоа тој авторски зафат да биде едноставен и разбирлив. Претставувањето на митските наративи бара голема одговорност од раскажувачите. Се обидов на својот избор од седум меѓу многубројните, сложени и меѓусебно тесно поврзаните митски наративи, токму на тој начин да им пристапам. Од тие намери и потходи е создадена книгата „Најстари приказни“ во издание на „Либи“, дел од книгоиздателството „Арс Ламина“.

* Книгата е посветена на најмладите читатели, за која возраст на читатели се адаптирани приказните?

– Пред сѐ, таа е упатена кон публиката од деца на непосредно претшколска возраст, но и на млади читатели кои, верувам, сосем лесно ќе ја совладуваат, но „Најстари приказни“ верувам дека може да биде четиво и на оние возрасни читатели кои се вљубеници во фантастичните наративи, особено на античката митологија и на сказните од класичната епика.

* Кој временски период е опфатен во приказните?

– Книгата почнува со теогониските и т.н. креационистички приказни за претходните богови, митолошките натприродни суштества од титанската генерација, и почнува со античката приказна за создавањето на првиот човек, потоа и на првата жена. Тоа се наративите за древната Атлантида, нејзиното создавање, погрешно и одродено владеење и уништувањето како казна за тоа, митот за Прометеј кој од миленик на боговите станува жестоко казнет поради неговото непоколебливо човекољубие. „Најстари приказни“ ги претставуваат ликовите на Херакле, авантурите на Јасон и Аргонаутите – два митолошки хероја кои од повисоки авторитети добиваат тешки задачи што мораат да ги исполнат, но и ликовите на Хомеровите епови „Илијада“ и „Одисеја“. Книгата завршува со древната приказна на Персеј, Андромеда и погубувањето на чудовишната горгона Медуза, отелотвореното зло и појавата на благородниот крилест коњ Пегаз. Притоа, читателите дискретно се соочуваат со наративните двозначности, со амбиваленцијата на дел од ликовите и појавите и со промената на суштината на некои од нив од добри во зли, напати и обратно. Притоа, се обидував на младиот читател да му дадам до знаење колкаво внимание во нашата цивилизација, од нејзините мугри, па сѐ до денес се полагало и, всушност, колку многу треба да се полага на етичките и над сѐ на човекољубивите вредности меѓу нив.

* Во книгата се застапени приказни за познати историски и митски имиња и случувања: Атлантида, Прометеј, Херкул, Тројанската војна, Одисеј, Персеј… Како ја направивте селекцијата на приказни и дали при раскажувањето давате нова наративна нишка?

– Особено внимавав токму да не дадам нови наративна нишки, туку да се држам до автентичните текови на приказните, дури и онаму каде што се јавуваат нивните верзии во античките извори. Тоа е тешко за книжевен автор, но таа определба е токму една од основните намери на оваа објава – држењето до автентичноста на митските приказни, така што читателите или слушателите на домашните, семејните или училишните прочити на „Најстари приказни“ да добијат точни приказни, текови, имиња и претстави за древните сказови. Што се однесува, пак, до нивниот избор, него го правев според два принципа: едниот е, секако, оној содржан во насловот на оваа објава, тоа да бидат дел од најстарите митолошки наративи од архаичниот свет; и вториот, тоа да бидат митови што личат на омилените бајки од подоцнежниот период, за да се види колку длабоки, па и далечни корени имаат сказните, прифаќани, менувани, збогатувани и така прераскажувани од славните европски бајкописци.

* Колку време работевте на книгата и кои беа главните предизвици со кои се соочувавте пишувајќи ја книгата, од каде црпете референции и податоци?

– Книгата за изворници ги има античките дела, епски, драмски и митолошки, но главна потпорка има во книгите на научните истражувачи кои митовите и нивните верзии онаму каде што такви постојат, точно ги систематизирале и ги претставиле, од Платон, преку Хомер и неговите „Илијада“ и „Одисеја“, и другите антички творци на епови, Хесиод и неговата „Теогонија“, класичните трагичари, сѐ до Роберт Грејвс и други автори. Во оваа мала книшка, во суштината, учествуваше голем дел од мојата лична библиотека. Инаку, на неа неконтинуирано работев повеќе години. Само на програмата од издавачката куќа „Арс Ламина“ таа си го чекаше својот ред за објавување повеќе од две години, па и за тоа време на очекување имав можност да се навраќам на ракописот, последен пат до пред самото публикување на книгата. Во неговото обликување имав прекрасна соработка со уредникот Ведран Диздаревиќ, поддршка од главната уредничка Бранка Бугариска и продуктивни ангажмани на Анета Василевска-Љубецкиј во лекторирање на текстот и на Дејан Василевски во јазичната коректура. Од срце им благодарам за поединечните и за заедничкиот придонес.

* Како Вие ги дефинирате митовите и како го објаснувате контекстот од кој потекнуваат?

– Онака како што напишав во поговорот кон „Најстари приказни“: …приказните,
нивните мотиви и карактери не ѝ припаѓаат исклучително на хеленската култура, а преку неа на европското, потем и на вкупното западно културно наследство – туку имаат извори и во другите култури, нарации и верувања од поширокиот круг на
Медитеранот. Една латинска поговорка укажува дека „Од Истокот доаѓа светлината!“ (Ex Oriente lux!) и таа максима ги искажува влијанијата на блискоисточните и на средноисточните, како и на северноафриканските култури врз цивилизациите што се развивале во поширокиот ареал на Медитеранот… Така, одредувањето од поднасловот на оваа книга: „Митови од мугрите на западната цивилизација“ го даваме, всушност, единствено поради тоа овие митови да ги разликуваме од уште по древните фантастични повести на Индија и на Далечниот Исток, кои, пак, покрај истородната првична мотивација како тие на предците од месопотамскиот и од медитеранскиот ареал, така и на луѓето од големите просторни и временски длабочини на Азија, носат сопствен митолошки идентитет и поинакви карактеристики. Сѐ е тоа наративен амбиент, поттик и материјал за митовите кои до нас доаѓаат преку скапоцените старогрчки изворници, но го носат скриеното паметење и на другите архаични цивилизации.

* Колку и да се стари, овие приказни секогаш ќе останат „современи“ заради возбудливите настани и силните етички пораки во нив. Кои се современите паралели на селектираните приказни? Која е главната порака и целта на книгата?

– Да се знае дека светот е еден и дека културите, носени од струите на човечките љубопитства, потреби, контакти и заедно со тоа на разнородни, материјални и духовни размени, се прелеваат едни во другите – слично на водите од, само географски определените, локални мориња на топлиот, духовно пребогат, бајковит Медитеран. 😊

* Книгата ја носи ознаката „Лесно читливо!“, што е препорака на Здружението за дислексија „Ајнштајн“ и на Филозофскиот факултет од Скопје. Дали овој едукативен момент остава простор за вклучување на книгата во образовниот процес?

Секако. Но, тоа е мое, сосем е можно субјективно уверување. Препораките што ги спомнувате, дадени од двете стручни асоцијации го дозацврстуваат тоа уверување. Би сакал да видам таков интерес и кај надлежните образовни авторитети. Верувам дека книгата има двоен, како едукативен, така и воспитен потенцијал и дека со овие референции може да биде вклучена во образовниот процес.

* Ова не е прва ваша книга за деца. Каков предизвик е творењето за најмладата публика и кои се вашите први читатели и критичари?

– Ова е моја втора книга за деца. Како и првата во која е објавена божиќната пиеса насловена „Новиот цар“ – првпат објавена пред две децении – и, одново, пред две години, ме радува што и оваа книга за деца и млади се појавува во издание на вашата издавачка куќа.

 

Разговараше: Ана Несторовска-Саздовска

„Нajстари приказни“ веќе е во продажба во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на следниот линк: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14128.

One thought on “Томислав Османли: Книгата „Нajстари приказни“ на најмладите им раскажува митови од мугрите на западната цивилизација

  1. Пингување: Доколку ја пропуштивте онлајн промоцијата на Томислав Османли... - Antoris

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.