Воскресија Андреевска: Беше голем предизвик да се илустрираат делата на мојот дедо и истовремено омилен писател, Петре М. Андреевски

Ексклузивни изданија на делата на Петре М. Андреевски, илустрирани од неговата внука Воскресија Андреевска, деновиве излегоа од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“ се десет книги со прозни и поетски дела на великанот на македонската книжевност, со цртежи што за оваа пригода специјално ги изработи неговата внука, која е школувана на Факултетот за ликовни уметности.
Деновиве во продажба се најдоа првите две изданија од едицијата: романот „Тунел“ и во едно издание расказите „Боемите“ и стихозбирката „Пофалби и поплаки“, а за две недели ќе следуваат незавршениот и последен роман на Андреевски, „Бежанци“, и збирките песни „Јазли“ (во едно издание) и „Лакримариј“. Во следниот период ќе бидат промовирани и книгите: „Последните селани“, „Скакулци“, „И на небо и на земја“, „Дални наковални“ и „Вечна куќа: тажаленки“. Во посебна едиција ќе биде објавена и книгата за деца „Шарам барам“.

Главната причина што го прави посебно ова повторно враќање на Петре М. Андреевски и што им удира печат на ексклузивноста на овие нови изданија е визуелното „читање“ на неговите творби од страна на неговата внука, Воскресија Андреевска. Нејзиниот образуван уметнички потег има двојна цел: емотивно и естетско возбудување на поетските и прозните атоми од кои е изградена поетиката на Петре М. Андреевски кај неговата најнова генерација почитувачи и следбеници, што ова реобјавување има намера да го поттикне. По тој повод разговаравме со Воскресија.

* Како настана овој проект и како се разви идејата да ги илустрирате делата од легендарниот писател Петре М. Андреевски, кој воедно е и Ваш дедо?
‒ Проектот или идејата да се преиздадат делата на Петре М. Андреевски беше покрената од издавачката куќа „Арс Ламина“. Идејата токму јас да бидам учесник во овој проект дојде спонтано, при разговор со уредничката Бисера Бендевска и мојот татко Сергеј Андреевски, а јас со задоволство и без двоумење се согласив.

* Од какво значење е за вас овој ангажман? Какво беше ова искуството за вас, професионално и лично?
‒ Лично и професионално ми претставува огромно задоволство што имав можност да работам на ваков ангажман, конкретно поради тоа што се работи за книгите на Петре М. Андреевски, кои за мене се од огромно значење, бидејќи, освен што станува збор за мојот дедо, станува збор и за мојот омилен македонски писател. Дадов сѐ од себе да ги прикажам импресиите што ги имаат оставено неговите култни дела врз мене и можам само да се надевам дека и јас, преку овие нови изданија, го споив својот печат со неговиот.

* Дали станува збор за илустрации што ги направивте наменски за овој проект или, пак, тоа се цртежи што ги имате создадено низ годините, инспирирани од книгите и ликовите во делата на Андреевски?
‒ Сите илустрации беа наменски работени за овој проект и, нормално, тие беа инспирирани од неговото творештво. За мене беше важно преку моите цртежите да го отсликам и да го оживеам тој посебно богат свет на Петре, за повеќе да го доближам до читателите.

* Покрај кориците, ваши илустрации има и низ страниците на прозните дела. Колку беше едноставно или, пак, тешко да се раскаже приказната и визуелно да се „оживеат“ ликовите кои Вашиот дедо ги овековечил во своите култни дела?
‒ Во визуелниот јазик не постои тешкотија или леснотија при творењето, меѓутоа постои во помислата на тоа дали ќе ја претставиш приказната на авторот онака како што и самиот тој ја опишува со неговите зборови. Интересно беше што, додека траеше процесот на создавање на повеќето од илустрациите за прозните дела, јас бев во родното село на Петре, селото Слоештица, што е главниот, неисцрпен извор на инспирација за неговите дела. Секој лик во неговите книги е приказна сама по себе што влече корења од тие краишта и за мене тоа го направи креативниот процес позабавен и поинспиративен. Освен што се дружев со неговите ликови од книгите, јас и живеев во тој свет.

* Како течеше соработката со тимот на „Арс Ламина“ и колку сте задоволна од финалниот производ?
‒ Би сакала да ѝ се заблагодарам на уредничката Бисера Бендевска од тимот на „Арс Ламина“ со која ги водев сите преписки и состаноци околу илустрациите на новите изданија. Среќна сум што го разбираше и го вреднуваше она што го работев и се погрижи сѐ да биде како што треба, од почетокот до финалниот производ. Задоволна сум од ретката професионалност на „Арс Ламина“ како издавачка куќа и на овој ангажман. Сѐ уште ги немам опипано печатените дела и едвај чекам да им се израдувам.

Разговараше: Ана Несторовска-Саздовска

* Книгите се достапни во сите продажни места на „Слободен печат“, а можат да се набават и во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на следниот линк.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.