Нашиот познат клавијатурист, композитор и продуценти Давор Јордановски, кој веќе две децении живее и работи во Торонто, Канада, е гостин во ова издание на емисијата „Астрорум“. Јордановски е роден во Скопје, каде што завршува основно и средно музичко образование во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“, а потоа дипломира на УКИМ на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Потоа работи како клавијатурист во Биг бендот на Македонската радио и телевизија и веднаш се наметнува како еден од најплодните млади композитори и аранжери во земјата, во областа на популарната музика. Покрај многубројните награди на домашните фестивали, Давор ја имаше честа да ја претставува својата земја на Евровизискиот натпревар како автор на аранжманот на песната „100% те љубам“ со која групата XXL нѐ претставуваше во 2000 година во Стокхолм, Шведска.
Истата година, Јордановски се пресели во Торонто, Канада, каде што дипломира на Институтот ТРЕБАС и во Торонто го формира своето тонско студио „Биг бенд рекорд студио“ (Big Bang Record Studio), како и својата издавачка куќа наречена „Давориус продакшнс“ (Davorious Productions). Исто така, тој е коосновач на издавачката куќа „Ем-ди скоринг“ (MDScoring), заедно со неговиот колега, легендарниот музичар и член на „Леб и сол“, Мики Петковски.
Јордановски, во Канада, веќе дваесет години гради многу успешна кариера како изведувач, композитор и продуцент, во свои проекти и во проекти со други истакнати музичари. Зад себе има повеќе авторски албуми, а полето на дејствување му е особено широко, од поп- и џез-музика, преку филмска и класична, па сè до амбиентална, аренби и современа музика.
Неговата работа како композитор, аранжер и продуцент вклучува и компании како што се: „Сони“/Би-ем-џи (Sony/BMG), „Вестар мјузик“ (Westar Music), „Ем-ди скоринг“, а неговата музика може да се слушне на голем број радио и ТВ-емисии.