Смртта на кралот
Ова е приказна за земјата наречена Каторен. Таа почна една ноќ, пред седумнаесет години. За две лица таа ноќ беше исклучително важна. Тоа беа кралот на Каторен и Стач. За кралот тоа беше последна ноќ. Тогаш тој почина. Имаше осумдесет години и беше уморен од владеење. Беше многу пријатен и среќен човек. Среќата зрачеше од него, дарувајќи го со остварување желби, па дури и ноќта кога си посака желба, додека лежеше на својата смртна постела. „Кога ќе умирам“, напати велеше, „мора да има силно невреме со немилосрден град, молњи да го распарчуваат небото, а бурни налети од ветер да ги кршат гранките на дрвјата. Јас не можам да умрам во топла пролетна ноќ исполнета со цветни мириси и нежно шумолење. На таква ноќ посакувам да прошетам покрај езерцата во паркот, да ги набљудувам лебедите или да запалам огномет.“
Во моментот кога кралот за последен пат ги затвори своите очи, животот во Вис, главниот град на Каторен, продолжи понатаму, минувајќи низ најстрашната бура на векот. Душата на кралот го напушти старото, ослабено тело и беше одвеана од ветриштата кон места на кои никој жив не стапнал. За Стач, тоа беше посебна вечер, тоа беше ноќта на неговото раѓање. Неговата мајка ги стисна забите кога еден силен гром ја растресе нивната трошна куќа и кога Стач го испушти својот прв триумфален крик. Неговите очи беа широко отворени, кога бабицата ги изговори следниве зборови: „Момче со сини очи“.
Среќа што на почетокот од својот живот, малиот Стач знаеше само за јадење и пиење. Затоа што, во тој период тие беа погодени од ужасни катастрофи. Сето тоа почна со неговиот татко, ѕидар. Тој со месеци работеше на реставрација на „Св. Алоиз“, катедралата во Вис. Утрото, по раѓањето на Стач, пристигна гласник од кралската палата. Тој ги извести дека починал кралот и дека човекот што минатата ноќ го кренал знамето на јарболот на врвот од катедралата, бил наврнат и се разболел од грип. Или, можеби, таткото на Стач сакал да биде љубезен и да го спушти знамето на половина копје. Сепак, морал да се качи горе. Се разбира, ѕидарот не бил добро одморен таа ноќ. Под импресија од раѓањето на својот син, тој погрешно стапнал, се затетеравил и паднал наназад од највисоката кула.
Веста за неговата смрт пристигна до мајката на Стач, додека таа сè уште лежеше во постелата во која го роди својот син. Кутрата жена беше толку многу потресена, што не успеа да ја преживее породилната треска и во рок од неколку денови, Стач стана сираче. Да му се навратиме на кралот, кој немаше ни ќерка ни син. Оставајќи проблем во наследување на тронот, како и вообичаено под такви околности, имаше многу интриги и расправии што резултираа со шест министри на власт. Министрите ветија дека ќе најдат модел и начин според кој ќе може да се назначи следниот крал. Каторен заслужуваше добар крал, најдобар, па затоа беа потребни гаранции… и така натаму, и така натаму. Се разбира, ништо не се случи во врска со тоа. Тие шест министри набргу се залепија за своите фотелји, како уши за глава и владееја со земјата. Од таа причина, Каторен продолжи да тагува по својот починат крал. Педесет години тој владееше со земјата и беше многу популарен. Беше едноставен човек што не веруваше во држење говори со купишта хартии, туку се движеше меѓу луѓето и правеше фасцинантни огномети. Толку многу го сакаше огнометот, што го внесе дури и во законот како задолжителна активност, најмалку трипати во годината: на денот на неговиот роденден, за време на новогодишната ноќ и уште еднаш, кога тој ќе посака. Потем, следното утро, преку радио ги информираше дека тој ден е денот на Алтернативниот крал и сите се ослободени од задолжителните обврски. Предноста во тоа беше што секогаш на денот на Алтернативниот крал светеше сонце и никогаш тој ден не можеше да се нарече ден на вознесение.
Но, сето тоа сега веќе заврши. Бебето Стач не знаеше што е тоа наследување престол, породилна треска или министерство. Тоа беше убаво и здраво бебе, можеби со само мала доза на тврдоглавост. Имаше прав ʼрбет и ја затвораше устата на начин со кој јасно покажуваше дека нема да го јаде сирењето надробено врз парчето леб. Во меѓувреме, не можеше да живее од ветер. Кога ќе огладнеше, пискаше толку силно, што дури и мислите му ги попречуваше на својот чичко Гервас. Тој беше постар брат на таткото на Стач. Имаше многу работи за кои требаше да размислува, бидејќи веќе триесет и три години работеше како кралски лакеј. Ги чистеше сребрените токи на кралските чевли, го четкаше кралското палто, го известуваше кочијашот кога да ја подготви кралската кочија и многу други нешта. А сега, за неколку денови го изгуби својот крал, својот брат и својата снаа. Можеби и тој ќе донесеше одлука да го заврши својот живот доколку Стач не ја потенцираше неговата должност, со својот плач. Гервас воздивна, појде до градот по млеко, шише и цуцла, со надеж дека момчето ќе почне да пие. Откако заврши со сите погреби, одлучи да го земе детето со себе во својата куќа зад палатата. Така Стач израсна со својот чичко. Старецот го задржа своето работно место. Министрите ја користеа палатата за средби, па сега тој го четкаше палтото на министерот Прочистен, и му ја отвораше вратата на заменик-министерот Нетрпелив. Гервас беше услужлив човек. Сиот свој живот подаваше нечии шапки, со два збора ќе се разбереше и кога не беше потребен, незабележливо ќе исчезнеше. Беше згрозен од односот кон него, но не можеше ништо да стори во врска со тоа. Кога сфати дека треба сам да го израсне момчето, донесе одлука: Стач никогаш нема да биде покорен човек, туку храбар, дури и дрзок. Токму затоа, Гервас го укоруваше својот внук само кога тој беше срамежлив, а го казнуваше само кога тој не се осмелуваше да каже нешто, додека сè друго му беше дозволено.
Изминаа години, а министрите сè уште немаа назначено нов крал. Никој веќе во Каторен не веруваше дека тоа некогаш ќе се случи. Па, така, една ноќ, Гервас сонуваше прекрасен сон. Се сонуваше себеси како седи на фотелјата до престолот. Беше многу стар и лесно се навали назад на потпорката. Имаше еден слуга кој го послужи со наргиле и имаше убави девојки што го ладеа со големи ладала. Покрај себе, ги виде и колената на кралот. Но, дали тоа беа колената на стариот крал или на новиот? Мораше да му го види лицето. Со сета сила што ја имаше во својот стар врат, ја крена главата. Неговиот поглед се лизна нагоре по телото на кралот и тој погледна во Стач. Гервас долго време размислуваше за својот сон. Момчето беше родено во ноќта кога почина кралот. Тоа изгледаше храбро, одлучно и искрено. Оттогаш, Гервас сè повеќе и повеќе беше убеден дека Стач треба да биде следниот крал на Каторен.
Извадок од книгата „Кралот на Каторен“ од Јан Терлоу
Едиција: Бестселери за деца
Издавач: „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“, а може да се нарача и онлајн на следниот линк.