Извадок од книгата „Хордубал“ од Карел Чапек (4 дел)

10

„Кажи им, Хафије, ќе се вратам дури вечер.“
Толку треба, парче леб со сланина и бргу в планина. Хордубал се чувствува слободен, па дури и се радува како дете, што ѝ избегало на мајка си. Стои над селото, небаре којзнае колку се сменило. Што е? Не беа овде нивите Хордубалови? Е, беа – полни биле камења, а еве од нив Пјосо и ’рж си обрал и компири и друго; види како се споиле Пјосовото поле со Хордубаловото! А од повисокото, кај скребана – оттаму се гледа целиот синор. Тука се гледа божјата мудрост: селово се вика Крива и навистина е крива, накривена кон небото, како кога лежи крава. Стреа до стреа, сите се исти, како стадо овци; а белине двори се Поланини. Ко првпат да ги гледам, си мисли Јурај; покривот црвен, нов – ќе си речеш, кој големец живее онде? Може некој од рамнината, такви се таму, немаат дрва, па мораат од тула…
Рамнината. Одовде и таа се гледа. Сина, рамна – како море, вистинска пустина. Затоа се таму брзи луѓето: тажен им се гледа патот, само одиш – одиш, а ко во исто место да цапаш. Во рамнината не оди човек онака, да прошета – а ваму, вистина, одиш и само носот си го гледаш, ама имаш зошто да одиш: за да го прекршиш патон, да појдеш над маглината, над смреките, да дојдеш до пасиштата, а на патот до нив, да минеш низ шума; на пладнето гледа една шума, сама бука, светли, сиви стебла, како од магла направени; а овде-онде, како жарчиња, растат качунки. А пак овде, сина смрчка се истопорила над сувото лисје, види ја колку е силна и бела; туку, ќе те оставам да си поживееш, смрчко, смрчино, нема да ти го скинам ни ѕвончето ни стебленцето, ќе си скинам само една китка јагоди за Хафија, од крајот на шумата, оти таму се најслатки. Хордубал застанува и го запира здивот: срни; на другион крај стои една срна, руса и светла ко ланското лисје, стои во папратите и бистри: што си ти, човек или пењушка? Деланка сум, пењушка, црна гранка сум, само не бегај; зарем и ти се плашиш од мене, диво ѕвере? Немој, не плаши се; си скинува лист, ме гледа и си зоба со устата како коза. Мее, мее, викнува, удира со копитцата и ја дувнува. А Јурај е како пресреќен, лесен му е патот нагоре, оди и на ништо не мисли. Само оди, оди и убаво му е. Видов една срна, ќе ѝ рече вечер на Хафија – да, а каде? Еее, горе во шумана – во рамницата, Хафије, нема срни.
Ете сум, стигнав – а којзнае каде: распадната колипка, околу неа растурени трупци, трупчишта, цела штала од еден да направиш, обраснати во модар домат, вранско око, дива лилија, чемерика, папрат, здравец, значи чудно место, маѓепсано – шумата овде се крева кон полноќта: црна е шумата, срасната во мов, земјата е влажна, црна и страшна; а печурките белушкави, проѕирни како пача, зајачка детелина и темница и секогаш е таква темницата; ни верверица се слуша, ни глувче, таква е црнава шума, децата ѝ се плашат, а и возрасен маж би се намовнал. А веќе ѝ се гледа крајот, по колена се лизгаш низ боровинките и си ги поткреваш гранките и сиот повит, што виси на нив, капините ти ги драскаат нозете, не те пушта шумата на пасиште со лесно, низ густежот мораш ко диво прасе да се пробиваш; и оп! ко сама да те плукна шумата, веќе стоиш на пасиште, фала богу, тука си.
Ширно е пасиштево: овде-онде ишарено со смреки, едри и моќни како црква, капа да им симнеш и да ги поздравиш; а тревата мека, лизгава, кусичка, газиш по неа како по килимче; долга и ќелава е ледината меѓу шумиве, се оптегнала открај-вкрај, над неа само небо, а по страните шума: кога ќе ги наполниш градите со воздух и ќе легнеш, дури на Господ в куќи му гледаш – ах, што е слатко овде дишењето! И одеднаш Јурај Хордубал е малечок како мравка, се растрчал по ширната ледина, кај си тргнала, мравко? Горе, кон темено, кај што пасат црвенине мравки, ги гледаш? таму сум тргнала. Ширно е пасиштево.
Ширна е, Боже: што е она, стадо волови? Црвенине точки? Знае како Господ: гледа долу и си вели, црнана точка е Хордубал, а светлана точка е Полана; чекај да видам, дали ќе се спојат? или морам јас со прст да ги спојам? Од страната наваму се залетало нешто црно; трча, се тркала по странката, што си ти? а, црно куче си, што си ја озабило, бре, муцката, на арамија ти личам? Дојди да те погалам, јуначе, одам горе, кај ќајата. Се слуша ѕвонењето на стадото. „Оп“, викнува пастирот, воловите го загледуваат Јурај со големите, мирни очи, замавтуваат со опашките и му се враќаат на пасењето; ќајата стои ко здрвен, ко смрека стои и го мерка дојденецот.
„Еј“, викнува Јурај, „ти си, бре Мишо? Добро те најдов!“
Миша ни збор, само зјапа.
„Не ме позна? Хордубал сум.“
„А, Хордубал“, повторува Миша ко ништо; што има тука чудно?
„Се вратив од Америка.“
„Како?“
„Од Америка.“
„А, од Америка.“
„Мишо, чии се воловиве?“
„Како?“
„Чии се воловиве?“
„А, чии. Од Крива.“
„Аха, од Крива. Убави. Ти, Мишо, здрав си, жив си? Дојдов да те видам.“
„Како?“
„Да те видам, де.“
Миша ни збор, само клепа со очите; одвикнал од зборот на висовиве. Хордубал легнува на треба потпрен на лактите и си зема стебленце трева в заби; друг свет е овде – многу зборување не мора, а и не треба. Мишо е овде од април до септември и со недели жив човек нема да види…
„Мишо, си бил некогаш долу, во рамницана?“
„Како?“
„Си бил во рамницана, Мишо?“
„А, во рамницана. Не.“
„А горе, на Дурнум, си бил?“
„Сум бил.“
„А онаму, зад висон, си бил?“
„Не сум бил.“
„Гледаш, а јас – до Америка појдов; и што дека појдов? ни жена ми не ја разбирам…“
„Таму – други се пасиштата“, вели Миша.
„Кажи ми“, прашува Јурај, како кога бил детиште. „Што била куќаркана долу в шума?“
„Како?“
„Куќаркана, в шума.“
„А, куќарката“. Миша замислено кашла од лулето. „Кој ќе ја знае. Велат, на времето ајдуците си правеле кула. Па, и луѓево, од кај знаат.“
„А, вистина има духови?“
„А, не знам“, вели Миша несигурно.
Хордубал се превртува на грб. Овде сè ми е полно-рамно, си мисли; а долу – место не те фаќа. Само се сноват луѓено по дворови, еден со друг си пречат, уште очите што не си ги извадиле како петли на буниште; устата те боли, од што ја затвораш, за да не извикаш…
„Мишо, имаш жена?“
„Како?“
„Дали имаш жена?“
„Немам.“
Во рамницата друго е небото; празно е, а овде – полно како крави на пасиште; си лежиш на грб и си пасеш. Како сè да лебди и ти како да лебдиш сам со себе, како да си отпливал некаде, толку си лесен, дури со облаците се воздигаш. Каде одат облаците, од каде ќе дојде вечерта? Небаре се распрснаа, зарем толку лесно можат да се загубат?
Хордубал пак се потпира на лактите. „Сакав да те прашам, Мишо – да не се разбираш во љубовни билки?“
„Како?“
„Љубичица, билки за љубов. За сакање, да те засака жена.“
„А“, мрмори Миша, „не сакам.“
„Ти не, ама друг сака.“
„Што ќе му се, се лути Миша. Не ги бива.“
„Ама, знаеш такви билки?“
„Не знам, плукнува Миша. Не сум Циганка.“
„А да лечиш, Мишо, знаеш, а?“
Миша ни збор, само клепа со очите. „А од кај знаеш од што ќе умреш“, одеднаш проговорува.
Хордубал рипнува со растреперено срце. „Велиш, стрико Мишо, дека за – бргу?“
Миша замислено клепа. „Ех, само Господ знае. Колку живее човек, долго или кратко?“
„Ти, Мишо, колку си стар?“
„Како?“
„Колку си стар.“
„А, не знам. Што ќе ми е да знам?“
Вистина, што ќе ти е, оддишува Јурај, што ќе му е на човек да знае – ќе видиме што ќе рече Полана. Долу човек само се мачи; а овде – мисли колку сакаш, душичко – да беше среќна, немаше толку да мислиш. Чудно како одовде сè е толку далеку, далеку, дури копнеж те фаќа. Сам да можеш – од вакви висови да можеш да се гледаш, како се сновеш по дворот, како се лутиш и се нервираш и да ти текне дека си една помочана мравка што не знае кај тера.
Голем мир му надоаѓа на Јурај, голем, дури го наболува. Видете го, маж четворен, а се задишал под тешкото бреме. Дојдов и сега не ми се станува да слезам во долината, не дека не можам, туку не сакам. Сакам само тивко да си лежам, дури не ми се сталожи и не ми се смири душава; со денови, со недели вака да си лежам, дури сами не си се наредат работите; па нека се точка небото, нека ја допре волот главата на човечкиот образ и нека шмркне, нека провери мрмотот, камен сум или не? камен е, качујте се бргу на него, да си играте и да се воцарувате. Хордубал лежи на грб со рацете распнати: сега нема ни Хордубал ни Полана – само небото и земјата, ветерот и ѕвонењето на стадата. Облаците се распрснуваат и од нив ништо не останува, ни како кога дувнеш во стакло. Си мислиш, да не нешто те бараат воловите, а далечно им е ѕвонењето. Што ќе ти е да знаеш? Гледај. И Господ гледа. Со големо око, спокојно како погледот на говедата. А ветерот, небаре сам тече и бучи; од каде се собра толку ветер? Што ќе ти е да знаеш?
Се стемнува, а Јурај се враќа долу; го минува пасиштето и завлегува во шумата, чекорот му е долг и лесен; бремето на мирот во него веќе се сталожило, па не мора за ништо да се напрега. Добро, Полано, не ти стојам веќе пред очи, ако не сакаш, мал е дворот за двајца. Ако се најде работа на друго место, арно, ако не, ќе си седнам овде погоре и ќе чекам да се стемни. Зошто да не – човекот долго ли живее или не? Зошто да си пречиме; ко две мравки сме, а место има доволно, дури не знаеш од каде се нашло олку место; а јас – можам да гледам и оддалеку. Ни дал Господ висови колку сакаш, за да си ја гледаме домата од нив. На Создателот можеш под гуша да му се качиш и оттаму сам себеси да се гледаш. Како облаците што се креваат – и се распрснуваат како здив.
Веќе се слуша ѕвонењето на стадата, а Хордубал уште седи на меѓата од тимијанот со китка диви јагоди в рака и си ја гледа црвената стреа во долината. И дворот се гледа како на дланка; да ја земе некој ден Хафија и да ѝ покаже – види, Хафије, како играчка изгледа. Во дворот излегува една светла фигуричка и стои ли стои. Види, а од коњушницата излегува една темна фигуричка, оди кај светлата и застанува. Стојат ко здрвени – како играчки. Мравки да беа, ќе се спречкаа и ќе продолжеа, а луѓево – чудни се: застанале еден спроти друг и ништо. Што ќе ти е да знаеш, си мисли Хордубал; ама чудно е, што толку долго стојат ко заковани; дури страв да те фати – што од место не се мрднуваат. А мирот, Јураје, што си го понесе долу од пасиштана? Копнежот, што те ништи? Се претовари горе, многу копнеж зеде со себе; самиот си ги распна рацете, а сега крст носиш на нив. А двана долу стојат ли стојат – дај им, Господе, нека се помрднат! И светлата фигуричка се оттргнува и заминува; а темната стои, не се помрднува, Господе, уште е таму.
Хордубал се враќа со китката јагоди – друго ништо не понел со себе, а и неа ќе ја заборави во дворот. Четворица на вечерната софра; само што не почнал, Хафије, видов срна, и устата му се суши, му нараснува зборот в грло како тесто, Полана не јаде, бледа, небаре од бели коски исклепана, Штефан се мурти над чинијата, ја стега муцката, го тутка лепчето в раце и наеднаш го остава ножот и излегува, небаре се задушува.
„Што му е на чичко Штефан?“ издишува Хафија.
А Хордубал го фаќа патот за кај кравите, лиската ја врти главата накај него и писнува како пранги, што е, газда, што си се задишал толку? Ех, лиско, што ќе ми е да знам, што ќе ми е – ама, ова и од пранги е потешко. Онаму горе, како клопотарци можеме да ѕвониме – место има и Господ цел да го собере; а меѓу луѓето е тесно, се собрале, лиско, двајца до тројца и никаде не ги собира! не слушаш како им ѕвечкаат прангите?

11

Се опи вечерта Манија, ко пес се опи; не во Крива, туку дури во Толчемеш, кај Евреинот, се степал со слугите, може и ножот заиграл, кој ќе го знае; се врати дури утрината, подуен и искршен и сега лежи в коњушница. Коњите треба да се напојат, си мисли Јурај, ама таму не ти се мешам. Велиш, на коњи не се зборува, па нека ти биде; сам да си ги раниш. А Полана – ко сениште, поарно да не ја гледаш. Секој со своето, крева раменици Хордубал; што ќе правиш?
А жешко и суво како пред луња, касаат мувите, денот да ти се одмили! Јурај се шета по овоштарникот зад плевната; а што таму – што има? Сè загинало во коприви, и дрвата и грмушките, ко во циганска бавча. – Како сенка е Полана: чмае в одаја и ни збор – Господ нека ти е на помош; само, овде никому не му е лесно. Хордубал грижливо си го брише влажниот тил. Се гледа, ќе биде луња, нека го прибере Штефан сеното…
Хордубал го прескокнува плотот и го заобиколува селото, за да си го погледа небото. Зад село – како кога ја гледаш масата одоздола, само груби талпи и греди; овде никој не те гледа, како да играш мижитатара со светот; открај-вкрај само плот и магарешко трње, овде-онде зелка изгризена од живинки и на средина едно буниште, буника, татулче и Цигани, циганско лумпување зад селото – Јурај запира и се мисли: кај дојдов, кај се најдов! Полана сама ја оставив, Штефан е полумртов во коњушницата… На Хордубал му се стегна срцето. Да ѝ се мочам на Циганката! а, седнала баш до него, дебела, гнасна и си го пошти Циганчето.
„Што треба, газда?“ крикнува Циганката.
„Ех, Циганко“, трепери Јурај, „можеш да ми направиш љубовен чај?“
„Како не сум можела“, се клешти Циганката, „а колку ќе дадеш?“
„Долар давам, американски“, викнува Хордубал, „два долари…“
„Циција“, крикнува Циганката, „за два долари, богати, пес не можеш да завртиш, богами, ни крава нема да те засака…“
„Десет“, шепнува гневно Хордубал, „десет долари, Циганко!“
Циганката веднаш се смирува. „Дај да видам“, вели и си ја завратува валканата шепа.
Јурај набрзина џбара по парите, а прстите му се тресат. „Ама, сакам добра маѓија, Циганко, не за една вечер, не за еден месец, не за година. – Срцето сакам да ѝ омекне, јазикот да ѝ се одврзе, со мерак да ме гледа…“
„Илко“, свикува Циганката, „разгори го огнот!“ Бара нешто во торбата, а рацете ѝ се набрчкани како сува слива. Црна срамота! Небото се лути, ќе има луња. Побрзо Циганко, побрзо. – Ах, Полано, види до каде ме дотера!
Циганката цело време си меле и фрла грстови од торбата во котелот; гадна миризба, Циганкава нешто меле, ја тресе главата и си вража – Јурај го обзема грозотија, да може вземи да пропадне! Само за тебе, Полано – и грев на душа пишувам!
Јурај брза дома, ја носи маѓијата, само побрзо, дури не фатила луњата. Се клацкаат кравите претоварени со род, дечињата скокум си одат дома, прашина се крева. Задишан Хордубал го отвора портето и мора да се потпре, срцето ќе му излета, само за тебе, Полано. А од коњушницата одеднаш излетува тригодишниот коњ, скока и ита со тропот накај портите.
„Ој – ој – ој!“ викнува Јурај и мавта со рацете накај него. Излегува и Полана.
Коњот застанал на задните нозе, се врти, целиот двор го зграпчил, градите ги крева нагоре и задницата, а со копитата рие вземи.
И од никаде се појавува Хафија, го претрчува дворот накај мајка си, пишти од страв и паѓа. Полана викнува, викнува и Хордубал. Ах, нозе дрвени! да можев да летнам. – А од коњушницата излетува Манија, му се веат белите ракави, го опчекорува коњот и му се обесува на гривата, му фучи како дива мачка на вратот. Коњот скока, ја зафрла главата, ја отфрла задницата; и бум, Манија паѓа на земи, ама гривата не ја пушта, клечи и го смирува коњот. На Хордубал дури сега му се пуштаат нозете, трча накај Хафија. Коњот го влече Манија по дворот, а овој му се припил со нозете и го тегне ли тегне за гривата. Хордубал го припива детето на гради, сака да го тргне настрана, но заборава – ваква глетка нема секој ден: маж и ѕвер. Полана ги скрстила рацете на срце – тогаш Манија гласно се насмевнува, крикнува како коњ и тркум-скокум го одвлечкува испотениот ѕвер во коњушницата.
„На ти го детево, земи го“, ѝ вели Хордубал, а Полана не слуша. „Полано, ме слушаш, Полано!“
Јурај за првпат ѝ ја става раката на рамо. „Хафија, Полано!“ Ги отвора очите – ах, кога ти беа полни очите за мене, кога воздивнуваше со полуотворени усни. Си се разубавила – а пред мене венееш.
„Ништо не ѝ е“, промрморува и го носи расплаченото дете дома.
Од коњушницата излегува Манија, со ракавот си ја брише крвта од носот, од устата крв плука. „Добро е“, вели.
„Дојди“, промрморува Хордубал, „дојди, Штефане, да ти потурам вода на главата.“
Штефан шмрка блажено под млазот вода и весело свирка.
„Уште ова не сум го видел“, викнува живнато, „зовре ждребецон, газда, здиве.“ Манија се озарува, влажен и бушав. „Ќе биде од него коњ и пол!“
Јурај ко да сака да му рече на Штефан, браво, бе, мајсторе, каков ѕвер скроти; ама не бива маж со маж да се фалат. „Ќе има луња“, мрмори и оди зад плевната. На југ небото е црно, оздола доаѓаат само лоши луњи. Ждребецот зоврел, а мене нозете ми се пресекоа, не можам ни детето да си го спасам. Може сум стар, Полано, не знам – а чудно со нозеве, како вземи заковани.
Види ги темничиштана, Господе! почна и да грми – Циганката ме маѓепса, ждребецот зовре, а јас никако да му се обесам на врат, само се тргам и лелекам. Јас не, ама Штефан му се обеси. Зошто да не, кога си е млад? Ах, Полано, зошто го загледа така, зошто се разубави толку бргу!
Еве ја, доаѓа и кај нас: луњата – како потплашен коњ кога фрла искри зад копита и квичи. Не му се обеси на коњот на грива, нозете ти откажаа, а не те ни прашаа. Не се обеси, не запеа; ама Штефан да. Да ѝ се мочам на маѓијата циганска: диви коњи ми носи. И што да мисли сега Полана. Зошто не се обеси ти? Мене ќе ме гледаше Полана, рацете ќе ги стегаше на гради, а очите – како првпат да ме гледа.
Јурај шмркнува, не ги ни чувствува топлите капки на вратот. Се пара небото, се ниша и трескоти, Хордубал лесно се занишува и брзина му надоаѓа во нозете. Уште не е готово, уште да ја истури циганската маѓија на копривите. А после скокум во шталата, оттаму да гледаш, како истура надвор.

12

Каде е? Каде може: ене го, се снове зад плевната. Размислува: добро, стар сум; ама од кај дојде староста? Си живееш, си ја гледаш работата, денеска си ист ко вчера и наеднаш – стар. Ко да те колнел некој. Не се обесуваш ни на од коњот гривата, не се тепаш в меана; место коњот да го кротиш – детето в раце го земаш. Требаше најпрвин да го смирам коњот. А да знаеш, Полано, на времето и в меана се биев, славна тепачка беше со Ѓерич, прашај го Васил. И одеднаш – стар. Полана не е стара.
Па, што и да сум стар. И детето некој треба да го крене. Ех, Полано, пушти ме да ти покажам – каков газда сум. Ќе живееш ко чорбаџика, измеќарки ќе ти работат, а ти само ќе повелаш: Марико, нарани ги кокошките, брзо, Аксењо, напој ги кравите. Вистина, три илјади долари ми украдоа, ама седумстотини ми останаа, со нив можеме да правиме што ни душа сака. Не, душо, не бев за џабе во Америка; млад-немлад, барем свет видов, научив нешто. Крави не се исплаќало да раниш, ова не, она не. Ама, треба да знаеш да продаваш. Во Америка, да речеме – не чека селанецот, да дојде касапот; само ќе си отиде в град и ќе си потпише договор: толку и толку парчиња годишно, толку и толку весело млеко дневно и готово. Чиста работа. Зошто вака да не може и кај нас? Да си купиме една кола и коњче – продај ги коњите, Полано: коњче сакам, да можам да му зборам – и да си продаваме в град. Американец сум, се разбирам, не сум печалел за џабе; со полно кесе пари си идам. Па, ќе почнат и комшиите – Јураје, а да ни продадеш некоја гуска в град? Зошто да не, ама не бива така, со една гуска под мишка и едно каче сало; барем педесет, сто гуски неделно – ќе им направиш кафез и брзо в град да ги продадеш. Така се прави бизнис, луѓе. Или дрва за огрев, педесет коли со дрва. Компири – цели вагони. Види го ти Хордубал, што ум си донел од Америка! И ти, Полано, ќе речеш, паметен маж си имам, помладиве не знаат вака; Марико, Аксењо, измијте му ги нозете на чорбаџијата, од пазар се врати. А ти, душо, што правеше цел ден? Сермијата ти ја повелав, со слугите се карав и тебе те чекав, Јураје.
Хордубал седнал на едно трупче и трепка. Да пробам, не? Млад си, дури нешто почнуваш. А не е едно. На пример, да ја купам карпана под Менчула – целата е мермер, можам во коцки да го носам в град; во рамницана камен немаат ни за лек. Само кал и прашина имаат и небото им е сето во прашина. Каменот можам и сам да го кршам – малку ли се на’рмбав во Америка? Знам и со динамит да работам, еј. Ќе ископаш дупка, ќе го наместиш фитилчето – брзо, сите бегајте – и бум! Е, ова е машка работа, гледаш, Полано? Секој може да се обеси на едно ждребе. Јас ќе давам знак со црвен бајрак, луѓе, бегајте – ќе пукам и ќе рушам, а ти, дете – мери си ја рамницана на коњ.
Море, овде има и од пиле млеко! А, што има во рамницана? Ништо, рамница. А овде – кај Кисела Вода железо, од него водата е кафеава. Под Татарука – има еден камен што свети, како смола е. Старите велат, таму имало злато. Да прошеташ само по висовите, по Дурни туто, по Черниврв, по Татинска, по Тупа – којзнае, што ќе најдеш. Денеска и под земи се работи. Дома, ни збор. Утре, Полано, одам за Прага, имам нешто работа – толку. Па, ќе дојдат господата право кај Хордубаловци: Добар ден, дома е господин Хордубал? Па, господине Хордубал ова, господине Хордубал ова, сте нашол нова руда, педесет години го бараме минералов. – Зошто да не? Нели само камења имавме – а знаеш, од што се камењава? Кога не знаеш, не зборувај.
Хордубал како да се засрами. Глупости; ама карпана од Менчула – не е глупост. Ќе ми требаат волови, ѕевгар или два – сиви, подолски волови, со рогови колку ракава, еј, какви животинки! Товари го каменот и тргај право в рамница – си врвиш пред воловите и си свиркаш хај-хо, хај-хо! кој е ко нас! А ти со коњите – остави си ги зад плотон! Чие се воловиве? Хордубалови, никој друг нема вакви ѕверки во нашиов крај.
Хордубал го вади кесето од пазувите и ги пребројува парите. Седумстотини долари, значи – преку дваесет илјади: добра пара, Полано! Со нив можеме од нула да почнеме. Ќе видиш што маж е Јурај. И умот е сила. Може скапо чини коњот, што оди со исправена глава, ама види го волов: може само кима со главата, може носи јарем на грбот, ама трипати поголема работа завршува.
Јурај кима со главата и се снове по дворот. Во дворчето Полана лупи грашок; ги крева веѓите, ги фрла празните лушпи од скутот и си влегува дома.

13

Хордубал седи в меана и се весели. Фала Богу, денеска е полно: тука се Михалчук и Варварин, Подерејчук од Мехајловци, Херпак викан Кобила, Федеш Михал и Феделеш Гејза, Феѓук, Хриц, Алекса, Григориј и Доѓа шумарот, сите еден со друг први комшии, се спремаат диви свињи да ловат, многу штета направиле по полето. Карпана под Менчула е на Григориј, не е лошо да се зборне со него, одоколу и полека: да не треба да се поправи патот до полето со камења. Ех, си спомна Јурај, ама јас немам поле. Пјоса ми го зеде, затоа седи онде со наведната глава. Кога сам немам поле, што ми е гајле за нивното? Сами нека си го вардат; а мене – ни овде не ми е местото, се мршти Хордубал; вие гледајте си ја вашата мака, јас мојата.
А маживе, уште се договараат, кога да тргнат и од каде да пријдат. Јурај си потпивнува и си мисли на својата мака. Го намрштила лицето и си влегува дома. Добро, Полано; некогаш ти ќе почнеш, кажи ми, Јураје, што и како; е, тогаш јас ќе се намрштам и ќе си отидам в меана. Да видиш и ти како е. Толку ли ми е гадна муцката, толку ли ми згаснале очиве или образиве ми свиснале ко на просјакон Ласо? Е, стар сум, ме нагриза времето; кожа и коски сум, ништо не остана на мене; од лазењето на сите четири во мајнот, како некое сениште сум станат; и колената ми испукаа – да видиш во какви дупки се пикав по јаглен! Уште кашлам црни саѓи, Полано. Вистина, не сум многу за гледање; ама уште сум вреден, душо моја, ќе видиш…
„Еј, Американец“, се клешти Феделеш Гејза, „уште не си се покажал. Што е, дојде да ги почестиш комшиите?“
Хордубал кимнува со главата: „Дојдов, ама по американски ќе ве честам. Еврејче, донеси му на Гејзо една чаша вода! Ако ти е малку, Гејзо, ене ти го ведроно, барем муцката ќе си ја измиеш“.
„Што си запнал бре, за муцкава моја?“ се смее Гејза. „Жена ми ќе ја бацува, не ти.“
Јурај се намуртува: ме заболе за жена ти. Види го, да сум честел! Па, и да честам; ако даде Господ, комшии, со вас да пијам и да се фатам за рамена и да пеам, да пеам, дури очиве не ми се затворат. Само, за друго ми се доларите; други мисли имам, комшии, американски. Ќе видите, кога ќе почнам да кршам камен. Абе, Хордубал, токму си? малку камен ни расте по нивине? Нека ги, а подоцна – види го, Американец, и од каменот млеко молзе.
Феделеш Михал запева, другите го следат; ах, што ти значи машко друштво. Којзнае колку време не сум чул – одамна – Јурај замижува и се приклучува со полуглас, там-та, там-та, там-та; и одеднаш, се провикнал, пее ли пее колку што го држи глас, целиот се тресе во такт.
„Чекај, чекај“, викнува Феделеш Гејза. „Кој со нас не пие, со нас нека не пее. Дома да си пееш, Хордубале!“
„Море, прати ни го Штефан“, се вмешува Јура Феѓук. „Подобар пејач е од тебе.“
Хордубал станува, ништо не го собира, таванот низок му е. „Пеј си, Гејзо“, вели смирено. „И онака си одам дома.“
„Што ќе правиш дома“, се клешти Феделеш Михал. „Си имаш измеќар.“
„Чорбаџија“, процедува Гејза. „Измеќар ѝ зел на жена му.“
Хордубал нагло се завртува. „Гејзо“, вели меѓу заби. „Кој е чорбаџија?“
Гејза со потсмев се занишува на нозе. „Кој? Друг газда овде не гледам.“
Мажите рипнуваат. „Остави го, Гејзо“, вели Варварин; некој го фаќа Јурај за рамо и пријателски го носи надвор.
Хордубал се откинува и право на Феделеш, за влакно не го допира со носот.
„Кој е чорбаџија?“
„Будала е само еден“, повторува Феделеш Гејза јасно и гласно, па нагло и како од пушка: „…ама курви ко Полана има колку сакаш!“
„Дојди, да те видам“, зоврива Хордубал и си го пробива патот низ мажите. Гејза оти по него, од џебот вади анџар. Пази, Хордубале, зад грб ти е! Хордубал ни збор, се пробива надвор, а Гејза по него, го стегнал анџарот в рака, дури му се поти дланката.
Сите излегуваат од меаната, Јурај се завртува кон Феделеш. „Дојди“, писнува, „да те видам!“
Гејза, со анџарот скриен зад грб, темно фучи и се спрема да скокне; а Хордубал, со рацете како бунарски синџири, го напаѓа отстрана и, раце-нераце, го поткренува, се завртува и го соборува Гејза наземи. Гејза се исправа на нозе и гневно с’снува. Хордубал го соборува уште еднаш и уште еднаш, небаре сака да го раскости; на часот на Гејза му се пресекуваат колената, летнува наземи со рацете раширени и трас! ја удира главата од една каца и се спружува наземи како вреќа компири.
Хордубал вдишува длабоко, а окрвавените очи му бараат луѓе. „Не знаев“, мрмори виновно, „не ја видов кацата.“
На часот доби тупаница по главата и уште една и уште една. Двајца, тројца, четворица, молкум го удираат Хордубал по глава, крвнички го маваат. „Удрете“, вреска Хордубал и мавта со рацете потамина, удира во нечиј нос, паѓа наземи и се обидува да стане. „Тепачка“, некој викнува; Хордубал станува, а не може, им се потчинува на раните и офка, оф-оф, пак се обидува да стане…
„Што е, бре“, се слуша брз, придушен глас, а грбачот с’снува во задишаната толпа. Редум, на сите по еднаш! Некој гневно викнува, пазете, нож! Васил Ѓерич од Василовци силно издишува и со грбачот замавнува над телото Хордубалово. Јурај се обидува да стане. „Ајде, требете се“, се врекнува кметот и замавнува со грбачот. Ах, да не беше ти, побратиме, е што, побратиме! славен тепач е Васил Ѓерич од Василовци. Жените охрабрени излегуваат на сокак, со рацете скрстени, и гледаат накај меаната.
Јурај Хордубал се обидува да стане, главата му лежи на Василовиот скут, а некој му го одмива лицето, Пјоса. „Ова не беше фер-плеј“, мрмори Американецот. „Му го чуваа грбот, сите на еден…“
Ех, Јураје, главо дебела, шестмина беа и сите со ластегарки; дабова ти е тиквата, не можеа да ти ја раскостат. „А, Гејза?“ прашува натепаниот.
„Доста му е и на Гејза, го однесоа“, одговара кметот.
Јурај оддишува успокоено. „Може сега ќе му дојде умот, голтар еден“, мрмори и се обидува да стане; фала Богу, станува и се држи за глава. „Што им згрешив на другите“, се чуди. „Дојди да фрлиме уште по една, Василе. Да пеам не ме оставија, стопанката нивна!“
„Оди си дома, Јуро“, му зборува кметот. „Ќе те подиспратам, може те чекаат во некое ќоше.“
„Не им се плашам“, се поткасува Хордубал и тргнува накај дома. „Не сум пијан, Полано, ме намаваа в меана. Ех, зошто. Од бес, душо, во веселбата со Феделеш Гејза на шега си ги пробавме силите.“
„Да ти кажам, Василе“, објаснува Јурај, веќе возбуден, „и во Америка се имам тепано, ми се пушти еден мајнер со токмак, Германец мислам беше, така нешто; а другиве – му го зедоа токмакот, направија круг и му рекоа, сега тепај се, да те видиме, со голи раце. Ех, Василе, му ја вчелив една и го пратив Германецов наземи. И никој не ни се смеша.“
„Слушај, Јураје“, вели Ѓерич, „сериозно, не оди в меана, пак ќе си го добиеш.“
„Зошто, бре?“ се чуди Хордубал, „ништо не им правам.“
„Знам“, се брани кметот, „ама нив кавгата ги рани. – Легни си, Јураје, одмори; а утре – избркај го измеќарот.“
Хордубал се намуртува. „Не треси зелени, Ѓерич. Не пикај се кај што не те збира.“
„Што ќе ти е туѓ човек в куќи?“ забележува Васил внимателно. „Оди, легни, одмори. Ех, Јураје, не вреди Полана, да се биеш за неа.“
Хордубал стои ко здрвен и трепка. „Значи – и ти си ме намразил, ко другине“, конечно ги вади зборовите од себе. „Не ја знаеш Полана – како што ја знам јас, никој – не ми кажувај…“
Васил сериозно го тапка по рамото. „Јураје, осум години пред очи ни…“
Хордубал грубо му се откинува: „Треби се или… Ѓерич, отсега дури сум жив, жими еден Господ, не те познавам, а прв другар ми беше.“
Хордубал се завртува со грб и поитува накај дома. А Ѓерич само шмркнува и долго, тивко пцуе во ноќта.

 

Извадок од книгата „Хордубал“ од Карел Чапек (4 дел)
Едиција: Класици
Издавач: „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Прочитајте го првиот дел  (1,2,3.) од „Хордубал“
Прочитајте го вториот дел  (4,5,6) од „Хордубал“
Прочитајте го третиот дел (7,8,9).

Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“, а може да се нарача и онлајн на следниот линк.

3 thoughts on “Извадок од книгата „Хордубал“ од Карел Чапек (4 дел)

  1. Пингување: Извадок од книгата „Хордубал“ од Карел Чапек (5 дел) | Literatura.mk

  2. Пингување: Извадок од книгата „Хордубал“ од Карел Чапек (6 дел) | Literatura.mk

  3. Пингување: Извадок од книгата „Хордубал“ од Карел Чапек (7 дел) | Literatura.mk

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.