Режисерот Тајка Вајтити ја предводи листата на холивудски ѕвезди кои во хуманитарни цели ќе читаат делови од книгата за деца „Џејмс и џиновската праска“ од Роалд Дал. Ликовите од делото на омилениот британски автор за деца ги интерпретираат: Мерил Стрип, Кејт Бланшет, Бенедикт Камбербач, Рајан Рејнолдс, Лијам Хемсворт, Лупита Нијонго и други. Акцијата се организира со цел собирање средства за помош на ранливите, сиромашни земји во справување со коронавирусот.
Оскаровецот Тајка Вајтити, во соработка со компанијата „Роалд Дал стори“ (Roald Dahl Story), ќе ја оживее приказната од „Џејмс и џиновската праска“ во десет дела, преку онлајн-платформата „Зум“.
За време на секоја епизода, на Вајтити ќе му се придружат низа неочекувани соработници, кои ќе помогнат да се прочитаат одредени ликови. Во понеделникот (18 мај) на „Јутјуб“ веќе се емитуваше првата снимка, во која се вклучија Мерил Стрип, Бенедикт Камбербач, Ник Крол и браќата Хемсворт. Во меѓувреме, во тек е хуманитарната акција за донација на средства за „Партнери во здравје“ (Partners In Health).
Сега ќе ги посетиме најчудните места и ќе ги видиме најубавите работи! Овој цитат од „Џејмс и џиновската праска“ е можеби најдобар вовед во светот што го создаде авторот на оваа книга ‒ Роалд Дал. Станува збор за омилениот британски раскажувач, од чиешто перо излегоа безвременските: „ГДЏ“, „Матилда“, „Чарли и фабриката за чоколади“, „Вештерки“, „Џејмс и џиновската праска“, „Фантастичниот господин Лисец“ и други. Книгите се со препознатливите илустрации на Квентин Блејк.
Замислете си една џиновска праска во која има седум многу необични инсекти, кои ќе ве однесат на магична авантура. А дали го познавате Џејмс Хенри Тротер? Тој е едно осамено момче, кое живее со две одвратни бабишта, сè додека еден ден не се случи нешто чудно. На крајот на градината една праска почнува да расте и да расте и да расте… Прочитајте ги интересните авантури на малиот Џејмс, за инсектите со кои ќе се спријатели и за нивното џиновско и овошно превозно средство.
Овој светскиот детски бестселер на македонски јазик е во издание на „Либи“, импринт на „Арс Ламина – публикации“. Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на следниот линк.