Во ова издание на „Остани дома со Астрорум“ гостува нашиот врвен оперски бас Владимир Саздовски. Тој е нашиот трет оперски уметник, после басот Александар Стефановски и тенорот Благој Нацоски, кој ја доби шансата да се претстави на најпрестижната оперска сцена во светот, миланската „Скала“ и тоа во дури три оперски продукции. Но, ова негово трикратно животно деби е испреплетено со низа патешествија. Иако, првиот настап требаше да се случи на отворањето на сезона 2019/2020, како солист во новата продукција на „Тоска“ на Пучини, заедно со оперската дива Ана Нетребко и под диригентската палка на големиот Рикардо Шаи, тој несреќно се разболе. И кога веќе тоа беше надминато, откако во март по вторпат замина на подготовки за следната од останатите две оперски претстави, „Федора“ на Џордано и „Пелеас и Мелисанда“ на Дебиси, на почетокот на март се случи првиот смртен случај од вирусот корона во „Скала“ и затворањето на овој оперски храм во Италија. Саздовски едвај го фати последниот воз и последниот авион за враќање дома. Претставите не се откажани, туку само одложени, така што овој голем оперски сон на Владимир сепак во иднина би требало да се оствари.
Но, ова не е единствената референца на овој наш редок оперски бас, зашто Саздовски зад себе има значајна биографија, која доби значајни меѓународни размери уште во 2017 година. Во продолжение, накусо ги наведуваме главните скалила на неговиот професионален пат кон оперската елита.
Владимир Саздовски е роден во 1983 година, а своето музичко образование го започнал во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, на одделот за пеење во класата на нашата оперска примадона, професорката Милка Ефтимова. Продолжил на студии на музичката академија „Панчо Владигеров“ во Софија, Бугарија, во класата на врвниот оперски педагог Нико Исаков, каде што дипломирал во 2006 година. Во периодот од 2007-2009 година добил стипендија од „Сее музиктеатер“ од Виена и заминал на специјализација на „Универзитетот за музика и сценска уметност“ во класите на професорите Михаил Теме, Лео Плетнер и Антон Шерингер. Во овој период, Саздовски ги освојува и второто место на меѓународниот натпревар за оперски пејачи во Битонтон и специјалната награда од Јапонија, каде што го пеел го Риголето и на еден концерт во Токио. Во 2013 година ги започнал постдипломските студии на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип во класата на професорот Борис Трајанов, а од 2006 година е вработен како солист во Македонската опера и балет.
Од пред неколку години, Саздовски соработува со италијанскиот менаџер и продуцент Марио Дради, застапник на најпознатите светски музички ѕвезди во класиката, Лучано Павароти, Пласидо Доминго, Хозе Карерас и диригентот Зубин Мехта. Дради е автор и на популарниот проект, „Три тенори“ од деведесеттите години, што само говори за потенцијалот на една ваква деловна соработка, која е веќе потврдена со досегашните бројни ангажмани. Саздовски досега има настапено во многу продукции на нашата оперска куќа, но и во оперските куќи низ Италија, во Неапол, Трст, Удине итн.