Интервју со Зорка Тодорова-Младеновиќ: „Како да станам моден дизајнер?“ е посветена на сите чиј сон е модата

 

Сите идни креатори и вљубеници во модата, сега може подетално и стручно да дознаат како може да станат модни дизајнери. Во работниот и мисловниот процес на создавање мода идните дизајнери постепено ќе навлезат со новата книга „Како да станам моден дизајнер?“ од Зорка Тодорова-Младеновиќ, која деновиве излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“. Станува збор за прва книга од ваков тип кај нас. Изданието им излегува во пресрет на фантазијата и на желбата на оние кои сериозно сакаат да се занимаваат со модата како мошне креативна применета уметност.
„Како да станам моден дизајнер?“ е круна на повеќеденециската кариера на костимографката и модна едукаторка Тодорова-Младеновиќ. Дополнително, таа деновиве jа доби и престижната филмска награда „Златен објектив“ за 2020. Признанието, кое го доделува управниот одбор на Кинотеката на Република Северна Македонија, оваа година, покрај Тодорова-Младеновиќ, го добива и актерот и режисер Коле Ангеловски.
− Ме израдува веста дека сум една од годинашните добитници на наградата на Кинотека, „Златниот објектив“. Благодарна сум што помислиле на мене. За мене ова признание е од големо значење, бидејќи ја одбележува и заокружува мојата долгогодишна кариера како костимограф. Чест ми е што со наградата им се придужувам на великаните на филмската индустрија кај нас како: режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмскиот критичар Илинденка Петрушева, монтажерот Димитар Грбевски и костимографот Елена Дончева. Со голем дел од нив имам соработувано и носам убави професионални спомени. Инаку, наградата свечено ќе биде врачена кога ќе се создадат поповолни услови за манифестации од ваков вид и за организирање културни настани и собирања – вели таа.

* Деновиве од печат излезе вашата книга ,,Како да станам моден дизајнер?“. Кога и како се роди идејата да го напишете ова дело?
− Идејата за оваа книга произлезе од мојот интерен учебник што го имав подготвено за студентите на Технолошко-металуршкиот факултет каде што им предавав на студентите на Институтот за текстил, сè до моето пензионирање пред 15 години. Го дополнив и со други поглавја за да го направам достапен за неговата намена.

*Колку време се подготвуваше овој проект и кој сè беше инволвиран во него? Дали сте задоволна од финалниот производ?
−Подолго време размислував на кој начин да направам книга што ќе служи како еден вид буквар за сите оние кои сакаат својата професија да ја најдат во светот на модата. Моето долгогодишно работење во тој свет секако ми помогна да го направам овој „водич“ за идните модни дизајнери. Што се однесува до финалниот производ, многу сум задоволна и мислам дека успехот на ова „новороденче“ ќе ги даде своите резултати. Екипата од „Арс Ламина“ навистина ме изненади со својата професионалност и посветеност во обликувањето на книгата.

* Со неколку реченици, како би му објасниле на еден млад креативец, кој сонува за кариера во модната индустрија: Како може да стане моден дизајнер?
− Најпрвин внимателно да ја прочита книгата. Да сфати дека оваа професија бара голема посветеност, упорност, истрајност, инвентивност, присутност. Секогаш треба да биде добро информиран што има ново во модната индустрија, што се случува во културата, во уметноста, да дури и да ги следи економските и демографски трендови, промени. А најпрвин да го совлада модниот цртеж и изработувањето на кроеви за своите идни модели.

*Ова е прва книга од ваков вид напишана од македонски автор. Зошто има толку малку литература од наши автори посветени на модниот дизајн кај нас?
− Да, ова е прва книга од ваков вид литература или поточно учебник. И покрај тоа што денешните млади, кои се определуваат во иднина да се занимаваат професионално со модата, знаат странски јазици и полесно ги наоѓаат информациите за модата во литературата на англиски или на француски јазик или, пак, на интернет, сепак, убаво е да имаат и четиво на мајчиниот јазик.

*Дали ќе може ова дело да се примени во образовниот процес? За кого е наменета книгата? Дали се цел само студентите и идните модни дизајнери или целната група е поширока?
− Целната група се сите млади што ја сакаат модата и што размислуваат да станат дел од неа. Книгата е наменета најпрвин за оние што имаат желба да се определат да учат во средните уметнички и текстилни училишта, но и за нивните родители, за да видат и да разберат што сè треба да се научи за да се стане моден дизајнер. Да сфатат дека тоа е една сериозна, напорна и комплексна наука и дека за неа покрај талентот е потребна и силна волја, упорност за да се успее. Секако е приспособена и за учење во средните училишта, а за студентите е еден вид водич што сè треба да се знае за да се биде моден дизајнер.

* Можете ли да ни откриете малку повеќе за содржината на книгата. Колку и кои поглавја ги содржи, што може да се дознае од неа. Дали има само дефиниции или, пак, има и практични примери?
− Книгата е поделена на повеќе поглавја, постепено да се навлезе во работниот и мисловниот процес на создавање мода. По уводното објаснување за целта на оваа книга, првото поглавје е наменето за тајните на модниот цртеж и како тој треба постепено да се совладува. Ги има сите основни информации за човечката фигура и како се совладува цртањето на модната фигура. Второто поглавје е веќе запознавање со светот на модата, какви видови мода постојат, кому се наменети, кои се целните групи и клиентите за кои сакате да создавате и креирате. Третото поглавје е наменето на истражувањето, за собирањето инспирации, идеи и информации за она што сакате да го креирате, а четвртото поглавје информира што сè треба да се има во работно катче, какви материјали и алатки, за да се почне со креирање и изведување модели. Петтото поглавје веќе станува малку покомплексно, тука се почетоците на совладување на основниот крој за правење и изведување на моделот што сте го нацртале. И на крај шестото поглавје – „Мојата прва колекција“ – упатува како да се почне работата како моден дизајнер.

*Книгата е богата и со илустрации. Кој е автор на цртежите?
− Во книгата има три вида цртежи. Првите, во поглавјето „Учам да цртам моден цртеж“, се дело на Наташа Андоновска (моја некогашна студентка од Академијата за ликовни уметности), модните детски и школски цртежи се на мојата ќерка Весна Луна Кари Младеновиќ која ги црташе како дете сонувајќи да стане моден дизајнер, а конструкциите на кроевите ги имав работено јас лично за мојата книга „Конструкција, моделирање и градирање на основни кроеви на уникатна женска облека“, објавена во 2004 година во соработка со професорката Соња Ќортошева, а наменета за студентите од Текстилниот институт на ТМФ во Скопје.

*На почетокот на книгата ги споменувате Саше, Лидија, Марјан и Ристе, кои во деведесеттите посакуваа да станат модни дизајнери и станаа. Претпоставуваме дека тоа се веќе етаблирани македонски модни дизајнери со интернационална кариера: Александар Ношпал, Лидија Георгиева, Марјан Пејоски и Ристо Бимбилоски. Како ги запознавте и каква беше вашата соработка? Дали уште оттогаш се насетуваше нивниот моден подем?
− Сите четворица добро ги познавам и со задоволство сè уште ја следам нивната кариера. Марјан и Лидија се деца кои растеле во истата зграда каде што и јас живеев со моите родители кога бев студент во Париз, а и во почетокот на моето работење во Скопје. Лидија (Георгиева) подоцна беше и мој одличен студент на Факултетот за ликовни уметности, а со Марјан (Пејоски) во еден момент соработував кога негови модели се реализираа во Македонија. Саше (Ношпал) беше дете на мои пријатели и пред да замине на студии во Париз како многу талентиран гимназијалец му овозможив своите први модели да ги прикаже заедно со моите студенти од ФЛУ, на завршната модна ревија што ја одржавме во предворјето на МОБ. Ристе (Бимбилоски) го запознав кога заминуваше на студии во Париз и често се среќававме во неговото ателје во Париз за да ги погледнам неговите модели што денес се продаваат во многу бутици ширум светот.
Ристе и Марјан останаа во модните метрополи Париз и Лондон, а Лидија и Саше по подолго работење во Париз се вратија во Скопје и тука ја продолжија својата кариера – и професионална и педагошка. Во последно време Саше се посветува на театарските костими, а Лидија покрај нејзините познати модни креации се посвети и на студентите на ТМФ каде што јас претходно бев професор, работи дизајн на текстил и предмети.

* Имате дипломирано моден дизајн на Националната школа (факултет) за декоративни уметности во Париз, а неколку години подоцна како стипендист на француската влада одите на специјализација во Франција, на Школата на синдикатот за висока мода. Како се разви љубовта кон модата кај Вас? Дали тоа е Ваша желба од детството и страст што ја развивате со текот на времето? Што претставува модата за вас?

− Во 1968 година дипломирав на Националната школа за декоративни уметности [École nationale supérieure des Arts décoratifs (Ensad – Paris)]. Таму изучував внатрешна архитектура, сценографија и костимографија. Во 1977 година како стипендист на француската влада бев студент на Школата на синдикатот за висока мода во Париз (École de la Chambre Syndicale de la Couture Parisienne) каде што го изучував моделирањето на манекенска кукла и конструкција на модели на рамна површина или, поточно, конструкција на кроеви за висока мода. Додека бев студент на Факултетот за декоративни уметности имав одличен професор по костимографија, госпоѓата Ивон Деландр (Yvonne Deslandres) која многу често ми даваше влезници за модните ревии, „дефилеа“ во Париз, во модните куќи на Кристијан Диор, Жак Фат, Пјер Балмен, Живанши, Пјер Карден и многу други. Истата таа професорка ни овозможуваше да престојуваме во нејзините магацински простории каде што гледавме оригинални костими од минати векови. Подоцна, таа учествуваше во формирањето на Музејот за мода (Musée de la mode et du textile) во Париз што се наоѓа во еден дел на Музејот Лувр, беше еден од неговите први куратори и е автор на повеќе книги за костимографија и историја на костим кои со задоволство ги препрочитувам во мојата богата библиотека. Што се однесува за љубовта кон модата таа отсекогаш била дел од мене. Растев покрај тетки и братучетки кои беа шнајдерки и изработуваа безброј модели во моето детство. Мојата мајка исто така знаеше да шие и ми ги изведуваше сите мои креации на модели за лична употреба. Во моето детство и младост скоро и да не постоеше конфекциска облека. Облеките што ги носевме беа дело на вредните шнајдерки кои ги имаше доволно на број. Значи, во таква средина научив да кројам, шијам и плетам. Од потреба, но и од голем мерак и љубов кон облеката. Како студент честопати работев како шивачка на модели на многу жени кои беа малку пополнички и не можеа да си најдат облека во конфекциските продавници во Париз. Модата на некој начин ме следи цел живот!

* Вие сте пензиониран професор по моден дизајн. Кои предмети ги имате предавано и кои сè дизајнерски имиња поминале низ вашите студентски клупи? Колку одржувате контакт со нив и дали ги следите нивните кариери?
− На Факултетот за ликовни уметности бев професор на насоката Модна креација што се изучуваше во трета и четврта година. Таму ги предавав предметите Историја на облека, Модна креација и Модна конструкција. Подоцна на ТМФ на Институтот за текстил ги предавав истите предмети, но во проширена верзија, бидејќи имав поголем број на часови. На ФЛУ низ моите предавања поминаа повеќе од 50 студенти, додека на ТМФ сигурно имав повеќе од 80 студенти. Колку што ми е познато сите тие си најдоа место во модната индустрија, некои се вработени во нашата текстилна индустрија, а некои работат и самостојно, како модни дизајнери.

* Имате работено како модна дизајнерка, создавајќи сезонски колекции за познати домашни компании. Што Ви претставуваше поголем предизвик, да работите како едукатор или како практичар? Дали сè уште дизајнирате облека?
− Сè во свое време – би рекла денес, од аспект на пензионер. Првите самостојни модни ревии ги правев во седумдесеттите години од минатиот век. Во хотелот „Континентал“ се имам претставувано повеќепати со самостојни модни ревии во кои секогаш имаше стотина модели. Со некои од овие колекции гостував и во Љубљана и Белград, а бев гостин и во Велес, Охрид и Кавадарци. Со формирањето на „Деловницата за модни креации“ при П.О.С. ИНТЕКС (INTEX) во 1980 година, работев во многу наши конфекциски индустрии. Тоа беше период кога во Република Македонија имаше повеќе од 70.000 вработени во текстилната индустрија од кои околу 30.000 беа вработени во конфекциските фабрики. Во тие наши конфекциски куќи се изработуваа модели кои се продаваа ширум Југославија, а често беа продавани и во други земји. Модни дизајнери имаше само во „Астибо“ во Штип и „Тетекс“ во Тетово. Беше тоа период кога истовремено правев колекции за долна облека, за детска облека, за спортска облека, за женска или машка конфекција. Редовно ги посетував модните саеми во Париз од каде што црпев информации за идните модни трендови, кои потоа ги преточував во колекциите за претстојните сезони на голем дел од македонските текстилни фабрики со кои соработував преку „Интекс“. Меѓу другото, правев и билтени со модни информации кои ги доставувавме до соработниците во текстилната индустрија и конфекцијата, како и модни колекции за широка потрошувачка, наменети за саеми, за модни ревии и производство. По повод Втори август во осумдесеттите години, во хотелот „Дрим“ во Струга, неколку години редовно дефилираа моите модели изработени за „Стружанка“, иако тогашна практика беше да не се споменува авторот на колекцијата. Тоа беа времиња кога индивидуалноста беше ставана во втор план, зад фирмите и брендовите, а на авторите им беше поважно да се реализираат преку дела и проекти, да бидат ангажирани и платени. Таква клима владееше на сите полиња во областа на применетите уметности и дизајнот. Авторството повеќе доаѓаше до израз и до признание на филмските проекти на кои работев, како и на театарските. Затоа што со филмска костимографија почнав да работам уште во последна година од факултетот, кога бев ангажирана од Димитрие Османли да ги осмислам костимите за „Мементо“ во 1967 година, некако филмот го доживував како „аутлет“, издувен канал, освежување и привремено престројување на паралелна патека. Но, патека што води во ист правец како модниот дизајн, кон иста цел. Работев со Гапо, Ѓурчинов, Манчевски, Црвенковски, Блажевски, Панов, Митриќевски и други. Професорувањето дојде подоцна во мојот живот, со насобраното работно искуство и затоа секогаш бев сигурна пред моите студенти на кој начин треба да ги претставувам проблематиките од предметите што ги предавав.

* Имате богато искуство како костимограф. Работевте како костимограф во Радио-телевизија Скопје за бројни ТВ-серии, филмови, драми, музички и детски емисии, како и за играни филмови, а имате и реализирано околу двесте историски костими за восочните фигури изложени во редовните поставки на Музејот на македонската борба за државност и самостојност, како и во Археолошкиот музеј во Скопје, во музеите во Ресен, Битола, Кавадарци и Ново Село (штипско) каде што има поставени историски ликови преку восочни фигури. Каков предизвик беше да се работи на костимите (по ТВ или филмско сценарио или по терк на традиционален крој) и колку имаше простор за остварување на ваш авторски белег?

− Уште како студент во 1967 година ја работев првата костимографија. Тоа беше современиот филм „Мементо“ на Рули Османли со тема од и по земјотресот во Скопје. За мене беше голем предизвик, но добро се снајдов бидејќи филмот беше современ и поголем број од костимите ги обезбедив од мојата лична гардероба и од некои мои пријатели. Она што требаше да се сошие ми помогна мојата мајка и така се справив со првиот предизвик како костимограф. Потоа следеа филмовите „Жед“, „Истрел“, „Хај-фај“, „Исправи се Делфина“, „Црвениот коњ“ и многу други. Во филмовите на Милчо Манчевски работев со задоволство како дел од поголемата костимографска екипа бидејќи нашето работење секогаш беше добро организирано. Додека работев во „ТВ Скопје“ ми беше многу полесно. Имаше шнајдерска работилница каде што беа вработени врвни шивачи и изведувањето на костимите беше многу поедноставено. Театрите се посебна приказна, но сценските проекти овозможуваа голема креативност во замислата на ликовите. Што се однесува до изведбата на моите костими за восочните фигури имав голем предизвик бидејќи тие остануваат во музеите и се во постојан контакт со публиката. Со задоволство соработував со историчарите за личностите да бидат претставени автентично, во еден момент, историски значаен, од нивниот живот. Собирав многу литература и стари фотографии, па сега веќе подготвувам и една подлабока студија за костимот во Македонија од 1880 година, па сè до денес. Нов предизвик, ако се има време и можности. Во таква книга секако голем дел ќе има и развојот на комитскиот костим кој потекнува од селска, народна облека и носија, но со текот на времето добил карактеристики на униформа! Имам подготвено и текст од околу 190 страници на тема „Историја на облеката низ вековите“ и се надевам дека тоа ќе биде мојата следна објавена книга, дополнета со многу сликовити илустрации.

* Книгата „Како да станам моден дизајнер?“ ја посветувате на сите идни дизајнери, но и на својата ќерка Весна Луна Кари Младеновиќ. Дали модата беше нејзин сон?
− Мојата ќерка Весна покрај мене беше постојано со модата. Имаше голем талент за цртање и постојано црташе модели (цртежите во книгата ги пронајдов дома, бидејќи ги чувам сите нејзини цртежи уште од детството). Таа заврши средно уметничко училиште и студираше ликовни уметности на Универзитетот Вошбурн во Топека, Канзас, а потоа почна да работи на истражување на македонски народни носии за Музејот на меѓународна фолклорна уметност (Museum of International Folk Art) во Санта Фе, Ново Мексико. Таму остана да живее и да работи. За жал, прерано нè напушти и не сум сигурна дали некогаш ќе се посветеше на модата. Но, модата беше нејзин сон!

* Колку често престојувате во Париз и дали некогаш имате работено во светската метропола на Модата?
− Требаше да заминам во Париз пред неколку недели. Но, за жал, со вирусот корона плановите на сите ни се променија. Париз ќе остане за малку подоцна, ако го преживееме сето ова невреме. По завршувањето на моите студии во Париз имав многу шанси да останам и да работам таму, но од судбината не се бега! Сакав да живеам во Македонија и да работам тука, имаше одлични услови, финансии, можности. И покрај неколкуте непријатни ситуации што ги имав во мојот работен век, но и многуте убави и исполнувачки моменти и достигнувања, сепак никогаш не зажалив што одлучив да се вратам и да работам дома, во мојата убава земја.

Книгата „Како да станам моден дизајнер?“ веќе е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на следниот линк.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.