ПОГЛАВЈЕ 8
ТАТКО МИ ЗАПОЗНАВА ГОРИЛА
Татко ми бил многу гладен и седнал под една малечка смоква крај патеката, па изел четири мандарини. Сакал да изеде осум или десет, но имал уште само тринаесет и не знаел колку долго ќе помине додека успее да најде нови. Веднаш ги спакувал сите лушпи и се спремал да стане кога ги чул познатите гласови на дивите вепари.
„Немаше да поверувам да не видев со свои очи, ама почекај и ќе се увериш. Сите тигри седат во круг и со сета сила џвакаат гуми за џвакање. Стариот Носорог е толку занесен со четкање на својот рог што не се ни врти да погледне кој поминува. Сите се толку зафатени што не сакаат ни да разговараат со мене!“
„Ама, немој!“ рекол другиот вепар, сега веќе во непосредна близина до татко ми. „Има да зборуваат со мене! Има да откријам за што се работи, па што сака нека биде!“
Гласовите го одминале татко ми и свртеле на една кривина, а тој побрзал зашто знаел дека вепарите уште повеќе ќе се вознемират кога ќе ја видат гривната на лавот врзана со панделки за коса.
Набрзо, татко ми дошол до крстопат и застанал да ги прочита патните знаци. Стрелката право покажувала кон Почетокот на реката; налево кон Океанските камења; а надесно кон Змејскиот сплав. Татко ми ги читал знаците кога чул чекори зад себе и се скрил зад патоказот. Прекрасна лавица поминала покрај него и свртела накај чистинката. Иако можела да го види татко ми ако фрлела поглед кон патоказот, таа била презафатена со својот горделив став, па поради тоа не гледала ништо подалеку од сопствениот нос. Тоа била мајката на лавот, се разбира, и тоа, си помислил татко ми, морало да значи дека змејот е на таа страна од реката. Побрзал натаму, но бил подалеку одошто си мислел. Доцна попладнето конечно дошол до речниот брег и гледал наоколу, но никаде не го гледал змејот. Сигурно бил преминат на другата страна.
Татко ми седнал под една палма и се обидувал да размисли што да прави кога нешто огромно, црно и влакнесто скокнало од дрвото и со силен трескот треснало наземи.
„Па?“ рекол длабок глас.
„Па, што?“ рекол татко ми, за што веднаш зажалил кога ја кренал главата и видел дека зборува со огромен и многу силен горила.
„Па, објасни што правиш“, рекол горилата. „Имаш време дур избројам до десет да ми кажеш како се викаш, што работиш, колку години имаш и што има во ранецот“, и почнал да брои до десет најбрзо што можел.
Татко ми едвај успеал да изусти „Елмер Елеватор, истражувач“, кога горилата го прекинал. „Пребавно! Ќе ти ги свиткам рачињата како што ги виткам крилцата на змејот, па ќе видиме тогаш дали ќе побрзаш малку“, рекол. Му ги грабнал рацете на татко ми, по една во секоја дланка и се подготвувал да ги свитка, кога одеднаш го пуштил и почнал да си ги чеша градите со двете раце.
„Аман веќе овие болви!“ врескал. „Не ми даваат ни секунда мир, а најлошо од сè е што не можам ни да ги видам баш најдобро. Роузи! Рода! Рејчел! Рути! Руби! Роберта! Дојдете ваму и помогнете ми да се ослободам од болвиве на градите. Ќе ме полудат!“
Шест мали мајмунчиња се спуштиле од палмата, јурнале накај горилата и почнале да му чепкаат по влакната на градите.
„Па“, рекол горилата, „сè уште се таму!“
„Бараме, бараме“, рекле шесте мајмунчиња, „но знаеш, многу тешко се гледаат“.
„Знам“, рекол горилата, „но побрзајте. Имам работа“, и му намигнал на татко ми.
„Ах, Горила“, рекол татко ми, „во мојот ранец имам шест лупи. Со нивна помош ќе успеат да ги најдат болвите“. Татко ми ги извадил од ранецот и ù дал една на Роузи, една на Рода, една на Рејчел, една на Рути, една на Руби и една на Роберта.
„Леле, па тие се волшебни!“ рекле шесте мајмунчиња. „Сега лесно можеме да ги видиме болвите, само што има стотици!“ И избезумено продолжиле да ги ловат.
Набрзо од околните мангрови дрвја излегле уште многу мајмунчиња и почнале да се собираат околу горилата за да ги погледнат болвите преку лупите. Тие сосема го опколиле горилата, па тој веќе не можел да го види татко ми и сосем заборавил на виткањето на рацете.
ПОГЛАВЈЕ 9
ТАТКО МИ ПРАВИ МОСТ
Татко ми одел напред-назад покрај речниот брег, обидувајќи се да смисли начин како да ја премине реката. Нашол еден огромен јарбол на кој било врзано јаже што водело до другата страна. Јажето поминувало низ една јамка на врвот на јарболот, па одело надолу по јарболот и околу една голема рачка на вртење. На рачката имало натпис што велел:
ЗА ДА ГО ПОВИКАТЕ ЗМЕЈОТ, СВРТЕТЕ ЈА РАЧКАТА
НАРУШУВАЊЕТО НА РЕДОТ И МИРОТ
ПРИЈАВЕТЕ ГИ НА ГОРИЛАТА
Од она што мачката му го кажала на татко ми, тој знаел дека другиот крај на јажето е врзан околу вратот на змејот и уште повеќе му паднало жал за кутриот змеј. Ако бил на оваа страна, горилата ќе му ги виткал крилјата додека не го здоболело толку многу што ќе морал да прелета на другата страна. А ако бил на другата страна, горилата ќе ја вртел рачката и ќе го влечел јажето додека змејот не долетал на оваа страна или, пак, не се задушел до смрт. Каков ужасен живот за бебе-змеј!
Татко ми знаел дека ако го повикал змејот да прелета преку реката, горилата со сигурност ќе го чуел, па помислил да се качи на јарболот и да премине по јажето. Јарболот бил многу висок, па дури и да можел да се качи до врвот без да биде забележан, би морал да се качува нагоре рака по рака. Реката била многу каллива, а веројатно во неа живееле секакви опасни животинки, но татко ми не можел да се сети на ниеден друг начин да премине на другата страна. Само што тргнал да се качува по јарболот, и покрај сета врева што ја создавале мајмуните, чул силен плисок зад себе. Гледал наоколу во водата, но веќе било самрак и не можел да види ништо.
„Јас сум, Крокодилот“, рекол некој глас што доаѓал одлево. „Водата е прекрасна, а јас имам огромна желба да си каснам нешто слатко. Зошто не влезеш да попливаш малку?“
Од зад облаците се појавила бледа месечина и татко ми успеал да види од каде доаѓа гласот. Главата на крокодилот ѕиркала од водата.
„Ах, не, благодарам“, рекол татко ми. „Никогаш не пливам по зајдисонце, но имам да ти понудам нешто слатко. Можеби би сакал лижавче, а можеби имаш и пријатели што би сакале лижавчиња исто така?“
„Лижавчиња!“ извикал крокодилот. „Колку слатка закуска! Што велите, момци?“
Цел хор гласови извикале: „Ура! Лижавчиња!“ и татко ми успеал да изброи седумнаесет крокодили чиишто глави ѕиркале од водата.
„Нема гајле“, рекол татко ми додека ги вадел двете дузини розови лижавчиња и гумените ластичиња од ранецот. „Ќе боцнам едно овде на брегот. Знаете, лижавчињата траат подолго ако ги држите подалеку од водата. Еден од вас ќе може да си го касне ова“.
Крокодилот кој прв проговорил испливал до брегот и го лизнал. „Преслатко! Неверојатно вкусно!“ рекол.
„Сега, ако не ти пречи“, рекол татко ми, „ќе се качам кај тебе на грб и ќе врзам едно лижавче за врвот на твојата опашка со помош на ова гумено ластиче. Нема да ти пречи, нели?“
„Ах, не, ни најмалку“, рекол крокодилот.
„Ќе можеш само малку да ја тргнеш опашката од водата?“ прашал татко ми.
„Да, секако“, рекол крокодилот и ја подигнал опашката. Тогаш татко ми му се качил на грб и врзал едно лижавче за неговата опашка со гумено ластиче.
„Кој е следен?“ рекол татко ми, па допливал втор крокодил и почнал да го лиже лижавчето.
„Знаете што, господа, ќе заштедиме многу на време ако сите се наредите преку реката со опашките кренати во воздух“, рекол татко ми, „а јас ќе доаѓам од еден на друг и секому ќе дадам по едно лижавче.
Па, крокодилите се наредиле преку реката со опашките подигнати во воздух, чекајќи татко ми да ги врзе другите лижавчиња. Опашката на седумнаесеттиот крокодил стигала точно до речниот брег на другата страна.
ПОГЛАВЈЕ 10
ТАТКО МИ ГО НАОЃА ЗМЕЈОТ
Кога татко ми преминувал преку грбот на петнаесеттиот крокодил, вревата на мајмуните одненадеж запрела и можел да чуе многу поголема врева, што станувала сè погласна и погласна. Тогаш чул седум разбеснети тигри, еден разгневен носорог, два разјарени лава, еден разжештен горила и безброј раскрескани мајмуни, предводени од два ужасно разлутени диви вепара, како врескаат: „Тој нè измами! Тој нè прелажа! Имаме натрапник и мора да дошол по змејот. Убиј го! Убиј го!“ И сите заедно јурнале накај речниот брег.
Додека татко ми го врзувал седумнаесеттото лижавче за последниот крокодил, чул како вреска дивиот вепар: „Видете, оттука поминал! Сега е онаму! Погледнете! Крокодилите му направиле мост“, и само што татко ми отскокнал на брегот од другата страна, вепарите скокнале на грбот на првиот крокодил. Татко ми немал ни момент за губење.
Тогаш змејот веќе бил свесен дека татко ми доаѓа да го спаси. Истрчал од грмушките и почнал да скока нагоре-надолу, викајќи: „Еве ме! Тука сум! Ме гледаш ли? Побрзај, вепарот доаѓа преку крокодилите исто така. Сите доаѓаат наваму! Побрзај, те молам! Побрзај!“ Вревата била просто ужасна.
Татко ми се стрчал накај змејот и го извадил неговото многу остро џебно ноже. „Полека, момче, смири се. Ќе успееме. Само не мрдај“, му рекол на змејот додека почнувал да го сече дебелото јаже.
Во тоа време двата вепара, сите седум тигри, двата лава, носорогот и горилата, заедно со безбројните раскрескани мајмуни, веќе преминувале преку крокодилите, а татко ми сè уште го немал исечено целото јаже.
„Ах, леле, побрзај“, продолжувал да лелека змејот, а татко ми повторно му кажал да не мрда.
„Ако мислам дека нема да успеам“, рекол татко ми, „ќе прелетаме на другата страна, па таму ќе продолжам да го сечам јажето“.
Одеднаш врескањето станало погласно и поразгневено, а татко ми помислил дека животните сигурно веќе ја прешле реката. Погледнал наоколу и видел нешто што го изненадило и го одушевило. Делумно зашто веќе завршил со лижењето на лижавчето, а делумно затоа што, како што веќе ви кажав и претходно, крокодилите често го менуваат расположението и воопшто не можете да се потпрете на нив, а и постојано бараат некаква храна, првиот крокодил се поместил од речниот брег и почнал да плива по должината на реката. Вториот крокодил сè уште немал завршено, па тргнал по првиот, продолжувајќи да си го лиже лижавчето. Сите други го сториле истото, еден по друг, додека сите не почнале да пливаат во линија. Двата вепара, седумте тигри, носорогот, двата лава, горилата, заедно со безбројните раскрескани мајмуни, сите се движеле среде реката на возот од крокодили што лижеле розови лижавчиња и сите врескале, крескале и си ги воденеле нозете.
Татко ми и змејот умирале од смеа, бидејќи глетката била неверојатно смешна. Штом си дошле на себе, татко ми завршил со сечењето на јажето, а змејот весело се вртел во круг и се обидувал да направи салто. Тој бил најрадосното бебе-змеј што некогаш се родило. Татко ми сакал колку што е можно побрзо да полетаат, па кога змејот конечно се смирил малку, татко ми му скокнал на грб.
„Качувај се!“ рекол змејот. „Каде ќе одиме?“
„Па, ноќта ќе ја минеме на плажата, а утре ќе го почнеме долгиот пат накај дома. Значи, одиме накај брегот на островот Мандарина!“ извикал татко ми, додека змејот се вивнал над мрачната џунгла и калливата река и сите животни останале под нив, а крокодилите и понатаму си ги лижеле своите розови лижавчиња и задоволно се смешкале. На крајот на краиштата, на крокодилите воопшто не им било важно никакво преминување преку реката, а згора на тоа, на грбот носеле многу вкусна гозба!
Додека татко ми и змејот надлетувале над Океанските камења чуле едно пискаво гласче како нервозно вреска: „Сратете ве! Вратете се! Ни зреба нашиот тмеј! Сакам да кажам, ни треба нашиот змеј!“
Но, татко ми и змејот знаеле дека не постои ништо на светот што ќе ги натера некогаш повторно да се вратат на Дивиот остров.
КРАЈ
Наслов: „Змејот на татко ми“ од Рут Стајлс Ганет (4 дел)
Едиција: Детски класици
Издавач: „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Прочитајте го првиот дел од „Змејот на татко ми“ (I и II поглавје)
Прочитајте го вториот дел (III, IV, V поглавје)
Прочитајте го третиот дел (VI и VII поглавје)
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк.