Интервју со Сибо („Баклава“): Винил плочата и книгата се двата бесмртни симболи на интелектуалецот

Новиот албум на „Баклава“ пристигна во „Литература.мк“: Грамофонска плоча меѓу книгите ‒ магичен спој на музиката и литературата

Звук во боја… Сликата што ќе ја добиете слушајќи ги 13-те нумери од новиот, четврти албум на групата „Баклава“, наречен „IV“, е токму она расположение што ви ја предизвикува некоја од боите: тиркиз, пурпурна, чоколада, рузмарин, пендолира, сина, рубин, сребрена, сива, бела, невен, фламинго и сенка. Секоја песна е посветена на конкретна боја, претставена преку музиката и стиховите.
Албумот, кој излезе на почетокот на оваа година, беше промовиран во февруари со концерт во киното „Фросина“ во МКЦ, со кој групата одбележаа 15 години од првиот настап. Откако изданието беше промовирано во дигитална форма, а потоа и на цеде, деновиве излезе и на лонгплејка.
Горди поддржувачи на новата плоча на „Баклава“ се издавачката куќа „Арс Ламина“ и книжарниците „Литература.мк“. Имено, во продажниот ланец на „Литература.мк“ деновиве се најде винил форматот на албумот „IV“.
Од групата велат дека се горди што со ова за првпат ги спојуваат музиката и литературата на бесмртните формати: винил и книга. „Четворката“ е грамофонска плоча меѓу книгите, а со ова музиката дојде кај читателите!
По повод објавувањето на албумот и дистибуцијата на грамофонската плоча во книжарниците „Литература.мк“ разговаравме со еден од основачите на „Баклава“, музичарот и текстописец Сибо, кој е познат и како автор на книгата „Човештина“ („Арс Ламина“, 2019).

*Откако на почетокот на годинава беше промовиран во дигитална форма, четвртиот албум на „Баклава“, наречен „IV“, деновиве излезе и на лонгплејка. Зошто се одлучивте најпрво да оди во дигитална форма, а потоа во форма на цеде и на винил?
Сибо: „Четворката” уште кога беше во студио го замислувавме на грамофонска плоча. Но, тоа е скапа авантура, која не смееше да го загрози објавувањето на самиот албум. Цедето е веќе надминато, а сегашниот начин на објавување музика е дигитален, и далеку пораспространет во светот, од кој било материјален формат. Сепак, на крај си рековме „заслуживме плоча, толку време, љубов и живот вложивме, нека ни биде личен трофеј“. И ете ја…

* Дали ова е прв албум на „Баклава“ објавен на ваков носач на звук? Каде беше сниман и со кого соработувавте во објавувањето?
Сибо: Ова ни е прв винил. Веројатно требало да помине време, полека да го снемува компакт-дискот и да дојде на ред стариот формат покрај дигиталните платформи. Песните ги снимавме бавно, што од финансиски причини, што поради желба секоја песна да биде приказна или боја за себе, а истовремено да ја надополнува таа палета. Затоа не се држевме до правилото одеднаш да се сними, туку тоа шаренило да пројде и преку различни студија („Чикен меднес“, „Тралала“, „Ентерпрајз“, „Алшар“…), продуценти, па дури и музичари. И успеавме да го објавиме благодарение на издавачот „Берин“ и тимот на „Арс Ламина“, што секогаш поддржуваат кој било сегмент во културата, но и што умеат да препознаат, па дури и да направат нов, модерен чекор.

*Плочите се продаваат преку продажната мрежа на книжарниците „Литература.мк“. Со намалувањето на продавниците за плочи, овој концепт на понуда на винилки во книжарници веќе е пракса во светот и во регионот. Но, е новина кај нас. Како настана соработката со „Литература.мк“ и колку концептот на „Баклава“ се поклопува со имиџот и концептот на издаваштвото „Арс Ламина“ и книжарниците „Литература.мк“?
Сибо: Горди сме што оваа новина први ја почнуваме токму со книжарниците на „Литература.мк“. Токму прогресивниот имиџ на „Арс Ламина“ сосема ни прилега на „Баклава“. Ова, ново впишување во културната историја, почна со Бранка Бугариска, главната уредничка на оваа издавачка куќа, и нејзиното препознавање на визијата за ново, прогресивно… Таа ја препозна иднината, делуваше брзо и без многу напор сме на почеток од овој проект. А откако ги запознав и останатите од екипата, веќе сум сигурен дека отвораме пат на оваа идеја за спојување на музиката и литературата, која ќе повлече следни изданија и настани кои ќе бидат интересни за јавноста. Саемот за книга нема да биде ист, книжарниците ќе имаат нови посетители, достапноста на музиката ќе биде поголема, особено во секој следен град, освен Скопје, каде ќе има книжарници на „Литература.мк“. Секое мешање и спојување на уметнички вредности, секогаш е привлечно за публиката, особено ако се надополнуваат. Ја пушташ новата омилена плоча, и со музика почнуваш да ја читаш новата омилена книга. Да, можеби ќе речете и двете работи ги имам на телефон, ама не е исто. Во спротивно, пуштете си видео од романтични свеќи и месечина… Сепак, луѓе сме, не андроиди.

Елена Христова, вокалот на „Баклава“, со новата плоча во книжарниците „Литература.мк“

*Винилот е формат својствен за минатиот век, многумина ќе речат ретро и за носталгичари. Но, во музичката индустрија изминативе години сѐ повеќе арстисти и групи (од различни жанрови) се одлучуваат да ги објават своите нови албуми на винил? Зошто дигиталната ера не успеа да го згасне или истисне до крај винилот? Како ги преживеа предизвиците на дигитализацијата и интернетот, и ги надживеа касетите и цедињата?
Сибо: Апсолутно не го потценувам комодитетот на интернетот. Но, сепак, како на луѓе, допирот ни е важен. Како и останатите сетила. Не може 7D кино да ни долови ветер, ниту женски мирис. Не е доволно само парфем да се шприцне. Така е и со дигиталниот формат. Потребно ни е да слушнеме, прочитаме па дури и мирисот на хартијата. И да не се лажеме, сериозниот аудиториум вложува во носач на звук. И форматот на винилот остана привлечен на изглед. Како и книгата. Тоа се двата бесмртни симболи на интелектуалецот, кој често е боем, кој се идентификува со слободен дух, но и индивидуа. Ниеден практичен дигитален формат не може до крај да ја постигне магијата, без уникатниот мирис… А за музичарите винилот е трофеј, материјален доказ дека остава бесмртност по себе.

* Во што се состои магијата на винилот? Пасионираните колекционери на плочи велат дека албумите звучат потопло и подобро на плочи? Дали вашиот албум звучи поинаку на плочата?
Сибо: И технички звучи подобро од кој било друг формат. Топлината на звукот исто се добива не само поради крцкањето од грамофонската игла, информација со која нѐ оддалечуваа со ширењето на цеде, туку и од тоа дека сериозните аудиофили вложуваат многу повеќе во опрема. Повеќе ги ценат артистите. Не е исто да пуштиш на телефон или во кола, и на уредуван простор каде што е грамофонот. Каде што е раатот. На цеде може да ставите 20 песни, точно. Помало е, се носи в џеб. И не крцка. На УСБ уште повеќе. На стриминг неограничено. Но, ќе почнете да заборавате која песна ја сакате, како се викаше артистот, нема да знаете за негов концерт… Пробајте да извлечете винил од картонската обвивка. Не оставајте отпечатоци. Ставете ја на грамофон. Треба нежно да ја ставите иглата, па да ја чекате Б страна… Или, пак, кренете УСБ, цеде, па и касета со двете раце над вашата глава како што наградениот актер или спортист ја покажува својата статуетка. Или врамете ги на ѕид. Ви личи тоа на трофеј? Премало е…

*За кој тип на публика е наменет винилот, и како новите генерации ќе успеете да ги привлечете да почнат да слушаат албуми на плочи?
Сибо: Овој албум може да има поширока публика, бидејќи содржи повеќе жанрови. Секако, не сме ја делеле публиката на посебни групи, особено не на старосни. Младите сакаат да бидат во допир со автентичноста. И секогаш ќе бидат понапредни од старите. Не ги потценувајте. Иако слушаат музика со стриминг, сметам дека не треба да ги потценуваме и да мислиме дека првпат слушаат за грамофон. Тие што се префрлија лесно на цеде од постарата генерација треба да учат од младите ‒ децата што се родија со интернет и прашуваа дали цедето има иста функција како УСБ, сега купуваат ултра нови грамофони кои не само што имаат блутут и УСБ-влез, туку можат и да се инсталираат во автомобил, да стојат вертикално и сѐ она што сме навикнати од комфорот на технологијата. Значи, имаме машини. И не го потенцирам тоа. Го нудам чувството на трпението помеѓу А и Б страна, за да можеш да прочиташ кој свирел, кој ја напишал таа песна. Треба да ни биде јасно дека повеќето медиуми исчезнуваат или застаруваат, од традиционално ФМ-радио и телевизија, па сѐ до какви било материјални формати. На раб сме од истребување дури и на традиционалниот концерт, што би се одржувал онлајн без публика, на која идеја остро се спротивставуваме. Треба да сфатиме дека плочите се тука за да останат. Стримингот и онлајн работите се океј, но видовме дека и не е толку фино да се гледате со партнерот преку камера. Ма колку сака нека е удобно ли, безбедно ли, модерно ли…
На крајот, веројатно сепак ќе биде потешко да се стигне до масовен интерес затоа што е незамисливо да се прикажува уметност без циркус и скандали. Уметникот не е паљачо, за да си поиграш со него и да го фрлиш. Големите вредности настануваа во времето кога само винили и филмови на Скорсезе постоеле. Сега е време на „Нетфликс“ на и хиперпродукцијата, која едноставно мора да успори. Верувам дека повторно младите ќе читаат книги, ќе пуштат винил, ќе ја продолжат цивилизацијата. На нив и останува светот.

* Дигиталната форма на албумот на почетокот на годината ја понудивте на најважните дигитални платформи во светот: Spotify, Apple Music, iTunes, TikTok, Google Play/YouTube, Amazon, Pandora, Deezer, Tidal, Napster, iHeartRadio, ClaroMusica, Saavn, Anghami, KKBox, MediaNet и Instagram/Facebook. Дали имате податоци, каков е интересот за електронската верзија, и какви се очекувањата за „физичката“ продажба?
Сибо: Тоа е повеќе проблематика на маркетингот, бидејќи денес не е доволно само да го завршиш делото, туку и да стигне до публиката. Интересот за дигиталната верзија е прилично голем за наши услови, делумно затоа што имаме публика од цел свет, делумно што и Македонија е изолирана од повеќе интернет удопства, па додека Spotify кај нас нема пристап, ние сè уште не сме чуле за iHeart радио со актуелни поп-ѕвезди. И во такви услови имаме нелогична повисока бројка на слушаност од домашни поп-ѕвезди. Реална нереалност. Слично е и со продажба на винили. Иако заради овој проект со достапноста во книжарниците на „Литература.мк”, многу повеќе ќе има продажба, бидејќи е полесно да се продава еден винил меѓу сите книги, отколку меѓу сите винили во продавница за винили. Иако целта ни е да отвориме пат и за останатите колеги. Нашите очекувања се сепак високи, но тоа откако повторно ќе се вратиме на светските настапи.

*Изјавивте дека овој албум е вашето ремек-дело, односно најдобриот на „Баклава“ досега. По што се разликува ова издание од претходната ваша музика? Какви музички и текстуални новини воведовте?
Сибо: Таа нескромна изјава е сепак мое лично мислење, и се однесуваше во споредба на постарите наши албуми. Долги години е создаван, вложивме многу. Има голема бројка на учесници, концептуално е граден и тотално ослободен од очекувања од критичарите или публиката. Наше, лично. Не кокетиравме со хитови, со конкуренција, не биравме специфичен жанр, не се додворуваме. Едноставно, бевме слободни. Сменивме звук, пристап, сѐ, освен својата душа. Осетно се смени дел од публиката кои сакаат кавери на народни песни, со публика со вкус за други жанрови. За среќа, публиката не само што се подмлади, туку и се зголеми. И поради тоа ми е драго. Поубаво ми е да ни го сакаат искреното авторство, дури и по цена двајца да останат. Можеби затоа албумот е толку шарен, а веќе добива поголем аудиториум отколку што мислевме.

*Станува збор за колоритен албум со вкупно 13 песни, создаван на концептот на бои ‒ претставени преку музиката и стиховите. Како настана конекцијата помеѓу боите и звукот?
Сибо: Звукот прави форми, буквите слики, и некако логично беше дека и боите имаат своја песна. Секоја се разликуваше од следната, по ритам, по скала, жанр и тоа само боите можат толку експлицитно да го прикажат тоа шаренило. За секоја мелодија ќе ја прашав Елена на која нијанса мисли и сосема ќе се поклопеше и со моето мислење. Како што знаевме дека албумот ќе биде бројот четири, не поради хронолошката низа туку заради тетрактисот во симболиката на ромбот. Или баклавата, каро… Логично беше и стиховите да ја отсликуваат бојата без да ја именуваат, туку да им создава слики. На пример во стиховите „во мене се горски мириси маслинка, бор и мирта над сите е рузмарин“ е – зелена. А во „Цимет во коса и капка од зрела капинка“ се нијансите на црвената.

* Ти си задолжен за текстовите во албумот. Кај некои песни правиш експеримент со зборови од други јазици, правејќи го изданието уште поуникатно. Колку време се создаваа нумерите и од каде црпеше инспирација?
Сибо: Иако не ни се строго поделени обврските, некако испаѓа дека повеќето текстови ги напишав, како што и Елена повеќето мелодии. И драго ми е дека испаѓа така. Сѐ уште постои една гинофобија, дури и во уметноста, каде од жените се очекува да бидат текстописци и никако композитори. Во постаро време жените не смееа да бидат ни писатели. Сѐ уште и е тешко на жената да се расправа со машката суета. За жал, најчесто ги сакаме само пејачките, кои никогаш ништо друго не создавале, освен што Господ им дал убав вокал. Во нашиот бенд не е така, така што стиховите иако ги пишувам, постојат, само заради музиката на Елена. Низ нејзини мисли се обидувам да ги обликувам нотите, и заедно да му пренесеме порака на слушателот. Стиховите се полни со симболи, оставам скриени пораки. А јазиците, како и жанровите низ целиот албум не беа планирани. Како ми личеше песната, така пишував. Една строфа влашки, затоа што го следев кларинетот, што ми свиреше епирски. Една строфа латински, затоа што сакав да претставам одредена клетва со хорот. Турски, затоа што целата песна е посветена на Турција, тиркизниот југ, Истанбул… Хрватски, затоа што сакав на Дарко Рундек да му биде удобно. А него му беше удобно и на македонски. Имав напишано и на уште јазици, и воопшто не ни беше тоа мерило. Преведени ми се и на англиски, колку да разбере поголем дел од светот, но, стиховите служат за вокалот да може да ја обликува музиката во полн сјај, како и за љубителите на поезијата да си ја разгалуваат душата. Не се сметам себеси ниту за поет, ретко сакам туѓа поезија, не би да читам своја песна пред еден куп луѓе што со задоволство си ги читаат своите… Иако тоа во песните не се забележува.

* На албумот соработувате со долга листа музичари. Со кого сѐ работевте?
Сибо: Навистина импозантна бројка. На веќе познатата постава од претходните проекти заедно со Елена, Дејан, Пеце, Џенгиз и Гого, се приклучија и Александар Николовски, Јордан Костов, Игор Стевковски, Драган Стојковски, но и Гоце Наумов, Валон Адеми, Гоце Стевковски, Трајче Ристов, Амон Мра, Гордан Спасовски, Лазе Стерјовски. Покрај Елена, која најчесто е композитор и аранжер, беа и продуцентите Мите Димовски, Тино Скендеровски, Ивица Јанкуловски, Andreas Hz, Дарко Спасовски, Горан Кан, Бојан Угриновски. Гости ни беа неповторливиот Дарко Рундек и прекрасните „Суперхикс“. Многу врвни имиња, чест ми е што работев со нив.

*Како настана соработката со Дарко Рундек и „Суперхикс“. Колку успевате да ги изблендирате различните музички стилови за да ги спакувате во звук кој пред сѐ ќе биде својствен за „Баклава“?
Сибо: Навистина спонтано, немавме акционен план за да се продава албумот подобро. За „Чоколада“ која ја изведуваме со прекрасната банда инструментале, Елена стана едно утро и сфати дека оваа песна е како за нив. И точка. За наша среќа, нив им се допадна и тоа е незаборавно искуство. „Суперхикс“ се навистина супер. Големи професионалци се пред сѐ. Долгогодишни другари сме со нив, Дарко Попов дури и ни свиреше на првиот албум. Вљубен сум во нив. За „Рузмарин“ исто имавме посебно искуство. Имено, откако Елена ја искомпонира песната, размислував долго за текстот. Слушајќи ја мелодијата сѐ повеќе ми прилегаше да има дует со Дарко Рундек, чиј сум фан. Напишав стихови за него, од кого учев како текстописец. И здобив храброст за лудата идеја да го поканиме во дует. Требаше да му се допадне и музиката и текстот. А тоа е навистина тешко. Го остваривме најголемиот успех. Малку е да кажам колку сум благодарен. За среќа имаме и спот, па си го пуштам за да се уверам дека тоа се случило. Му посакувам секому да си го достигне личниот врв…

* Кој го направи каверот на албумот и која е приказната зад илустрацијата, што симболизира?
Сибо: Нерсес Малакјан. Еден од најдобрите дизајнери со кои сме соработувале. Лично сум воодушевен не само од ова, туку од сите негови дела http://www.nerses.xyz Како симболог, сметам дека е јасна асоцијацијата на предната страна. Баклавата или ромбот има четири страни, а е насликана е со основните бои и нејзините нијанси, во нашиот случај сите песни. Без ниедна буква цртежот објаснува сѐ што има внатре. Употребувајќи ги физичките закони, а и математиката, точно ги доловува нијансите преку дијамантската решетка. Воедно, најсовршен приказ на бојата. Само поради омотот би ја купил плочата, ако не знаев што е. Едвај чекаме да ѝ ги прикажеме на публиката сите негови игри со светлината на следниот концерт.

* Веќе промовиравте видеоспотови за нумерите „Рузмарин“ и за „Тиркиз“. На второто видео како режисерка се јавува писателката Јана Мишо. Колку сте задоволни од оваа соработка – дали и колку Јана Мишо успеа да ја долови приказната од песната и дали се во план и други спотови?
Сибо: Иако веќе имавме дури четири спотови за овој албум, требаше да се промовира и нова песна како старт за претставување на новиот албум. Бевме навикнати да ги режираме со Елена спотовите, но, овој пат испадна супер одлуката да го режира некој надвор од бендот. Јана понуди одлично видео, и сосема го долови како сензибилитет и порака, во оние слатки тиркизни детали на црно-бела фотографија, ја прикажа моќта и соголувањето на жената со симболизам од висока естетика. Иако Елена имаше одлична изведба како актер, зависеше од режијата како сето тоа ќе изгледа на крај. А веќе, лично се чувствувам стар за новата технологија и не ја следам новата мода, и самиот се плашев како може сето тоа без стрес да се заврши. Бидејќи Јана има остра и брза мисла, внимава на артистите да се чувствуваат удобно, но и на деталите како сето тоа ќе се изведе, направи одлично видео. Ги препорачувам нејзините книги, текстови, видеа и сè што правела и допрва ќе прави. Во план ни е спот за „Чоколада“ со „Суперхикс“.

Разговараше: Ана Несторовска – Саздовска

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.