„Хордубал“ од Карел Чапек (трет дел)

7

Хордубал оди пијан по месечевата ноќ; пијан, оти ја одвикнал ракијата, оти одвикнал од зборот, оти си оди кај жената. Зошто студиш, месечино – не врвам ли тивко, кротко и меко, дури росата не ја бришам од тревата? Еј, кучиња од цело село, врви Јурај Хордубал, ги шири рацете, за да ја земе жена си: еве, целата те имам во преграб и пак ми е малку, со уста би те изел, коленава ми се тресат, меѓу прсти те сакам, Полано! Зошто студиш, месечино? Вистина, пијан сум, пиев за кураж, оти сакам главечки да се втурнам дома; со мижење да ги раширам рацете и да рипнам… тука сум, Полано, и тука и тука, каде ти се рацете, нозете, устата, таму сум и јас; крај немаш, а сакам од глава до петици да те имам.
Хордубал оди по месечевата ноќ и целиот се тресе. Не викнувам, збор не изустувам на ваква месечева ноќ, на вакво пијанство; тивко и полека, како сенка, си врвам; те држам, како кога расте дрво, а на вакво пијанство ни збор не изустувам, ниту, пак, воздивнувам; ах, Полано, и ѕвезда кога паѓа се слуша.
Не, дома не свети месечината, не студи; свети над црнана шума, а дома е темница, што дише; во темницата мораш со рака да пофаќаш, за да си ја најдеш жената, да видиш дали спие или не, не ја гледаш, а сè ти е полно, тивко ти се насмевнува и ти прави место; а место за дибек како тебе нема, мораш да ѝ се пикнеш меѓу пазуви; ти шепоти на уво, а не знаеш што – зборовите ѝ се студени, ама шепотот ѝ е топол и темен, а околу него уште погуста темница, толку е густа и тешка, ја допираш, а таа да ти била жена, ред коса, ред рамена, ти дише, ти шушти меѓу заби, темно ти дише во гушата. – Ах Полано, викнува Хордубал, ах душо!
Јурај тивко го отвора портето од дворот и се тресе. На прагот седи Полана на месечева светлина и чека. „Што е, Полано?“ промрморува Хордубал, а срцето му се смирува. „Зошто не спиеш?“
Полана се втресува од студ. „Тебе те чекам. Сакам да те прашам – лани за два коња зедовме седум илјади; па како ќе речеш – како ти се чини…“
„Арно, арно“, вели несигурно Хордубал. „Така треба, утре ќе се договориме…“
„Сега сакам“, вели тврдо Полана. „Затоа те чекам. Нејќам да молзам крави… да работам на нива… нејќам!“
„Нема да работиш“, ѝ вели Хордубал и ѝ ги загледува рацете, бели на месечевата светлина. „Работата остави ми ја мене.“
„А Штефан?“
Јурај молчи, издишува, што пак сега Штефан? „Па“, промрморува, „овде нема работа за двајца.“
„А коњите?“ набрзина замерува Полана. „Нема кој да ги гледа, а ти не се разбираш…“
„Така си е“, се повлекува Хордубал. „Ќе видиме како ќе биде.“
„Сакам да знам“, навалува Полана и стегнува тупаници. Каква си, тврдоглава!
„Како ќе речеш, Полано, како ќе речеш“, си го слуша Јурај гласот. „Нека остане Штефан, душо… Имам пари, донесов… Што сакаш ќе ти дадам.“
„Штефан се разбира во коњи“, слуша Хордубал, „нема да најдеш како него. Пет години ни служи…“ Полана станува, бледа и чудна на месечевата светлина. „Добра ноќ. Само тивко, Хафија спие.“
„Како – а ти?“ се чуди Хордубал.
„Ќе спијам на тремот. Ти спиеш в одаја, газда си.“ На лицето на Полана има нешто тврдо, нешто злобно. „Штефан – спие во коњушницата.“
Хордубал седи како здрвен на прагот и зјапа во месечевата ноќ. Ете ти. Глава дрвена, не сака да мисли; а што ми застанало во грлово, што не можам да го голтнам? Ти спиеш в одаја, газда си. Така си е.
Некаде далеку лае некое куче, во шталата ѕвека синџирот на кравата. А ти спиеш в одаја. Ех, главо дебела!, колку сакаш ти чукај ја – пак не разбира. Газда сум бил. Сè ова е твое, домаќине, и ѕидовиве и дворот, сè е твое: како што прилега, целава одаја е твоја, сам да се тркалаш на постела – газда си! Ах, што не можам да станам, од што ми тежи главава – до ракијата е, гадна ракија ми тури Евреинот, ама да не му отидев, што ќе правев дома? Ќе си лежев в одаја. Полана сака чест да му направи на домаќинот, како гостин да спие. – Неимоверен замор паѓа на Хордубал. Така си е, сака да ѝ одмори домаќинот од патот, да отпочине; и така на нозе не можам да стојам, како пивтија ми се. А месечината веќе се скрила зад стреата.
„Чукна е-ди-на-е-сет, слава му на Бога се-ви-шен…“ Така се пее на полноќ – во Америка не се пее, чудна е Америка. Нека не ме гледа светот, срамота е, се штрекна Хордубал и тивко, како крадец се прикрадува кон одајата. Си го соблекува палтото и слуша слабичко дишење. – Полана, фала Богу, си легнала при мене; а јас, будала, седам ко дибек во дворот! Јурај тивко се прикрадува кон постелата и пофаќа: коса, тенки и кревки пазуви – Хафија. Детево се закопало лице в лице со перницата и преде ко маче. Хафија. Јурај тивко седнува на работ од постелата и ги припокрива детето: како да легнам, Господе? детево ќе го разбудам. Затоа ме прати овде Полана, за малата да свикне на татко ѝ. Ама бидува ли татко и дете в одаја, а таа на тремот.
Нешто му светна на Јурај и – не му дава мир. Ќе спијам на тремот, рече. Може намерно: будала еден, ти дојди ми, ти кажав каде сум: на тремот. А Хафија спие в одаја. Хордубал стои среде одаја како кол и срцето му бие. Горда е Полана, не вели: овде сум, те чекам; по неа мораш сам, како по девојка, во темница мораш да пофаќаш, дури не ти се посмее, ах, бе Јуро, будало, осум години на тебе мислам.
Јурај оди на тремот, тивко и со лазење. Ах, Полано, и во црна темница ти го слушам срцето. „Полано, Полано“, шепоти Хордубал и пофаќа во темнината. „Оди си, бегај“, нешто стенка во темницата, „те нејќам! Те молам, Јураје, оди си…“
„Добро, Полано“, мрмори Хордубал неизмерно збунет. „Дојдов… само да те прашам, како спиеш…“
„Оди си, те молам“, згрозена му јачи од темницата.
„Само да ти кажам“, пелтечи Хордубал, „како ќе речеш, така… и рамница ќе купиме…“
„Оди си, оди си“, викнува Полана нечувствително…
…а Јурај не знае, како дошол дури овде, небаре главечки паѓа во некоја провалија. Но, не паѓа, само седи на последното скалило и паѓа во провалија. Длабоко, Господе, длабоко паѓа! Кој јачи олку? Кој, јас. Не јачам, само пробувам да дишам, што да правам, кога и дишењето ми јачи! Па, јачи си: дома си, газда си…
Хордубал го запира паѓањето, седнува на скалилото и се џари во темницата. Газда си, спиеш в одаја, рече. Така ли, Полано: осум години си беше господарка, а сега не сакаш газда над себе. Каков газда, душо: седнал на скалилово и шмрка, уште носот да му го забришеш; газда и пол. Хордубал сеќава нешто на устата, пофаќа, насмевка е. Хордубал се смее во темницата: не сум газда, измеќар сум. Ќе ти ги гледам кравите, Полано, а ти ќе си бидеш господарка. Гледаш, сè си е по мерка: коњи и крави, Штефан и Јурај. Ќе ти изгледам едни крави, Полано, милина да ги гледаш – и овци; сè ќе имаш и господарка ќе бидеш.
Ете, и дишењето ми се врати, не јачам; воздух собирам колку мев во ковачница. Туку, на измеќарот не му е местото в одаја; кај кравите му е местото. Таму барем не е сам, ги слуша како дишат; па и да си прозбори на глас и да се штрекне, на кравата ѝ е исто: ќе ти ја заврти главата и ќе те слуша. Добро се спие во шталата.
Јурај оди тивко во шталата; го опива топлиот мирис на кравите, го поткрева резето. Опа, кравички, јас сум; фала Богу, слама има колку сакам.
„Чукна два-на-е-сет, слава му на Бога се-ви-шен, и на син му Исуса…“ Не, во Америка не се пееше. „Запалете ламба, оган, душа да си стоплам…“
Тууу – тууу – тууу, прави полноќниот рог, како кога мука крава.

8

Штефан ги впрегнува коњите. „Добар ден, газда“, викнува, „сакате да си ги видите долните ливади?“
На Јурај му се стемнува: не сум полјак, в кола да се возам по нивите. А и онака немам ништо за работа, немам ’рж за косење; па зошто да не ѝ ја видам сермијата на Полана?
Штефан има широка платнена кошула и сина скутина – се гледа дека е од рамницата; а и црн е како Циганин. „Цк – цк“, им цука на коњите, а овие рипнуваат со тропот и врева, па Јурај мора да се држи за колата; а Штефан исправен, со капата настрана и со уздата в раце, му игра камшикот по шиите на коњите. Полека, не се брзаме.
„Еј“, му свикува Јурај незадоволно, „што си ги престегнал коњиве на узди? Гледаш како прават со муцките, ги боли.“
Штефан се завртува и се озарува. „Морам, газда“, вели. „За да им стојат главите исправени.“
„Зошто исправени“, се буни Хордубал. „Нека им стојат, како што им пораснале.“
„Тука лежи парата, газда“, објаснува Штефан. „Секој купувач најпрвин гледа дали коњот ја држи главата исправена. Види, газда, како оди сега: со задните нозе, а предните само си стружат по земјата. Цк – цк.“
„Не го збодинај толку“, викнува Хордубал.
„Се учи да трча“, вели Манија рамнодушно. „Нека се учи. Што ќе ти е бавен коњ, газда?“
Ја вози ли Штефан вака Полана?, си размислува Хордубал. Целото село се загледува: видете ја Хордубалица, вистинска чорбаџика; се нагиздила и си се вози. А зошто да не се покаже?, си мисли Јурај. Фала богу, не е ко другине жени, стројна е и рамна како дирек; куќана палата ја направила, седум илјади дала за коњи, па зошто да не ја крене малце главата. Тука лежи парата.
„Е, ова е нивата“, покажува Штефан со камшикот. „Одовде до багремине, сето е на газдарицата.“
Хордубал слегува од колата, целиот искршен. Ме откости, ѓавол да те земе. Нивава открај-вкрај како тепсија; вистина, трева до појас, ама земјата сува и тврда – не ми кажувај репна почва, степа е ова.
Манија си го чешка тилот. „Да се докупеше и другана нива, газда, триесет коњи ќе можевме да пасеме.“
„Така си е“, забележува Хордубал, „ама, посна е земјава, машко.“
„Што ќе ни е мрсна?“ се клешти Манија. „Коњот треба да е сув, газда. Или, ќе ги гоиме за на касап?“
Хордубал не одговара и им приоѓа на коњите, ги гали по гривата. „Еј – еј, мали, не бој се, уште си дете. Што ми мрдаш со ушите? А ти пак, паметна! Што се чешаш, сакаш нешто?“
Штефан ги отспрегнува коњите, се исправа и вели малку поостро: „На коњите не им треба зборење, газда. Ќе омекнат“.
Хордубал нагло се завртува накај него: Така се зборува со газда! Така треба, да свикнат коњите на мене. А во твоите не ти е мешам, мајмун еден; што е, што се мрштиш.
Штефан ги остава коњите слободно да си пасат и ја зема косата, ќе коси сено; смотан еден, не зел уште една коса. Јурај воздивнува и ги загледува врвовите над Крива. Таму барем нивите се ко што треба – вистина, вријат од камења, ама одлични ниви се: компири, овес, ’рж – некаде ’ржта уште стои, некаде веќе ја собираат во снопје… „А кој ни ги купи горнине ниви, Штефане?“
„Некојси Пјоса“, одговара Манија.
Аха, Пјоса, значи Андреј Пјоса Хусар; затоа не ми се одговори во меаната, од срам, дека на жена ѝ ги зел нивите. Јурај зјапа кон врвовите и се чуди, небаре нивите Хордубалови скокнале од планината и паднале право во рамницава…
„А Рибари, на ниско се?“ прашува Јурај.
„На ниско“, покажува Штефан. „Онаму, на три часа одовде.“
Дури три часа, значи не биле баш близу Рибари. Хордубал си скинува страк трева и си го џвака; кисело е и чкрипаво – горе, на пасиштата, и тревата е повкусна, покоренита, како мајчина душичка. Јурај се шета по ливадите; што ќе ти е рамница, ништо не се гледа освен небото, а и тоа не е чисто како на планина, прашливо е. А и пченкава; вистина, висока е до над глава, ама само на лисје е; ах, Господе, пченкава е валкана работа – само да ѝ пуштиш свињи, да ја газат и да гровтаат! Друго кажува ’ржено поле, меко како волна. Јурај не е ни по багремите; горе си има трње и бршлени, смреки, оскруши, што ќе ти се багреми. Не се гледа ни Манија во скутината и во високите чизми. Како да не им зборувам на коњите! И коњот е како кравата, си има во главата; со благ збор се учи на кроткост.
Пред Јурај се распослала рамнина и го обзема копнеж, ко да е на море, а онаму! онаму! Се свртува кон врвовите, ех, и вас ве јаде рамницата, ве прави мали и глупави; ама кога се качуваш нагорно, барем сеќаваш земја под нозете! Јурај веќе не издржува, го фаќа патот за в село и го остава Штефан со сè запрега. Да одам да си ја видам ’ржта, си мисли, ама саат време пооде и пак му се далеку висовите; а долу е задушливо, ни ветре нема да дувне – ете ти рамница. Којзнае колку далеку ме однесе Штефан. Цк – цк и на крајот на светот отидовме. Брзи коњи има Полана: што ќе ѝ се бавни коњи, газда?
Хордубал оди веќе добри два часа и конечно е на крајот од селото: Циганите, голи и боси, се прпелаат во татулот и буниката, крај патот има ковачница… Хордубал застанува, нешто се досетува, сега ќе видиш, Полано! И влегува во ковачницата. Мајсторе, ај направи ми кука, ех, каква, кука: кука како за рампа, за на порта, ќе почекам. Ковачот не го препознава Хордубал, темно е, а и ништо не гледа од зад мевот. Сакаш кука, ќе ти направам; и ја кове небаре гром. Абре, мајсторе, си ги видел коњите на Хордубалица? Сум ги видел, коњи ко ѓаволи има, ама чорбаџиски; за работа не ги бива. И ела да те видам оковај ги! таква ѕверка двајца мажи не ја додржуваат.
Хордубал зјапа во усвитеното парче железо. Ќе ти купам нешто, Полано, нешто за дома. А, колку може да чини еден таков коњ, мајсторе? Боже, прости ми, се забришува ковачот, ама не се токму: осум илјади му бараат! Толку пари за еден коњ! Ќе ти се погоди дивтар и што ќе му правиш? Поарно земи си хуцулско коњче или некој поголем, од влашките, со газ како олтар, гради ко хармоника – порано куќа без коњи не бидуваше! Сега – трактор му е мајката! Ливадите сега сите ги продаваат: што ќе ти е сено, што ќе ти се коњи, кога имаш машини…
Хордубал кима со главата. Вистина, машини – ко во Америка. Морам да ја вардам Полана, да не направи некоја глупост. Ќе дојдат машините и што ќе им правиме на коњите? Никако, Полано, пари за ливади не давам. Друго се нивите и кравите – машината нема да те нарани. Тешки биле за работа. Вистина, тешки се, ама имаш млеко и жито. Полана – изгледа спрема ручек; а Јурај се прикрадува во дворот и ја мести куката на внатрешната страна од портето. Добро, уште крукчето… По скаличките излегува Полана, ги набрчкува веѓите и гледа, што работи Јурај, ќе го праша? не го прашува, а само упорно го гледа. „Готово, Полано“, мрмори Хордубал. „Ти наместив кука, да можеш да се затвориш.“

9

Јураје, главо дрвена: се мавташ по дворот, се загледуваш и не знаеш што да правиш. Зелка да садиш? Не ти личи, маж си. Просо да им фрлиш на кокошките? Свињите да ги нараниш? Сè женски работи. Дрвата се исекоа и се исцепија, ја затегна и оградата, ја засили со колци; само туфкаш како старион Кирил, што напразно меле со брадата во дворот на Михал Херпак. А комшискине жени, зјапнале во тебе и си зборуваат, газда си е, рацете в џеб и само се проѕева, устата да му испадне, да би!
Долу кај ливадите – Манија; што бараш таму? Не смееш ни на коњите да им зборнеш. Сам нека оди, што ќе ми е мене рамница? Види го, измеќар дошол од којзнае каде и ќе ми кажува, вака треба, газда, онака. Нема што да ми заповедаш, што треба, сам ќе си направам. Порано – од дрво чуда правев, цели шуми сечевме; а сега, не се продава дрвото, така гние по шумине…
Да даде Господ и крави да запасам! Две крави се колку да ти се смее светот, ама друго кажуваат дванаесет, да ги потераш горе на Волов Грб и да си земеш еден токмак, за од мечки. – И никој нема да ти рече: не им зборувај на кравите. Говедото си сака викање.
А Полана не сака да чуе – за една крава од касапот едвај осум стотки ќе добиеш и за нив треба да молиш. Море, каков касап – за себе ќе си ранам добиток: ама штом не сакаш, нека ти биде. Само, по рамници пари не фрлам.
Или, да си ги впрегнеш кравите на кола и право на нива, да си ја собереш бербата. Одиш, одиш со едната рака на јаремот, стегаш! Ој – ој! Никаде не брзаш, одиш, колку што оди кравата. И во Америка ми беше ист чекорот: колку што одат кравите. Па, со бербата товарена право удолу, колата тежи-лежи, спици пукаат, сиот род в раце ти е – барем гледаш, што си сработил, фала Богу. Е, ова е машка работа, Полано. Само, Боже, поможи ми во денгубава – и рацеве ми омекнаа; а вешти раце имав, тврди, американски.
Лесно ти е тебе, Полано, леташ, за тебе секогаш се наоѓа работа, те кокошки, те свињи, те нешто в одаја, ама срамота е маж да стои на ограда. Барем да ми речеш, Јураје, треба ова и ова; а ти, како некоја стрела, ни збор не слушаш. Не ме оставаш да ти кажам – на пример: во Америка, Полано, мажот смее и да замете, чиниите да ги измие, подот да го истрие, не е срамота; добро им е на жените во Америка. А ти – штом нешто фатам да работам, ми се намуртуваш, не бил таков редот, ќе ми се смееле луѓето. Па, нека се смеат, натема ги. Ако пофатам нешто во коњушницата, да ги наранам и напојам коњите – Штефан ми се мршти; не сакале коњите зборување. Што збориш?! А ми се мршти – да може, со очи ќе ме изеде. Ни со газдарицата не зборува, едвај уста отвора и само со очите – пожолтува од злоба, дури сам ќе се изеде. – И Полана му се плаши, вели: оди, Хафије, речи му на Штефан, да направи ова и ова, прашај го Штефан за ова и ова – а Хафија не му се плаши. Чичко Штефан, ќе му рече, а тој ќе ја земе на колено, вака, Хафије, скока ждребето, вака заспива кобилата – и ќе ѝ запее; а штом види дека некој го гледа, на часот се прибира во коњушницата.
Хордубал се чешка по тилот. Не знам зошто, ама Хафија уште се плаши од мене. Си игра и штом ме види – готово, од пред очи не ме испушта, само бега – не бегај, Хафије. Дојди, Хафије, ќе ти направам играчки од дрво, само потпри ми се на рамо и гледај – што ќе ми направиш? Ех, колку имам да ти раскажувам, Хафије, за Америка: за црнците и за машините – биди здрава и жива, Хафије, оди кај стрико ти Штефан. Не ја тепај, Полано, со сила убавина не бива; да сакаше ти да седнеш до мене, да си позборувавме, Хафија сама ќе дојдеше да слуша, ќе ми се потпреше на колено со лактето – што имам едни приказни, со отворена уста би слушало детево. Добро, може в зима, пред огниште…
Од селото доаѓаат исплашени гускини крици и ѕвекот на кола – се враќа Манија. Јурај одмавнува со рака и оди зад плевната. Што ќе стојам овде, лицето да му го гледам! Еден грст сено си накосил, а си се забревтал, ко којзнае што да носиш. – А овде е тишина, овде на целиот свет си му зад грб. И овоштарникот го запуштиле, од него си беревме круши и сливи, а сега ништо. Старите дрвја треба да се исечат, а наесен да се насадат млади; ништо не останало, само неплодни дрва: останете ми со здравје. Порано овоштарник со дебели сенки, а сега свињи го ораат и коприви, Боже, до рамена!
Што не сум видел во Америка; сè сум видел и сум пробал и не ќе е лошо од нив да учиме. Немаше лоши работи таму – итри се Американците – сè од алат имаат! Или – да си насадиме бавча. Или да завртиме зајаци. Ама, зајаци без зарзават од бавчата, не бидува. Зошто да не, сè се може, Полано, сè ќе ти направам, само заврти се, да видиш, што прави Јурај. Што ќе биде ова, Јураје? Кафез за зајаците, Хафија ќе се радува и кожувче можеш да ѝ сошиеш. А ова, гулабарник. Што, не сакаш пчели? Можам и улиште да ти изделкам од некој трупец, улиште со едно прозорче одзади, да можеш да ги гледаш пчелите. Во Џонстаун имаше еден мајнер, Полјак, голем пчелар; пази, и капа имаше, со мрежа за пчели. Нема што не може човек да научи. Да речеш, Полано, само да ме погледнеш – сè ќе биде. Или, да ме прашаш: како прават ова и ова во Америка? А не прашуваш, тешки ти се зборовите. Срамота е олкав маж да прави нешто за свој ќеф, да си игра, небаре е мало дете – ама кога прави за друг – в раце ќе си плукне, па и ќе си запее. Така си е, Полано.
Слава ти, Боже, веќе ѕвонат кравите, доаѓа вечер; и нашите стигнаа, треба да се врзат, да се напојат, да се погалат, Хафија свикува, Штефане, татко, на вечера; Штефан гласно срка, Полана молчи, Хафија си шепоти со чичко Штефан и што ќе правиш, добра ноќ на сите. Хафија спие во одајата, Полана на тремот, Штефан во коњушницата – отаде дворот е шталата, таму ќе си појдеш и ќе си легнеш. А таму, рацете под глава и можеш што сакаш да си раскажуваш што да се сработи и како да биде.
А кравите – сè разбираат: ги свртуваат главите и те гледаат.

 

Извадок од книгата „Хордубал“ од Карел Чапек (3 дел)
Едиција: Класици
Издавач: „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Прочитајте го првиот дел  (1,2,3.) од „Хордубал“

Прочитајте го вториот дел  (4,5,6) од „Хордубал“

Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“, а може да се нарача и онлајн на следниот линк.

5 thoughts on “„Хордубал“ од Карел Чапек (трет дел)

  1. Пингување: „Хордубал“ од Карел Чапек (4 дел) | Literatura.mk

  2. Пингување: Извадок од книгата „Хордубал“ од Карел Чапек (4 дел) | Literatura.mk

  3. Пингување: Извадок од книгата „Хордубал“ од Карел Чапек (5 дел) | Literatura.mk

  4. Пингување: Извадок од книгата „Хордубал“ од Карел Чапек (6 дел) | Literatura.mk

  5. Пингување: Извадок од книгата „Хордубал“ од Карел Чапек (7 дел) | Literatura.mk

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.