ПОГЛАВЈЕ 6
ТАТКО МИ ЗАПОЗНАВА НОСОРОГ
Татко ми набрзо пронашол патека што водела подалеку од чистинката. Постоела можност патеката да ја користат и разни други животни, а сепак решил да тргне по неа зашто можеби водела до змејот. Се движел и со ширум отворени очи внимавал пред себе и зад себе.
И само што се почувствувал безбедно, наишол на една кривина и се нашол веднаш зад двата диви вепара. Едниот му велел на другиот: „Знаеш ли дека синоќа желките си помислиле дека го виделе Мајмунот како ја носи неговата болна баба на лекар? Но, бабата на Мајмунот почина пред една недела, па мора да виделе нешто друго. Се прашувам што“.
„Ти реков дека има некаква инвазија“, рекол другиот вепар, „и имам намера да откријам кој ни влегол. Едноставно, не трпам натрапници“.
„Ји нас“, рекло пискаво гласче. „Сакам да кажам, ни јас“, и татко ми знаел дека и глушецот е таму.
„Па“, рекол првиот вепар, „ти пребарај ја патекава нагоре до кај змејот. Јас ќе слезам надолу накај големата чистинка, а глушецот ќе го пратиме да ги варди Океанските камења во случај натрапникот да реши да си замине пред да го најдеме“.
Татко ми навреме успеал да се скрие зад едно махагони дрво и првиот вепар поминал веднаш покрај него. Кога другиот вепар тргнал, татко ми почекал малку за да остави доволно растојание помеѓу нив, но не чекал премногу зашто знаел дека кога првиот вепар ќе ги види тигрите како џвакаат гума за џвакање на чистинката, ќе стане уште поподозрив.
Набрзо крај патеката се појавило поточе и татко ми, кој веќе бил многу жеден, застанал да се напие вода. Сè уште ги носел гумените чизми, па навлегол во водата и се наведнал да се напие, кога нешто многу остро го зграпчило за панталоните и силно го протресло.
„Не знаеш дека ова е мое приватно езерце од солзи?“ рекол еден длабок и налутен глас.
Татко ми не можел да види со кого зборува зашто висел во воздух над потокот, но рекол: „Ах, не, многу ми е жал. Не знаев дека секој има приватно езерце од солзи“.
„Нема секој!“ налутено викнал гласот, „но јас имам затоа што имам многу причини за плачење и сите што ќе ги најдам ги давам во моето езерце од солзи“. Па, животното почнало да го турка татко ми подлабоко во водата.
„За што пла-чеш тол-ку мно-гу?“ прашал татко ми, обидувајќи се да земе здив и размислувајќи што сè има во ранецот.
„Ах, имам многу причини за плачење, но главно плачам поради бојата на мојот рог“. Татко ми се вртел на сите страни, обидувајќи се да го види рогот, но никако не можел да види преку панталоните.
„Кога бев млад носорог, рогот ми беше бисерно бел“, рекло животното (и тогаш татко ми знаел дека виси закачен за панталоните на рог на носорог!), „но на стари години доби валкана жолто-сивкава боја, што ми е многу грдо. Види, сè кај мене отсекогаш било грдо, но порано барем имав убав рог и не ми беше гајле за другото. А сега кога и рогот ми е грд, не можам да спијам навечер од помислата колку сум грд и постојано плачам. Но, зошто воопшто ти ги кажувам овие работи? Те фатив во моето езерце и ќе те удавам“.
„Чекај малку, Носорогу“, рекол татко ми. „Имам пар работи што ќе го направат твојот рог повторно бел и убав. Само спушти ме и ќе ти ги дадам“.
„Навистина?“ рекол носорогот. „Не ми се верува! Леле! Многу се радувам!“ Го спуштил татко ми наземи и танцувал во круг околу него, додека татко ми од ранецот ги вадел четкичката и пастата за заби.
„А сега“, рекол татко ми, „само доближи го малку рогот, те молам, и ќе ти покажам како да почнеш“. Татко ми ја наводенил четкичката во водата, истиснал малку паста и силно протрил на една малечка точка. Потоа му рекол на носорогот да се исплакне, а кога водата повторно се смирила, му рекол на носорогот да се погледне во неа и да види колку е бела точката. Тешко било да се види на придушената светлина во џунглата, но било доволно да се види дека точката несомнено блескала бисерно бело, како да е нова. Носорогот толку бил задоволен што ја грабнал четкичката за миење заби и почнал силно да се трие, сосема заборавајќи на татко ми.
Но, токму тогаш татко ми чул чекори на копита и скокнал зад носорогот. Тоа бил вепарот кој се враќал од големата чистинка, каде што тигрите џвакале гуми за џвакање. Вепарот погледнал во носорогот и во четкичката за заби и пастата за заби, па потоа си го почешал увото од едно дрво. „Кажи ми, Носорогу“, рекол, „од каде ти се четкичката и пастата за заби?“
„Презафатен сум!“ рекол носорогот и продолжил да се трие со сета сила.
Вепарот налутено шмркнал и забрзано се упатил по патеката накај змејот, мрморејќи: „Многу сомнително – тигрите презафатени со џвакање гума за џвакање, носорогот презафатен со четкање на забите – морам да го најдам натрапникот. Не ми се допаѓа ова! Воопшто не ми се допаѓа! Ужасно ги вознемирува сите. Се прашувам што ли воопшто бара овде?“
ПОГЛАВЈЕ 7
ТАТКО МИ ЗАПОЗНАВА ЛАВ
Татко ми му одмавнал за збогум на носорогот, кој бил презафатен за да го забележи тоа, се напил вода малку подолу на потокот и се вратил на патеката. Не стигнал далеку кога чул како рика некое диво животно. „Оф, леле! Ти реков да не береш капини вчера. Не ти доаѓа памет! Што ќе каже мајка ти?“
Татко ми се прикрал и ѕирнал во малата чистинка пред него. Еден лав си ја чепкал гривата, која сета била заплеткана и полна со гранчиња од капинови грмушки. Колку повеќе се корнел со канџите, толку повеќе ја заплеткувал гривата и станувал сè полут и уште повеќе врескал на себе, зашто всушност цело време си зборувал самиот на себеси.
Татко ми забележал дека патеката води низ чистинката, па решил со ползење да помине околу работ на ниските грмушки за да не го вознемири лавот.
Ползел и ползел, а врескањето станувало сè погласно и погласно. И само што се доближил до работ на патеката на другата страна, врескањето одеднаш запрело. Татко ми се свртел и видел како лавот зјапа во него. Лавот се стрчал и застанал на само неколку сантиметри од него.
„Кој си ти?“ му спискал лавот на татко ми.
„Се викам Елмер Елеватор“.
„Каде мислиш дека си тргнал?“
„Си одам дома“, рекол татко ми.
„Така ти мислиш!“ рекол лавот. „Обично би те зачувал за со попладневниот час, ама во моментов сум доволно вознемирен и гладен што веднаш би те изел“. И го грабнал татко ми со предните шепи за да го опипа колку е полничок.
Татко ми рекол: „Ах, те молам, Лаву, пред да ме изедеш, барем кажи ми зошто си толку многу вознемирен денеска?“
„Поради гривата“, рекол лавот, размислувајќи колку залаци ќе му требаат за да изеде едно мало момче. „Види каква е целата замрсена и никако не можам да ја отплеткам. Змејот ќе ја донесе мајка ми попладнево и ако таа ме види ваков се плашам дека ќе ми го укине џепарлакот. Таа просто не може да поднесе замрсени гриви! Но, сега ќе те изедам, па тебе нема да ти направи никаква разлика“.
„Ах, почекај само малку“, рекол татко ми, „и ќе ти дадам неколку работи што повторно ќе ти ја направат гривата средена и убава. Во ранецот ми се“.
„Навистина?“ рекол лавот. „Тогаш, дај ми ги, и можеби сепак ќе те оставам за со попладневниот чај“, и го спуштил татко ми наземи.
Татко ми го отворил ранецот и ги извадил чешелот и четката за коса, како и седумте панделки во различни бои. „Погледни“, рекол, „ќе ти покажам како да го средиш перчето на челото. Гледај ме внимателно. Најпрвин четкаш малку, па чешлаш, па повторно четкаш додека не испаднат сите гранчиња и не се отплетка целата грива. Потоа ја делиш на три и ја плетеш вака, па плетенката ја врзуваш со панделка“.
Додека татко ми го правел тоа, лавот внимателно гледал и почнал да изгледа многу посреќно. Кога татко ми ја врзал панделката, лавот целиот бил озарен во насмевка. „Леле, прекрасно, навистина прекрасно!“ рекол лавот. „Дај ми ги чешелот и четката да видам дали ќе успеам сам“. Па, татко ми му ги дал чешелот и четката, а лавот почнал занесено да си ја чешла и четка гривата. Всушност, толку многу бил занесен, што не ни забележал дека татко ми си заминал.
Наслов: „Змејот на татко ми“ од Рут Стајлс Ганет (3 дел)
Едиција: Детски класици
Издавач: „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Прочитајте го првиот дел од „Змејот на татко ми“ (I и II поглавје)
Прочитајте го вториот дел (III, IV, V поглавје)
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк.
Пингување: „Змејот на татко ми“ од Рут Стајлс Ганет (крај) | Literatura.mk