Го одбележуваме Денот на македонскиот јазик


На 5 мај, пред 75 години, Народната влада на Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо. Минатата година, по тој повод овој датум е прогласен за Ден на македонскиот јазик.
По повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, којшто се одбележува втора година, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ (ИМЈ) електронски ќе објави десет книги за афирмација, негување и за проучување на македонскиот стандарден јазик.
Станува збор за книгите „За македонскиот јазик“, книга 11 од Посебните изданија на ИМЈ, објавена во 1978 година под редакција на Тодор Димитровски, на Блаже Конески и на Трајко Стаматоски; Осум зборници (почнувајќи од книга 2) од едицијата „Денови на Благоја Корубин“, основач и главен редактор: Снежана Велковска (најновите зборници ги има на веб-страницата на Институтот, а останатите електронски недостапни изданија се во подготовка за објавување); Фототипско издание на „Речникот на презимињата кај Македонците“, во два тома (од 1994 и 2001 година) од авторите Марија Коробар-Белчева, Олга Иванова, Маринко Митков и Трајко Стаматоски и под редакција на Трајко Стаматоски (кому на овој начин ИМЈ му го одбележува 95. роденден).


Од ИМЈ велат дека електронското издание на „Правописот на македонскиот јазик“ е подарок за народот од Владата, од Институтот, од НУБ и од авторите. Со ова, 4200 страници од „Толковниот речник на македонскиот јазик” ќе станат достапни во електронска форма.
‒ Време е за дигитализација и за електронско издаваштво! Годинешниот Ден на македонскиот јазик нека биде уште еден поттик за тоа! Светот признава постоење на повеќе од 6500 јазици. Само неколку стотини од нив се издигнаа на ниво на службен јазик на еден народ во една држава, а јазикот на Македонците е еден од избраните. Уште во деветтиот век браќата Кирил и Методиј, со помош на глаголицата, како оригинално писмо, ги превеле црковните книги на јазикот на македонските Словени од околината на градот Солун (во науката познат како старословенски и старомакедонски). Со благослов на папата, овој јазик станува четвртиот признат јазик во светот што е достоен за Библијата и за Бога. Подоцна, постапно, кирилицата го зазема своето место во писмената традиција. По многу векови, со прогласувањето на Федерална Македонија како држава, АСНОМ, на своето Прво заседание на 2 август 1944 година, донесува решение за воведувањето на македонскиот како службен јазик. Со објавувањето на македонската азбука на 5 мај и со усвојувањето на македонскиот правопис на 7 јуни 1945 година од Народната влада на Федерална Македонија, се случува кодификација на современиот македонски литературен јазик. Така, македонскиот јазик повторно се вбројува во избраните јазици на светот. Затоа, ја поздравуваме одлуката на Владата што ја донесе на својата 130. седница во април 2019 година (по препорака на Советот за македонски јазик) за востановување на 5 мај како Ден на македонскиот јазик ‒ вели директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, во обраќањето по повод Денот на македонскиот јазик.
Македонската азбука е официјално и единствено писмо на македонскиот јазик, со кое на македонски јазик се напишани и објавени илјадници книги што се читаат од Македонците, но и од припадници на другите нации кај нас и во светот. Институтот за македонски јазик, укажува Јованова-Грујовска, достојно останува на задачите за афирмација, негување и за проучување на македонскиот стандарден јазик.

One thought on “Го одбележуваме Денот на македонскиот јазик

  1. Пингување: Со едицијата за најмладите, „Сезнајковци“, го одбележуваме Денот на македонскиот јазик | Literatura.mk

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.