Нашиот гитарски виртуоз, Влатко Стефановски е гостин во ова издание на емисијата „Остани дома во Астрорум“. Деновите на изолација ги поминува во својот дом, но како што вели во интервјуто: „за него ова не е ништо ново, зашто музичарите често знаат со денови да седат во своите студија и да создаваат нова музика“. Овој период го подготвува својот нов албум: „Тафталиџе шафл“. Освен за своето творештво, Стефановски, како и во претходното интервју пред две години во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“, на гледачите им испраќа и вонвременски пораки за самата култура на живеењето и можноста за создавање на подобар свет за сите.
Влатко Стефановски е македонски рок, поп и џез-музичар, еден од основачите на легендарната група „Леб и сол“ и основач на „Влатко Стефановски трио“. Неговата музичка кариера трае над 40 години во која има значајни домашни и меѓународни награди, почесни универзитетски титули, а тој е и првиот рокер кој е носител на највисоката државна награда за животно дело во областа на културата, „11 Октомври“.
Влатко Стефановски зад себе има 14 албуми со „Леб и сол“, а повеќе од тоа и како соло уметник. Исто така, потписник е на голем број проекти во областа на театарската и филмската уметност, телевизиски проекти, а во неговата кариера се впишани бројни концертни гостувања и турнеи низ Европа, САД, некогашен СССР… Настапувал со голем број светски музичари и оркестри, како Лондонскиот симфониски оркестар, симфониските оркестри на Лајпциг, Виена, Монте Карло, Армискиот оркестар на Словенија, ансамблот „Танец“ и многу други.
Недобројни се творбите на Стефановски, кои трајно се впишаа во колективната меморија на Македонците, но и на народите од поранешната СФРЈ. Како член на „Леб и сол“, тој ги создаде незаборавните песни: „Нисам твој“, „Таласна дужина“, „Кумова Слама“, „Жива рана“, „Као какао“, „Скопје“, „Чекам кишу“, „Чукни во дрво“, а неговата „Џипси сонг“, насловната нумера од филмот „Џипски меџик“ на Столе Попов, стана своевидна химна на сите поголеми музички хепенинзи. Од богатото портфолио на овој наш музичар, мора да ја издвоиме успешната иницијатива на првиот човек на американско-јапонска дискографска фирма „МА Рекордингс“, Тод Гарфингел, кога во 1997 година, во просторот на меморијалниот музеј во Крушево ги спои Стефановски и српско-американскиот гитарист Мирослав Тадиќ за да го снимат, сега веќе, антологискиот албум „Крушево“. Истата година, во продажба излезе и првиот албум на „Триото на Влатко Стефановски“, кое постои и денес во својата трета формација која ја сочинуваат Стефановски и неговиот син Јан, како и младиот басист Иван Кукиќ.