Деновиве од печат излезе нејзината книга наменета за сите идни дизајнери, „Како да станам моден дизајнер?“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“.
Авторката на книгата „Како да станам моден дизајнер?“, Зорка Тодорова-Младеновиќ, е добитничка на престижната филмска награда „Златен објектив“ за 2020. Признанието, кое го доделува Управниот одбор на Кинотеката на Република Северна Македонија, оваа година, покрај костимографката Тодорова-Младеновиќ, го добива и актерот и режисер Коле Ангеловски.
По повод својот роденден, Кинотеката секоја година го доделува „Златниот објектив“ на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија. На 29 април 1974 година е објавен Законот за формирање на Кинотека во „Службен весник“, како институција од општ интерес за Републиката, со задача да прибира, обработува, чува, заштитува и презентира филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење… Оттаму, „Златниот објектив“ се доделува во овој период од годината, значаен за основањето на Кинотеката.
Инаку, досегашни добитници на ова признание беа режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмскиот критичар Илинденка Петрушева, монтажерот Димитар Грбевски и костимографот Елена Дончева.
Наградата на Ангеловски и Тодорова-Младеновиќ свечено ќе им биде врачена кога ќе се создадат поповолни услови за манифестации од ваков вид и за организирање културни настани и собирања.

Зорка Тодорова-Младеновиќ
Зорка Тодорова-Младеновиќ (1943) е филмски и театарски костимограф, моден дизајнер и автор. Дипломирала на отсекот по сценографија и костимографија на Националната школа за декоративни уметности во Париз, Франција, во 1968 г., по што се вработува во Радио-телевизија Скопје како костимограф за тв-серии, драми и забавно-музички емисии. Истовремено работи костими и за играни филмови („Мементо“, „Жед“, „Истрел“, „Исправи се Делфина“, „Црвениот коњ“, „Мемо, мојот татко“, „Хај-фај“, „Војната заврши“ итн.), и за театрски претстави (во Драмски театар, Кумановски, Битолски театар, Театар на националности, Театар „Пралипе“, итн.). Во 1977 г. специјализира изработка на костим на Школата на синдикалната комора за висока мода во Париз, и почнува поинтензивно да работи во македонската текситлна индустрија и конфекција. Подоцна предава Историја на облека и Модно креирање како доцент на ФЛУ и вонреден професор на ТМФ, каде што се пензионира.
Авторка е на костимографски решенија за повеќе од 90 филмски, телевизиски и театарски проекти, како и на двесте историски костими за восочните фигури изложени во редовните поставки на Музејот на македонската борба за државност и самостојност и Археолошкиот музеј во Скопје.
Деновиве од печат излезе нејзината книга наменета за сите идни дизајнери, „Како да станам моден дизајнер?“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“.
Станува збор за прва книга од ваков тип, на македонски јазик, којашто им излегува во пресрет на фантазијата и на желбата на оние кои сериозно сакаат да се занимаваат со модата како мошне креативна применета уметност.
Книгата е веќе достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на следниот линк.