Боки е весело и палаво дете кое многу сака да јаде и да се шегува со другарите, се прави силен и не се плаши од ништо. Колку и да делува палаво, тој е вистински другар, со одлична смисла за хумор и желба да ги насмее сите. Токму таков е и Матео Матоски, петтоодделенецот од ОУ „Петар Поп Арсов“ од Скопје, кој во новата ТВ-серија „Зоки Поки“ го игра ликот на Боки. Ова симпатично момче вели дека воопшто немал мака да го глуми Боки, бидејќи приватно, и тој е многу сличен.
Во очекување на првите епизоди од серијата „Зоки Поки“, која ќе се емитува почнувајќи од 4 мај на Македонската радио-телевизија, ви ги претставуваме децата-актери, кои ги толкуваат главните улоги. Откако ги запознавме Матеј Настевски (Зоки Поки), Анастасија Аневска (Лидија) и Матеј Зимбаков (Гоки), на ред е „четвртиот мускетар“ од дружината на Зоки Поки, Матео Матоски (Боки).
Серијата е во продукција на „Кино Око“, во копродукција со Македонската радио-телевизија, а поддржана од Агенцијата за филм на Македонија. Десетте епизоди ќе се емитуваат премиерно секој понеделник и четврток во 20.15 часот на Првиот канал, а репризно ‒ следниот ден и во сабота и недела.
Инаку, протагонистите во серијата другаруваат со романи за деца, лектири, сликовници, едукативни изданија и списанијата за ученици „Мини Либи“ и „Либи“, во издание на „Арс Ламина“. Неминовно беше разговорот со Матео да го почнеме токму со лектирата „Зоки Поки“ од Оливера Николова, врз чија основа е направена серијата.
* Дали ја имаш прочитано лектирата „Зоки Поки“. Колку ќе се разликува серијата од книгата?
‒ Да, ја имам прочитано книгата „Зоки Поки“. Можеби случките се малку поразлични, но поуката е иста. Овие случки во серијата се од сегашното време и сите работи кои ние децата сега ти правиме, или да речам модерно малку. (хахаха)
* Која е пораката на приказната? Што можеме да научиме од „Зоки Поки“?
‒ Пораката на сите приказни е дека треба да се почитуваат другарите, да се помага секојдневно на сите луѓе околу нас, дека љубовта е присутна секојдневно, да се почитуваат родителите и да се слушаат постарите, да се ужива безгрижно во детството, и на крај ако чиниш добро со добро сè ќе ти се враќа.
* А, какви книги сакаш да читаш?
‒ Сакам фантастични и смешни книги.
* Дали имаше можност да го разгледаш/прочиташ „Мини Либи“ и „Либи“? Која рубрика ти е најинтересна?
-Да, запознаен сум со списанието „Либи“. Омилени ми се „Тема Дилема” и „Јазични сплетки”.
*Кој ти е омилен предмет во училиште?
‒ Омилени предмети ми се Природни науки и Физичко.
*Може ли да ни го опишеш Боки ‒ ликот што го играш во „Зоки Поки“?
‒ Боки е весело и палаво дете кое многу сака да јаде и да се зафркава со другарите, се прави силен и не се плаши од ништо.
* Што ти се допаѓа кај овој лик?
‒ Кај ликот ми се допаѓа тоа што колку и да делува палав и лош сепак е многу добар другар и пријател, има голема смисла за хумор и тој е ликот којшто сака да ги насмее сите.
* Во што сте слични, а во што се разликувате со Боки?
‒ Можеби е чудно, но ликот на Боки е скоро ист како што сум и јас во секојдневниот живот и затоа ми беше многу лесно на снимањето да го глумам неговиот лик.
* Како стана дел од актерката екипа на серијата?
‒ Бев избран на кастинг, се пријавив кога дојдоа во нашето училиште.
* Дали ова ти е прв актерски ангажман? Како ти се роди желбата за глума?
‒ Секогаш дома или надвор со другарите имитирав личности од моето секојдневие, и татко ми ме однесе на кастинг за реклама каде што ме избраа за снимање. Многу ми се допадна на снимањето и едвај чекав повторно да одам на некое снимање.
* Како помина снимањето? Кажи ни некоја интересна случка од филмскиот сет?
‒ Секој ден се случуваа интересни и смешни ситуации на снимањето, една од поинтересните е кога се снимаше роденденот и јас му ја залепив тортата во лице на Гоки, екипата беше супер, сите се дружевме секојдневно, дури и ние глумците помагавме во снимањето.
* Како се сложувавте со другите деца-актери, дали сè уште се дружите?
‒ Сите деца-актери се одлични и како другарчиња, толку се зближивме што еве и после снимањето се слушаме и гледаме, одиме на родендени или играме игри заеднички на интернет, многу сум среќен што е така.
* Дали возрасните актери ви помагаа да се снајдете во улогите?
‒ Дури и постарите глумци беа добри другарчиња за време на снимањето, нè советуваа кога ќе згрешиме и ни даваа поддршка секојдневно, ни го олеснија снимањето и нè учеа на нови работи
* Што ти остави најголем впечаток од снимањето?
‒ Најголем впечаток ми остави како се организираше сето тоа, толку многу луѓе на едно место и секој си ја знаеше работата, од ништо наеднаш на екранот како да си во бајка, обичен парк стануваше прекрасна сцена од филм.

Матео со режисерот Даријан Пејовски