„Змејот на татко ми“ од Рут Стајлс Ганет (2 дел)

 

ПОГЛАВЈЕ 3

ТАТКО МИ ГО НАОЃА ОСТРОВОТ

Татко ми се криел во складиштето шест дена и шест ноќи. За малку ќе го фателе двапати, кога бродот застанал да натовари уште стока. Но, најпосле, чул како некој морнар извикува дека следната станица ќе биде Брусница и дека таму ќе ја истоварат пченицата. Татко ми знаел дека морнарите ќе го пратат дома, ако го фатат, па пробуричкал во ранецот и извадил едно гумено ластиче заедно со конопната вреќа со натпис „Брусница“. Во последен момент татко ми се пикнал во вреќата, сосе ранец и сè друго, го свиткал врвот на вреќата навнатре и го врзал со ластичето. Не изгледал сосем исто како другите вреќи, но тоа било најдобро што можел.

Набргу, морнарите дошле да истоваруваат. Тие ја спуштиле големата мрежа во складиштето и почнале да ги креваат вреќите пченица. Одеднаш еден морнар извикал: „Леле! Ова е најчудната вреќа пченица што сум ја видел некогаш! Сета е грутчеста, но натписот вели дека е за во Брусница“.
Другите морнари почнале да ја зјапаат вреќата, а татко ми, кој бил внатре во неа, уште повеќе се обидувал да личи на вреќа пченица. Тогаш некој друг морнар ја опипал вреќата и случајно го допрел лакотот на татко ми. „Знам што е ова“, рекол. „Ова е вреќа со печена пченка“, и го фрлил татко ми во големата мрежа заедно со вреќите пченица.
Сето ова се случило доцна попладнето, толку доцна што трговецот во Брусница, кој ја нарачал пченицата, не ги преброил неговите вреќи до следното утро. (Тој бил многу точен човек и никогаш не доцнел на вечера.) Морнарите му кажале на капетанот, а капетанот запишал на еден лист хартија, дека испорачале сто и шеесет вреќи пченица и една вреќа печена пченка. Листот хартија му го оставиле на трговецот и вечерта испловеле.
Татко ми подоцна чул дека трговецот целиот следен ден го минал во пребројување на вреќите и нивно опипување со цел да ја најде вреќата со печена пченка. Никогаш не ја нашол затоа што веднаш штом паднал мрак, татко ми излегол од вреќата, ја здиплил и повторно ја вратил во ранецот. Пешачел по брегот, нашол убава песочна плажа и легнал да спие.

Следното утро кога се разбудил, татко ми бил многу гладен. Само што тргнал да прочепка во ранецот и да види дали останало нешто за јадење, нешто го треснало по главата. Тоа била мандарина. Да ти спиел под дрво полно со големи, сочни мандарини. И потоа се сетил дека тоа бил островот Мандарина. Насекаде растеле дрвја со мандарини. Татко ми набрал колку што можел да стави во ранецот, точно триесет и една, па тргнал да го бара Дивиот остров.
Пешачел и пешачел покрај брегот, барајќи ги камењата што ги поврзуваат двата острова. Пешачел цел ден, па кога сретнал некој рибар и го прашал за Дивиот остров, рибарот почнал да се тресе и долго време не можел да изусти ни збор. Помислата многу го исплашила. Најпосле рекол: „Многу луѓе се обиделе да го истражат Дивиот остров, но ниту еден се нема вратено жив. Мислиме дека нив ги изеле дивите животни“. Тоа не го исплашило татко ми. Продолжил да оди и ноќта повторно спиел на плажата.
Следниот ден времето било убаво и многу ведро, па на крајот на брегот татко ми успеал да ја види долгата низа камења што се протегале низ океанот, а на нивниот крај забележал малечко парче зеленило. Набрзина изел седум мандарини и тргнал надолу по плажата.
Било речиси темница кога стигнал до камењата, но таму, далеку среде океанот, било парчето зеленило. Седнал и одморил малку, потсетувајќи се што му кажала мачката: „Ако можеш да стигнеш до островот, оди ноќе, затоа што тогаш дивите животни нема да те видат како доаѓаш по камењата и ќе имаш шанса да се скриеш кога ќе пристигнеш“. Па, татко ми зел уште седум мандарини, ги облекол црните гумени чизми и чекал да падне мрак.
Ноќта била многу темна и татко ми едвај ги гледал камењата пред себе. Тие понекогаш биле многу високи, а понекогаш биле речиси покриени со вода. Биле многу лизгави и многу било тешко да се чекори по нив. Понекогаш камењата биле многу оддалечени еден од друг, па татко ми морал да се залета и да прерипа од еден на друг.
По извесно време почнал да слуша некакво бучење. Како се доближувал до островот, звукот станувал сè погласен. Најсетне, му се чинело како да стои веднаш над звукот. А така и било. Скокнал од камен на грбот на некое китче кое било заспано помеѓу два камена. Китчето ’рчело и создавало поголема бучава од парен багер, па не го ни чуло татко ми кога рекол: „Леле, не знаев дека те газам!“ И никогаш не дознало дека татко ми му скокнал на грб по грешка.

Цели седум часа татко ми се качувал, се лизгал и скокал од камен на камен, но успеал да стигне до последниот камен додека сè уште било темница и отскокнал на Дивиот остров.

ПОГЛАВЈЕ 4

ТАТКО МИ ЈА НАОЃА РЕКАТА

Џунглата почнувала веднаш зад тесната плажа. Густа, мрачна, влажна, страшна џунгла. Татко ми не знаел каде да оди, па се пикнал под една црвеникава грмушка за да размисли и изел осум мандарини. Решил дека најпрвин треба да ја најде реката, бидејќи змејот бил врзан крај нејзиниот брег. Потоа си помислил: „Ако реката се влева во океанот, би требало лесно да ја најдам ако пешачам по плажата“. Па, татко ми чекорел додека не изгреало сонцето и доволно се оддалечил од камењата. Опасно било да остане во нивна близина, бидејќи некој сигурно ги чувал во текот на денот. Нашол еден куп висока трева и седнал. Потоа ги собул гумените чизми и изел уште три мандарини. Можел да изеде и дванаесет, но не видел мандарини на овој остров, па не сакал да ризикува да остане без храна.
Татко ми го преспал целиот ден и се разбудил дури доцна попладнето кога некое необично, пискаво гласче му рекло: „Леле, леле, какво убаво скудно џамче! Мислев, леле, леле, какво убаво чудно камче!“ Татко ми видел малечка шепа што се триела од неговиот ранец. Тој продолжил да лежи без да се помрдне и глушецот, бидејќи тоа бил глушец, си заминал мрморејќи си: „Морам да лажам секому. Мислев, морам да кажам некому“.

Татко ми почекал неколку минути и потоа тргнал надолу по плажата, бидејќи сега било речиси темница, а и се исплашил дека глушецот навистина би можел да каже некому. Пешачел цела ноќ и се случиле две страшни работи. Прво, му дошло да кивне, па кивнал и некој во близина рекол: „Ти ли си Мајмуне?“ „Да“, рекол татко ми. „Сигурно носиш нешто на грбот, Мајмуне“, рекол гласот. „Да“, рекол татко ми, зашто навистина носел. Ранецот му бил на грбот. „Што носиш на грбот, Мајмуне?“ прашал гласот.
Татко ми не знаел што да одговори затоа што не знаел што би носел еден мајмун на грб, а и како би звучело да каже некому за тоа ако навистина носел нешто? Но, тогаш некој друг глас рекол: „Сигурно ја носиш болната баба на лекар“. „Да“, рекол татко ми и побрзал. Сосема случајно подоцна дознал дека разговарал со две желки.
Втората работа што се случила било што за малку ќе влезел среде два диви вепара, кои низ шепот разговарале еден со друг, тивко и официјално. Најпрвин, кога ги видел темните фигури мислел дека се големи камења. Но, навреме го чул едниот како вели: „Има три знаци на неодамнешна инвазија. Прво, беа најдени свежи лушпи од мандарини под црвената грмушка близу до Океанските камења. Второ, еден глушец пријави дека во близина на Океанските камења видел некој необичен камен, што по понатамошна истрага не беше најден. Сепак, на истото место беа најдени други свежи лушпи од мандарини, што е трет знак за инвазија. Бидејќи на нашиот остров не растат мандарини, некој мора да ги пренел преку Океанските камења од другиот остров, а тој можеби има, а можеби и нема, некаква врска со појавувањето и/или исчезнувањето на необичниот камен што го пријавил глушецот“.

По подолга тишина другиот вепар рекол: „Знаеш, мислам дека малку пресериозно го сфаќаме сето ова. Веројатно лушпите самите стигнале дотука и ги исфрлила водата, а и знаеш дека не може да им се верува на глувците. Освен тоа, ако имаше натрапник, јас ќе го видев!“
„Можеби си во право“, рекол првиот вепар. „Ќе си заминуваме?“ При што и двата се вратиле назад во џунглата.
Но, татко ми извлекол поука од сето тоа, па оттогаш не ги фрлал лушпите од мандарини. Цела ноќ пешачел и кога се разденувало стигнал до реката. Тогаш почнале неговите вистински маки.

ПОГЛАВЈЕ 5

ТАТКО МИ ЗАПОЗНАВА ТИГРИ

Реката била многу широка и каллива, а џунглата била многу густа и мрачна. Дрвјата биле збиени едно до друго, а просторот меѓу нив бил исполнет со висока папрат со лепливи лисја. Татко ми воопшто не сакал да ја напушти плажата, но решил да почне да се движи по должината на брегот на реката каде што џунглата не била толку густа. Изел три мандарини, погрижувајќи се овој пат да ги зачува сите лушпи, и ги обул гумените чизми.
Татко ми се обидел да го следи речниот брег, но бил премногу мочурлив и како што навлегувал во шумата, мочуриштето станувало сè подлабоко. Кога станало длабоко речиси до горниот дел на чизмите, заглавил во влажната, нечиста кал. Татко ми влечел и влечел и за малку ќе му испаднеле чизмите, но успеал да се довлечка до посуво место. Таму џунглата била толку густа што едвај гледал каде е реката. Го извадил неговиот компас и видел во кој правец треба да се движи за да остане близу до реката. Но, не знаел дека реката малку подолу фаќала остра кривина, па продолжил да се движи само право и сè повеќе се оддалечувал од реката.
Многу било тешко да се чекори низ џунглата. Косата му се плеткала во лепливите лисја од папратите и постојано се сопнувал од корења и скапани трупци. Понекогаш дрвјата биле толку збиени едно до друго, што не можел да се протне меѓу нив и морал долго да оди за да ги заобиколи.
Почнал да слуша шепот, но никаде не гледал животни. Колку подлабоко навлегувал во џунглата, толку бил поубеден дека нешто го следи, а потоа му се причинило дека чул шепот од двете страни до него, како и одзади. Се обидел да бега, но повторно се сопнал на корења, а шепотот сè повеќе се приближувал. Еднаш или двапати му се причинило дека некој му се смее.
Најпосле излегол на чистинка и се стрчал накај средината за да може да види дали некој сака да го нападне. Бил изненаден кога видел четиринаесет зелени очи како излегуваат од џунглата од сите страни околу чистинката и кога четиринаесетте очи се претвориле во седум тигри! Тигрите се мотале околу него и изгледале сè погладни, а потоа седнале и почнале да зборуваат.
„Веројатно си мислеше дека не знаеме оти си влегол во џунглата без дозвола!“

Потоа се јавил следниот тигар. „Веројатно ќе речеш дека не си знаел дека џунглава е наша!“

„Знаеше ли дека ниеден истражувач не го напуштил островов жив?“ рекол третиот тигар.
Татко ми помислил на мачката и знаел дека тоа не е вистина. Но, се разбира, бил доволно разумен за да не каже ништо. Не треба да му се противречи на гладен тигар.
Тигрите продолжиле наизменично да зборуваат. „Ти си ни прво момче, знаеш. Многу ме интересира дали си посебно кревок“.
„Можеби си мислиш дека имаме редовно време за оброци, но тоа не е точно. Јадеме секогаш кога сме гладни“, рекол петтиот тигар.
„А во моментов сме многу гладни. Всушност, едвај чекам“, рекол шестиот.
„Не можам да чекам!“ рекол седмиот.

И тогаш сите тигри рикнале во хор: „Да почнеме веднаш!“ и се доближиле.
Татко ми зјапал во седумте тигри и се сетил на нешто. Набрзина го отворил ранецот и ја извадил гумата за џвакање. Мачката му кажала дека тигрите многу сакале гума за џвакање, што ретко се наоѓала на островот. Па, им фрлил по една на сите, но тие само за’ржиле: „Колку и да сакаме гума за џвакање, сигурни сме дека ти ќе ни се допаднеш уште повеќе!“ И потоа му се доближиле толку близу што можел да ги почувствува како му дишат в лице.
„Но, ова е многу посебна гума за џвакање“, рекол татко ми. „Ако доволно ја џвакате, ќе стане зелена, а потоа ако ја посадите, ќе никне нова гума за џвакање и колку побрзо почнете да џвакате, толку побрзо ќе имате повеќе“.
Тигрите рекле: „Леле, што зборуваш! Колку убаво!“ И бидејќи секој сакал да биде првиот што ќе ја посади гумата за џвакање, сите набрзина ги одвиткале нивните гуми за џвакање и почнале да џвакаат најсилно што можеле. Одвреме-навреме еден тигар ќе погледнел во устата на друг и ќе кажел: „Не, сè уште не е зелена“, додека не станале толку задлабочени, зјапајќи си во устите за да бидат сигурни дека некој нема предност, што сосема заборавиле на татко ми.

Наслов: „Змејот на татко ми“ од Рут Стајлс Ганет (2 дел)
Едиција: Детски класици
Издавач: „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“

Прочитајте го првиот дел од „Змејот на татко ми“ (I и II поглавје)

Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк.

2 thoughts on “„Змејот на татко ми“ од Рут Стајлс Ганет (2 дел)

  1. Пингување: „Змејот на татко ми“ од Рут Стајлс Ганет (3 дел) | Literatura.mk

  2. Пингување: „Змејот на татко ми“ од Рут Стајлс Ганет (крај) | Literatura.mk

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.