„Хордубал“ од Карел Чапек (втор дел)

 

4

Јурај се исправа и си ја брише потта. Што е право, други се работата и мирисите овде, а други во рудникот; добри дрва има Полана, смолни, ни деланки ни суварки. Пајките пискаат, гуските се подаваат со крик, а на влезот тропоти една кола и гордо влегува. Полана истрчува од шупата, ита ли ита (ах, мори Полано, како девојче трчкаш), да ја отвори портата. Кој е пак сега; кој ни доаѓа? Камшикот ’рснува, иии, се крева топла, златна прашина и од неа се подава запрега, колата крцка, а на неа по маѓарски се истопорил некој младич, уздите ги држи високо, високо викнува ’ррррр, скокнува од колата и го погалува коњот по водената грива.

Откај портата се враќа Полана, бледа и одлучна. „Ова е Штефан, Јураје. Штефан Манија.“

Човекот, наведнат под полата, набрзина се исправа пред Јурај. Црн си ми некако, се чуди Хордубал, ко гавран, не дај боже!

„Тој ни беше измеќар“, дополнува Полана тврдо и јасно.

Човекот промрморува нешто и се наведнува под колата, ги одврзува уздите и ги отспрегнува коњите, обата ги држи со една рака за уздите и наеднаш му се обраќа на Хордубал. „Добро ни дојде, домаќине!“

Хордубал набрзина си ја брише раката од ногавицата и му ја подава на Штефан; ем е збунет, ем мошне почестен, засрамен нешто промрморува и уште еднаш му ја затресува раката на Штефан, по американски. Не е голем Штефан, ама е набиен; на Јурај му е до рамена, ама го гледа в очи, дрско и луто.

„Убави коњи имаш“, мрмори Хордубал и сака да ги погали по ноздрите; но коњите се противат и заигруваат.

„Полека, газда“, предупредува Манија, а во очите му светнува потсмев. „Маѓарски се.“

Црнец еден, мислиш, не се разбирам во коњи? Што е право, не многу, ама газда сум, ќе свикнат.

Коњите ги настрануваат главите, гледаат само да се мушнат; рацете в џеб, Хордубале, и не бегај, да не си помисли црнион, дека се плашиш.

„Овој е тригодишен“, објаснува Манија, „од војнички самец, о – о – ој“, му ја врзува устата на коњот, „цк – цк – цк! Еј, ѓаволе! Ајде!“ Коњот го поткрева, а Штефан само се смее; а Полана му приоѓа на коњот и му дава парче леб. Штефан ѝ се насмевнува со сите заби и го зауздува коњот. „Еј, ти! С – с – с!“ Како вземи да го закова коњот, дури устата му се запенави; коњот стои со главата нагоре и мирно си зоба тревки од рацете на Полана. „Ииии“, викнува Манија во кас, обесен на главата од коњот, и го носи во шталата.

Полана гледа накај него. „За него даваат четири илјади“, вели и живнува, „ама не го давам; Штефан вели дека вреди осум илјади. Кобилата наесен ќе мораме да ја спариме…“ Се сепна којзнае зошто, небаре јазикот си го прекаса. „Да им приготвам крма“, рече и не знае како да замине.

„Крма, Полано“, се согласува Јурај. „Убаво коњче; за влечење, добар е?“

„Гревота е да го впрегнеш“, одговара Полана надразнето. „Не е ова селски влекач.“

„Затоа прашувам“, се поправа Хордубал. „Вистина, гревота е, таков јунак. Убави ти се коњите, душо, милина да ги гледаш.“

Манија излегува од шталата со две ведра за вода. „Осум илјади ќе му земеме, домаќине“, вели самоуверено. „А кобилана, треба да ја спариме наесен. Сум ѝ нашол еден самец, прав ѓавол!“

„Брут или Иго?“ се свртува Полана на половина пат.

„Иго. Брут е тежок.“ Манија ги покажува забите од под црните мустаќи. „Не знам, газда, ама јас не држам тешки коњи. Силни се, ама бескрвни. Млитави.“

„Така си е“, вели несигурно Хордубал. „Прав си за крвта. А крави, Штефане?“

„Крави?“ се чуди Штефан. „А, мислите крави. Газдарицата има две, за млеко, ѝ биле, вели. Уште не сте влезен во шталата?“

„Не, јас – само што се вратив“, одговара засрамено Хордубал: вистина, заглави со дрвата за сечење, ама и се радува, што почна на Штефан да му се обраќа како газда на измеќар. „Да“, вели, „сега се спремав да појдам.“

Штефан го носи ведрото вода и понизно го води. „Имаме – газдарицата има ново ждребе, тринеделно, и една тешка кобила; ја спаривме пред два месеца. Овде, газда. Вранецов е скоро продаден, две и пол илјади, газда. Добар е, ама ми треба место за тригодишниот, да расте. Не може од него“. Манија го гледа во забите. „Вранецот ќе го пратиме во војска. Кај нас сите коњи во војска ги праќаме.“

„Јасно, јасно“, вели Јурај. „Тука си прав. Штефане, си служел војска?“

„Во коњица, газда“, се озарува Манија и го пои тригодишниот. „Видете му ја, газда, главата, сува и газот – милина! чекај – цк – цк – цк – полека, газда! прав ајдук е“, вели и му удира една тупаница во гривата. „Е, ова е коњ, газда!“

На Хордубал му е туѓа острата миризба на коњушницата; инаку мирисаат кравите, на гној, на млеко, на пасиште, на дома. – „Каде е ждребето?“ прашува.

Ждребето си цица, уште е неисушено, кожа и коски е; кобилата ја свртува главата и со паметните очи го загледува Хордубал: Кој си, пак, ти? Јурај омекнува и ја погалува кобилата по бедрата; топла е и мека како кадифе.

„Добра е“, вели Штефан, „ама тешка. Газдарицата сака да ја продаде – на село, газда, коњ не се продава, а војската си бара врела крв. Што ќе им се ладни коњи. Сакаат од истородна штала“, коментира Штефан. „Не знам, како ви се чини вас, ама…“

„Полана си знае“, пресекува Хордубал. „А каде се воловите?“

„Што ќе ви се волови, газда?“ се клешти Манија. „За полето доста се вранецот и кобилата – слабо се плаќа месото, газда. Свињи да завртиш, друго е. – Видовте каков крмнак има газдарицата? Шест маторици, газда, четириесет прасиња. Прасињата добро одат, купувачите сами ни доаѓаат. Свињи ко слонови, црна рилка, црни копита…“

Хордубал уважено кима со главата. „А млеко – од каде млеко за свињите?“

„Од селаниве, газда“, се смее Манија. „Го сакаш крмнаков за твојата свиња? Ваков крмнак нема во цела околија. Колку ведра млеко, колку вреќи компир ќе дадеш за него? – И после зошто да се мачам, газда. Градот им е далеку за трговија. Глуп народ, газда. Си работат колку за себе. Кога не знаат да продадат, ќе си преплатат.“

Хордубал кима несигурно. Вистина, овде отсекогаш малку се тргувало, се продавале само гуски и кокошки. Се менува светот: и што е право, Полана си е паметна.

„Трговија само далеку“, умува Штефан, „и само ако се исплатува. Се оди ли на пазар со една грутка сало? На чело ти пишува дека немаш, па или намали или мавни се!“

„Ти, од каде си?“ се чуди Јурај.

„Долу, од Рибари, газда, знаете?“

Хордубал не знае, но кима: да, да, Рибари; како може газда да не знае?

„Друго е таму, газда, богат крај, рамнина! Го гледате рибарсконо блато – овдешниов крај цел би се сместил во него, ко грош в ќесе; а тревата, газда, расте до рамена.“ Манија одмавнува со рака. „Овде е земјата скржава, ќе пуштиш плуг и само камен излегува. Кај нас бунар да копаш, само црна земја.“

Хордубал се намуртува. Што разбираш, Татар еден – сам сум орал овде и камења сум вадел; ама какви шуми имаме, боже, какви пасишта! Јурај излегува од шталата налутен. Скржава ни била земјата – па што седиш овде, голтар еден? Лошо му е овде на добитокот? Дал Господ добиток колку сакаш; цел саат ѕвонат пред селото, во долината; ѕвонците им се секакви, и тапи и длабоки и широки и бавни како кравјиот чекор; само на телињата им се високи ѕвончињата, оти трчаат со потскок, а кравите – чекај, нека, и вие еден ден ќе клапнете ко нас, ќе се влечете бавно и тешко. Ѕвонењето на стадата наближува, а Јурај е готов да клекне гологлав како за молитва, Оче наш, кој си на небесата; како река се ближи ѕвонењето, се одделува како тешки капки и се разлева по селото; крава по крава се двои од стадото и цуп-цуп си тргнува секоја во својата штала, мириса на прав и млеко, цуп-цуп пред портата, кимајќи со главите, кон дворот на Хордубаловци тргаат две крави, паметни, кротки животинки, па си влегуваат во шталата. Хордубал длабоко воздивнува: Фала ти, Господе, дома сум; сега си дојдов. Клепањето на стадата се распрснува по селото и одекнува, лилјакот со искршен лет ги брка мушичките на трагите по стадото, добровечер, газда; од шталата со оптегнато мукање се одѕива кравичката. Доаѓам, доаѓам. Јурај влегува во шталата, во темницата ги пофаќа роговите, тврдото и космато чело, влажните муцка и ноздри, набрчканата кожа на вратот; ги подзема ведрото и триножното столче, седнува крај полното виме и молзи со ред, да црцори ведрото; и тенко, со полуглас, Јурај си запева.

На вратата од шталата се исцртува темна појава. Хордубал прекинува. „Јас сум, Полано“, промрморува со извинување. „Да свикне стоката на мене.“

„Ќе дојдеш да вечераме?“ прашува Полана.

„Прво да домолзам“, вели Хордубал од темницата. „Штефан ќе јаде со нас.“

 

5

Јурај Хордубал седнува на чело на софрата, се прекрстува и ја кажува молитвата. Газда е, така треба. Полана ги стега усните и рацете, Хафија превртува очи и место не ја фаќа, Штефан намуртено и втренчено гледа вземи – што е, Полано, досега не се молевте? Штефан можеби е од друга вера, ама не може трпеза без молитва. Се гледа дека се налутени, јадат молкум и брзо, а Хафија не ја допира чинијата – „Јади, Хафије“, ѝ вели суво Полана, а самата едвај џвака; само Штефан гласно срка, ја нападнал чинијата.

По јадењето Манија гледа да ја дувне. „Чекај, Штефане“, го задржува Хордубал. „Уште нешто – каков е родот годинава?“

„Луцерката беше добра“, се правда Манија.

„А ’ржта?“

Полана отсечно погледнува во Штефан. „’Ржта“, процедува Манија. „Газдарицата ги продаде горните ниви. Џабе работата, газда. Врие камења.“

Хордубал нешто го жегна. „Врие камења“, промрмори, „така си е; ама нивите, Полано, не се…“

Штефан самоуверено се насмевнува. „Ништо не раѓаа, газда. За садење, ене ги ливадине крај река. Пченката ја прават до рамена.“

„Крај река“, се чуди Хордубал, „Полано, си купила земја во низина?“

Полана сака да каже нешто, но подголтнува. „Царски ливади, газда“, објаснува Манија. „Земјата в рака се топи, длабока, репна. Ама и репката слабо се плаќа, газда. Поарно е коњи да завртите: ќе го изгледаш, ќе го пораснеш и ќе му земеш колку една година селска мака. Уште една нива и штала можете да направите…“ На Штефан очите му блескаат. „Коњот си сака рамница, газда. Не е коза.“

„Ливади ќе докупиме од големците“, замислено дополнува Полана и гласно пресметува колку ќе чинат; но Хордубал не слуша, Хордубал мисли на ’ржените и компировите ниви, што му ги продала Полана. Вистина, беа полни камења, ама каменот таму не е од вчера. И тој си сака работа, машко. Две години пред да заминам, од едно стрниште цела нива направив – ти ќе ми кажуваш селска мака!

Хафија се прикрадува кон Штефан и со лакотот му се потпира на рамото. „Чичко Штефан“, му шепнува.

„Што е?“ се смее Манија.

Малата срамежливо се нишка. „Ништо.“

Штефан ја зема на колена и ја ниша. „Кажи, Хафије, не се срами.“

Хафија му шепнува на уво: „Чичко Штефан, денеска видов преубаво кученце!“

„Вистина?“ одговара сериозно Манија. „А јас видов зајачица со три зајачиња.“

„Да“, се восхитува Хафија, „а каде?“

„Кај џбунот.“

„Ќе ги ловиш наесен?“

„Ќе видиме.“ Штефан погледнува во Хордубал.

Мил човек, си помислува Јурај со олеснување, знае како со девојчево; кај мене не доаѓа така. Дете е, ќе свикне; а сликите, што ѝ ги донесов, ги заборави. Треба нешто и на Манија да му дадам, се досетува Хордубал, и со поглед го бара дрвениот куфер.

„Работите ти се на ковчегот“, вели Полана – отсекогаш била педантна, размислува Јурај и оди кај американските дарови. „Ова е за тебе, Хафије, ова е теди-беар…“

„Што е ова, чичо?“ изустува Хафија.

„Мече“, објаснува Манија. „Си видела жива мечка? Има во планината.“

„Ти си видел?“ навалува Хафија.

„Сум видел, како не. Прават брммм брммм.“

„Ова е за тебе, Полано“, несмело процедува Хордубал. „Глупости ти зедов, не знаев што да…“ Јурај се завртува и џбара по своето, да одбере нешто за Манија. „А ова, Штефане“, вели со непријатност, „е баш како за тебе: американски нож и американска луле…“

„Ах, ти“, крикнува придушено Полана, очите ѝ се полнат со солзи и истрчува надвор – што е, Полано?

„Благодарам, газда“, се поклонува Манија, ги покажува сите заби и му подава рака на Јурај. Види го, и на рака е силен! дај да видиме, кој е посилен. Туку, фала му на Бога, воздивна Хордубал, нема да прифатиш.

„Чичо, покажи ми го анџарот“, си побарува Хафија.

„Види го“, се фали Штефан, „од Америка донесен, сакаш да ти пресечам шунка?“

„Сакам, чичо“, писнува Хафија, „ама сега!“

Јурај се насмевнува широко и блажено.

 

 

6

Уште не свршила свадбата, го знае Јурај редот. Кога се враќа човек од Америка, мора да се појави в меана, да се поздрави со соседите, да чести ракија. Да видат дека не се вратил со срам и со празен џеб. Еј, меанџи! Секому по една чашка згора, не го познаваш Хордубал, мајнер од Америка? Па, ќе викне селото, видете кој си дошол, да појдеме да го видиме Хордубал, подај ми ги, жено, гунчето и капата…

„Ќе се задржам, Полано, легни си, не чекај“, се договара Јурај и подуено, чорбаџиски тргнува низ темното село директно в меана. А селото на што сè не мириса: на дрва, на крави, на слама, на сено, па на гуски, на камилица, на коприви. Во меаната не служи Сало Беркович, туку некој црвенокос Евреин, станува од масата и прашува со недоверба: „Што ќе посака господинот?“

Во ќошот седи некој, само кој, ова може да е само Пјоса, тој е, Андреј Пјоса, викан Хусар, зјапа во Јурај, ко да сака да викне: Ти ли си, Јураје? Јас сум, бре Андреј Хусар, тој сум – Пјоса глас не испушта, а само зјапа; а Хордубал, за да покаже дека е овдешен: „Жив ли е стариот Беркович, меанџи?“

Пегавиот Евреин носи една чаша ракија. „Пред шест години го закопаа.“ Шест години? Ех, Пјосо, си тече времето; што останува од човекот по шест години – а што по осум? Осум години, меанџи, ракија се немам напиено; не дека не сакав, боже мој – да ме загрее, нели? ама во Америка ја забранија. Барем ми останаа повеќе доларчиња за Полана; и гледаш, коњи купи, а нивите ги продаде. Полни биле камења. А ти, бре Хусар, не ги продаде нивите? Се гледа, не си бил во Америка.

Евреинот стои на шанкот и зјапа во Јурај. Да му одговорам или не? се двоуми Евреинот. Не е многу по муабетот, поарно да не го задевам; само, кој може да биде? Матеј Пагурко има син во странство, може да е син му на Матеј; или може да е Хордубал, мажот на Полана Хордубалова, што беше во Америка…

Јурај мижурка. Евреинот се враќа зад шанкот, ги брише чашите; што е, бре Пјосо, што си ги скрил очите под веѓи? Да не треба да те прозовеме? Така си е, Андреј Пјосо: човек одвикнува од зборот, устата му се скаменува, ама – и коњот и кравата што е крава, сака човечки збор да слушне. Вистина, Полана отсекогаш си беше тивка ко бубачка, за осум години нов збор не научила, самотијата ќе те одучи и од зборот; сам не знам од каде да почнам: таа не ме прашува – јас не ѝ одговарам, таа не ми одговара – јас не ја прашувам. А подобар измеќар од Штефан нема, и разговорите ѝ ги води. Газдарицата ги продаде нивите, купи пустелија в низина и толку.

Хордубал пие и кима со главата. Пече, пустата, ама навикнува човек. Штефан – си нема маана; се разбира во коњи и знае како со Хафија; а Полана – ќе свикне и таа, што си е наше, само ќе си дојде. Жена ти, Пјосо – чудна е? Неа можеш и да ја намаваш, ама Полана е – имашлива. Така си е. Паметна, едра и чиста – како што си ја дал Господ. Вистина, малку е чудна. Нема друга како неа во селово, пријателе. Не умеам со неа, Хусар. Кога си дојдов, требаше ко ветар да дувнам, да ја кутнам, здивот да ѝ се земе. Само така, Андреј. А јас – како некое страшило, само ја исплашив. И Хафија ја исплашив. И тебе, Пјосо. Е, тука сум ви, што ќе правите? Ако не пукна мразот, ќе се стопи. На здравје, Хусар!

Андреј Пјоса викан Хусар станува и тргнува накај вратата, небаре слеп; пред влезот се завртува, прострелува со очите и викнува: „Биди здрав и жив, Јураје!“ Што ти стана, бре Хусар, ко на шилци да седеше – не се секирај, не се вратив голтар: ми останаа уште неколку стотини долари, ни Полана не ми ги знае. Ако, барем Пјоса ме позна; што е мое, ќе си дојде, му олесна на Хордубал. Еврејче, тури уште една!

Вратата се отвора и низ неа се втурнува еден маж, како голема вода влегува – Васил Герич од Василовци, прв другар; се загледува и тргнува кон масата, Василе! Јураје! Боцка машкото целување и смрди на тутун, ама слатко е, ех, бре Василе! „Добре ни дојде, Јурај“, зборува малку загрижено, „што те натера да си дојдеш?“ „А што бре, суртук, требаше да умрам таму?“ се смее Хордубал. „Не дај боже“, се повлекува Герич, „туку лошо време дојде за селанецот. Здрав си, жив си? И за толку, сполај Богу.“ И ти си чуден, Василе, на пола газ седиш и чашите на прва ги празниш. Што има ново? Умре стариот Кекерчук, една недела по Велигден, Бог да го прости, а во неделата Хороленко си го зеде девојчето на Михалчуковци; лани ни донесе ѓаволот лигавка. – Мене, Јурај, ме ставија кмет, селото да го водам, колку за беља, знаеш. – Не оди муабетот, Васил од Василовци не знае кај тера, и што зборува; станува и го потапкува Јурај по рамото: „Со Господ напред, Јурај, морам да одам“.

Јурај се насмевнува и со тешките прсти ја врти чашата. Ни Васил не е тоа што беше, жими Господ, а пиеше-растураше; битно дојде и ме целува – другар. Господ нека ти е на помош, Јураје; на чело да не ми пишува дека со лошо ми тргна враќањето? Со лошо, ама сè си сака време; лека-полека ќе си се враќам, секој ден по малку и еден ден, ќе си дојдам дома. Имам пари, Василе; ќе си купам и ниви и крави, дванаесет, ако сакам; сам ќе ги изнесам да пасат, ако треба и на Волов Грб, навечер има дванаесет ѕвонци да ечат, а Полана ќе прелета да ми ги отвори портите, како гулабица…

Во меаната е тивко, Евреинот дреме зад шанкот, па што, и самотија му треба на човек; ти се врти во главата, машко, ти се врти, ама само така ќе ти се наредат мислите. Ќе се враќаш полека, чекор по чекор, како стадото од пасиште; море, има да летнеш како стрела, да се втурнеш на јуриш во дворот, искри да летаат зад тебе – ќе го прерипаш плотот – тука сум, Полано, и сега не те пуштам; на раце ќе те однесам в одаја и ќе те притиснам, здивот да ти се земе. Нежна си, Полано. Осум години на тебе мислев; дури сега ти доаѓам. Хордубал ги стега забите до наболување. Играјте, диви коњи, иии! Да види Полана и колената да ѝ се пресечат од радост и од страв, да види: маж се враќа дома.

Извадок од книгата „Хордубал“ од Карел Чапек (2 дел)
Едиција: Класици
Издавач: „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Прочитајте го првиот дел  (1,2,3.) од „Хордубал“
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“, а може да се нарача и онлајн на следниот линк.

6 thoughts on “„Хордубал“ од Карел Чапек (втор дел)

  1. Пингување: „Хордубал“ од Карел Чапек (трет дел) | Literatura.mk

  2. Пингување: „Хордубал“ од Карел Чапек (4 дел) | Literatura.mk

  3. Пингување: Извадок од книгата „Хордубал“ од Карел Чапек (4 дел) | Literatura.mk

  4. Пингување: Извадок од книгата „Хордубал“ од Карел Чапек (5 дел) | Literatura.mk

  5. Пингување: Извадок од книгата „Хордубал“ од Карел Чапек (6 дел) | Literatura.mk

  6. Пингување: Извадок од книгата „Хордубал“ од Карел Чапек (7 дел) | Literatura.mk

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.