Еден од најплодните домашни писатели, автор на дваесетина книги, меѓу кои и „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ и „Вампирџија“ кои се во издание на „Арс Ламина“, Владимир Плавевски, периодот на изолација го поминува пишувајќи нов роман. Во паузите од творењето, се релаксира со некое од изданијата достапни во „Литература.мк“. Приклучувајќи се кон акцијата за поттикнување на читањето овој период, тој ни испрати листа со топ 5 книги, со кои ќе заминете на книжевни и фотографски патувања низ сеќавањата.
1. „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ од Зоран Михајлов
Како професионален новинар во весникот „Нова Македонија“ и МТВ, Зоран Михајлов во својава книга преку своите записи, среќавања и средби ја потсетува постарата генерација на минатите спортски доблести, за младите да осознаат оти спортот има свои длабоки корени во минатото. Импресионира податокот дека како новинар-коментатор Зоран Михајлов бил директен учесник на 15 светски олимпијади! Во неговата книга потсетува на многу славни спортски ѕвезди, за нивните ѕвездени моменти, но и падови; за убавината и опачината на светскиот спорт; за нашите македонски спортисти кои се искачија на спортскиот Олимп; за тренерите кои се во сенка на своите пулени; за скандалите во спортот; за спортот како опстанок и култура на нашата цивилизација. Книга која нема никого да остави рамнодушен со продорот во тема која е и во нас.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.
2. „Истанбул: Сеќавањата и градот“ од Орхан Памук
Орхан Памук е можеби најпознатиот современ турски писател, добитник на Нобеловата награда за литература во 2006 година. Неговите дела се занимаваат со соочувањата помеѓу Истокот и Западот, со проблемите на уметноста и на идентитетот, а честопати се споредувани со оние на Џојс, Набоков и Маркес. „Истанбул“ е прекрасен омаж, каков што и му прилега на овој голем град. Евокативна и документаристичка, автобиографска и историска, Орхан Памук во оваа книга пишува прекрасна „песна“ за градот во кој се родил и во кој сè уште живее и пишува. Тој ни раскажува за детството, за елитното средно училиште, за архитектонскиот факултет, за неговите родители и омилената баба, но истовремено зборува и за сликарот Мелинг и неговите прекрасни слики на Истанбул, за патеписите на Нервал, Готје и Флобер и, секако, за прекрасниот Босфор. Перспективата постојано се стеснува и сe проширува и никогаш не е здодевна, зашто меланхоличниот хузун, што ги обвива страниците на оваа книга, ни зборува еднакво на сите – иако не живееме во Истанбул. Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.
3. „Солунска 28“ од д-р Неле Карајлиќ
Д-р Неле Карајлиќ со својата дебитантска книга „Фајронт во Сараево“ најави дека е писател на кој сериозно треба да се смета. Тоа го потврди со својот прв вистински роман „Солунска 28“.
Приказната за едно семејство почнува на почетокот на 20 век кога Живота, кој бега од Прахова, и Босилка, која бега од Австро-Унгарија, се среќаваат во Белград, решаваат да почнат заеднички живот и да основаат семејство. И до ден-денешен, и покрај војните, бомбардирањата, пожарите, болестите, промената на режими, национализацијата, приватизацијата и другите потреси, куќата на Живота во Солунската улица го има истиот тој број 28.
Спојувајќи ги најдобрите состојки на јужноамериканскиот магиски реализам и сараевскиот нов надреализам, д-р Карајлиќ ни раскажува за историјата на една куќа во Дорќолската улица и нè води во просторот од другата страна на огледалото, на тромеѓето на животот, смртта и вечноста.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.
4. „Бајки од Македонија за цела година“
Oва значајно издание ги содржи најубавите бајки од македонската народна традиција. Дали сте чуле за девојката Злата Позлатена? А за мома Тантелина и волците? Кој ја знае приказната за ламјината ќерка Црнодреха? А сакате ли да дознаете зошто еден кнез се научил да плете кошници? И кој бил змејот од Пелистер? Ова богато илустрирано издание содржи 52 македонски бајки и басни од нашата фолклорна традиција што се читаат во текот на целата година, а читателите се запознаваат со многу нови интересни ликови кои се соочуваат со разни предизвици. Приказните во оваа книга ќе ја разбудат фантазијата на секое дете кое со возбуда ќе сака да ги прераскажува повторно и повторно. Се надевам дека новите генерации ќе уживаат во народните приказни за „Силјан штркот“, „Цане и ламјата“, „Змејот од Пелистер“, „Принцезата војник“, „Принцезата Ѕвезда и лошата царица“, „Тројцата царски синови и трите јаболкници“ итн.
Книгата може да се нарача онлајн на следниот линк.
5. „La vida de la Habana / Животот во Хавана“ од Роберто Брсакоски
Имав привилегија да бидам промотор на оваа монографија со фотографии – сеќавања од едно патување во Хавана. Колоритниот и динамичен главен град на Куба, Хавана, е во фокусот на ова дело од Роберто Брсакоски. Во април 2017 година, резервирајќи пат и престој преку интернет, самиот со себе, облагороден со својот фотоапарат, авторот тргнува на двонеделен престој во Хавана. Тоа што за тие 14 денови го видел и го доживеал во Хавана го забележал со својот „канон“. Кубанците се постојано присутни во речиси секој кадар на фотографиите. Најобични луѓе во најразновидно опкружување што импресионира со својот колонијалистички стил што се распаѓа во времето и просторот. Оваа импресивна фотоколор-монографија „La Vida De La Habana“ (Животот во Хавана) тематски, фотографски е поделена на четири фотоедиции по триесетина колор фотографии насловени „Луѓе“, „Улици“, „Возила“ и „Архитектура“.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.
Jas ja procitav knigata od Vladimir Plavevski. Taa me odnese daleku vo moeto detstvo. Mojata baba sekoj pat ni raskazuvase prikazni zaturcite i makedonskiot narod.za zal nekoe bea vistini sto taa so nejzinata familija preziveale vo ranite nejzini detski godini. Pozdrav do Vladimir i negovata familija i vi posakuvame uzivajne i uspesi vo pisuvajneto. Ole 😊