Документарец во кој се прикажува промотивната турнеја на автобиографијата на Мишел Обама „Becoming: Мојата приказна“, наскоро ќе се емитува на „Нетфликс“. Поранешната прва дама и онлајн платформата за емитување, најавија дека филмот ќе биде достапен за гледање од 6 мај 2020 г. (среда).
‒ Со голема возбуда ви најавувам дека на 6 мај „Нетфликс“ ќе го објави документарниот филм „Becoming, поглед зад сцената“ во режија на Надија Холгрен, кој ги споделува приказните за неверојатните луѓе што ги запознав по објавувањето на моите мемоари. Во овие тешки времиња, се надевам дека ќе најдете инспирација и радост во овој филм ‒ напиша Мишел Обама на својот профил на „Твитер“.
„Becoming“ ги сумира најзначајните моменти од турнејата во 34 градови. Документарецот е дел од договорот од 2018 година помеѓу „Нетфликс“ и продуцентската компанија „Хајер Граунд“ (Higher Ground), формирана од Мишел и нејзиниот сопруг, поранешниот американски претседател Барак Обама, за изработка на содржини за емитувачки платформи.
Турнејата во 2019 и 2020 година вклучуваше јавни настапи на големи концертни стадиони во САД и Европа, каде што Мишел Обама разговараше со публиката, како и изјави на Сара Џесика Паркер, Гејл Кинг и Стивен Колберт.
‒ Тие месеци што ги поминав патувајќи – средби и поврзување со луѓето во градовите од целиот свет – ја донесоа дома идејата дека она што го споделуваме заеднички е длабоко и реално и дека никој не може да си поигра со тоа ‒ рече Мишел Обама.
Автобиографската книга „Becoming: Мојата приказна“ од Мишел Обама, минатата година уриваше рекорди во светски рамки и е на добар пат да стане најпродаван мемоар на сите времиња… Мемоарите на г-ѓа Обама се објавени на повеќе од 30 јазици, меѓу кои и на македонски. Македонскиот издавач – „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ја објави книгата на нашиот пазар, само неколку месеци по објавувањето во САД. Книгата е поделена во три дела: „Како настанав јас“, „Како настанавме ние“ и „Како настанавме уште повеќе“, а во нив пишува за своето детство, студентските денови, расизмот, бракот со поранешниот претседател на САД, Барак Обама, за нивните ќерки и искуството во политиката.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.