
Книгата „Херојски приказни: Митови, легенди и приказни од различни делови на светот“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана онлајн, на 29 април (среда), со почеток во 19.30 часот.
Со отворањето на книгата „Мнемосина: Херојски приказни“ тргнувате во авантура која ќе ве однесе од топлите мориња на Медитеранот до студените, страшни шуми на Северот. Ќе видите како Прометеј им го подарил огнот на луѓето, како Персеј ја поразил горгоната Медуза, и како Херкул ги извршил сите дванаесет задачи. Но, исто така, ќе ја откриете истрајноста на Фритјоф, љубовта на Лоенгрин и убавата Елса, и тврдоглавоста на ковачот Вејланд. Дури и ќе се потсетите на еден херој што ви е многу близок, а сте заборавиле дека и тој е дел од овој пантеон – Крале Марко. Во овие приказни е наталожена вековна историја, традиција и мудрост – од нив може да научите многу.
Книгата „Херојски приказни: Митови, легенди и приказни од различни делови на светот“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана онлајн, на 29 април (среда), со почеток во 19.30 часот.
Станува збор за прв дел од едицијата „Мнемосина“, која вклучува преводи на приказни за митови и легенди, кои од англиски јазик ги преведоа и адаптираа 11 студенти од трета година од Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Скопје, под менторство на доц. д-р Мира Беќар. По тој повод разговаравме со професорката по современ англиски јазик, доц. д-р Мира Беќар.

Доц. д-р Мира Беќар
*Како настана идејата за едицијата „Мнемосина“? Што содржи овој проект и колку дела се планирани?
‒ Со студентите од трета година, на час, разговаравме за компјутерски игри. Низ разговорот сфатив дека некои од студентите не се свесни дека многу од карактеристиките кои ги посочувавме за главните ликови од игрите се базирани на ликови од митови, приказни, легенди и дека е потребно тинејџерите и студентите да се запознаат со тие наративи. Исто така, како професор по Современ англиски јазик им посочувам дека треба да се насочат и да преведуваат текстови во одредена област за да стекнат експертиза за одредени теми, кои за жал немаме доволно време на факултет да ги покриеме и обработиме детално. Некои од студентите ќе се занимаваат со книжевен превод, па ова го сметавме и како добра вежба и подготовка. Потоа дојдов во вашата издавачка куќа да разговарам со некои од уредниците и им предложив да создадеме едиција на студентски преводи. На главната уредничка на „Арс Ламина“, Бранка Бугариска ѝ се допадна идејата, па низ разговори со неа и со уредникот на книгата, Ведран Диздаревиќ дојдовме до следниов план: Да се работат три изданија: 1. Митови и легенди и приказни од разалични краишта на светот, 2. Приказни за големите истражувачи и умови и 3. Сериозни и филозофски есеи од автори како Раскин, Хоторн и Х. Џ. Велс итн.
*Како течеше процесот на создавање на серијалот. Колку време го подготвувавте проектот?
‒ Во разговори со Бранка Бугариска најдовме база на приказни кои сметавме дека ќе бидат нови и интересни за читање. Потоа, им ја пратив таа база на собрани приказни на студентите за да одберат што би сакале да преведуваат. Секој си избра приказни според интересот и можностите. По изборот, следуваа неколку фази на работа: првата фаза при преведувањето беше читање на приказната во оригинал. Втората фаза беше истражување и пронаоѓање соодветен еквивалент на македонски за различните митолошки имиња и топоними. Третата фаза беше прва преведена верзија на целиот текст. Некои од студентите истакнаа дека не обрнувале толку внимание на граматички/синтаксички нијанси и сѐ да е точно од прва, туку важно им било да ја доловат/приближат смислата на оригиналниот текст. Потоа следуваше втора, па трета верзија и конечно средување на преводот. Направивме онлајн група и кога имаа некои тешкотии или двоумења за некои делови од преводот се обраќаа во онлајн групата. Тоа на многумина им помогна да ги решат дилемите. Неколку пати се среќававме и во живо да ги решаваме преведувачките „маките“. Како што истакна една студентка Ана, „штом го финализиравме преводот и бевме задоволни од сработеното си ги праќавме меѓусебно преводите за проверка и чекавме одговор“. Потоа ми ги праќаа мене за конечна проверка. Јас, со колешка од Класични студии при Филозофскиот факултет проверував некои од поимите (особено лични имиња, топоними, типови на митолошки суштества, па како се транскрибираат на македонски). И на крај, уредникот Ведран досреди некои важни поими кои не беа разјаснети, а лекторите го полираа јазикот. Сложен процес, нели? J Што би рекле студентите „И така бидна“. J
*Зошто се одлучивте за насловот „Мнемосина“?
‒ Ух. Многу возбудлив и креативен процес беше и изборот на името на едицијата. Бранка рече да смислиме име. Со Ведран се движевме во некои покласични и позатворени рамки, т.е. академски размислувања. Сигурни бевме дека не сакаме фрази како „студентски преведувачки бисери“. Одбравме некое име за кое уредничката сметаше дека не е звучно, па низ муабет отидовме во правец да биде еден збор кој ќе им поттикне асоцијации и ќе биде звучен. Можеби име на некој лик од видеоигрите или митовите. Им пишав на студентите и една од нив, Ана, предложи име на некоја муза или божица. Па се мислевме две ноќи помеѓу Ниоба, Мнемосина, Хипокрена и Питија. Всушност изборот беше помеѓу големата гордост, сеќавањето, паметењето, вдахновувањето и прорштвото. И би ‒ Мнемосина. Главната причина зад оваа одлука беше самиот лик и значење на Мнемосина како мајката на деветте музи во грчката митологија и нејзиниот однос со поетите, проповедниците и раскажувачите од античката епоха. На некои од студентите им беше важна таа божествена инспирација, чие олицетворение се Мнемосина и нејзините ќерки, што дотекува во усните на секој антички раскажувач на приказни. Идејата за безвременското значење на приказните и нивното континуирано (пре)раскажување низ вековите. Зборувавме како митовите, приказните и легендите ја претставуваат колективната свест на еден народ. И да ги цитирам студентите „приказните, митовите му овозможуваат на обичниот човек привремено да ги надмине ограничувањата на петте сетила и да искуси нова сакрална и вонвременска реалност. Преку индиректното преживување на искушенијата, умирањата, воскреснувањата и преобразбите на хероите човекот се стекнува со прочистување и облагородување на сопствените верувања, таленти и пресуди и воспоставува цврста оска која ќе му помогне да се соочи со хаосот на модерното време и да се отуѓи од бремињата на секојдневието кое самото претставува една нераскинлива нишка од искушенија, умирања и повторни раѓања.“
*Првата книга од оваа едиција е „Херојски приказни: митови, легенди и приказни од различни делови на светот“. Колку приказни содржи ова издание и кои се главните ликови и од кои земји потекнуваат приказните? Дали можеби има приказна од Македонија?
‒ Изданието содржи 22 приказни со многу главни машки и женски јунаци: Прометеј, Девкалион, Пира, Тезеј, Херкул, Едип, Антигона, Ифигенија, Киклоп, Беовулф, Грендел, полскиот Фауст, Крале Марко и др. Не, нема приказна од Македонија бидејќи ги преведувавме приказните од други земји, други јазици на македонски.
*Кои беа главните предизвици на студентите и Вам како ментор со преведувањето на текстовите, ако се земе предвид дека на голем дел од студентите ова им е прво искуство од ваков вид?
‒ Главните предизвици со кои се соочија студентите, а богами и јас беа имињата на ликовите и топонимите. Меѓу студентите имаше голема соработка, бидејќи секој од нив придонесуваше. Некои се талентирани за пренесување дијалози на пожив начин, некои се добри со македонската синтакса, некои со деталните описи (употреба на придавки), некои со познавање на митологија. На некои им беше возбудлив преводот, на други мачен на моменти но, пребродивме сé. Практично се изложивме на искушенија (преведувачки, професионални, тимски), на падови и будења.
* Делата се преведени од англиски јазик, колку вие како професор сте задоволна од квалитетот на преведеното и дали некои од нив за првпат ќе бидат објавени на македонски јазик?
‒ Презадоволна. Особено што учеа за својата идна професија и си помагаа (иако и тоа не е баш спонатна реакција за поновите генерации). Понекогаш им треба повеќе време да го разберат значењето на солидарноста. Се соочија со реален предизвик од професоналниот свет во кој ќе зачекорат. За некои ова ќе биде и главната егзистениција по дипломирањето (и духовна и материјална). И учевме за убавината и можностите на македонскиот јазик.
*На што работите во моментов со своите студенти? Дали планирате слични публикации?
‒ Требаше веќе да работиме на второто издание со приказните за научниците и големите умови, но еден куп околности нè спречија во тоа. Ќе чекаме да помине и кризата со короната (демонот со круна) и да се сконцентрираме на работата со нова група студенти кои се сега во трета година на студиите на Катедрата за англиски јазик и книжевност, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Сакаме да искажеме и голема благодарност до Бранка Бугариска и Ведран Диздаревиќ, до издавачката куќа „Арс Ламина“, што препознавте дека оваа идеја е вредна за реализирање.
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“, а онлајн може да се нарача на следниот линк.