Авторот на една од стихозбирките која ја одбележа минатата година, „Дното се стеснува“ ‒ Кирил Бисероски, покрај поезија, во слободното време чита повеќе форми на проза. Во неговата листа со книги од „Литература.мк“, кои ги препорачува да се прочитаат за време на изолацијата, се романи кој поттикнуваат длабоки размисли, биографии и дело за меѓата меѓу биологијата и метафизиката. Ова е неговиот топ 5 избор:
1. „Сварог“ од Коста Бојчески
Има проза што трогнува и проза што побудува длабоки размисли, сентиментална проза и церебрална проза, искрена проза и вистинита проза. И замислете совршени дестилати од обата вида еден до друг, во една иста книга од еден ист автор. Приближно како „Атекар“ да ги издадат „Инкунабула“ и „Конфилд“ еден до друг на едно исто цеде. Долго време нема, да се изразам старовремски, ништо друго да чувате во цеде-плеерот.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.
2. „Тито и другарите“ од Јоже Пирјевец
Хагиографиите се секогаш правилен избор на четиво, но кога се работи за светец – куќна слава, нивното читање повеќе е неопходност отколку екстраваганција. Непристрасниот приод во оваа книга каде воопшто Тито не е поштеден ниту во објавените историски факти, ниту во оценките прават ореолот да стане уште повидлив, многу повеќе отколку во некоја биографија – додворувачки фалбоспев.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.
3. „Астрофизика за луѓе кои немаат време“ од Нил Деграс Тајсон
Како ретко кога, содржината на книгата го остварува она што го ветува насловот. За втемеленоста на едно знаење нема подобра потврда од умешноста да се самоизрази јасно, едноставно и разбирливо. А конкретнава книга ја краси и еден дополнителен квалитет – духовитост и веселост која нужно го придружува секој говор за нешто на кое страсно и искрено сте посветени.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.
4. „Краткиот чудесен живот на Оскар Вао“ од Џуно Диаз
Во нашава современост од сите можни категории на романи, дефицитарна е само една – големите романи. Јас не знаев што значи современ голем роман, но откако го прочитав овој – веднаш знаев дека е таков. Ако ви се здодеа преземање на митолошки обрасци од античките времиња при живи Марвел и Ди Си универзуми, ако ви здодеа шаблонско конструирање на трилер фабули додека империјализмот низ цел свет создава илјада пати подраматични и поневеројатни реалности – овој роман ќе ви ја врати вербата во литературата – дека (сè уште) не ги предала идеалот и животот.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.
5. „Автопоеза и когниција: Реализација на животот“ од Умберто Р. Матурана и Франсиско Х. Варела
Книга што ја опишува меѓата меѓу биологијата и метафизиката чиј темелен поим го добил својот назив врз основа на размисли за Дон Кихот. Треба ли да се каже уште нешто? Да го парафразирам Платон, се додека научниците не станат филозофи или филозофите научници, ние нема да ја оствариме иднината од „Ѕвездени патеки: Следната генерација“.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.