ПОГЛАВЈЕ 1
ТАТКО МИ ЈА ЗАПОЗНАВА МАЧКАТА
Еден студен дождлив ден, кога татко ми бил дете, на неговата уличка запознал стара улична мачка. Мачката целата била накисната и измачена, па татко ми ù рекол: „Би сакала ли да те земам кај мене дома?“
Ова ја изненадило мачката, дотогаш немала запознаено некого кому му биле важни старите улични мачки, но му рекла: „Би ми претставувало огромно задоволство ако би можела да седнам крај топла печка и можеби да се напијам едно чиниче млеко“.
„Имаме фина печка покрај која ќе можеш да седнеш“, рекол татко ми, „а и сигурен сум дека мајка ми ќе може да одвои едно чиниче млеко“.
Татко ми и мачката станале многу добри пријатели, но мајката на татко ми била вознемирена. Таа мразела мачки, а посебно грди и стари улични мачки. „Елмер Елеватор“, му рекла на татко ми, „се лажеш ако мислиш дека ќе ù дадам чиниче млеко на мачкана. Ако почнеш да храниш напуштени улични мачки, очекувај дека ќе треба да ги храниш сите улични животни во градот, а јас немам намера да го правам тоа!“
Тоа многу го растажило татко ми и тој ù се извинил на мачката што мајка му била толку непристојна. Ù кажал на мачката сепак да остане и дека тој ќе најде начин секој ден да ù носи чиниче млеко. Цели три недели татко ми ја хранел мачката, но еден ден мајка му го нашла чиничето од мачката на таванот и многу се разлутила. Го исплескала татко ми, а мачката ја исфрлила надвор, но подоцна татко ми се извлекол од дома и ја нашол мачката. Заедно отишле на прошетка во паркот и се обиделе да разговараат за убави работи. Татко ми рекол: „Кога ќе пораснам, ќе имам авион. Зар не би било прекрасно да можеш да одлеташ секаде каде што ќе посакаш?“
„Многу ли би сакал да леташ?“ прашала мачката.
„Секако. Кога би можел да летам, би можел да сторам сè.“
„Па“, рекла мачката, „ако навистина толку многу сакаш да леташ, мислам дека знам еден начин како би можел да леташ додека сè уште си само момче.“
„Сакаш да кажеш дека знаеш како би можел да најдам авион?“
„Па, не баш авион, туку нешто многу подобро. Како што гледаш, сега сум стара мачка, но кога бев помлада многу патував. Патувањата за мене сега се само минато, но минатото лето отпатував за последен пат и заминав со брод на островот Мандарина, застанувајќи по пат во пристаништето Брусница. Но, случајно го пропуштив бродот и додека го чекав следниот решив малку да разгледам наоколу. Посебно ме заинтересира едно место наречено Див остров, што го одминавме на патот до Мандарина. Дивиот остров и Мандарина се поврзани со една огромна низа камења, но луѓето никогаш не одат на Дивиот остров зашто таму главно има џунгла и живеат само многу диви животни. Па, решив да преминам преку камењата и да го истражам малку. Островот беше многу интересен, но таму видов нешто од што ми дојде да заплачам“.
ПОГЛАВЈЕ 2
ТАТКО МИ БЕГА
„Всушност, Дивиот остров е пресечен на половина со една многу широка и каллива река“, продолжила мачката. „Рекава почнува од едниот крај на островот и се влева во океанот на другиот крај. Сега животните таму се многу мрзливи, а порано многу мразеле што морале да ја заобиколат целата река по должина, за да стигнат до другата страна на островот. Тоа многу ги отежнувало посетите и ги забавувало поштенските пратки, посебно за време на метежот околу Божиќ. Крокодилите можеле да пренесуваат патници и пошта преку реката на грб, но крокодилите честопати го менуваат расположението и воопшто не можете да се потпрете на нив, а и постојано гледаат да си каснат нешто. Не им е важно тоа што животните мораат да пешачат за да ја заобиколат реката, па затоа животните со години биле принудени да го прават тоа.
„Но, каква врска има сето ова со авиони?“ прашал татко ми, кој сметал дека мачката објаснува премногу надолго и нашироко.
„Трпение, Елмер“, рекла мачката и продолжила со приказната. „Еден ден, околу четири месеци пред да пристигнам на Дивиот остров, бебе-змеј паднало од еден облак што ниско надлетувал над речниот брег. Тој бил премногу малечок за да лета добро, а и освен тоа, едното крило мошне лошо го удрил, па не можел да се врати на облакот. Набрзо потоа животните го нашле и рекле: ’Па, токму ова ни требаше сите овие години!‘ Му врзале големо јаже околу вратот и чекале да му заздрави крилото. Ова било решението за сите нивни проблеми со преминување на реката.“
„Никогаш не сум видел змеј“, рекол татко ми. „Ти го виде ли? Колкав е?“
„Ах, да, го видов змејот. Всушност, ние станавме многу добри пријатели“, рекла мачката. „Порано се криев во грмушките и си правев муабет со него кога немаше никој. Не е многу голем, речиси е колку една голема црна мечка, иако претпоставувам дека има многу пораснато откако си заминав. Има долга опашка и жолти и сини пруги. Рогот, очите и табаните на стапалата му се светлоцрвени, а крилјата му се златни.“
„Леле, колку прекрасно!“ рекол татко ми. „Што правеле животните со него откако му заздравело крилото?“
„Почнаа да го учат да пренесува патници и, иако беше само бебе-змеј, понекогаш го вежбаа и дење и ноќе. Го тераа да носи најразличен тежок товар и, ако се пожалеше, му ги виткаа крилјата и го тепаа. Постојано е врзан за еден јарбол со јаже доволно долго за да премине преку реката. Единствени пријатели му се крокодилите, кои му кажуваат ’здраво‘ еднаш неделно, ако не заборават. Навистина, тој е најнесреќното животно што сум го сретнала. Кога си заминав, му ветив дека еден ден ќе му помогнам, иако сега не гледам баш начин како. Јажето околу неговиот врат е најголемото и најцврстото јаже што можеш да си го замислиш. Има толку многу јазли на него, што требаат денови за да се одврзат сите.
Како и да е, кога зборуваше за авиони, ми даде многу добра идеја. Сосема сум сигурен дека ако успееш да го спасиш змејот, што воопшто нема да биде лесно, ќе ти дозволи да леташ на него секаде каде што ќе посакаш, доколку си фин со него, се разбира. Сакаш да се обидеш?“
„Баш би сакал“, рекол татко ми, кој бил толку лут на мајка му што била непристојна со мачката, што воопшто не се чувствувал тажно што ќе побегне од дома на одредено време.
Истото попладне татко ми и мачката отишле директно на пристаништето за да испитаат кои бродови одат на островот Мандарина. Тие откриле дека еден брод ќе исплови следната недела, па веднаш почнале да го планираат спасувањето на змејот. Мачката многу му помогнала на татко ми, советувајќи го што да понесе со себе и му кажала сè што знаела за Дивиот остров. Се разбира, таа била премногу стара за да му се придружи.
Сè морало да се држи во најстрога тајна, па кога наоѓале нешто или купувале нешто за патувањето, го криеле под еден камен во паркот. Ноќта пред да замине, татко ми го позајмил ранецот од татко му, па тој и мачката внимателно спакувале сè. Зел гума за џвакање, две дузини розови лижавчиња, пакетче гумени ластичиња, црни гумени чизми, компас, четкичка за заби и паста, шест лупи, многу остро џебно ноже, чешел и четка за коса, седум панделки за коса во различни бои, празна конопна вреќа со натпис „Брусница“, пар чисти алишта и доволно храна за да му потрае додека бил на бродот. Не можел да се храни со глувци, па зел дваесет и пет сендвичи со путер од кикиритки и џем и шест јаболка, бидејќи само толку јаболка успеал да најде во шпајзот.
Кога сè било спакувано, татко ми и мачката се упатиле накај бродот на пристаништето. Еден ноќен стражар бил на должност, па додека мачката испуштала гласни и чудни звуци за да му го одвлече вниманието, татко ми го претрчал подвижниот мост и се шмугнал на бродот. Слегол долу во складиштето и се скрил помеѓу вреќи пченица. Бродот испловил рано изутрината.
Наслов: „Змејот на татко ми“ од Рут Стајлс Ганет (1 дел)
Едиција: Детски класици
Издавач: „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк.
Пингување: „Змејот на татко ми“ од Рут Стајлс Ганет (2 дел) | Literatura.mk
Пингување: „Змејот на татко ми“ од Рут Стајлс Ганет (3 дел) | Literatura.mk