„Зоки Поки“ нѐ учи дека секому му се потребни другари на кои ќе може да им се верува. Другарствата мора да се негуваат.
Единственото девојче во главната актерска екипа на новата ТВ-серија „Зоки Поки“, Анастасија Аневска, ја толкува улогата на Лидија – најдобрата другарка на Зоки Поки. Телевизиската адаптација на една од омилените книги за деца „Зоки Поки“, од писателката Оливера Николова, ќе почне да се емитува на 4 мај на Македонската радио-телевизија. Приказната, иако е базирана на оваа лектира за второ одделение, е модернизирана и приспособена на новите генерации. Покрај Анастасија, главните детски ликови во серијата ги играат: Матеј Настевски (Зоки Поки), Матео Матоски (Боки) и Матеј Зимбаков (Гоки).
Децата во серијата другаруваат со романи за деца, лектири, сликовници, едукативни изданија и списанијата за ученици „Мини Либи“ и „Либи“, во издание на „Арс Ламина“. Инаку, серијата е во продукција на „Кино Око“, во копродукција со Македонската радио-телевизија, а поддржана од Агенцијата за филм на Македонија. Десетте епизоди ќе се емитуваат премиерно секој понеделник и четврток во 20.15 часот на Првиот канал, а репризно – следниот ден и во сабота и недела. Откако се запознавме со Матеј Настевски, кој го игра Зоки Поки, оваа недела дознаваме повеќе за Анастасија – односно Лидија. Ова русокосо девојче е ведро, паметно, позитивно и темпераментно, и како и останатите од дружината на Зоки Поки, секогаш е подготвена за авантури.
Анастасија има 11 години и живее во Скопје. Таа е шестооделенка во основното училиште „Кузман Јосифовски Питу“, Кисела Вода.
*Како би ја опишала Лидија – ликот што го играш во ТВ-серијата „Зоки Поки“?
‒ Лидија е ведро, паметно, позитивно и темпераментно девојче кое секогаш е подготвено за авантура, но и девојче кое размислува и наоѓа решенија за проблемите на дружината, креативна е и снаодлива и умее да ги согледува опасностите. Знае да ги направи работите интересни за да не се досадуваат. Добра другарка е и се труди да им помогне на другарите кога се во неволја.
* Која карактерна особина најмногу ти се допаѓа кај Лидија?
‒ Најмногу ми се допаѓа што е ведра, креативна и добра другарка.
*Колку се Анастасија и Лидија слични, а по што се различни?
‒ Јас и Лидија имаме доста слични карактери. Ведра сум, сакам да се смеам и да се дружам со моите другарки. Сакам да ги правам работите интересни, но знам понекогаш и да не попуштам и да бидам упорна. Единствена разлика на која можам да се сетам е што Лидија понекогаш знае и да избувне, додека јас се обидувам да ја смирам лутината и да ги решам работите мирно.
* Како стана дел од актерката екипа на серијата „Зоки Поки“?
‒ Одев по вообичаениот пат. Одев на неколку кастинзи на продукцијата „Кино Око“, сè додека на влегов во најтесен круг, со уште едно девојче. Бев многу среќна кога ми соопштија дека јас ќе бидам Лидија во серијата „Зоки Поки“.
*Дали ова ти е актерско деби и како ти се разви желбата за глума?
– Прв пат глумев во училишната претстава „Девојчето со кибритчиња“ која ја подготвувавме со моето одделение и моите наставнички, Кика Стојанова и Мери Ѓоргиевска, во која ја имав главната улога. Тогаш ми се роди желбата за глума. Се запишав во драмското студио на „Детски Свет“ на Магдалена Ризова-Черних и оттука започнаа улогите во претставите на Драмскиот театар „Фестен“ и „Човек перница“, во краткометражните филмови „Скопје 2020“ и „Налепница“ (во сите имав улога на ќерка на главните ликови или мало девојче), а не помалку драга ми е и улогата на Клара во претставата „Приказната за Моцарт“. Исто така, имам учествувано и во други проекти: спот за борба против насилство кон децата на УНИЦЕФ, синхронизација на детски цртани филмови и серии за студиото „Кларион“, што е еден вид на глума итн.
*Како ви помина снимањето, на која случка ќе се сеќаваш?
‒ Целиот процес на снимање беше интересен за мене. Дружбата со Матеј, Матео и Матеј (замислете сите тројца имаат речиси исто име па кога ќе викнеш еден како да си ги викнал сите ‒ недостигаше уште јас да се викам Матеа), дружбата со возрасните актери, статистите, снимателите, режисерите, шминкерите, костимографите, сценографите… беше одлична, бевме многу луѓе и беше весело, смешно и уживав во целиот процес иако беше многу жешко надвор (понекогаш и по 40 степени Целзиусови). Но, најинтересната случка се случи на снимањето на првата епизода на серијата кога се подготвуваше тортата за снимање. Тортата беше исечена на прачиња и поделена во чинивчиња наредени на масата од сетот. Ние имавме пауза за ручек и се вративме назад на снимање ама Боки некако многу му се допадна тортата и си кркна едно парче. Кога требаше да се започне снимањето на сцената луѓето одговорни за сценографијата забележаа дека недостасува парче торта, односно дека едно чинивче беше испразнето и прашаа кој го изел. Боки по кусо двоумење кажа дека тој го изел парчето, а одговорните му рекоа ги прскале парчињата торта со некоја состојка за да не се растопат (снимањето беше во лето) па го тераа да пие вода потоа за да не му се слоши од состојката. Се разбира Зоки, Гоки и јас се изнасмеавме.
*Дали имаше дружба со другите деца на филмскиот сет?
‒ Дружбата со Зоки (Матеј), Гоки (Матеј) и Боки (Матео) беше весела. Тие секогаш беа подготвени за некоја нова шега, смешка и палавштина, но одлично се согласуваме и надополнуваме, па веројатно затоа уште повремено се дружиме.
*Колку возрасните (професионални) актери ви помагаа да се снајдете во улогите?
‒ Сите возрасни актери се обидуваа да не опуштат да не бидеме стегнати, да ни помогнат да ги доживееме и почувствуваме ликовите за да може да ги одглумиме поубедливо.
*Што ти остави најголем впечаток од снимањето?
‒ Колку сложен процес е снимањето на една серија, колку луѓе се потребни за сè да функционира добро и колку беше организирано сѐ. Секако и запознавањето на познати лица од филмската уметност ми остави голем впечаток.
*Дали ја имаш прочитано лектирата „Зоки Поки“. Колку серијата ќе се разликува од книгата?
‒ Лектирата „Зоки Поки“ ја имам прочитано одамна, сега ја повторив, и можам да кажам дека серијата исто така обработува различни згоди и незгоди на Зоки Поки и неговата дружина, но во модерното време на живеење со мобилни телефони, со компјутери, со ролери и така натаму. Сепак дружбата е иста, другарувањето е исто.
*Која е пораката на приказната? Што можеме да научиме од „Зоки Поки“?
‒ Секоја приказна има своја порака. Ќе ги гледате епизодите и ќе ги сфатите, но пораката на целата серија е дека секому му се потребни другари на кои ќе може да им се верува и дека другарствата мора да се негуваат. Треба да знаете да се радувате за некого, да бидете тажни со некого, да истражувате со некого, да се борите за некого и да сакате некого.
*Кој предмет во училиште ти е омилен?
‒ Ги сакам сите предмети и сметам дека се подеднакво важни, но најмногу ми лежат математика, македонски и информатика.
*Какви книги сакаш да читаш?
‒ Авантуристички и детективски.
*Дали имаше можност да го разгледаш списанието „Либи“? Која рубрика ти е најинтересна?
‒ Да, секако. Го имам разгледано списанието „Либи“. Во него може да прочитам текстови на интересни теми, а омилени рубрики ми се „Љубов на прв збор“ и „Светот околу нас“.
Пингување: ВИДЕО: Вработените на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“ ви читаат „Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“ | Literatura.mk
Пингување: Интервју со Матеј Зимбаков (Гоки): „Зоки Поки“ нѐ учи дека секогаш треба да бидеме тука за другарите | Literatura.mk
Пингување: Интервју со Матеј Зимбаков (Гоки): Од „Зоки Поки“ учиме дека секогаш треба да бидеме тука за другарите | Literatura.mk
Пингување: Интервју со Матео Матоски: На хуморот на Боки се смее целата екипа на „Зоки Поки“ | Literatura.mk