Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (7 дел) КРАЈ

XIX

МЕЧОКОТ МЕГЛЕН СИ СЕ ЗАБАВУВА

 

Меглен се немаше забавувано толку откако се пресели од Големата шума во Зелената гора. Се разбира, во моментов не беше во Зелената гора, ама не беше далеку од неа. Беше на Старото пасиште, што на едниот крај се граничи со Зелената гора. А што мислите каде се наоѓаше на Старото пасиште? Па, токму среде најголемата грмушка со најголемите боровинки што ги имаше видено во животот! Ако постои нешто што Меглен би го претпочитал пред што било друго, тоа се сите бобинки што може да ги изеде, освен ако не е мед. Во главата на Меглен ништо не може да се токми со медот. Ама, веднаш по медот дајте му бобинки. Не му е важно каков вид бобинки. Малинки, капинки или боровинки, што и да се, тој ќе си се наслади.

 

„О-хо-хо, ама се вкусни!“ промрмори со длабокиот, грмлив глас додека лакомо ги береше бобинките седнат на задните нозе. Очињата му светкаа од задоволство и воопшто не му пречеше ако лапнеше и по некој лист или зелена бобинка заедно со крупните, зрели бобинки. Не се ни обидуваше да ги истреби. Какво требење! Гнетеше сè заедно и си го тапкаше стомакот од задоволство. Меглен стигна на Старото пасиште токму кога веселото, тркалезно, румено Сонце се искраде од креветот и беше цврсто решен да се врати во Зелената гора пред да се искачи Сонцето многу високо на синото небо. Знаете, иако е крупен и силен, Меглен е многу срамежлив и повлечен и воопшто не сака да се сретне со Фармерот Симоски, или со Синчето на фармерот Симоски или со кое било друго суштество на две нозе наречено човек. Звучи смешно, ама тој, всушност, се плаши од нив. А му се чинеше дека е многу поверојатно да сретне некој од нив на Старото пасиште одошто длабоко во Зелената гора.

Па, така, кога тргна да бара бобинки, реши набрзина да изеде колку што може и да се врати во Зелената гора пред да стане од кревет Синчето на фармерот Симоски. Ама, кога ги најде бобинките, беше толку гладен, што заборави и на стравовите и на сè друго. Му беа толку вкусни, што едноставно мораше да јаде и да јаде и да јаде. Знаете дека Меглен е многу крупен и му треба многу за да се засити. Си јадеше и си јадеше и си јадеше и колку повеќе јадеше, толку повеќе беше гладен. Знаете како е тоа. И така талкаше на Старото пасиште од една грмушка со бобинки до друга и ниту еднаш не помисли на времето. Најтешко е да се сетите на времето кога се забавувате.

Веселото, тркалезно, румено Сонце се искачи повисоко и повисоко на синото, сино небо. Погледна надолу кон Големиот свет и виде сè што се случуваше. Го виде Мечокот Меглен на Старото пасиште и се насмевна кога виде колку убаво си се забавува. А виде уште нешто на Старото пасиште што му ја рашири насмевката. Го виде Синчето на фармерот Симоски како си полни голема лимена канта со боровинки и знаеше дека Синчето на фармерот Симоски не знае оти Мечокот Меглен е некаде во близина и знаеше дека Мечокот Меглен не знае оти Синчето на фармерот Симоски е некаде во близина и некако со сигурност си помисли дека ќе се случи нешто интересно ако се сретнат двајцата.

„Мх, мх, мх“, мрмореше Мечокот Меглен со полна уста додека се движеше накај друга грмушка со бобинки. И тогаш се подзадиша од изненадување и од задоволство. Токму пред него се појави нешто светкаво и полно со највкусните, најкрупните и најсините боровинки! Немаше ни листови ни незрели плодови. Меглен затрепка набрзина со лакомите очиња и погледна повторно. Не, не сонуваше. Бобинките беа вистински и сè што требаше да стори е да си се послужи. Меглен го погледна внимателно светкавиот предмет што ги држеше бобинките. Му изгледаше сосема безопасно. Ја испружи големата шепа и го поттурна нежно. Се преврти и се истурија многу бобинки. Да, беше сосема безопасно. Меглен воздивна од чиста среќа. Ќе си ги изеде бобинките сите до една, па ќе си оди дома во Зелената гора.

XX

МЕЧОКОТ МЕГЛЕН ЈА ЗЕМА СО СЕБЕ КАНТАТА НА СИНЧЕТО НА ФАРМЕРОТ СИМОСКИ

 Прашањето е дали Мечокот Меглен ја украде кантичката на Синчето на фармерот Симоски? Да украдеш значи да земеш нешто што му припаѓа на некој друг. Нема сомнеж дека ги украде бобинките што беа во кантата кога ја најде, оти свесно си ги изеде. Многу добро знаеше дека сигурно си ги набрал некој, оти кај се видело да растат боровинки во лимени канти? Затоа нема сомнеж дека кога си ги зеде, Меглен, всушност, ги украде. Ама, со кантата беше друго. Ја зеде кантата, ама не планираше да ја земе. Всушност, не ја ни сакаше кантата.

Еве како беше. Кога Меглен ја најде големата лимена канта полна до врв со превкусни бобинки во сенката од големата грмушка на Старото пасиште, не ни застана да размисли дали има право врз нив. Меглен толку многу сака бобинки, што во мигот кога со лакомите очиња ја здогледа полната канта, заборави на сè, освен на гозбата што го чекаше и што му беше точно пред носот. Не размисли дали има нешто лошо во тоа да си се послужи. Пред него на едно место имаше многу повеќе бобинки одошто видел некогаш во животот и сè што требаше да стори беше да јаде, да јаде и да јаде. И токму тоа и го стори. Се разбира дека ја преврти кантата, ама не му пречеше таква ситница. Кога ги излапа сите бобинки што се истурија, го пикна носот во кантата за да дојаде сè што имаше останато. И токму тогаш слушна слаб шум, како да доаѓа некој. Ја подаде главата за да наслуша и, некако, а ни тој не знаеше како, рачката од кантата му се лизна зад ушите и му се заглави.

Како тоа да не беше лошо, па за да биде уште полошо, токму во истиот миг слушна остар, лут глас како му подвикна: „Еј, здраво! Бегај одовде!“ Немаше потреба да му кажат чиј глас беше тоа. Тоа беше гласот на Синчето на фармерот Симоски. Мечокот Меглен само што не доби напад. Застрашувачката канта му беше врз главата, па не гледаше ништо. Се разбира, тоа значеше дека не може да побегне, а тоа сакаше да го стори најмногу од сè, оти, иако е крупен и силен, Меглен е многу срамежлив и повлечен кога има човечки суштества во близина. ’Ржеше и завиваше и квичеше. Се обиде да се истрга од кантата, ама не можеше. Се обиде да ја истресе, ама не можеше. Се обиде да ја извади, ама некако не можеше да ја фати. Тогаш се слушна уште еден вресок. Да не беше Меглен толку исплашен и самиот, можеби ќе препознаеше дека вториот вресок беше од страв, оти навистина беше така. Знаете, Синчето на фармерот Симоски само што го откри Мечокот Меглен. Кога викна првиот пат, си претпоставуваше дека се работи за некое од младите говеда кои живеат на Старото пасиште цело лето, ама кога го виде Меглен, се исплаши исто колку и Меглен. Всушност, толку се изненади и се исплаши, што не можеше ни да трча. По вториот вресок застана мирно и се ѕвереше.

Меглен гребеше со канџите по страшниот предмет на главата поочајнички од кога и да било. Одеднаш, му се лизна, па сега можеше да гледа. Фрли исплашен поглед кон Синчето на фармерот Симоски и со едно моќно „Ав!“ се упати накај Зелената гора колку што можеше побрзо, а тоа навистина беше многу брзо, да ви кажам право. Не запре ни за да избере патека, туку само се залетуваше низ грмушките како да не постоеја, како воопшто да не постоеја. Ама, најсмешното нешто беше ова – си ја зеде кантата со него! Да, да, Мечокот Меглен побегна со големата лимена канта на Синчето на фармерот Симоски! Знаете, кога му се лизна од главата, рачката уште му беше околу вратот и сега бегаше со канта обесена на вратот! Не му требаше. Би дал сѐ за да се ослободи од неа. Ама, ја зеде оти немаше избор. А тоа повторно нè навраќа на прашањето дали Меглен ја украде кантата на Синчето на фармерот Симоски? Што мислите?

XXI

СОЈКАТА СОЊА МУ ЈА ОТЕЖНУВА СИТУАЦИЈАТА НА МЕЧОКОТ МЕГЛЕН

 

„Крадец, крадец, крадец! Крадец, крадец крадец!“ врескаше Сојката Соња на цел глас додека го следеше Мечокот Меглен низ Старото пасиште на пат за Зелената гора. Никогаш не врескала толку гласно и гласот никогаш не ѝ звучел толку возбудено. Жителчињата на Зелената гора, Зелената ливада и на Насмевнатото езерце се веќе толку навикнати да ја слушаат Соња како вика „крадец“, што обично не обрнуваат многу внимание. Ама, секој среќник што ја слушна Соња утрото прекина со работата и ги начули ушите за да слуша.

Братучедот на Соња, Гавранот Црнко, случајно леташе покрај работ на Старото пасиште и во мигот кога го слушна гласот на Соња, се сврте и одлета за да види што се случува. Само што го здогледа Мечокот Меглен како бега накај Зелената гора колку што го држат нозете, сфати што ја возбудило Соња толку. Толку се изненади, што за малку ќе заборавеше да мавта со крилјата. Мечокот Меглен како да имаше обесено лимена канта на вратот! Не е ни чудо што Соња беше толку возбудена. Црнко замавна жестоко со крилјата и тргна по Соња.

И така стигнаа до работ на Зелената гора. Мечокот Меглен трчаше колку што можеше и не можеше, Сојката Соња леташе зад него и врескаше: „Крадец, крадец, крадец!“ на цел глас, а зад неа беше Гавранот Црнко, кој се обидуваше да ги стигне и викаше колку што го држеше гласот: „Гра, гра, гра! Дојдете сите! Дојдете! Дојдете!“

Кутриот Меглен! Како да не му беше доста што се преплаши речиси до смрт на Старото пасиште кога му се преврти кантата врз глава во мигот кога му завреска Синчето на фармерот Симоски. Потоа, кога му се лизна рачката од кантата околу вратот и не можеше да се ослободи од кантата, па мораше да ја носи со себе додека трчаше, само уште толку му ја отежни работата. А, пак, сега кога сите соседи од Зелената гора го видоа во таква неволја и го исмеваа, е, тоа веќе не можеше да го поднесе. Се почувствува понижено. Тоа е само уште еден начин да се каже посрамотено. Да, да, Меглен се почувствува посрамотено во очите на соседите и најмногу од сè сакаше да побегне сам, каде што нема да го гледа никој и да се ослободи од ужасната канта. Ама, Меглен е многу крупен и не може лесно да најде скривалиште. Па, кога стигна во Зелената гора, продолжи накај најскришниот, најтемен и најосамен дел и се прикраде под најдебелиот бор што го најде.

Ама, залудно. Сојката Соња и Гавранот Црнко го видоа со острото око. Поточно, долетаа на истото дрво под коешто се криеше Меглен и колку ли само врескаа! Набргу, Стариот господин Јастреб се спушти од синото, сино небо и си седна на едно удобно исушено дрво за да гледа што се случува. Стариот господин Јастреб се засмеа кога ја виде лимената канта на вратот на Меглен. Тогаш дојдоа и другите – Соколот Црвенопашко, Муварчето Закачко, Косот Црвенокрилко, Клукајдрвецот Тапанарко, Црвеногушката Добредојденка, Сипката Софка, Палчето Пепи, Чучулигата Црвеноока и уште многу други. Дојдоа од Стариот овоштарник, од Зелената ливада, па дури и од Насмевнатото езерце, оти гласовите на Сојката Соња и на Гавранот Црнко допреа многу далеку, па кога ги слушнаа, дотрчаа сите, убедени дека се случува нешто возбудливо.

Набргу, Меглен слушна лесни чекори и кога ѕирна, ги виде Визонот Вили и Зајакот Петко и Зајакот Скокалко и Прасето Боцко и Лисецот Црвенко и Творот Тони. Дури и срамежливото Полско глувче Белошепко беше скриено на едно место од каде што можеше да ѕирка без да го видат. Се разбира, тука беа и Црвената верверица Дрдорка и Сивата верверица Веселка. Сите беа седнати во огромен круг околу него и секој си беше на место каде што се чувствуваше безбедно, но од каде што можеше да гледа, и сите му се смееја на Меглен и се подбиваа со него.

„Крадец, крадец, крадец!“ врескаше Соња сè додека не ја заболи грлото. А најлошо од сè беше тоа што Меглен знаеше дека сите знаат оти тоа е вистина. Одвратната канта беше доказ за тоа.

„Камо никогаш да не помислев на бобинки“, си промрмори Меглен во себе.

XXII

МЕЧОКОТ МЕГЛЕН ИМА НАПАД НА ЛУТИНА

 

Лутината е многу, многу лоша
штом еднаш те обземе.
Малку нешта како неа можат
да ти расипат убав ден.

 

Мечокот Меглен беше во ужасно расположение. Да, да, Мечокот Меглен го имаше најстрашниот напад на лутина што некогаш го виделе во Зелената гора. А најлошото од сè беше тоа што сите соседи од Зелената гора и уште многу други од Зелената ливада и од Насмевнатото езерце беа присутни и го видоа тоа. И онака е лошо да ѝ се препуштите на лутината кога сте сами и кога не ве гледа никој, ама кога ќе дозволите лутината да ве надвладее токму кога ве гледаат други, леле, леле, тоа навистина е жална глетка.

Е, сега, Меглен обично е едно од најдобродушните лица во светот. Му треба многу за да се разлути. Не е избувлив како Црвената верверица Дрдорка или Сојката Соња или Лисецот Црвенко ниту една десеттина. Ама, кога ќе се разлути и кога лутината ќе му излезе од контрола, е, тогаш, вардете се! На Меглен му се чинеше дека тој ден му се случи сè што можеше да поднесе, па дури и повеќе од тоа. Прво беше плашењето на Старото пасиште. Потоа кантата му се лизна зад ушите и му се заглави, па мораше да трча со неа обесена на вратот сè до Зелената гора. Доста е што му се случи тоа, оти знаеше дека сигурно изгледа многу смешно, а освен тоа, му беше и многу неудобно. Ама, да ја слуша Сојката Соња како ги вика сите во близина да дојдат и да го видат, е тоа не можеше да го трпи. На Меглен му се чинеше дека сите што живеат во Зелената гора, на Зелената ливада или околу Потокот на смеата седеа околу неговото скривалиште, му се смееја и се подбиваа со него. Тоа беше повеќе одошто би поднела секоја мечка која се почитува себеси.

Со разгневен рик Мечокот Меглен истрча од скривалиштето. Јуреше де наваму, де натаму. Рикаше со сета сила. Беше многу страшен за гледање. Тие што умееја да летаат, летаа. Тие што умееја да се качуваат, се качуваа. А тие што има брза нога, трчаа. А малкуте што не умееја ни да летаат, ни да се качуваат, ни да трчаат, се скрија и легнати се тресеа од страв да не ги најде Меглен. И за помалку од миг, Меглен беше сам. Или барем тој не гледаше никого.

Тие што умееја да летаат, летаа. Тие што умееја да се качуваат, се качуваа.

И тогаш го истури бесот врз лимената канта. Ја удираше и ја тргаше, ’ржејќи налутено цело време. Потоа легна на земја и ја гребеше со канџите од задните нозе. Рачката конечно се скрши и Меглен се ослободи. Се истресе. Потоа ѝ се фрли на кутрата канта. Со еден замав со големата шепа ја тресна в дрво. Се обиде и да ја загризе. Потоа пак фати да ја треска и да ја удира, сè додека не ја згмечи како палачинка, па никој не би помислил дека некогаш била канта.

Е, дури тогаш Меглен си ја врати вообичаената добродушност. Малку по малку, откако добро размисли за сè, на лицето му се појави засрамен изглед. „Мислам, мислам дека не ми беше виновно тоа чудото. Требаше да си знам и да не си ја вовлекувам главата внатре“, рече полека и промислено.

„Си го доби тоа што си го заслужи оти му ги украде бобинките на Синчето на фармерот Симоски“, рече Сојката Соња, која се беше вратила и гледаше од врвот на едно дрво. „Веќе треба да си знаеш дека никој не видел арно од крадење.“

Мечокот Меглен погледна нагоре и се насмевна, а во очите му светна нешто. „Треба да си знаеш, Соња“, рече. „Се надевам дека ќе си го помниш тоа секогаш.“

„Крадец, крадец, крадец!“ извика Соња и одлета.

XXIII

СИНЧЕТО НА ФАРМЕРОТ СИМОСКИ СИ РУЧА БОБИНКИ

 

Штом на лошо ти тргне и покрај сè,
што можеш да правиш, само насмеј се.
Насмеј се и речи: „Не е толку лошо,
куртул сум што не е полошо!“

 

Ете тоа си го рече Синчето на фармерот Симоски кога откри дека Мечокот Меглен му ги украл бобинките што со толкав труд ги набра и побегнал со кантата. Знаете, Синчето на фармерот Симоски се учи да биде и филозоф по малку, еден од оние луѓе кои радосно ги прифаќаат лошите работи и веднаш согледуваат колку се подобри одошто можеле да бидат. Кога првин заслушна некого во грмушките каде што ја имаше скриено кантата со бобинките, беше убедено дека е некоја од кравите или младите говеда кои лете живеат на Старото пасиште. Се исплаши дека можат невнимателно да му ја превртат кантата и да му ги истурат бобинките и побрза да го избрка тој што беше таму. Не му ни падна на памет дека би можело да биде некој што ќе му ги изеде бобинките.

Кога викна и кога одненадеж се појави Мечокот Меглен, мачејќи се да ја извади кантата што му се имаше заглавено околу главата, Синчето на фармерот Симоски толку се исплаши, што дури се вкочани. И тогаш го виде Мечокот Меглен како му ја спрашти меѓу грмушките поисплашен од него и веднаш почна да му се враќа храброста.

„Ако тој толку се плаши од мене, веројатно јас не треба да се плашам од него“, рече. „Си останав без бобинки, ама вредеше што открив дека се плаши од мене. Ги има во изобилство на грмушките и сè што треба да сторам е да си ги наберам. Можеше да биде и полошо.“

Отиде до местото каде што беше кантата и тогаш се сети дека кога побегна Меглен, со себе ја понесе и кантата обесена на вратот. Свирна. Тоа беше смешно потсвирнување од разочарување кога сфати дека нема во што да стави уште бобинки, дури и ако набере. „Полошо е одошто си мислев“, извика. „Оној мечокон ме лиши од питата со бобинки што ми ја вети мајка ми.“ Потоа се засмеа кога помисли колку смешно изгледаше Мечокот Меглен со кантата околу вратот, а потоа, бидејќи, знаете, учи да биде филозоф, уште еднаш повтори: „Можеше да биде и полошо. Да, навистина, можеше да биде полошо. Оној мечокон можеше да се обиде да ме изеде мене наместо бобинките. Изгледа ќе одам да си го изедам ручекот што си го оставив покрај потокот, па ќе си одам дома. Ќе наберам бобинки друг ден“.

И така, весело и раскикотено од големиот страв што го доживеа Меглен, Синчето на фармерот Симоски се врати назад до изворот каде што остави два дебели сендвича на еден рамен камен пред да тргне да ја спасува кантата со бобинки. „Оф, оф, колку ли само ќе бидат вкусни сендвичите“, си помисли. „Се радувам што се големи и дебели. Никогаш не сум бил олку гладен. Еј!“ Го извика ова на глас, оти само што го здогледа рамниот камен каде што требаше да бидат сендвичите, а тие не беа таму. Не, не, немаше останато ни трошка од двата дебели сендвича. Знаете, Стариот Којот ги беше нашол и ги излапал додека беше отсутно Синчето на фармерот Симоски.

Ама, Синчето на фармерот Симоски не знаеше за Стариот Којот. Си ги истри очињата и се ѕвереше насекаде, дури и горе на дрвјата, небаре сендвичите би можеле да висат таму. Исчезнаа целосно како и никогаш да не постоеле, а Стариот Којот се беше погрижил да не остави трага од својата посета. Синчето на фармерот Симоски бесцелно се џареше наваму-натаму. И тогаш, наместо да се налути, бавна насмевка му се прикраде на бенкичавото лице. „Изгледа и некој друг бил гладен“, промрмори. „Кој ли бил? Изгледа на Старото пасиште нема место за мене денеска. Ќе си се најадам бобинки, па ќе си одам дома.“

И така, Синчето на фармерот Симоски си се наруча боровинки, а потоа малку како подзасрамено си тргна накај дома за да раскаже за сите чудни работи што му се случија на Старото пасиште. Додека пешачеше по патот, два-три пати застана за да си го почеша главчето замислено. „Мислам“, рече конечно, „дека не сум толку паметен колку што мислев дека сум и дека имам да учам уште многу.“

Ова е крајот на авантурите на Мечокот Меглен во оваа книга оти – погодете зошто. Затоа што Стариот господин Краставко вели дека морам да напишам книга за неговите авантури, а Стариот господин Краставко ни е многу добар пријател на сите, па затоа и ќе го сторам тоа.

 

 КРАЈ

 

Наслов: „Авантурите на Мечокот Меглен“ од Тортон В. Берџес (7 дел)
Едиција: Детски класици
Издавач: „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк.

Прочитајте го првиот дел од книгата (I, II, III поглавје).

Прочитајте го вториот дел од книгата (IV, V, VI поглавје)

Прочитајте го третиот дел од книгата (VII, VIII, IX поглавје)

Прочитајте го четвртиот дел од книгата (X, XI, XII поглавје)

Прочитајте го 5 дел од книгата (XIII, XIV, XV поглавје)

Прочитајте го 6-тиот дел од книгата (XVI, XVII, XVIII поглавје)

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.