Авторката на книгата за деца „Брзосплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“, Катерина Трајановска, во перидот на изолација препорачува да се прочитаат (или препрочитаат) светските книжевни класици. Во нејзината топ 5 листа со книги од „Литература.мк“ се добитник на „Пулицерова награда“ за проза, како и едни од најдобрите современи и детски класици. Еве и зошто ги препорачува овие книги:
1. „Краткиот чудесен живот на Оскар Вао“ од Џуно Диаз
Една од најдобрите книги што сум ги прочитала во последнава деценија, „Краткиот чудесен живот на Оскар Вао“ (добитник на „Пулицерова награда“ за проза) е приказна за едно осамено момче што сака да стане доминиканскиот Толкин и да си најде девојка за време на диктатурата на Рафаел Трухиљо. Брутален и полн со референци кон современата сај-фај и поп-култура, романот е, над сè, нежна и трогателна приказна за љубовта и оние малку нешта што ѝ остануваат на индивидуата во свет на лудило. Нашиот не е различен.
Книгата е достапна за онлајн-нарачка на следниот линк.
2. „Мртви души“ од Николај Васиљевич Гогољ
Еден од големите класици. Едновремено смешен и тажен, романот ги следи обидите на Павел Иванович Чичиков – подол човек со одлични способности за убедување – да се збогати на најперфиден начин. За жал, колку нечовечни и да изгледаат неговите постапки, не се далечни на многу од денешните политичари. За уште поголема жал, Гогољ го запалил вториот дел од романот – а сигурно ќе сакате уште кога ќе ја завршите книгата.
Книгата е достапна за онлајн-нарачка на следниот линк.
3. „На полковникот нема кој да му пишува“ од Г. Г. Маркес
Иако сосема кратка новела, Маркес си ја сметал за најдобрата своја книга и велел дека ја напишал „Сто години самотија“ за луѓето да ја прочитаат „На полковникот нема кој да му пишува“. И со причина: невозможно е, кога еднаш ќе ја прочитате, да заборавите на ликот и гордоста на тажниот полковник од насловот – а уште помалку на последниот пасус од новелата.
Книгата е достапна за онлајн-нарачка на следниот линк.
4. „Ловец во ’ржта“ од Џ. Д. Селинџер

Како и „Краткиот чудесен живот на Оскар Вао“ (чиј стил и е селинџеровски), една од најдобрите книги за средношколците што се чувствуваат неразбрани од околината. Не сум го читала новиот превод – објавен во „Арс Ламина“, ама верувам дека е подобар од старите (кои најчесто не се верни на стилот на Селинџер).
Книгата е достапна за онлајн-нарачка на следниот линк.
5. „Тајната градина“ од Франсес Хоџсон Барнет
Една од моите омилени книги за деца. Ова е приказна за едно девојче кое живее во мрачен дворец, лишена од светлината на денот и радоста на детската игра. Скришум разгледувајќи наоколу еден ден наоѓа еден клуч до тајна градина во дворецот, а потоа ја открива и вратата која води до градината.
Книгата е достапна за онлајн-нарачка на следниот линк.