По 25. пат, книжевниците, издавачите, авторите, библиотекарите и љубителите на книгата од целата платена, денеска (23 април) го одбележуваат Светскиот ден на книгата и на авторското право. Датумот 23 април има голема симболика за светската литература. На овој датум во 1616 година починале Сервантес, Шекспир и Инка Гарсиласо де ла Вега. Тоа е, исто така, датум на раѓање или смрт на други истакнати автори, како што се Морис Друон, Халдор К. Лакнес, Владимир Набоков, Јозеп Пла и Мануел Мехиа Ваљехо. Од почит кон интернационално познатите книги и автори и нивната поврзаност со овој датум, поттикнувајќи ги сите, а особено младите луѓе, да го откријат задоволството од читањето и да стекнат почит кон незаменливиот придонес на оние кои го унапредуваат социјалниот и културниот напредок на човештвото, УНЕСКО го создал Светскиот ден на книгата и авторското право. Ова бил и природен и очекуван избор на Генералната конференција на УНЕСКО, која се одржала во Париз во 1995 година.
Оваа година Светскиот ден на книгата и авторското право првпат ќе биде одбележан во специфични услови, поради пандемијата на вирусот корона. Повеќето земји го одбележуваат дигитално, преку социјалните мрежи, со поттик сите љубители на книгата да го прослават денот во домашни услови, поттикнувајќи ги најмладите да читаат. Инаку, секоја година една светска метропола е прогласена за т.н. главен град на книгата. За 2020 годинава тоа е Куала Лумпур, главниот и најголем град на Малезија.

„Ова е вистински миг да се истакне читањето, да ги воспитуваме децата како идни читатели, да им ја пренесеме љубовта кон литературата, која ќе им трае целиот живот“ – се вели во пораката на УНЕСКО
На овој ден, традиционално, УНЕСКО упатува порака. Во годинашната, со наслов „Зошто да се чита денес е поважно од кога и да било“, се вели:
„Денес, повеќе од кога и да било, во време кога училиштата се затворени ширум светот и кога луѓето се во изолација, моќта на книгите треба да овозможи да се бориме против осаменоста, да ги засили врските меѓу луѓето и да ги прошири нашите видици, притоа стимулирајќи го нашиот дух и нашата креативност. Во текот на месец април, како впрочем и низ целата година, многу е важно да се најде време за читање, самиот за себе или со децата. Ова е вистински миг да се истакне читањето, да ги воспитуваме децата како идни читатели, да им ја пренесеме љубовта кон литературата, која ќе им трае целиот живот. Благодарение на читањето и со одбележувањето на Светскиот ден на книгата и на авторското право, 23 април, ние се отвораме кон другите и покрај далечината, ние патуваме со помош на нашата имагинација“.
Од 1 до 23 април УНЕСКО споделува цитати, песни и пораки за да ја симболизира моќта на книгите и да го поттикне читањето колку што е можно повеќе. Со читањето и со споделувањето знаења ние создаваме една поврзана заедница способна да се бори со осаменоста.
УНЕСКО упатува повик до студентите, наставниците, библиотекарите, читателите од целиот свет како и до сите кои се вклучени во ланецот на книгите да посведочат и да ја изразат својата љубов кон читањето. Поттикнуваат сите да споделуваат информации за своите омилени книги и да ја препраќаат оваа позитивна порака во нивното опкружување под хаштаг: #WorldBookDay и #StayAtHome.

Оваа година македонската порака ја напиша невропсихијатарот, проф. д-р Методи Чепреганов
Годинава, македонската порака ја напиша невропсихијатарот, проф. д-р Методи Чепреганов. Во пораката со наслов „Умот царува, а книгата го храни“ се вели:
„Веќе повеќе од 60 години се занимавам со проблемите на созревањето на психичкиот профил на личноста, на колективниот психо-профил (популарно наречен ментален склоп на еден народ) и на цивилизациската свест со име Планетарна совест или социјално сознание за односот кон мајката Земја. Ќе си дозволам да го елаборирам, од моето богато психолошко-психијатриско искуство само психо-профилот на личноста. Конфуциј, многу одамна, во своите капитални и вековни дела напишал дека умот царува, а моќта и снагата се губат, и ја означил најмоќната прошетка низ цивилизациските психо-емотивни основи на животот со мислата: да живееш и да постоиш значи да учиш, да работиш, да твориш, да креираш, да создаваш, да умееш, да почитуваш, да те краси емпатија, флексибилност и толерантност, значи да имаш изграден свој психолошки профил со високо инкорпорирани норми во совеста на сопствената личност. Симбиозата на нашата психа и тело го сочинува нашето постоење, нашето огледало и експресија на мисловните капацитети и дела во нашите интерперсонални односи кон надвор. Тоа е нашата совест, фундаментален еволутивен процес при кој на психофизичката обдареност од мајката природа, со текот на времето, личноста насобира и во себе вградува воспитување, едукација, знаење, искуство, социјални, морални, етички и духовни норми. Таа постепено созрева во средината во која постои, во средината на фамилијата и на опкружувањето.
Тоа се насушните норми кои ја формираат психичката архитектура на една личност кои го креираат и формираат нејзиниот психо-профил.
Модерната психологија, сознанието за зрела личност го надградува: во името на зрелоста со социјално кое означува збир од ментални процеси кои поддржуваат одредени наши социјални интеракции во нашите контакти со другите, со околината, со реалноста и со осмисленоста на специфичноста на нашите намери, планови, желби, замисли, верувања, емоции и дејства. Капацитетот на социјалната когниција во името на емоционална интелигенција, нè води сите нас и управува со нашето социјално однесување, со нашата адаптација, како многу значаен фактор во примањето, но и во одговорот на нашите соодветни и реални, или несоодветни хистерични и непромислени социјални интеракции. Денес, невронауката ја потврди архитектурата на нашиот психо-профил, со богатство на знаење што сме го внеле во нашите мемориски записи. Прашањето е кој ја оформува, осознава и инкорпорира менталната и емоционалната интелектуална зрелост на нашата личност? Има само еден одговор. Книгата и богатиот резервоар на знаења. Книгата ни го евоцира минатото и таа меморија нè насочува со поуки; книгата ни ја проектира и осмислува иднината, како реална надеж, која со ум, знаење и работа, треба да ја оствариме и обистиниме и конечно книгата нè учи и нè држи под контрола како да го живееме мигот. Најголемото слепило за една личност е ако книгата не му е пријател и секојдневен сопатник. Таа го храни, го оживува, му ја покажува насоката на неговото постоење, ги орнаментира и збогатува неговите мемориски квалитети и конечно, му ги осмислува и покажува начинот и насоката на неговата креација, живот, однос со околината, знаење, почит, духовност и постоење. Книгата е изворот, фундаментот и светлината во животната филозофија на нашата секојдневна егзистенција. Дружете се со неа и почитувајте ја како секојдневна насушна храна, којашто ќе ви го збогати умот и животот.“
Пингување: Со ремек-делата од Шекспир и Сервантес го одбележуваме Светскиот ден на книгата | Literatura.mk