Со сликовницата посветена на нашата планета „Тука сме“ од Оливер Џеферс, што недамна излезе од печат во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, го одбележуваме Светскиот ден на планетата Земја – 22 април.
Станува збор за најновата во низата успешни изданија за деца на илустраторот со ирско потекло, кој е стациониран во Њујорк. Исклучително слатка, со нежен хумор и остроумност, ова е сликовница-упатство за живеење на планетата Земја. Авторот ја создал специјално за неговиот син, но со универзален тон што им се обраќа и ги опфаќа сите деца на светот и нивните родители. Независно од тоа дали станува збор за сложен приказ на земјиштето на нашата планета (нерамно, шпицесто, влажно) или за длабок поглед кон нашето место во вселената (која е огромна) или за водич за целото човештво (не залажувајте се, сите сме луѓе), мудроста и духовитоста на Оливер Џеферс, во комбинација со вредносниот систем на добрината и толеранцијата, ја прават оваа книга задолжително четиво за сите родители и деца. Оливер Џеферс (1977 г.) е автор и илустратор на 16 книги, а има илустрирано и десетина други изданија. Има освоено повеќе од 25 светски награди и признанија за детска литература.
Денот на планетата Земја е празник на единствениот дом на сите живи суштества. Првпат овој ден е одбележан на 22 април 1970 година во САД, а од 1992 година и во целиот свет. Денес го одбележуваат повеќе од 175 држави.
Целта на одбележувањето на Денот на планетата Земја е да се подигне нивото на свесност кај нејзините жители за зачувување на животната средина, односно да укаже на загадувањето на воздухот и водата, радиоактивното зрачење, исцрпувањето на ненадоместливите енергенси и слично. Како што се посочува во пораката од светската организација повеќе од половина од светското население живее во градовите, бидејќи бројот на жителите во урбаните средини се зголемува, а последиците од климатските промени се влошуваат, нашите градови мораат да еволуираат. Препораката е да се инвестира во ефикасни и обновливи извори на енергија и да се намали загадувањето и да се забават климатските промени предизвикани од човекот.
Книгата „Тука сме“ е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на следниот линк.