Документарецот „Медена земја“ досега го гледале 45.200 гледачи во кината и во домовите на култура, во 30 градови низ Македонија. Филмот беше на репертоарите на кината во Скопје повеќе од 13 недели. Останатите градови во кои се прикажа „Медена земја“ се: Битола, Кратово, Штип, Крива Паланка, Струга, Куманово, Охрид, Св. Николе, Делчево, Тетово, Гостивар, Пробиштип, Македонски Брод, Македонска Каменица, Неготино, Богданци, Крушево, Радовиш, Кичево, Прилеп, Пехчево, Гевгелија, Виница, Валандово, Берово, Демир Хисар, Струмица и Кавадарци.
Инаку, документарецот деновиве ја имаше својата светска ТВ-премиера на телевизија „Телма“.
Македонскиот документарец светската премиера ја имаше на „Санденс“ во јануари минатата година, а во Македонија премиерно беше прикажан на фестивалот „МакеДокс“ минатиот август. Филмот учествуваше на повеќе од 80 филмски фестивали и освои над 40 меѓународни награди.
„Медена земја“ е првиот документарен филм во светската историја кој добил две номинации за „Оскар“ – за најдобар документарен филм и за најдобар интернационален филм.