Нашиот извонреден виолинист со меѓународна кариера, Костадин Богданоски, е гостин во новото издание на емисијата „Остани дома во Астрорум“. Иако се наоѓа во долг карантин со целото свое семејство, во едно од жариштата на пандемијата, Барселона во Шпанија, се согласи за едно навистина ретко интервју.
Koстадин Богданоски е еден од најреномираните виолинисти на македонската класична сцена, чиишто талент и љубов кон музиката го водат по патот кон секој нов музички предизвик, како на нашата, така и на европската музичка сцена. Костадин е роден на 15 април 1977 година, во семејство на уметници. Интересот што го покажува за класичната музика уште од најрана возраст го откриваат неговата мајка – професорка по виолина и неговиот татко – сликар и градител на виолини. Тие го охрабруваат да го почне своето музичко школување на седумгодишна возраст, а негов прв педагог ќе биде токму неговата мајка.
Успесите брзо стигнуваат, па така Костадин уште на десетгодишна возраст премиерно настапува со оркестарот на Македонската филхармонија. Како млад талент, тој е добитник и на повеќе домашни и меѓународни признанија, меѓу кои: прва награда на Сојузниот натпревар по виолина во поранешна Југославија (1998 г.); Награда на конкурсот за млади таленти „Премио Моцарт“ во Верона, Италија (1989 г.); Прва награда на меѓународниот натпревар по виолина „Чита ди Стреза“ во Стреза, Италија (1990 г.).
Богданоски е веројатно и првиот најмлад македонски музичар кој се запишува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, со само 16 години, а дипломира на 20-годишна возраст, со што е дефинитивно најмладиот дипломец во дотогашната историја на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Своето високо образование го продолжува на Националниот конзерваториум во Тулуз, Франција (CNR Toulouse), во класата на познатиот виолински педагог, проф. Благоја Димчевски, здобивајќи се со почесна диплома со златен медал.
Во текот на своето образование, Богданоски имал можност да соработува со други значајни професорски авторитети, како проф. Анатоли Шварцбург на Приватната музичка школа „Мосер“ во Германија, и проф. Петру Мунтеану и проф. Дејан Михајловиќ од ФМУ во Белград. Својата професионална музичка кариера ја почнува во Националниот оркестар „Де Капитол“ во Тулуз, Франција (Nationale Orchestre du Capitol de Toulouse), под диригентската палка на познатиот Мишел Пласон, а во 2003 година, на само 25-годишна возраст, станува концерт-мајстор во една од најреномираните оперски куќи „Големиот театар Лицеу“ во Барселона, Шпанија (Gran Teatre LICEU). Како дел од оркестарот на „Лицеу“ музицира под диригентската палка на светски познатите маестра Бертран де Бији, Себастијан Вајгле, Михаел Бодер и Хосеп Понс.
Како концерт-мајстор имал можност да ја дели сцената со светски познатите оперски уметници како Пласидо Доминго, Роландо Вилјасон, Едита Груберова и многу други. Од 2008 година, работи и како професор во Академскиот оркестар во рамките на театарот „Лицеу“. Костадин свири на уникатен инструмент изработен од неговиот татко, Светозар Богданоски.

Костадин Богданоски со своето семејство

Неговите деца ја наследија љубовта кон виолината.